Страдија (12/12)

(Претходен дел)

Кутрата нова влада, веднаш мораше да мисли, а во тој занает ме се вешти министрите во Страдија. Искрено да зборуваме, неколку дена се држеа јуначки, гордо; додека го имаше и последниот динар во државната каса, тие преку ден со ведри и весели лица ги примаа силните депутации од народот и држеа возбудливи говори за среќната иднина на нивната мила и напатена Страдија; а кога ќе паднеше ноќта, тогаш се приредуваа сјајни и скапоцени гозби, каде што се пиеше, пееше и се држеа родољубиви здравици. Но кога државната каса наполно се испразни, господата министри почнуваа сериозно да мислат и да се договараат што да се преземе во таа очајна положба. За чиновниците е лесно, тие и без тоа се навикнати да не примаат плати по неколку месеци; пензионерите се стари луѓе, доволно се наживеале; а војниците, се разбира само по себе, и треба да се навикнат на маки и неволји, па не е лошо и гладта јуначки да ја трпат; на лиферантите, на претприемачите и на секој друг добар граѓанин на среќната Страдија, лесно е да им се рече дека исплатата на нивните сметки не влегла во годинашниот државен буџет. Но, не е лесно за министрите; зашто тие, се разбира, треба да платат за да се зборува и да се пишува добро за нив. Не е лесно уште и за некои други поважни работи, зашто има многу работи кои се поважни од Страдија.

Се загрижија и дојдоа на мисла дека треба да се зајакне стопанството, та поради тоа решија земјата да ја задолжат со поголем долг; но бидејќи околу склучувањето на тој заем мора да се потрошат многу пари за собраниски седници, за патувања на министрите во странство, министрите решија за таа цел да ги соберат сите депозити од државната каса, каде што беа депонирани пари од приватните лица, и на тој начин да ѝ помогнат на татковината која јачеше во неволја.

Во целата земја настана збрка: во некои весници се зборуваше за криза на министрите, во некои како владата веќе поволно ги завршила преговорите за заемот, во некои и едното и другото, а владините весници пишуваа дека земјата никоогаш не била во подобра благосостојба.

Сè повеќе и повеќе почна да се зборува за тој спасоносен заем, сè повеќе и повеќе весниците ги полнеа своите страници со расправи за тоа прашање. На сите страни се појави такво интересирање, што за малку не запреа речиси сите работи. И трговците, и лиферантите, и чиновниците, и пензионерите и свештениците, сите беа во некакво трескавично, напрегнато исчекување. На сите страни, на секое место се зборуваше само за тоа, се потпрашуваа, напаѓаа.

Министрите трчаа час на оваа, час на онаа страна на земјата; час еден, час друг, по два-тројца заедно. Собранието беше свикано и таму се дебатираше, се решаваше, и најпосле беше одобрено заемот да се склучи по секоја цена и си отидоа сите по своите домови, а очајното љубопитство беше сè поголемо во јавното мислење.

Ќе се сретнат двајца на улица, па наместо поздрав веднаш:

— Што е со заемот?

— Не знам!

— Преговараат?

— Сигурно!

Министрите сè почесто ги посетуваа странските земји и се враќаа назад.

— Дојде министерот? — прашува еден.

— И јас чув.

— Што направил?

— Веројатно поволно!

Одвај најпосле, владините весници објавија (владата секогаш има по неколку весници, всушност, секој министер има свој весник — по еден или по два) дека владата ги привела кон крајот преговорите со една странска група, и дека резултатите се мошне поволни.

„Со сигурност можеме да потврдиме дека за некој ден заемот ќе биде потпишан и парите ќе бидат внесени во земјава“.

Народот малку се смири, но владините весници јавија дека за два-три дена во Страдија ќе дојде полномошникот на таа банкарска група г. Хорие, за да се потпише тука договорот.

Дури тогаш дојде до усни и писмени препирки; запрашувањата, очекувањата, преголемата, нервозна љубопитност и огромна надеж во тој единствен странец, за кој се очекуваше да ја спаси земјата, ја беа достигнале кулминација.

За ништо друго и не се зборуваше и не се мислеше освен за тој Хорие. Се расчу глас дека пристигнал и се сместил во тој и тој хотел, и маса од љубопитен свет, и машки и женски, и стар и млад јурна толку бргу и дивјачки што старите и слабите беа изгазени и истуркани.

На улица се појави некој странец, патник, и туку некој ќе му рече на другиот:

— Види, странец! — и ќе го погледа својот другар значајно, небаре го прашува со лицето и со погледот: „Овој да не е Хорие?“

— Да не е тој? — вели другиот.

— И јас така мислам.

