Сонот на еден министер
И министрите, господи прости ми, велат, се луѓе како и сите други. И тие мора да јадат, да пијат, да спијат, како и ние простосмртните, само, како велат, потешко им оди од рака да мислат, но таа простачка, ниска способност не се бара за таквите високи положаи.
–
Господин министерот Н. (што го интересира некого името!) седеше во својата канцеларија, опуштен во меката фотелја, и бидејќи земјата беше во невола, можеше мирно и спокојно да размислува дали да вечера кечиги, печени на жар, или пржени. Бидејќи веќе се стемнуваше, по долгото размислување се реши за првата помисла, и стана малку да прошета на чист воздух, онака, за подобар апетит. И што се случи? Барем не може да се рече (а има зли јазици кои сакаат сешто да зборуваат) дека во земјата ништо не чини, не чини просветата, не чини стопанството, бедна е финансиската положба, не чинат економските услови, не чини… Може да се реди до мила волја што сè не чини, но кај министерскиот апетит мора да се застане, тој е исправен.
Значи, господин министерот Н. си прошета, се напи пиво, си вечера печени кечиги и ги залеа со добро, црно вино; а кога толку убаво и свесно ја исполни должноста кон својата татковина, си легна в постела блажен, задоволен, и заспа со среќна насмевка на устата, како човек кого не го вознемирува никаква грижа и мисла.
–
Меѓутоа сонот, можеби и не знаејќи дека господинот Н. е министер, се осмели да го вознемири неговото господство и го пренесе во далечното минато од неговата младост.
Сонува.
Зимска ноќ. Ветрот надвор фучи, а тој како да беше во онаа иста мала, влажна соба, каде што живееше како ученик. Седи на своето ученичко столче. Минала полноќ. Ја потрпел главата на десната рака, а во левата му е книгата што ја читал до пред малку. Пред него мала ламба, во која веќе догорела газијата, та трепка, потпукнува и чади слабото пламенче, кое речиси одвај се гледа низ поцрнетото стакло. Во собата е студено, па го наметна своето излитено зимско палто. Седи така, неподвижно, погледот му е вперен во една точка, а мислата го носи во далечната иднина.
Размислува за својата работа во иднината. Решен е сиот свој век да ѝ го посвети на благородната тешка работа и на делото, да се бори за правда и за слобода, да жртвува сè, па дури и животот, ако треба, за среќата и доброто на својата земја, за општите интереси. Пред себе гледа долга низа од години, што тој ќе ги исполни со корисна напорна работа; чувствува дека ќе може да ги оствари своите идеали, и дека е во состојба да ги совлада сите пречки што ќе му искрснат на патот, на патот на добродетелствата, од кој никогаш нема да отстапи.
И се труди да се замисли себеси во иднината, по долга низа години. Срцето посилно му зачукува, и го обзема некое пријатно, слатко чувство кога ќе си помисли на успесите и на добродетелствата што ќе ѝ ги направи на својата земја и на својот народ.
Одеднаш чу некое необично, таинствено шумолење. Се тргна и погледа, кога, пред него се појави една крилата жена, исто како самовила за која се пее во песните, со вонземни шарм и убавина.
Тој се исплаши и ги затвори очите, не смеејќи да погледне во чудната жена, но таа го помилува со крилото по образот, и тој почувствува рајско блаженство, се ослободи и повторно ја погледна, па таа му се стори толку позната, небаре цел век се дружел со неа.
– Која си ти? – праша.
– Не мораш тоа да го знаеш. Дојдов да ти ја покажам иднината. Ајде со мене!
И тој божем отиде.
Одеа долго молчејќи, додека не дојдоа на една долга, пространа полјана.
– Гледаш ли нешто? – го праша.
– Ништо!
Таа го допре со крилјата по челото и му премина и преку очите, и одеднаш, тој погледа малку понатаму, таму на полјаната, многу луѓе, но не стојат сите еднакво, туку некои се на самата земја, некои малку повисоко од нив, како на некакви скалила, други уште малку повисоко од нив, трети повисоко од претходните и така редум, сè до оние што беа највисоко над сите.
– Што е ова?
– Тоа се разни положби во општеството.
Тој ги гледа луѓето, а таму врева, џагор, викање, се влечат, се туркаат, се фаќаат за гуша, се топорат, – сите тие се грабаат за да се издигнат што повисоко.
Кога се обѕрна и погледна убаво, онаа чудна жена што го донесе тука веќе на немаше.
Тој почувствува силна, нескротлива желба и самиот да се смеша во тоа мноштво народ.
И се смеша.
Работеше меѓу оние кои стојат најниско, работеше, копнеејќи со работата да направи да застане повисоко.
Работеше долго, долго, но никако да се издигне ни за еден степен.
Кога, пред него пак се покажа онаа жена што га донесе тука.
– Што сакаш? – му рече.
– И јас да се искачам погоре.
– Можеш, но не се искачува по тој пат по кој си почнал.
– Што ми пречи?
Таа со крилото ги допре неговите гради, и тој почувствува некакви пријатни трпки, па нешто како да му олесна, а кога погледа, тој, одеднаш, се издигнал.
– Сакаш ли повисоко?
– Сакам.
Таа пак ги допре неговите гради, и тој пак малку се извиши.
– Сакаш уште?
Него веќе го беше обзела силна, единствена желба да се искачи што повисоко.
– Уште, колку што можам најмногу! – рече.
Таа пак ги допре неговите гради, а потоа го дофати со крилото по челото, и тој се издигна меѓу оние кои беа највисоко.
Тој се почувствува среќен, задоволен, и ја погледа со благодарност својата усреќителка.
– Што ми направи што олку бргу се издигнав? – ја праша.
– Ти ги одзедов карактерот и чесноста, а најпосле ти извадов и од паметта. Тоа ти пречеше да се дигнеш на најголемата височина.
Тој се згрози и затрепери.
– Сега ајде назад, кога го виде сето ова – му рече таа, и одеднаш се најдоа во истата таа собичка.
– Што е сето ова што ми го покажа?
– Твојата иднина! – му рече таа чудна жена, и исчезна.
Нему се спушти главата, а од градите испушти тешка, болна воздишка.
–
Господинот министер тука се тргна и се разбуди. – Сèедно, кога веќе е така! – си помисли и се проѕевна рамнодушно.
Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)