Страдија (2/12)

(Претходен дел)

На самиот брег, малку понатаму, лево од местото каде што излегов, забележав многу голема мермерна пирамида и на неа издлабени златни букви. Љубопитно ѝ се приближив, мислејќи дека уште тука ќе ги прочитам имињата на славните јунаци за кои ми раскажуваше татко ми. Кога таму, какво изненадување! Во мермерот издлабени зборовите:

„Довде на север се протега земјата на славниот и среќен иарод, кому големиот господ му ја подарил големата, ретка среќа во неговиот јазик, сосема правилио граматички, за гордост на земјата и народот, к пред и секогаш да се претвора во ц“.

Прочитувам еднаш, двапати, никако да се приберам од чудо што треба да значи сето тоа. Што е уште почудно, зборовите се напишани на мојот мајчин јазик.

„Да, тоа е јазикот на кој зборуваше и татко ми, и неговите стари, и јас, но земјата не е таа; тој ми раскажуваше за сосема друга земја“. Ме бунеше тоа што е ист јазикот, но си помислив дека тоа можеби се два далечни народи, од исто потекло, братски, исти, кои имаат еден јазик, но и не знаат еден за друг. Малку — помалку ми престана чудењето, па и јас почнав да се чувствувам горд што случајно и мојот мајчин јазик е ист таков, и токму со истата таа убава особина.

Ја минав тврдината и се упатив кон улицата што водеше кон градот, во некој хотел да се одморам од долгиот пат и потоа да побарам некоја работа за да можам од заработката да си го продолжам патот и да ја барам cвојата татковина.

Не поминав ни неколку чекори, кога околу мене од cите страни наврапито почнаа да се собираат луѓе, како околу некакво чудо. И старо и младо, и машко и женско, се гушат, се туркаат, се стискаат што подобро да ме видат. Најпосле се насобра толку народ што се закрчи улицата и сиот сообраќај.

Народот ме гледаше со чудење, а и мене ме зачуди тој непознат свет. Кого и да го погледнев, беше украсен со ордени и со ленти. Ретко некој од посиромасите носеше по еден или два ордена, инаку сите беа толку начичкани со ордени што дури и облеката не им се гледаше. По некои толку ги имаа што не можеа ни да га носат сите на себе, туку влечкаа колички по себе и во нив полно ордени за разни заслуги, ѕвезди, ленти и какви сè не одликувања.

Одвај можев да чекорам низ таа маса од славни луѓе што ме опкружуваа и се гушеа кој побргу да се истурка до мене. Дури некој и се закараа околу тоа, а и се слушнаа и прекори за оние што беа долго крај мене.

— Па се нагледавте ли веќе еднаш; пуштете нè сега и нас малку да видиме.

Кој ѝ да пријде до мене, веднаш брзо стапува во разговор, за да не го потисне некој.

Веќе ми здодеаја тие па тие прашања со чудење:

— Од каде си?… Зар немаш ниту еден орден?

— Немам.

— Колку години имаш?

— Шеесет.

— Па уште ниту еден орден?!

— Ниеден.

Викнаа гласовите од масата, како на панаѓур кога се покажуваат чудовишта.

— Слушајте луѓе: човек од шеесет години без ниеден орден!

Мешаница, џагор, врева, туркањето станува сè поселно и посилно, а од сите улици свет надоаѓа и навалува да се провре низ народот за да ме видат. Најпосле дојде и до тепачки, па се вмеша и полицијата за да воведе ред.

И јас нив почнав да ги распрашувам, пред да почнат да се тепаат, за заслугите поради што се одликувани.

Еден ми рече дека неговиот министер го одликувал за ретки заслуги и пожртвуваност за татковината, затоа што ракувал со многу државни пари цела година, а во касата, при прегледот биле најдени само две илјади динари помалку отколку што требало да има. „Право е“ се зборуваше, „зашто можел сè да упропасти, но благородноста и родољубието не му дозволиле тоа да го направи“.

Еден е одликуван затоа што цел месец бил чувар на некаков државен магазин и магазинот не изгорел.

Друг пак е одликуван затоа што прв забележал и констатирал дека зборот книга многу интересно завршува на а, а започнува со к.

Една готвачка е одликувана затоа што за пет години службување во една богата куќа украла само неколку сребрени и златни работи.

Еден пак е одликуван затоа што, по направениот голем дефицит, не се убил според дотогашниот глупав шаблон, туку дрско извикал пред судот:

— Јас ги спроведов во дело своите визии и идеи, такви се моите погледи на светот, а вие судете ме. Еве ме! (Тука се удрил в гради, зачекорил еден чекор напред). Тој, мислам добил орден за граѓанска храброст. (И право е!).

Еден чичко добил орден затоа што остарел а уште не умрел.

Еден друг пак е одликуван затоа што се збогатил за помалку од половина година испорачувајќи ѝ на државата лошо жито и уште некои други работи.

Еден богат наследник е одликуван затоа што не го упропастил имотот на татко си и затоа што приложил пет динари за добротворни цели.

Кој сето тоа и би го запаметил! Од секого запаметив само за по едно негово одликување, а сите да се изредат, па тоа е невозможно.

Па, кога веќе дојде до кавга и тепачки, се вмеша полицијата, почнаа пандурите да го растеруваат народот, а еден кмет, што ли беше, нареди да се дотера затворен пајтон. Ме ставија во пајтонот, околу кого беа вооружените пандури за да го одбиваат народот. Оној седна со мене и ме однесе некаде, а од сите страни по колата јуреше народ.

Колата застана пред една пространа, сниска, а запуштена куќа.

— Каде сме сега? — го прашав кметот (барем јас така го викав), што го набави пајтонот, а и самиот тој седна внатре.

— Тоа е нашата Полиција.

Кога излегов од колата, видов двајца како са тепаат пред самата врата на Полицијата. Пандурите околу стоеја и ја набљудуваа борбата, а и шефот на полицијата и сите други со задоволство гледаа.

— Што се тепаат? — прашав.

— Па таква е наредбата, сите скандали да се вршат тука, пред очите на полицијата; зашто знаете како е! Каде шефот и другите чиновници ќе талкаат по разни ќошиња. Вака е полесно за нас и попрегледно. Ќе се закараат двајца, и, ако сакаат да се тепаат, ќе дојдат тука. Оние што правеле скандали долу на улицата, на ненадлежно место, мора да ги казниме.

Господинот шеф, некој дебел човек, со побелени мустаќи, избричен, со подбрадок под заокруглената брада, кога ме виде, за малку што не падна во несвест од чудење.

— Од каде си, жити бога, човеку?!… — изговори, откако се прибра од чудење, и ги рашири рацете, па почна да ме загледува од сите страни.

Оној што дојде со мене му шепна нешто, сигурно му реферираше што се се случи. Шефот се намурти и надуено ме праша:

— Од каде си, зборувај!

Почнав јас за сè подетално да му раскажувам: кој сум, и од каде сум, и каде одам, кога тој нешто стана нервозен, па викна:

— Добро, добро, остави ги ти твоите налудничавости, туку кажи ми го мене она што е најглавното, како смееше ваков да одиш по улица среде бел ден?

Јас почнав да се загледувам себеси дали има нешто необично на мене, но ништо не забележав. Така поминав низ толкав свет и никој не ме зеде на одговорност.

— Што не лаеш? — ми викна тој учтиво, како што воопшто се однесуваше полицијата според прописите во таа земја, а забележав како се тресе од лутина. — Јас тебе ќе те затворам, зашто ти предизвика толку скандали на ненадлежно место и го вознемири целиот град со твојата глупост.

— Ништо не разбирам, господине. Со што можев да направам толку зло? — забележав со страв.

— Си остарел, а не го знаеш ниту она што го знаат малите деца по улица… Те прашувам јас тебе, уште еднаш, како можеше така да минеш низ улицата и да предизвикаш нереди, и тоа уште на ненадлежно место?

— Јас сум исправен.

— Ти си будала, а толку стар… Исправен… а камо ти ги одликувањата?

— Немам.

— Лажеш, стар дркуле!

— Немам, жими бога!

— Ниедно?

— Ниедно!

— Колку години имаш?

— Шеесет.

— Зар за шеесет години ниту еден орден? Па ти каде си живеел? На Месечината, каде?

— Немам ниту еден, жими сè на светот! — почнав да се колнам.

Шефот се вчудовиде. Зина, ги ококори очите, се загледа во мене, па ни збор да прозбори.

Кога малку се поврати од чудењето, им нареди на младите што побргу да донесат десетина ордени.

Од соседната соба веднаш донесоа разни ордени што се носат околу врат и медали.

Шефот нареди, па набрзина ми ставија две-три ѕвезди, една лента; три-четири ордени ми обесија околу вратот, неколку ми закачија на палтото, а освен тоа ми набавија уште дваесетина разни медали и споменици.

— Така, братче! — извика шефот задоволен што измислил начин да ги опречи натамошните скандали.

— Така, — додаде потоа — сега малку личиш на обичен човек, а онака ми го узбуни целиот град, упадна како некакво чудовиште… А ти изгледа и не знаеш дека денеска е свеченост? — заврши со прашањето, обрнувајќи ми се мене.

— Не знам.

— Чудно! — рече тој малку навреден, помолче, па рече:

— Пред пет години, на денешен ден, ождребен е мојот коњ што сега редовно го јавам, и денеска претпладне примав честитки од најугледните граѓани; а приквечер мојот коњ ќе го прошетаат со факли низ улиците, и потоа ќе има игранка во првиот хотел, каде што имаат пристап најзаслужните граѓани.

Сега се вчудовидов, но за да не забележи тој, веднаш му пристапив, па му честитав со зборовите:

— Извинете што не знаев за вашиот свечен ден, и многу жалам што не можев да ви честитам во одреденото време; но, еве, сега го правам тоа.

Тој од сè срце ми заблагодари на искрените чувства што ги негувам кон неговиот верен коњ и веднаш нареди да се донесе нешто за почестување.

Ме почестија со вино и со слатки, и јас се поздравив со шефот и отидов со еден пандур, кој ми го даде да ме однесе во гостилницата, накитен со ѕвездите и ордените, та можев мирно да си одам по улиците без вриеж од народ околу мене, што ќе беше неизбежно ако одев онака без одликувања.

Тој ме однесе во гостилницата „Кај милата ни напатена татковина“. Гостилничарот ми даде една соба, та влегов да се одморам. Одвај чекав да останам сам и да се приберам од чудните впечатоци што ми ги остави оваа земја во првиот момент.

(Нареден дел)

Ознаке: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришете користећи свој WordPress.com налог. Одјави се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришете користећи свој Facebook налог. Одјави се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: