Пензионерот Симо (1/2)

Човек на педесетина години; со среден раст, но силен и крупен; со црна коса, која веќе почнуваше да му белее; лице ниту долгнавесто ниту тркалесто, туку обично; со румени образи, значи црвени, со уште поцрвена мрежичка од жилички на јаболковите коски, со долг нос. Со избричена брада и со големи мустаќи, кои му ја покриваа устата, а на краиштата малку „зафитилени“, како што велат, и намачкани со помада — тоа е г. Сима, чиновник во пензија.

Него можеме бргу; да го најдеме во градот К…, каде и што живее, зашто не е од оние луѓе кои сакаат секаде да го забодат својот нос, кој е час овде, час онде; секој ден се движи како по некој утврден распоред: или седи дома, или е во „Марковата кафеана“. Во таа кафеана доаѓа рано изутрина, ќе си седне на една маса до прозорецот, ќе си нарача кафе, ќе си запали цигара, па така „се густира“ и си го чита „Брка“ или некој друг весник, или со господин Јово си игра домино. Така тука си седи до десет часот, па потоа оди малку на пазар, каде што ги загледува пилињата, го проба сирењето, кајмакот, виното; се „пазари“, како што вели тој, но ретко кога нешто купува. „Колку ти е, снашке, ова шарено пиленце?“ — има обичај да рече, без оглед дали е тоа големо пиле, или: „За колку го дават, пријателе, овој шилер?“ па дури тоа и да е добро вино.

Така, значи, си поминува тој низ пазарот до единаесет часот, па се упатува дома. Со лесни, сериозни, па дури, ако сакате, и со достоииствени чекори оди, држејќи си ја во левата рака цигарата, а во десната бастунот, со кој не врти и не го развртува како некаков човек што го вее ветрот, ниту го носи само онака, напразно, туку со него како да ги пребројува чекорите, удира во земјата при секое движење на десната нога; главата ја држи исправено, иако вратот малку го потсвиткува напред, и туку одвреме навреме со неа ќе кимне, не вадејќи си го својот црн „халбицилиндар“, со извик: „О, добар ден, добар ден!“, или пак наполно ќе си го извади и пак со насмевка ќе проговори: „Добар ден ви пожелувам!“, што зависи од тоа со кого ќе се сретне и ќе се поздрави. Поинаку е кога ќе наиде на улицата во која живее. Во неа тој ги познава сите одред, како што велат, и старо и младо, и машко и женско, и покрај кого и да минува, би рекол по некој збор, на пример: „Како в училиште, Милане, оди ли, а?“, „Што правиш, Васо, можеш ли уште?“, „Се сончаш ли, газда Јанко?“, „Добар ден, госпоѓо Персо, готвите ручек?“ — или штогоде. Само имајте на ум дека тој никогаш не ја изговара целата реченица додека не застане, а зборува бавно и доста затегнато. Одејќи така до својата куќа, ќе застане малку пред вратата, па ќе си ги истрие убаво неколку пати нозете, било да е суво или капливо, потоа малку ќе из’рка и ќе исплука, па дури тогаш ќе влезе во претсобјето. Ќе го остави бастунот во еден ќош до вратата, па ќе влезе во собата.

Собата во која живее е прилично пространа и светла, со мебел што одговара на неговата положба. Подот е послан со шарани волнени дипли а до ѕидот кој е наспроти вратата стојат два железни кревети, покриени со зелени покривки и исти такви перници; до прозорецот поголема дрвена маса, покриена исто така со зелен чаршаф, врз кој е распослан весник, а на еден крај стојат неколку убаво наместени книги, како „Граѓански закон“, „Кривичен закон“, „Устав“, „Вечен календар со роденик и соновник“, и уште некои, а на другиот крај неколку листа чиста хартија, во средината прибор за пишување, кутија со ситен песок наместо попивка, кутија со кибрит и уште некои ситни работи; покрај масата два плетени стола; на ѕидот две-три прилично избледени слики и гусла, а во самиот ќош скапоцена икона, пред која виси сребрено кандило, додека крај печката, во еден ќош, стои долг чибук.

Откако ќе влезе во собата, ја симнува капата, минува низ неа два-три пати натаму-наваму, потоа, што многу често му се случува, но не секогаш, ќе седне на масата, ќе земе еден лист чиста хартија, преку неа ќе повлече два-три пати со раката, ќе измери три прста од едниот крај и ќе го превитка, ќе го земе перото, ќе го загледа, ќе скине едно парче од весникот што е на масата, ќе го избрише перото, ќе го макне во мастилото и ќе стави одозгора наслов. Да речеме: „До Касациониот суд“, или „До Окружниот суд…“ и кога тоа ќе го сврши, ќе го остави перото преку приборот за пишување и ќе излезе во кујната, ќе застане крај шпоретот, ќе го дигне капакот од тенџерето и ќе ѕирне што се вари за ручек. „Охо, Лено, ти баш сакаш да ме нагостиш!“ ќе рече обично, па било што и да се готви за ручек, а Лена — тоа е неговата жена — обично на тоа ќе му одговори или со мавнување на главата, или со зборовите: „Јас, богами, се трудам, а ти слабо нешто гледаш“. — „Е, па, ова, јас сум, како да ти речам, позаслужен, маж сум“ — или нешто така ќе додаде Симо, и на тоа сè завршува.

Така ќе му мине претпладнето, а попладнето, речиси исто така, само што попладне може малку да дремне, а потоа ќе го доврши пишувањето, ако го започнал претпладае, малку ќе погуди со гуслето и ќе пее, ќе проговори некој збор со својата „баба“, како што тој на шега сака да ѝ каже, иако ретко кога се сложуваат, па потоа ќе си го земе бастунот, ќе си ја стави капата на глава, и ќе се пипне два-три пати по џебовите од палтото и по неколку пати ќе се заврти, загледувајќи по собата, како нешто да бара, ќе се накашла и ќе се упати во „Марковата кафеана“.

Тој, навистина, долго седи ово кафеаната, но, да не добиеме погрешно мислење за него, морам да речам дека не е некој голем трошач, зашто човекот, како што си вели самиот, „е зрел и прецеден“, па знае да чува „бели пари за црни дни“. Целото претпладне ќе испие едно кафе, а попладне најпрвин чаша вода, па откако малку ќе се одмори, пак ќе си нарача кафе. Толку испива за свои пари, а ако добие на домино, или ако некој му порача уште некое кафе, се разбира дека го прима честењето окако секој човек, зашто „две кафиња нема да се скараат“, како што самиот вели во таков случај.

Се случува понекогаш да се поремети неговиот тивок и мирен живот, со таквата бура бргу поминува, и во неговиот живот пак се враќа мирот и задоволството.

Дојде така еден ден од град; до ручекот си помина како и обично, а кога го повикаа за ручек, го слече палтото и, останувајќи само по елекот, влезе во кујната, каде што ручаше.

— Гладен сум како волк, а ти Перо? — го прашува Пера седејќи на масата.

Перо е ученик кој е кај него на стан, а тука и се храни; младич од околу седумнаесет години, висок, слаб, со бледо лице, црни очи и долга коса; добар и мирен, само прилично своеглав, но сепак убаво се слага со својот „чичко“ Симо, зашто овој секогаш попушта ако дојде до препирка.

— Јас не сум толку многу гладен — му одговори Перо, собирајќи си ги рамениците.

— Ајде, седи, Перо, ајде ти, Лено, дај да се прокасне — рече откако седна, наместувајќи се на столицата.

Откако убаво се намести, ја зеде салфетата, ја распосла, и искривувајќи ги вратот и главата настрана, и замижувајќи малку на едното око, го завлече едниот крај околу вратот, а двата за елекот, потоа малку ги засука ракавите на кошулата и, погледнувајќи важно насекаде низ кујната, свечено и мирно проговори:

— Ќе има крвава војна, каква што историјата уште не забележала! — Ова го изговори преку својот обичај не одморувајќи се, и уште позначајно погледна насекаде, а погледот му се задржа на Перо.

Перо, кој тогаш сиот се зацрвени, воздржувајќи се да не брбне да се смее, стана и влезе во својата соба, промрморувајќи нејасно: „Кај ми е шамијата?“ — и таму прилично се задржа.

Ристо, момокот, кој дотогаш, по обичај, се кривеше и се смешкаше, стана сериозен, и со отворена уста, исплашено се загледа во својот господар.

Само на Лена воопшто не повлијае оваа висока фраза на Симо, — туку мошне рамнодушно го пресече со зборовите:

— Турај, турај од ова, те молам, ама и ти си ми некоја историја!