Од сите страни го набљудуваат странецот и заклучуваат дека е токму тој. Потоа таа вест ја разнесуваат низ градот дека го виделе Хорие, и таа вест толку бргу се пренесува и струува низ сите слоеви на општесвото што по еден-два часа сиот град со увереност тврди дека тој е тука, зашто луѓето лично го виделе, разговарале со него. Се растрчува полицијата, се вознемируваат министрите, па трчаат на сите страни да се сретнат со него и да му укажат почит.

А него го немаше…

Утредента весниците објавуваат дека вчерашната вест за Хориевото доаѓање не е точна.

До каде се дојде со тоа се гледа од оваа случка.

Еден ден одев на станицата каде што застануваше една странска лаѓа.

Лаѓата застана и почнаа да излегуваат патниците. Јас нешто се расприкажав со еден познајник, додека веднаш маса свет се собра кај лаѓата, и тоа толку силно и ненадејно, што за малку не ме турна еден од тие што беше затрчан.

— Што е тоа?

— Кој е? — почнаа да се прашуваат еден со друг.

Тој! — одговараа.

— Хорие?

— Да, дошол!

— Каде е, каде е! — џагори мноштовото народ, и настанува туркање, гмечење, ѕверење, карање; секој сака да биде што поблиску.

Навистина, забележав еден странец кој молеше и викаше за помош, молеше да го пуштат, зашто има итна работа. Одвај зборуваше човекот, стенкаше, потиснат и згмечен од љубопитниот народ.

Полицајците веднаш ја разбраа својата вистинска должност и отрчаа за неговото доаѓање да ги известат: министерот претседател, другите членови на владата, претседателот на општината, поглаварите на црквата и другите великодостојници на земјата.

И, по малку, од народот се зачуја гласовите:

— Министрите, министрите!

И министрите навистина се појавија со сите великодостојници на земјата Страдија. Сите во свечени облеки, со сите ленти и многуте ордени, а инаку не ги носат сите во нормални услови, туку само по неколку. Мноштвото од народот се раздели на две страни, и така странецот остана сам во средината, а од другата страна се појавија министрите, доаѓајќи му во пресрет.

Министрите застанаа на пристојна оддалеченост, ги извадија капите и се поклонија доземи. Истото тоа го направи и народот. Тој изгледаше малку збунет, исплашен, а во исто време многу зачуден, но од местото не се помрднуваше, стоеше неподвижен, како статуа. Министерот претседател направи уште еден чекор напред и започна:

— Доблесен странче, твоето доаѓање во нашава земја историјата ќе го забележи со златни букви, зашто тоа знаменито доаѓање претставува епоха во нашиот државен живот; твоего доаѓање ја носи среќната иднина на нашава мила Страдија. Од името на целата влада, од името на сиот народ, јас те поздравувам како наш спасител, и извикувам: да живееш!

„Да живее! Да живее!“ одекна во воздухот од илјадници грла.

Потоа поглаварот на црквата почна да пее побожни песни, и заѕвонија камбаните на храмовите на главниот град на Страдија.

Кога заврши и тој дел од официјалниот пречек, тогаш министрите, со љубезна насмевка на лицата, со покороност му пристапија на странецот, се поздравија сите редум, па другите се оддалечија и застанаа гологлави со наведнати глави, а министер-претседателот го зеде неговиот куфер в раце, со некакво стравопочитување, министерот на финансиите, пак, бастунот на знаменитиот човек. Ги носеа тие работи како нешто свето. Куферот, се разбира, и беше нешто свето, зашто сигурно во него беше судбоносниот договор; всушност, во тој куфер, ни помалку ни повеќе, беше иднината, среќната иднина на една цела земја. Затоа, значи, министер-претседателот, знаејќи што носи во своите раце, изгледаше свечен, преобразен, горд, зашто во своите раце ја носеше иднината на земјата Страдија. Поглаварот на црквата, како човек од бога надарен со голем дух и ум, веднаш и самиот ја увиде важноста на тој куфер, та со другите првосвештеници го опкружи министер-претседателот, и запеаја побожни песни.

Придружбата тргна. Тој и министерот на финансиите напред, а куферот во рацете на претседателот, опкружен од првосвештениците и од гологлавиот народ, зад нив. Се оди полека, свечено, нога пред нога, се пеат побожни песни, а камбаните бијат и пукаат топови. И тажа полека по главната улица тргнаа кон домот на министер-претседателот. И куќите и кафеаните и храмовите и канцелариите сè беше се испразнило, сè живо излегло да учествува во тој епохален пречек на големиот странец. Дури ни болните не изостанаа; и тие беа изнесени од становите да ја видат оваа ретка свеченост; дури и од болницата сите болни ги изнесоа на носила; па и ним како да им престануваше болката: полесно им е кога помислуваат на среќата на својата мила татковина, и децата-цицалчиња се изнесени, и тие не плачат, туку ги впиле своите очиња во големиот странец како да чувствуваат дека таа среќа се приготвува за нив.

Додека стигнаа до куќата на министер-претседателот, веќе се стемни. Странецот повеќе го втурнаа отколку што го воведоа во куќата; влегоа сите министри и великодостојници, а мноштвото народ остана љупобитно да гледа во прозорците, или просто да гледа вџашено во куќата.

Утредента почнаа да стигнуваат депутации од народот за да го поздрават големиот странец, а веќе уште од зори пред куќата на министер-претседателот полека докрцка тешко натоварена кола со разни одликувања за доблесниот странец.

Странецот, се разбира, веднаш беше избран за почесен претседател на министерството, за почесен претседател на општината, на Академијата на науките и на сите можни хумани друштва и здруженија во Страдија, а нив ги имаше премногу, па дури и на друштвото за основање на друштва. Сите градови го избраа за свој почесен член, сите еснафи го признаа за добротвор, а еден полк војска во негова чест се нарече „Силниот Хориев полк“.

Сите весници го поздравија со долги статии, многу од нив ја објавија и неговата слика. Многумина чиновници во чест на тој ден беа унапредени, многумина полицајци и одликувани и унапредени, беа отворени многу нови надлештва и беа поставени нови чиновници.

Веќе два дена трае бурната веселба низ целиот град. Свири музика, камбаните бијат, пукаат топови, ечат песни, се точат пијалаци.

На третиот ден, министрите, иако мамурни од веселбите, мораа да го жртвуваат одморот на своето тело за среќата на земјата и на народот, та се собраа сите на седница за да ги завршат со Хорие преговорите за заемот и да го потпишат тој епохален договор.

Најпрвин, како вовед, почнаа приватен разговор (во веселбата заборавив да речам дека куферот се чува под силна стража).

— Сакате ли подолго да останете овде? — го праша министер-претседателот.

— Додека не ја завршам работата, а тоа подолго ќе трае!

Министрите ги збуни тој збор подолго.

— Мислите, подолго ќе трае?

— Секако. Таква е работата.

— Нам ни се познати вашите услови, а и вам нашите, та сметам дека нема да има никакви пречки! — рече министерот на финасиите.

— Пречки? — рече странецот исплашено.

— Да, тврдам дека ќе ги нема!

— И јас се надевам!

— Тогаш можеме веднаш да го потпишеме договорот! — рече министер-претседателот.

— Договор!

— Да!

— Договорот е потпишан; и јас уште утре ќе тргнам на пат; а пред сè, јас и сега и цел живот ќе ви бидам благодарен на ваквиот пречек. Искрено да ви кажам, јас сум збунет, уште не сум доволно свесен што е сето ова со мене. Навистина во оваа земја сум сега првпат, но не можев ниту да сонувам дека, како непознат, каде било, ќе бидам вака пречекам. Јас сè уште мислам дека сонувам.

— Значи, го потпишавте договорот? — викнаа сите во еден глас, воодушевено.

— Еве го! — рече странецот и извади од џебот лист хартија на кој беше договорот, и почна да го чита на својот јазик. Договорот беше меѓу него и еден трговец на сливи од внатрешноста на Страдија, во кој оној се обврзува да му лиферува толкаво и толкаво количество сливи за варење на мармалад, до тој и тој ден…

Што можеше друго да се направи во една цивилизирана и паметна земја, освен странецот тајно да се протера од Страдија по таквиот глупав договор, а по три дни владините весници ја донесоа белешкава:

„Владата енершчно работи врз реализирањето на новиот заем и сите изгледи се дека уште до крајот на месецов ќе примиме еден дел од парите.“

Народот малку се распрашуваше за Хорие, па престана, а потоа сè продолжи по старо.

Кога почнав да размислувам за последниов настан необично ми се допаѓаше општата хармонија во Страдија. Не само што министрите се симпатини и способни, туку забележав дека и поглаварот на Црквата е умен и духовит човек. Кој би можел да се сети во погодниот миг, всушност во најсудбоносниот миг, кога се решава судбината на земјата, да запее побожни песни над куферот на оној мармаладџија и со тоа многу да ѝ помогне на трудољубивата влада во големите потфати. Во толку сложената работа мора да се има среќа.

Веднаш се решив, во првата можност, да појдам кај мудриот отец, поглаварот на црквата, та одблизу да то запознаам тој голем Страдијанец.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

Ознаке:, , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришет користећи свој WordPress.com налог. Одјавите се /  Промени )

Google photo

Коментаришет користећи свој Google налог. Одјавите се /  Промени )

Слика на Твитеру

Коментаришет користећи свој Twitter налог. Одјавите се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришет користећи свој Facebook налог. Одјавите се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: