Страдија (3/12)
Само што ја затворив вратата, ги извадив од себе оние силни ордени и седнав уморен и папсан да здивнам, кога зачув тропање на вратата.
— Напред! — реков, а и што знаев друго.
Во собата влезе гооподски облечен човек со очила на носот. (А веќе и да не напоменувам непрестајно, треба да се има на ум дека секој, кој помалку, кој повеќе, е претрупан со ордени. Кога видов како еден; што украл обувки во една продавница, го влечеа в затвор, а и тој на вратот имаше орден. „Каков ли му е оној орден?“ — го прашав пандурот. — „Тоа е орден за заслуги на просветното и културното поле!“ — ми одговори тој сериозно и студено. „Какви се тие заслуги?“ — „Па знаете, тој беше пајтонџија кај бившиот министер на просветата. Надарен пајтонџија!“ — ми одговори пандурот). Значи, влезе човекот со очилата на носот, се поклони длабоко, — што и јас, се разбира, го направив, — и ми се претстави како виш чиновник од министерството за надворешни односи на земјата.
— Мило ми е! — реков, изненаден со оваа неочекувана висока посета.
— Вие сте првпат сега во нашава земја, господине? — ме праша.
— Првпат.
— Вие сте странец?
— Странец.
— Ни дојдовте како нарачан, верувајте! — извика вишиот чиновник воодушевено.
Мене тоа уште повеќе ме збуни.
— Имаме едно слободно место за конзул. Тука, што е главно, би имале добра плата и добри додатоци за репрезентација, што, се разбира, вие би га трошеле за свои лични потреби. Вие сте стар, искусен човек а должноста ви е лесна: пропаганда на нашите народни идеи во краиштата каде што живее нашиот народ под туѓинска управа… Дојдовте како нарачан; веќе повеќе од еден месец се мачиме барајќи погодно лице за таа важна точка. За другите места, даде господ, имаме странци. Имаме Евреи, Грци, Власи (од каде тие?)… А вие која народност сте, ако смеам да ве прашам?
— Па, јас, како да ви кажам, и сам уште не знам!… — реков засрамен, и само што сакав да ја раскажам својата тажна семејна историја, ме прекина, плеснувајќи воодушевено со дланките и заигра во собата од радост.
— Прекрасно, прекрасно!… Никогаш подобро!… Вие ќе можете свесно да ја вршите оваа света задача. Веднаш одам кај министерот, а по неколку дена ќе можете да појдете на пат! — изговори вишиот чнновник пресреќен и одјури да му го соопшти на својот министер важното откритие.
И само што си отиде тој, јас седнав и ја покрив главата со рацете. Никако не можев да поверувам дека сето ова е вистина што то видов досега во оваа земја, кога, пак некој ми затропа на вратата.
— Напред!
Во собата пак влезе некој друг, елегантно облечен господин и пак се претстави како виш чиновник на некое министерство. Ми рече дека кај мене доаѓа по налог на господин министер за некоја важна работа; а јас на тоа го изразив своето необично задоволство и среќа поради таквите почести.
— Вие сте странец?
— Странец сум.
Тој ме погледна со респект, понизно ми се поклони до земјата, и токму кога сакаше да проговори, а јас го прекинав со зборовите:
— Ве молам, господине, речете ми како се вика оваа ваша земја?
— Не знаете?! — извика тој и ме погледна со уште поголем респект и понизност.
— Страдија! — додаде и застана пред мене малку наназад.
„Чуден случај, исто така се викала и онаа возвишена земја на моите претци!“ — си помислив во себе, но нему ништо не му реков, туку го прашав:
— Со што можам да ве почестам, почитуван господине?
— Основано е ново звање за управител на државните добра, па сум слободен, од името на господин министер, да ве замолам да ја прифатите таа висока и патриотска положба… Вие, секако досега, сте биле неколкупати министер?
— Не сум бил никогаш.
— Никогаш!… — извика тој вчудовиден од тоа што го чу. — Тогаш, на некаква висока положба, со неколку плати?
— Никогаш.
Високиот чиновник како да занеме од чудо. Не знаејќи што да преземе понатаму во овој единствен случај, се извини што ме вознемири, рече дека за овој наш разговор ќе го извести господинот министер, и си отиде.
—
Утредента, веќе сите весници пишуваа за мене. Во едните беше белешката:
„Чудо од човек. Во нашево место уште од вчера престојува еден странец, кој сега има шеесет години, а никогаш досега не бил министер, ниту е одликуван со орден, па дури и никогаш немал ниедна државна служба, ниту пак некогаш примал плата. Навистина, единствен случај во светот. Како што разбравме, тоа чудо од човек е сместено во хотелот „Кај милата ни напатена татковина“. Вчера многумина го посетиле и тврдат дека воопшто не се разликува од другите луѓе. Ние ќе се потрудиме за ова загадочно суштество да дознаеме што повеќе детали од неговиот живот, што секако ќе биде мошне интересно за нашите почитувани читатели, а, по можност, ќе гледаме да ја справиме и неговата слика во нашиов весник“.
Другите весници го соопштуваа речиси истото, со следниов додаток:
„Освен тоа, од доверливи извори дознавме дека тој чуден човек доаѓа уште и со важна политичка мисија“.
Владиниот весник, пак вака учтиво ги демантира овие гласови:
„Глупавите опозициони весници, во својата блесавост, измислуваат разни невистини и низ светот протураат обеспокојувачки гласови дека во нашава земја допатувал некој странец на свои шеесет години, кој, како што велат тие глупаци, никогаш не бил ниту министер, ниту чиновник, ниту пак имал какво било одликување. Вакви неможности и сосема неверојатни работи можат само да замислат и со зла намера да протураат плитките, бедни и излапени мозоци на соработниците на опозициониот печат; но тој куршум нема да им испука, зашто, благодарение на Бога, еве веќе една седмица откако дојде на власт овој кабинет, а положбата ниту еднаш не му е разнишана, како што тоа го сакаат глупаците на опозицијата“.
Околу хотелот каде што бев сместен, по овие статии во весниците почна да се собира народ. Застануваат, гледаат, зјапаат, па едни си одат, други доаѓаат, и така, во секое време околу хотелот џган од луѓе, а низ нив се мотаат продавачите на весници и на книвчиња, н викаат со сиот глас:
— Нов роман: „Чудан човек“, прв дел!
— Нова книга: „Доживувањата на еден старец без орден!“
Имаше и други такви книжулчиња.
Дури и една меана ја истакна фирмата „Кај чудото од човек“, а на голема табла беше насликан човек без одликувања. Светот почна да се собира околу тоа чудовиште, и полицијата, се разбира, што ќе прави, како ќе прави, во интерес на јавниот морал, — ја забрани толку соблазнителната слика.
Утредента, морав да го променам хотелот. Кога одев по улицата, морав да одам пристојно, барем со неколку ордени, та така никој не обрнуваше внимание на мене.
Како човек-странец имав можност веднаш да се запознаам со видните личности и министри и бргу да им се посветам на сите државни тајни.
Набргу, исто така имав чест да ги посетам сите министри во нивните кабинети.
Првин му отидов на министерот за надворешни односи. Во тој миг, кога влегов во ходникот, каде што беа многумина дојдени за да излезат пред министерот, момчето објави викајќи на сиот глас:
— Господинот министер не може да прими никого зашто прилегна на канабето малку да си поспие!
Публиката се разотиде, а јас му пристапив на момчето со зборовите:
— Ако е можно, јавете му на господинот министер дека еден странец сака да влезе кај него.
Момчето штом го чу зборот „странец“, учтиво се поклони и влезе во министеровиот кабинет.
Одеднаш, се отвори двокрилната врата и на неа се појави џбитак, полн, мал човек, се поклони со насмевка и прилично глупаво, па лично ме покани внатре.
Министерот ме донесе до една фотелја и ме понуда да седнам, а тој седна наспроти мене, ги префрли нозете една првку друга, задоволно си го погали заоблениот стомак, и го започна разговорот:
— Се радувам, господине, што ме посетивте, јас веќе многу слушав за вас… Јас, знаете, сакав да легнам малку, да поспијам… Што да правам друго?… Немам работа, па од многу време просто и не знам што да правам.
— Во какви односи сте со соседните земји, ако смеам да прашам, господине министре?
— Е, како да ви кажам?… Добро, добро, секако… Право да ви кажам, јас и немав можност да размислувам за тоа; но, ценејќи според сè, многу добри, многу добри… Ништо лошо не ни се случило, освен што на север ни го затворија извозот на свињи, а од југ напаѓаат и пљачкосуваат по нашите села Анутите од соседната земја, но тоа не е ништо… Тоа се ситници.
— Штета е за извозот на свињи. Слушам дека многу ги имате во земјава, — забележав учтиво.
— Има, му благодариме на бога, ги има доста, но сеедно; ќе се изедат овде свињите, ќе бидат уште поевтини; а, најпосле, што би било кога не би имале свињи?! Пак ќе мораше да се живее! — ми одговори рамнодушно.
Во понатамошниот разговор ми раскажуваше како го изучувал шумарството, а сега со задоволство чита статии за сточарството; и дека мисли да набави несколку крави и да одгледува телиња, зашто може да има добри приходи од тоа.
— На кој јазик најмногу читате? — го прашав.
— Па на нашиот јазик. Јас не сакам друг јазик, и не сакав да учам ни еден. А и немам потреба од знаење на странски јазик. Особено на оваа положба тоа не ми е потребно; а ако искрсне таква потреба, лесно е да се нарача стручно лице отстрана.
— Сосема така! — му ги одобрив толку духовитите, оригинални мисли, не знаејќи ни самиот што други би можел да направам.
— Навистина, сакате пастрмки? — ме праша по кратко молчење.
— Никогаш не сум ги јадел.
— Штета, тоа е многу убава риба. Всушност, специјалитет. Вчера добив од еден пријател неколку парчиња. Многу добра работа…
Откако разговаравме уште извесно време за важни работи, му се извинив на господинот министер што го вознемирив со својата посета можеби во некоја важна државна работа, се поздравив со него и си отидов.
Тој љубезно ме испрати до вратата.
Страдија (1/12)
Во една стара книга прочитав чудна приказна; а ѓавол да знае од каде мене ми се најде в раце таа книга, од некое смешно време, во кое имало многу слободоумни закони, а ни малку слобода; се држеле говори и се пишувале книги за стопанството, а никој ништо не сеел, целата земја била пренатрупана со морални поуки, а морал немало; во секоја куќа полн таван со логика, но ум немало; на секој чекор се зборувало за штедење и за благосостојба на земјата, а се растурало на сите страни, а секој лихвар и никаквец можел да си ја купи титулата „голем народен патриот“ и тоа само за неколку гроша.
Писателот на таа чудна приказна, патни белешки (што ли е тој состав строго земено според литературните видови, не знам ни самиот, а не сакав да ги прашувам ни стручните лица, зашто и тие, без секакво сомневање според нашиот утврден српски обичај, предметот би го упатиле за мислење до општата седница на Касациониот суд. Меѓу другото, тоа е убав обичај. Се поставуваат луѓе кои мораат да мислат по службена должност, па готова работа, и сите други сме безгрижни)… Значи, писателот на таа чудна приказна, односно на патните белешки, почнува вака:
„Педесет години од својот живот поминав само патувајќи по светот. Видов многу градови, многу села, многу земји, многу луѓе и народи, но ништо толку не ме зачуди, како едно мало племе, во еден прекрасен, питом предел. Јас ќе ви раскажам за тоа среќно племе, иако однапред знам дека никој жив нема да ми верува, ниту сега, ниту пак кога и да е по мојата смрт, ако некому ова му падне в раце и го прочита…“
Некој шерет чичко, та токму поради ваквиот свој почеток ме натера да ја прочитам работата докрај, а кога веќе ја прочитав, сакам да им ја прераскажам и на другите. За да не мислите дека со ова сакал да ве наговорам на читање, еве веднаш, уште во почетокот, најискрено изјавувам дека не е вредно да се чита, и дека чичкото (писателот, што ли е?) лаже сè што раскажува; но, за големо чудо, јас лично верувам во таа негова лага како во најголема вистина.
Еве како раскажува тој понатаму.
Пред еден цел век татко му е тешко ранет и заробен во војната, а потоа од својата татковина однесен во туѓина, каде што пак се оженува со една девојка робинка, своја земјачка. Во тој брак сум се родил јас, а кога имав одвај девет години, тој умре. Тој многу ми раскажуваше за својата татковина, за јунаците и за големите карактери со кои изобилува нашата земја, за големото родољубие и за крвавите војни за слобода, за добродетелствата и чесноста, за големата пожртвуваност за спасување на земјата, каде што сè, па и животот, се причестува на олтарот на татковината. Ми раскажуваше за славното и витешко минато на нашиот народ, а на умирање ми остави аманет: „Синко, мене смртта не ми даде да умрам во својата мила татковина, судбината не ми даде коските да ми ги прими онаа света земја што ја натопував со својата крв за да може да биде слободна. Мојата несреќна судбина не ми дозволи, пред да ги затворам очите, да ме огреат зраците на слободата во мојата мила татковаина. Но, нека е простена мојата крв, зашто зраците на слободата тебе ќе те осветлат, синко мој; ќе ве осветлат вас, нашите деца. Оди, синко, бакни ја таа света земја кога со нога ќе стапнеш на неа, оди и сакај ја, а знај дека големи дела ѝ се наменети на таа витешка земја и на нашиот народ; оди и, за гордост на својот татко, за добро употреби ја слободата, а не заборавај дека таа земја ја ороси и мојата крв, крвта на твојот татко, како што со векови е росена од благородната крв на твоите витешки и славни предедовци…“
Кај овие зборови татко ми ме гушна и ме бакна, и неговите солзи капнаа на моето чело.
— Појди, синко, господ нека ти…
Со оваа недовршена реченица испушти душа мојот добар татко.
Не помина ниту еден месец по неговата смрт, со торбата на рамо и со стап в раце тргнав по белиот свет да ја барам својата славна татковина.
Педесет години патував низ туѓина, низ широкиот свет, но никаде на земјата не најдов ни слична на онаа витешка земја, за која толку пати ми раскажуваше татко ми.
Но, барајќи ја мојата татковина, наидов на интересна земја и интересни луѓе, за што, еве, ќе ви раскажувам.
Летен ден. Сонцето пече, мозокот да ти зоврие, од големата запурнина чувствуваш вртоглавица; нешто ми брмчи во упште, жедта ме исцрпува, а и погледот ми е заморен, та одвај гледам. Сиот сум облеан во пот, па на потта се налепи патната прашина; и облеката ми е прашлива и веќе излитена. Одам уморен, изнемоштен, додека одеднаш, на половина час ôд, пред мене гледам се белее град што го заплискуваат две реки. Како да почувствував нова сила, заборавив на заморот и омалаксаноста, па завјасав накај тој град. Стигнав до брегот. Двете големи реки мирно си течат и со својата вода ги мијат градските ѕидови.
Се сетив дека татко ми ми раскажуваше за еден прочуен град, каде што нашите пролеале многу крв, па како низ сон си спомнив оти некако ми зборуваше, така, дека тој град лежи на две реки што течат крај него.
Срцето силно ми зачука од возбуда; ја симнав капата, и ветрот токму од шумите на таа земја дувна и ми го разлади испотеното чело. Ги подигнав очите кон небото, клекнав на колена, и низ солзи извикав:
„Боже, голем! дај ми мудрост, послушај ја молитвата на сирачето што се потуцкува по широкиот свет, барајќи ја својата татковина, барајќи ја татковината на својот татко!…“ Ветрот и понатаму дувка од сините планини што се гледаат таму во далечината, а небото молчи.
„Кажи ми, ти мил ветру што дуваш од тие модри гори, дали тие се горите на мојата татковина? Кажете ми вие, мили реки, дали од тие горди ѕидини на гордиов град ја миете крвта од моите претци?“
Сè е немо, сè молчи, а мене некое слатко претчувство, некој таен глас како да ми вели:
„Тоа е земјата што толку време ја бараш!“
Наврапито ме тргна некаков шум. Крај брегот, малку подалеку од мене здогледав некојси рибар. Кајчето му е на брегот, а тој си ја крпи мрежата. Занесен од слаткото чувство, порано не го забележав. Му приоѓам на тој човек и го поздравувам.
Тој ме погледна молчејќи, па веднаш го сврти погледот од мене и си ја продолжи својата работа.
— Која е онаа земја што се гледа оттаму преку водана? — прашам, а сиот треперам од нетрпение да чујам што ќе ми одговори.
Тој ги спушти рамењата и ги рашири рацете во знак на чудење, ме погледна и процеди низ заби:
— Да, навистина тоа е некоја земја.
— Како се вика? — прашам,
— Тоа не знам. Гледам дека има таму некоја земја, но не сум прашал како се вика.
— А ти, од каде си? — прашам.
— Па ете, овде на едно половина час одовде ми е куќата. Тука сум се родил.
„Чудно, тогаш оваа не е земјата на моите претци, мојата татковина“ — си помислив, а гласно запрашав:
— Па зар ти ништо не знаеш за оваа земја? Зар по ништо не е прочуена?
Рибарот се замисли, ја пушти мрежата од рацете, па како да се сети на нешто. По долго молчење рече:
— Велат дека во таа земја има многу свињи.
— Зар само по свињи е прочуена таа земја? — прашам зачудено.
— Па има и многу будалштини, но тоа мене не ме интересира! — рече тој ладнокрвно и зеде пак да си ги крпи мрежите.
Ми беше нејасен одговорот, та повторно го запрашав:
— Какви будалштини?
— Секакви — ми одговори со некаква здодевност и се проѕевна рамнодушно.
— Значи, свињи и будалштини?! За ништо друго не си слушнал?…
— Освен свињи, велат дека имаат многу министри, едни во пензија, други на располагање, но нив не ги извезуваат. Ги извезуваат само свињите.
Си помислив дека рибарот си тера шега со мене, та пламнав:
— Ама што ми зборуваш ти мене штогоде, сигурно мислиш дека сум будала?!
— Плати ми да те префрлам таму, на другион брег, па оди види што има. Јас ти го кажувам она што сум го чул од други. Ниту јас сум бил таму, ниту пак знам сигурно што има.
„Значи тоа не е земјата на моите славни претци, зашто таа е прочуена по јунаци, по големи дела и по светлото минато“ — си помислив, но рибарот, со чудните одговори на моите прашања, ме заинтересира, та се решив да ја видам и таа земја, кога веќе толку многу други видов и поминав. Се пазарив со него и седнав во кајчето.
Рибарот довесла до другиот брег, ги прими парите како што се пазаривме, и, откако јас излегов на брегот, тој си одвесла назад.