— Јас кога велам, да те почекаме додека говедското не го исечеш, а ти, ту, ама не знаеш ред — ѝ одговори Симо и почна да си тура од супата.

— Турај, те молам, и молчи!

— Убаво, значи, ајде да турам.

Потоа настана молк, само што се слуша неговото сркање на супата. Перо, кој седи до него, одвај си ја воздржува смеата; Лена седи на другиот крај од масата, и молчејќи тура супа. Ристо стон малку подалеку од масата: ја накривил главата, на која има измрсен фес со пискул, подзинал малку, се чеша по тилот, гледајќи непрестајно — будалесто со своите подуени очи, до кои допира нечистата, сета залепена, коса, и гледа во господин Симо; сигурно очекува пак да се зборува за војната, но напразно.

Молчењето го прекина Лена, заповедајќи му на Ристо да донесе вино од „малото бурилце“.

— Ајде, донеси го виното, па потоа нешто ќе ти заповедам, ајде брзо! — додаде Сима.

— Ама, Сима, ти уште не купи вино, зар везден да ти зборувам! — почна пак Лена.

— Јас, ова, што да правам, заборавам некако.

— Ама мсмој ти, знаеш да забораваш.

— Готово, туку, — пак ќе почне Симо — ајде ти дај го говедското, јас, знаеш… што велиш, баш мораме да купиме вино… но како да ти кажам… а еве го Ристо. Ајде дојди ваму, ама извади го фесот; како така стоиш со капа кога господарот ти руча. Тоа не сакам веќе да го видам. — Тука господин Симо го заостри малку гласот и се потруди да изгледа што поважен.

Ристо, клештејќи се и клатејќи ја главата, го извади фесот и промрморе:

— Сèедно, господине!

— Не е тоа сеедно, тоа е сè два! Ти не знаеш за ред, ти си, овај… ајде ти, Перо, вади го месото, јас баш, ова, не можам да го научам на ред! Јас… но ова, оди кај Марко в кафеана, си ја заборавив таму шамијата. Речи: шамијата на господин Симо, тој знае — разбираш? Ај брзо!

— Разбрав, господине — пак рече Ристо клештејќи се, па отиде каде што му беше заповедано.

— А, така, — пак продолжи Симо, потоа прекина, лапнувајќи едно парче од говедското, па џвакајќи почна понатаму испрекинато — што велиш, мора да се купи… Јас и Перо… ова баш… и не пиеме, а ти богами, стрпи се малку! Не мораш да пиеш секој ден!… Што велиш ти, Перо?

— Што, секој ден, — го пресече Лена остро — а што правиш ти во Марковата кафеана?

— Ти баш, Лено, мајката… ова… Охо, баш ти се убави компириве, — рече, вадејќи компири — токму се такви, како, како, токму како некој…

— Токму ти се овие компири, како, како, овај, како — почна да му се подбива Лена, замижувајќи со едното око — како компири. Молчи и јади! — додаде потоа налутено.

— А, хо, хо, токму овој… што беше тоа, ти си лута поради виното, па… — Сима не ја доврши реченицата. Настана молк.

Перо го прекина разговорот, го сврти сега на друга страна со зборовите:

— Денеска еден наредник даде банка за постраданите приштинци.

— Е, па, ова, — почна Симо, ги истри рацете, ја зеде чашата со вино, и проголтувајќи една голтка, си ги избриша мустаќите, па продолжи:

— Ова… ја… човекот уште… да речам, нема други давачки… може тој тоа…

— Многумина можат, но не даваат — додаде Пера. — Зарем Стево генералот не може, но даде два динари, срам да му е! Тоа е под човечкото чувство!

— Е, па човекот, можеби… Охо, како зборуваш ти, тоа да, ова, треба на сто страни; парата оди како ѓавол.

— Та гладен човекот да трпи, — продолжи Перо — па да им… — но тука Сима го прекина со зборовите:

— Ќе дадеш ти каде што треба, уште од туѓи заби леб јадеш — па потоа стана, шмркна вино, откако малку го проклацка во устата, го голтна, па отиде во својата соба, земајќи ја столицата.

Лена веднаш по него, исто така, отиде, земајќи ги со себе чашата и бокалот со вино.

(Нареден дел)

Ознаке:, , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришет користећи свој WordPress.com налог. Одјавите се /  Промени )

Слика на Твитеру

Коментаришет користећи свој Twitter налог. Одјавите се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришет користећи свој Facebook налог. Одјавите се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: