Ајдутинот Станко според критичарскиот рецепт на г. Момчило Иваниќ (1/5)

I
ПОТЕКЛОТО И ДЕТСТВОТО

Штом ќе се рече ајдутин, самиот читател помислува дека Станко веројатно се родил некаде таму во Бечкерек или Ириг. И навистина. Овој витез од нашето востание е роден точно во Ириг (иако, меѓу нас речено, не мислам со тоа да ја намалам важноста на Бечкерек), од мошне имашливи и угледни родители.

Мајката на Станко, Емица, беше жена со остра нарав. Грмеше низ куќата, го караше Станковиот татко, владееше добро со сукалото, со кое се вежбаше по гробот на својот маж, таткото на Станко, кој беше професор (веројатно по грчки и латински јазик) и кој многу ги сакаше народните песни и науката за јазикот.

Посигурно е мислењето дека благородниот ајдутин Станко не беше наследил ниту една црта од својата опака и зла мајка, која безмилосно го измачуваше и него и татко му, од кого случајно беше го наследил карактерот и благородниот дух. За негова среќа, а и поради сите други работи, мајка му рано умре, па неговото воспитание во детството остана само под влијание на кротокиот, благ и побожен татко, а сето тоа имаше драгоцени последици низ целиот Станков живот.

Станко како дете беше слабичко, бледникаво, суво, штрклесто дете, со прозрачни уши, со руса, секогаш залижана, свиленкава косичка и како небо нежни сини очи, кои секогаш ве гледаат со некоја тага. Се движеше кротко и тивко; кога одеше низ куќата (особено кога татко му читаше некаква стара книга), ќе си речете дека Станко, со таа своја вишлеста, прозрачна појава, дека е побргу дух, отколку дете. Арно но и класичното воспитување на татко му, сметам, дека многу му помогна во тоа фино движење и однесување.

Со еден збор, дете без замерка: кротко како јагне и мирно, мирно, боже, што би се рекло, како бубалка.

Другите лоши деца се бркаат по улица штом ќе ги пуштат од училиште, се гаѓаат со камења, се тепаат, и какви сè чуда не прават и срамотилаци… Станко грижливо ќе си ги собере своите книги, ќе му ја бакне раката на својот добар учител (тој многу го сакаше и секогаш ќе го погалеше по русата косичка), па тивко, кротко, нога пред нога, право дома. Вистинска татковска крв во него: ако по пат здогледа мравичка или друга бубалка (а како послушно дете гледаше пред себеси да не се сопне), внимателно ќе ја заобиколи, преслушувајќи се патем и шепотејќи си смирено: „nulla salus sine virtute, nulla virtus sine labore“. Дома ќе ги остави внимателно своите книгички, и ќе седне на јаузн[1]: парче милхброд[2] со млеко или кифличка со маџун од шипки. (Кога јадеше никогаш не трошеше). По ужината ќе ги земеше своите книгички и ќе затрепереше неговото меко, нежно гласче, со кое си ги читаше домашните. Откако ќе ги прочиташе лекциите, од јуначките народни песни најрадосно го повторуваше стихот:

„А злат-на-та кол-ба му под-ѕве-ку-ва…“ (како што тој тоа го изговараше).

„Вистинска моја крв!“ ќе изговореше сиот среќен татко му гледајќи си го синот, и со гордост мислејќи како во него сигурно се развива идниот витез.

Бездруго, олку нежното, фино дете многу страдало од палавите дечишта.

Еднаш некој од другарите, знаејќи го Станко и негова „чувствителна душа“ (како што татко му зборуваше за него), донесе во училиштето глушец завиткан во некаква мрежа од танка жица па го фрли пред Станко. Станковите танки нерви (како што рече некој) не можеа да го издржат тој грозен варварски и ненадеен напад, па вресна и падна онесвестен, како свеќа. Го потурија со вода, го триеја со киселина и кога одвај малку го повратија, го однесоа дома. И самоиот учител лично отиде и му го раскажа на татко му на Станко овој немил случај.

— Да, да, чувствително дете, нежна душичка, — шепотеше татко му со гордост.

Учителот го потврди истото.

— А тој тоа ќе го боледува. Тоа е голем потрес за ваквата чувствителна природа… Да, да, тој ќе го боледува… Ни помалку ни повеќе: во него е вистинската моја крв! — заврши татко му на Станко гордо, и си го помилува синчето по бледото чело.

Тоа беше еден од многуте немили случаи од детството на Станко ајдутинот. И навистина, ја одболедува тој таа варварска, свирепа шега од својот другар, всушност недругар.

А и како можеше да поднесе такво нешто! Тој ја имаше вистинската татковска крв во себе, зашто и едниот и друтиот ја вртеа главата, кога момокот ќе колнеше пиле за ручек, и ќе се стресеа нервозно од главата до петиците. А пукањето од пушка, веќе би можело да има потешки последици за истанчените нерви на стариот класник и на неговиот син, тие меки, благородни душички.

Што беше главно, Станко пожажуваше мошне голема дарба и накслоност за учење на класичните јазици. Уште додека неговите другари ги делеа на слогови букварите, тој веќе ги знаеше исклучоците за третата деклинација, а во тоа изгледа беше и првиот зачеток на идејата подоцна да се одметне во ајдутин.

Учителите го фалеа поради одличното учење и примерното поведение, добиваше и награди на крајот на учебната година, а татко му се гордееше со него.

Така растеше малиот Станко, под нежната грижа на својот добар татко, во богата куќа, полна со изобилие, воспитуван за големиот позив на благороден јунак. Во образованието воопшто не му пречеше тоа што често го мачеше неговиот нежен стомак кога ќе се прејадеше мушкацони[3] или палачинки, што ги јадеше со задоволство.

(Нареден дел)

 

[1] Јаузн = ужина.

[2] Милхброд = колач месен со млеко и јајца (млечен леб, од германски).

[3] Слатки месени со ореви или лешници.

Ознаке:, , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришет користећи свој WordPress.com налог. Одјавите се /  Промени )

Google photo

Коментаришет користећи свој Google налог. Одјавите се /  Промени )

Слика на Твитеру

Коментаришет користећи свој Twitter налог. Одјавите се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришет користећи свој Facebook налог. Одјавите се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: