Страдија (3/12)

(Претходен дел)

Само што ја затворив вратата, ги извадив од себе оние силни ордени и седнав уморен и папсан да здивнам, кога зачув тропање на вратата.

— Напред! — реков, а и што знаев друго.

Во собата влезе гооподски облечен човек со очила на носот. (А веќе и да не напоменувам непрестајно, треба да се има на ум дека секој, кој помалку, кој повеќе, е претрупан со ордени. Кога видов како еден; што украл обувки во една продавница, го влечеа в затвор, а и тој на вратот имаше орден. „Каков ли му е оној орден?“ — го прашав пандурот. — „Тоа е орден за заслуги на просветното и културното поле!“ — ми одговори тој сериозно и студено. „Какви се тие заслуги?“ — „Па знаете, тој беше пајтонџија кај бившиот министер на просветата. Надарен пајтонџија!“ — ми одговори пандурот). Значи, влезе човекот со очилата на носот, се поклони длабоко, — што и јас, се разбира, го направив, — и ми се претстави како виш чиновник од министерството за надворешни односи на земјата.

— Мило ми е! — реков, изненаден со оваа неочекувана висока посета.

— Вие сте првпат сега во нашава земја, господине? — ме праша.

— Првпат.

— Вие сте странец?

— Странец.

— Ни дојдовте како нарачан, верувајте! — извика вишиот чиновник воодушевено.

Мене тоа уште повеќе ме збуни.

— Имаме едно слободно место за конзул. Тука, што е главно, би имале добра плата и добри додатоци за репрезентација, што, се разбира, вие би га трошеле за свои лични потреби. Вие сте стар, искусен човек а должноста ви е лесна: пропаганда на нашите народни идеи во краиштата каде што живее нашиот народ под туѓинска управа… Дојдовте како нарачан; веќе повеќе од еден месец се мачиме барајќи погодно лице за таа важна точка. За другите места, даде господ, имаме странци. Имаме Евреи, Грци, Власи (од каде тие?)… А вие која народност сте, ако смеам да ве прашам?

— Па, јас, како да ви кажам, и сам уште не знам!… — реков засрамен, и само што сакав да ја раскажам својата тажна семејна историја, ме прекина, плеснувајќи воодушевено со дланките и заигра во собата од радост.

— Прекрасно, прекрасно!… Никогаш подобро!… Вие ќе можете свесно да ја вршите оваа света задача. Веднаш одам кај министерот, а по неколку дена ќе можете да појдете на пат! — изговори вишиот чнновник пресреќен и одјури да му го соопшти на својот министер важното откритие.

И само што си отиде тој, јас седнав и ја покрив главата со рацете. Никако не можев да поверувам дека сето ова е вистина што то видов досега во оваа земја, кога, пак некој ми затропа на вратата.

— Напред!

Во собата пак влезе некој друг, елегантно облечен господин и пак се претстави како виш чиновник на некое министерство. Ми рече дека кај мене доаѓа по налог на господин министер за некоја важна работа; а јас на тоа го изразив своето необично задоволство и среќа поради таквите почести.

— Вие сте странец?

— Странец сум.

Тој ме погледна со респект, понизно ми се поклони до земјата, и токму кога сакаше да проговори, а јас го прекинав со зборовите:

— Ве молам, господине, речете ми како се вика оваа ваша земја?

— Не знаете?! — извика тој и ме погледна со уште поголем респект и понизност.

— Страдија! — додаде и застана пред мене малку наназад.

„Чуден случај, исто така се викала и онаа возвишена земја на моите претци!“ — си помислив во себе, но нему ништо не му реков, туку го прашав:

— Со што можам да ве почестам, почитуван господине?

— Основано е ново звање за управител на државните добра, па сум слободен, од името на господин министер, да ве замолам да ја прифатите таа висока и патриотска положба… Вие, секако досега, сте биле неколкупати министер?

— Не сум бил никогаш.

— Никогаш!… — извика тој вчудовиден од тоа што го чу. — Тогаш, на некаква висока положба, со неколку плати?

— Никогаш.

Високиот чиновник како да занеме од чудо. Не знаејќи што да преземе понатаму во овој единствен случај, се извини што ме вознемири, рече дека за овој наш разговор ќе го извести господинот министер, и си отиде.

Утредента, веќе сите весници пишуваа за мене. Во едните беше белешката:

„Чудо од човек. Во нашево место уште од вчера престојува еден странец, кој сега има шеесет години, а никогаш досега не бил министер, ниту е одликуван со орден, па дури и никогаш немал ниедна државна служба, ниту пак некогаш примал плата. Навистина, единствен случај во светот. Како што разбравме, тоа чудо од човек е сместено во хотелот „Кај милата ни напатена татковина“. Вчера многумина го посетиле и тврдат дека воопшто не се разликува од другите луѓе. Ние ќе се потрудиме за ова загадочно суштество да дознаеме што повеќе детали од неговиот живот, што секако ќе биде мошне интересно за нашите почитувани читатели, а, по можност, ќе гледаме да ја справиме и неговата слика во нашиов весник“.

Другите весници го соопштуваа речиси истото, со следниов додаток:

„Освен тоа, од доверливи извори дознавме дека тој чуден човек доаѓа уште и со важна политичка мисија“.

