Ајдутинот Станко според критичарскиот рецепт на г. Момчило Иваниќ (5/5)
V
ВОСТАНИЕТО ЈА СПРЕЧИ СТАНКОВАТА КОРИСНА РАБОТА
Штотуку закрепна нашиот благороден витез и продолжи и понатаму да ја врши својата возвишена работа, за среќа и спас на татковината, ненадејните настани го попречија во таа мирна, кротка, но успешна работа. За голема штета на целата земја.
Избувна востанието. Се огласија лути џевердари и замириса на барут, Србија ја покри мрак од прашина и олово; во таа темница заѕвечкаа мечеви — се затресе целата земја.
Настана клање и се изли река од турска и српска крв, за да се исперат со неа и гревовите и да се купи слободата. Настана стравотија.
Станко и Хомер се вознемирија, па вознемирени и преплашени гледаа каде да тргнат, на која страна.
— Ох, боже!… Ах, мајн гот!… Та овдека убиваат… Ах колку грозно мириса барутот!… Уф, Убиваат… Тоа не може да се издржи! — шепоти Станко во својот благороден гнев, и се штрекнува од најмал шум, заедно со својот верен и тивок Хомер.
—
Наскоро нашиот талентиран ајдутин ги заборави и куферите и креозотот, па без душа превесла со кајчето од другата страна на брегот. Се пазари за кола, па право во Ириг.
Но неговата ајдутска крв не го остави тука долго да се задржи.
Спречен од тие срамни и нечовекољубиви настани да си ја реализира својата голема замисла, и со тоа да го спаси грешниот српски народ, сепак, како човек со широко срце и со благородни чувства, чувствуваше дека е повикан пак да укаже помош и да поднесе нови жртви на олтарот на големите народни мисли. Не можеше да седи со скрстени раце, мораше да им помогне значи на своите браќа, па така, не би час, тој веќе отиде во манастирот Гргетег, па се закалуѓери, и сесрдно се молеше на бога да им прости на Србите за оние варварски и нечовечки постапки спрема Турците.
Само еднаш, сè на сè, му падна на ум грешна мисла, па посака да загине оној гад турски што го скина листот од третата деклинација та со него да го чисти чибукот.
По неколку дена во тишината манастирска ја испушти својата благородна и намачена ајдутска душа. Жителите манастирски раскажуваа дека сета шума болснала и замирисала на темјан и на босилек… Ајдутинот Станко се посветил.
Тој је оној св. Станко кој, како свој патрон, го празнуваат некои наши храбри филозофи.
Слава му!
Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)