Размислувањето на еден обичен српски вол
Разни чуда се случуваат во светот, а нашава земја, како што велат многумина, е плодна со чуда толку многу, што веќе и чудата не се чуда. Кај нас има луѓе на многу високи функции кои не мислат ништо, а како надополнување за тоа, или можеби од други причини, почнал да размислува еден обичен селски вол, кој по ништо не се разликувал од другите српски волови. Господ знае зошто ова генијално животинче се оддало на овој дрзок потфат – на размислување, зашто досега се покажало дека од тој несреќен занает во Србија може да се има само штета. Ајде, да речеме, дека тој, кутриот, во својата наивност и не знаел дека во неговата татковина овој занает не е вреднуван, па тоа нема да му го припишеме во некоја особена граѓанска храброст, но сепак останува загатката зошто токму волот да мисли кога тој не е ниту избирач, ниту одборник, ниту кмет, ниту пак некој го избрал за пратеник во некакво си воловско собрание, или дури ако е во години, за сенатор, а ако, грешникот, сонувал дека во некаква воловска земја ќе биде министер, тогаш, напротив, би требало да вежба да мисли што помалку, како што тоа го прават одличните министри во некои среќни земји, иако нашава земја и во тоа нема среќа.
На крајот на краиштата, што не интересира тоа што волот во Србија го презел напуштениот занает од луѓето, а можеби започнал да мисли и по некаков природен нагон.
Па каков је то вол? Обичен вол, како што вели зоологијата, кој има глава, труп и нозе, сè како и другите волови: влече кола, пасе трева, лиже сол, прежива и мука. Се вика Сивчо.
Еве кога почна тој да мисли. Еден ден неговиот стопан ги впрегна во колата него и неговиот другар Галешко, натовари на колата некои украдени прачки и ги однесе в град да ги продаде. Стопанот ги продаде прачките веднаш штом дојде до првата градска куќа, ги зеде парите, ги отспрегна Сивчо и неговиот другар, го закачи синџирот со кој беа врзани за долниот дел на јаремот, фрли пред нив разврзан сноп од листовина од царевка, па весел влезе во една мала меана да се закрепне како човек со некоја чашка ракија. Во градот имаше некаква свеченост, па луѓе, жени, деца минуваа од сите страни. Галешко, кој и без тоа беше познат како приглуп меѓу воловите, не гледаше ништо, туку со сета сериозност се зафати со ручекот, добро се најаде, замука од задоволство, па си прилегна и слатко дремејќи почна да прежива. Воопшто не го интересираа луѓето кои врвеа покрај него од сите страни. Тој мирно си дремеше и си преживаше. (Штета што не е човек, има огромни диспозиции за висока кариера!) А Сивчо ни да проба. Неговиот занесен поглед зборува дека е мислител, впечатлива душа. Покрај него минуваа луѓето, Срби, горди на своето светло минато, на своето име, на народноста, а таа гордост се гледаше во нивното здрвено држење и одење. Сивчо го гледаше тоа, па душата му ја обзеде тага, болка за големата неправда, и не можеше а да не потклекне на толку ненадејното и силно чувство, туку мукна тажно, болно, а во очите му светнаа солзи. И Сивчо почна да мисли од силната болка.
– Со што се гордее мојот стопан и другите негови сограѓани, Србите? Зошто толку ги креваат главите и со надуена гордост и преѕир гледаат на мојот род?… Се гордеат со татковината, се гордеат со тоа што милостивата судбина им доделила да се родат овде, во Србија. Па и мене мајка ми ме отелила овде, во Србија, и не само што оваа земја е и моја татковина и на татко ми, туку и моите стари, како и нивните, сите заедно, дошле во овие краишта уште од старата словенска татковина. Па никој од нас воловите не се чувствува горд поради тоа, туку ние секогаш се гордеевме со тоа кој ќе може да повлече поголем товар на високо, а ниеден вол до денес не му рекол на некојси германски вол: „Што сакаш ти, јас сум српски вол, моја татковина е гордата земја Србија, тука се отелиле сите мои стаири, тука, во оваа земја се и гробовите на моите претци!“ Господ да чува, никогаш не сме се гордееле со тоа, то ни на ум не би доаѓало, а ете, тие и со тоа се гордеат. Чудни луѓе!
Со такви мисли, волот тажно ја заврти главата, затропа ѕвонецот на неговиот врат и крцна јаремот.
Галешко ги отвори очите, го погледна другарот, па мукна:
– Ти пак со твое, се будалиш! Јади, будалче, дебели се, гледаш дека ребрата ти се бројат; ако било добро да се мисли, луѓето тоа не би ни го оставале нам на воловите. Таква среќа нема да нè снајде!
Сивчо го погледа својот другар со сожалување, ја сврти главата од него, и пак се задлабочи во своите мисли.
– Се гордеат со светлото минато. Го имаат Косово Поле, Косовската битка. Голема работа, па зар и моите стари уште тогаш не влечеле храна за војската и за воени потреби; ако нè немало нас, таа работа ќе морале да ја вршат самите луѓе. Го имаат востанието против Турците. Тоа е голема работа, благородна, но кој бил тука. Зар востанието го кренале овие надуени празноглавци што вака, ништо не работејќи, се прчат покрај мене со гордост, небаре тоа е нивна заслуга? Еве, да го земам за пример само мојот стопан. И тој се гордее и се фали со востанието, а особено со тоа што неговиот предедо како редок јунак загинал со војната за ослободување. Па зар тоа е негова заслуга? Предедо му имал право да се гордее, а не тој; предедо му загинал за да може мојов стопан, како негов потомок, да биде слободен. И тој е слободен, но што прави во таа слобода? Краде туѓи прачки, и тој седнува на колата, па јас го влечам и него и гранките, а тој на колата спие. Сега ги продаде прачките, пие ракија, не работи ништо и се гордее со светлото минато. А колку се заклани од моите стари во востанието за да се прехранат борците; па зар и моите стари, во тоа време, не ги влечеле воените потреби, топовите, храната, муницијата, па нам сепак ни не паѓа на ум да се китиме со нивните заслуги, зашто ние не сме се измениле, ние и денес си ја вршиме својата должност како и нашите стари кои совесно и стрпливо си ја вршеле работата.
– Се гордеат со страдањата на своите предци, со петвековното робување. Мојот род страда, откако постои, страдаме и ние и денес и робуваме, па тоа никогаш не го разгласивме. Велат, Турците ги мачеле, ги колеле, ги забодувале на колци; па и моите стари ги колеле и Србите и Турците, ги печеле, и на какви сè уште маки не нè ставале.
– Се гордеат со верата, а не веруваат во ништо. Што сум јас виновен и целиот мој род што не нè примаат во христијани. Верата им вели „не кради“, а ете, мојот стопан краде и пие за парите што ги доби од крадењето. Верата им наложува да им прават добро на ближните, а тие еден на друг само лошо си прават. Кај нив најдобар човек, кото сметаат за пример на добродетел е оној, кој не прави зло, а веќе, се разбира, никој и не помислува да бара од некого да направи добро. И ете на што се сведени примерите, добродетелите им се рамни на секоја бескорисна работа, само никому да не му прават зло.
Волот длабоко воздивна, и од неговиот здив дури се крена прашина од патот.
– Па зар тогаш, – продолжи понатаму со своите тажни мисли, – јас и мојот род не сме подобри во тоа од сите нив? Јас никого не убив, никого не го озборував, никому ништо не сум му украл, никого не го отпуштив од државна служба без вина, не направив дефицит во државната каса, не банкротирав лажно, никогаш не оковав и не апсев невини луѓе, не ги клеветев своите другари, не го изневерив својот воловски принцип, не сведочев лажно, никогаш не бев министер и не ѝ правев зло на земјава, а освен тоа што не правев зло, им правам добро и на оние кои мене ми прават зло. Откако мајка ми ме отели, лошите луѓе и мајчиното млеко веднаш ми го одзедоа. Бог тревата ја создал за нас воловите, а не за луѓето, па и неа ни ја земаат луѓето. А ние, сепак, покрај толку удари, им ги влечеме колите на луѓето, им ораме и ги храниме со леб. И пак никој не ни ги признава тие наши заслуги за татковината…
– Ако е поради постот, убаво, ним, на луѓето, верата им вели да постат,а тие ниту тој мали пост не сакаат да го издржат, а јас и целиот мој род постиме сиот свој век, откога ќе нè одбијат од мајчините цицки.
Волот ја наведна главата, и како нешто да се загрижи, пак ја крена главата горе, налутено шмркна со носот, па изгледаше небаре се сеќава на нешто важно, што го мачи; наеднаш мукна радосно:
– А, сега знам, мора тоа да биде! – и си продолжи да си мисли:
– Тоа е, значи: се гордеат со слободата и со граѓанските права. За тоа морам сериозно да размислам. – Мислеше, мислеше, но никако не одеше. – Во што се тие нивни права? Ако има нареди полицијата да гласаат, тие гласаат, а за толку и ние би можеле да мукнеме: „Зааа!“ А ако им нареди, не смеат да гласаат, ниту да се мешаат во политиката, исто како и ние. Ги трпат и тие затворите и ударите, честопати ни криви ни должни. Ние барем ќе мукнеме и ќе мавнеме со опашката а тие немаат ни толкава граѓанска храброст.
Тогаш излезе стопанот од меаната. Пијан, нозете му се плеткаат, очите заматени, изговара некакви неразбирливи зборови, и поревајќи се оди накај колата.
– Ете на што ја употреби слободата, тој горд потомок, која со крв му ја извојувале предците. Ајде, мојот стопан е пијан и краде, но на што ја употребија другите? Само ништо да не работат и да се гордеат со минатото и заслугите на своите стари, во што тие немаат никакво учество, дури ни колку мене.
– А ние воловите останавме вредни и корисни работници како што биле нашите стари. Вистина, волови сме, но сепак можеме да се гордееме со својата тешка денешна работа и со заслугите.
Волот длабоко воздивна и го приготви вратот за јаремот.
Извор: Радое Домановиќ, Избрани сатири, Мисла, Куманово 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)