Владиниот весник, пак вака учтиво ги демантира овие гласови:

„Глупавите опозициони весници, во својата блесавост, измислуваат разни невистини и низ светот протураат обеспокојувачки гласови дека во нашава земја допатувал некој странец на свои шеесет години, кој, како што велат тие глупаци, никогаш не бил ниту министер, ниту чиновник, ниту пак имал какво било одликување. Вакви неможности и сосема неверојатни работи можат само да замислат и со зла намера да протураат плитките, бедни и излапени мозоци на соработниците на опозициониот печат; но тој куршум нема да им испука, зашто, благодарение на Бога, еве веќе една седмица откако дојде на власт овој кабинет, а положбата ниту еднаш не му е разнишана, како што тоа го сакаат глупаците на опозицијата“.

Околу хотелот каде што бев сместен, по овие статии во весниците почна да се собира народ. Застануваат, гледаат, зјапаат, па едни си одат, други доаѓаат, и така, во секое време околу хотелот џган од луѓе, а низ нив се мотаат продавачите на весници и на книвчиња, н викаат со сиот глас:

— Нов роман: „Чудан човек“, прв дел!

— Нова книга: „Доживувањата на еден старец без орден!“

Имаше и други такви книжулчиња.

Дури и една меана ја истакна фирмата „Кај чудото од човек“, а на голема табла беше насликан човек без одликувања. Светот почна да се собира околу тоа чудовиште, и полицијата, се разбира, што ќе прави, како ќе прави, во интерес на јавниот морал, — ја забрани толку соблазнителната слика.

Утредента, морав да го променам хотелот. Кога одев по улицата, морав да одам пристојно, барем со неколку ордени, та така никој не обрнуваше внимание на мене.

Како човек-странец имав можност веднаш да се запознаам со видните личности и министри и бргу да им се посветам на сите државни тајни.

Набргу, исто така имав чест да ги посетам сите министри во нивните кабинети.

Првин му отидов на министерот за надворешни односи. Во тој миг, кога влегов во ходникот, каде што беа многумина дојдени за да излезат пред министерот, момчето објави викајќи на сиот глас:

— Господинот министер не може да прими никого зашто прилегна на канабето малку да си поспие!

Публиката се разотиде, а јас му пристапив на момчето со зборовите:

— Ако е можно, јавете му на господинот министер дека еден странец сака да влезе кај него.

Момчето штом го чу зборот „странец“, учтиво се поклони и влезе во министеровиот кабинет.

Одеднаш, се отвори двокрилната врата и на неа се појави џбитак, полн, мал човек, се поклони со насмевка и прилично глупаво, па лично ме покани внатре.

Министерот ме донесе до една фотелја и ме понуда да седнам, а тој седна наспроти мене, ги префрли нозете една првку друга, задоволно си го погали заоблениот стомак, и го започна разговорот:

— Се радувам, господине, што ме посетивте, јас веќе многу слушав за вас… Јас, знаете, сакав да легнам малку, да поспијам… Што да правам друго?… Немам работа, па од многу време просто и не знам што да правам.

— Во какви односи сте со соседните земји, ако смеам да прашам, господине министре?

— Е, како да ви кажам?… Добро, добро, секако… Право да ви кажам, јас и немав можност да размислувам за тоа; но, ценејќи според сè, многу добри, многу добри… Ништо лошо не ни се случило, освен што на север ни го затворија извозот на свињи, а од југ напаѓаат и пљачкосуваат по нашите села Анутите од соседната земја, но тоа не е ништо… Тоа се ситници.

— Штета е за извозот на свињи. Слушам дека многу ги имате во земјава, — забележав учтиво.

— Има, му благодариме на бога, ги има доста, но сеедно; ќе се изедат овде свињите, ќе бидат уште поевтини; а, најпосле, што би било кога не би имале свињи?! Пак ќе мораше да се живее! — ми одговори рамнодушно.

Во понатамошниот разговор ми раскажуваше како го изучувал шумарството, а сега со задоволство чита статии за сточарството; и дека мисли да набави несколку крави и да одгледува телиња, зашто може да има добри приходи од тоа.

— На кој јазик најмногу читате? — го прашав.

— Па на нашиот јазик. Јас не сакам друг јазик, и не сакав да учам ни еден. А и немам потреба од знаење на странски јазик. Особено на оваа положба тоа не ми е потребно; а ако искрсне таква потреба, лесно е да се нарача стручно лице отстрана.

— Сосема така! — му ги одобрив толку духовитите, оригинални мисли, не знаејќи ни самиот што други би можел да направам.

— Навистина, сакате пастрмки? — ме праша по кратко молчење.

— Никогаш не сум ги јадел.

— Штета, тоа е многу убава риба. Всушност, специјалитет. Вчера добив од еден пријател неколку парчиња. Многу добра работа…

Откако разговаравме уште извесно време за важни работи, му се извинив на господинот министер што го вознемирив со својата посета можеби во некоја важна државна работа, се поздравив со него и си отидов.

Тој љубезно ме испрати до вратата.

(Нареден дел)

Ознаке:, , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришет користећи свој WordPress.com налог. Одјавите се /  Промени )

Слика на Твитеру

Коментаришет користећи свој Twitter налог. Одјавите се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришет користећи свој Facebook налог. Одјавите се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: