Ајдутинот Станко според критичарскиот рецепт на г. Момчило Иваниќ (2/5)

(Претходен дел)

II
БУРНИ НАСТАНИ ВО МЛАДОСТА НА СТАНКО

Уште онаа случка со глушецот, што ја преживеа во најраната младост, јасно го обележа трнливиот и мачен пат по кој требаше да тргне овој наш јунак со кротки чекори; тоа беше страшен предзнак на немилите бури и витли што ја очекуваа оваа трагична личност на разбрануваното море од неговиот живот. Е, ама: „Овој свет е тиранин на тиранинот, а не пак на благородната душа“, како што беше душата на младиот Станко. Тој тешко ја поднесуваше лошата судбина, зашто беше со нежна природа, која, како некое ретко, благородно растение, наспроти непогодната клима, се одгледува во саксијата на класичното образование (како што би се изразил, барем така мислам, Момчило).

Но Станко добро ја знаеше онаа славна изрека која толкупати ја повторуваше: nulla salus sine virtute…“ и тоа, покрај темелното знаење на исклучоците за третата деклинација, му даваше истрајност, нова сила и понатаму мирно и кротко да чакори по боцкавите трња, што немилата рака на злата судбина му ги втера но врвицата на животот…

Израсна младич со бледо слабикаво лице, со натажена, болежлива насмевка и со мечтателни, всушност, дремливи очи, под кои имаше сини подочници дури до јаболковата коска. Од темелното изучување на класиката, лицето му доби некаков чуден израз, како лице на болникав, кој испива некаков гаден лек. Извишен, слаб висок со тесни гради и руса кадрава коса, што му паѓаше по белиот тенок врат, на кој му се забележуваше некакво тажно треперење на дамарите. Кога се движеше, изгледаше како со мака да го пробива воздухот, та начисто гледате како запиња и со нозете и со рацете, десното рамо го накривува и го подигнува, целото тело се разгибува и свиткува со мачен напор. Штом беше влажно времето или штом ќе дувне ветре, или зароси летен дождец, Станко веднаш ќе ставеше бела свилена шамија на устата.

Левата рака при одењето умееше елегантно да ја движи, а токму на таа рака носеше прстен (со скапоцен камен) на малиот прст, на кој Станко беше си го пуштил ноктот да му израсне многу подолг од другите, па убаво и чисто си го држеше и си го дотеруваше на шпиц. Како многу значајни личности што имаа навики, така и тој сакаше во друштво да си го стружи со малото ножче, со седефеста дршка, својот нокт.

Господската облека на него го потсеќаше човека однекаде на оние стихови:

Каков ли е Каица војвода
Во каква ли господска облека.

Се разбира, неговата облека не беше онаа средновековната, како на Каица, туку многу помодерна и му одговараше нему и на неговата појава.

На главата носеше цилиндар, — што болскотеше како светлото сонце; на грбот — жакет со долга опашка, на градите — бел колосан елек широко расечен, та на градите му блештеше белата како снег, пеглана кошула, со бастички; околу вратот јака од румбергерско платно, исто така тврдо испеглана, а повисоко издигната; небаре му ја потпира главата, држејќи му ја под брадата, да не му падне на јунакот; преку јаката свилена панделка со розова боја, елегантно врзана, и се нишка од најмалото поддувнување на ветрето, т е. „кажува откај дува ветрот“. Станко имаше прекрасни панталони, од најубав штоф; на нозете лачени чевли со процеп, а преку нив камаши; на раката — брилјантскиот прстен, пред кој се гледаше да дашуваш и да читаш и „на полноќ, како напладне“; под мишка држеше еластичен стап, со сребрена рачка и со сребро поткован, „што го купуваше јунакот во Ириг во најугледниот дуќан“; во рацете имаше нараквици од еленска кожа, а на вратот му висеа кристални очила.

Бидејќи необично многу ја сакаше народната поезија, која имаше големо влијание на неговата млада чувствителна душа воодушевен од песната за Банот Страхиниќ и од карактерот на овој голем, благо роден јунак, тој ја избра неговата најјуначка црта, та Станко уште од рана младост копнееше да води со себеси пес како и Страхиниќ својот Караман. И таа желба си ја оствари, та си набави некое жолто кученце со криви нозе, само што не го викаше Караман, туку со името на неговиот омилен грчки поет Хомер. Му набави на својот Хомер и златна колба и посребрен синцир, на кој го водеше кога шеташе јунакот по тротоарот, и тогаш со занес ги повторуваше со шепотење најмилите стихови: „ А злат-на-та кол-ба му под-ѕве-ку-ва…“

Но чудна е играта иа судбината: колку што на Страхиниќ му беше жолтиот ’рт Караман од голема помош, толку жолтото кученце на Станко, Хомер, му беше причина за многу зла. Таа постапка и остварувањето на големата идеја да го води со себеси кученцето со златната колба всушност, беше трагичната вина на нашиот благороден јунак.

Неговото кученце беше, како и тој, истинска благост и кроткост; ако не одеше со својот господар, тоа дремеше, и „се грееше мирно свртено накај сонцето“, а кога шеташе со господарот по Ириг, се свиткуваше и се стресуваше од секој шум. Ќе ’рзне ли крај патот куче, или ако нешто посилно тропне, Станко нервозно ќе се стресеше, а Хомер ќе се дрпнеше со кривите ноженца и ќе си го затегнеше вратчето околу колбата, па ќе зацвилеше како лута змија. „Жалоста од Станко му се закануваше на Хомера“, па ќе извадеше путер кифличка, та ќе му дадеше малку да го разгали и да тргнат понатаму.

Малку денови имаше во кои не се случуваше, по некоја бурна случка во прошетките на Станко. Знаеше тој секогаш што го чека, штом ќе се појавеше со Хомер; знаеше дека Ириг никогаш не е мирен, туку дека секогаш ќе наиде на страшни заседи од лошите дечишта со камења (децата уживаа да ги плашат Станко и Хомера), или од некакви големи пцишта, што напаѓаа дивјачки на нежниот кривоног Хомер. Го знаеше тој сето тоа, но тоа го потсетуваше на оние заседи кога од Задар Тодор ги поминувал сватовите низ морскиот остров, кој никогаш не бил „без ајдутин или без сив волк“. И тој како трагичен јунак настапуваше отоворено и смело кон својата судбина; сето тоа, значи, не можеше да го одврати од прошетките по долгото читање и размислување за страдањата и за ропството на српскиот народ.

„Гледаш, смртта му задава грижи,
има нешто напред што го движи“.

Еден дан, тадоа шетајќи, се сретна со госпоѓицата Роза, ќерка на исто така фини и богати родители. Го подизвади Станко цилиндарот, се поклони длабоко, и нежно ѝ го принесе до своите усни руменото раче на Роза изговорајќи: „Кис ди ханд, гнедигес фрајлајн!“. Хомер легна крај неговите нозе, и дремеше збивтајќи, со исплазеното јазиче, а Станко ги поткрена рамениците, ја сврти главата настрана, ја мерна со очите, лицето го смурте како по горчлив испиен лек, цупка со левата нога која малку ја беше свиткал во коленото, мавта со ракавиците, се поднакашлува одвреме навреме по малку, фино, а при тоа ја става свилената шамија на устата, се смешка, и заносно ги оближува усните со јазикот, при што малку подзамижува а госпоѓицата на сличен начин стои спроти него. Разговорот се води нежно, слатко, мило, додека одненадеж бувна некое рунтаво кучиште и го зграпчи за врат Хомера. Списка и заквиче Хомер, вресна Роза и си го покри лицето со рацете, Станко го испушти синџирот, па залелека. Се смешаа и палавите дечиња, та почнаа да го тепаат кучето со камења, се собраа и други кучишта и залааја од сите страни, се направи страшна мешаница и урнебес. Роза ја спрашти по патот препалена. Кутриот Хомер лелекајќи и бегајќи, заглави во една дупка под некаква ограда, каде што „сакаше да избега“, пциге го нападнаа од сите страни, а камења летаа отсекаде. Пискотеше Хомер како лута змија, а Станко ги рашири рацете, па лелекаше гласно и викаше за помош. Едно време, опфатен од болката за Хомер, сакаше да јурне во борбата и да го употреби својот стап, но му болсна дамнешната мисла низ главата дека тој кој се готвува да стане благороден ајдутин, (таа мисла веќе го беше обзела подамна) мора да биде возвишен во своето чувство од обичната маса, и раката му затрепери, а солзи му потекоа, од жал за Хомера, по неговите бледи образи, и стоеше храбро и неподвижно сред тој боен метеж.

„Вистинска моја крв“ — извика веќе изнемоштен од староста татко му, кога Станко, по многу такви доживувања, легна в постела болен и мораше наскоро да оди в бања да ги лекува своите нерви, исцрпени во мачната борба на неговата бујна младост.

(Нареден дел)

Ознаке: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришете користећи свој WordPress.com налог. Одјави се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришете користећи свој Facebook налог. Одјави се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: