Страдија (11/12)

(Претходен дел)

Утредента чув дека кабинетот паднал. На сите страни, по улиците и меаните и приватните станови, ечеше весела песна. Веќе од сите страни на Страдија почнаа да доаѓаат депутации од името на народот за да ја поздраваат новата влада. Многу весници беа преполни со депеши и изјави од верните граѓани. Сите тие изјави и честитки беа слични една со друга, како јајце на јајце, се разликуваа само имињата и потписите. Еве една:

„До претседателот на министерскиот совет, Господинот…

Господине претседателе,

Вашето родољубие и големите дела во корист на нашата драга татковина, познати се ширум целата Страдија. Народот од овој крај плива во веселба и радост поради Вашето доаѓање во управата на земјава, за што секој е цврсто убеден дека Вие со вашите другари сте единствениот кој е во состојба да ја изведе нашава земја од оваа мачна и тешка ситуација, од оваа беда во која ја фрлија Вашите претходници со лошата и непатриотска работа.

Низ солзи радосници извикуваме: Да живеете!

Од името на петстотини потписници.

(потпис на еден трговец)“

Или изјави, обично вакви:

„До денес бев приврзеник на минатиот режим, но денес, со доаѓањето на новиот кабинет, целосно се уверив дека минатата влада работела на штета на земјава, и дека единствено сегашниов кабинет е во состојба да ја поведе земјава по подобар пат и да ги оствари големите народни идеали, па изјавувам дека од денес со сите сили ќе ја потпомагам денешнава влада и дека насекаде и на секое место ќе го осудувам миниатиот злогласен режим, од кого се гнасат сите чесни луѓе во земјава.

(Потпис).“

Во многу весници, во кои до тој дан читав написи во кои се фалеше секоја постапка на минатата влада, сега видов статии во кои најостро се осудува минатата влада, а се издига до ѕвездите новата.

Кога ги зедов тие весници и ги прегледав од почетокот на годината, видов дека со доаѓањето на секоја влада се повторува едно исто. Секоја нова влада на ист начин беше поздравувана како единствена исправна, а секоја мината беше осудувана и нарекувана предавничка, гадна, штетна, гнасна.

Па и изјавите и честитките исти, од истите луѓе, до секој нов кабинет, а и во депутациите постојано беа исти луѓе.

Особено чиновниците брзаа со изјавите за верност кон секоја нова влада, освен ако некој беше со спротивна постапка да си ја доведе во опасност својата положба и да ја рескира службата. Таквите беа малку, и за нив јавното мислење беше лошо, зашто го расипуваа толку убавиот обичај кој постоел во Страдија веќе подолго време.

Разговарав со еден добар чиновник за еден негов другар кој не сакал да ѝ го честита доаѓањето на власт на новата влада, та поради тоа бил отпуштен од државна служба.

— Изгледа бил умен човек — реков.

— Будала! — одговори тој ладно.

— Не би рекол!

— Оставете го, ве молам, занесеник. Сака да гладува со семејството, намвето како сите други умни, да си ја гледа работата.

Кого ѝ да го прашав, добивав исто мислење за таквите луѓе, па дури светот ги гледаше со сожалување, но и со презир.

Со оглед на тоа што новата влада имала некои свои итни работи, ѝ било потребно народот преку пратениците да ѝ изјави полна доверба и истовремено да ја осуди работата на минатата влада и Собранието, таа ги задржа истите пратеници.

Ова многу ме изненади, и намерно најдов еден од пратениците и со него поведов разговор:

— Без сомнение кабинетот ќе падне, бидејќи останува истото собрание? — го прашав.

— Не.

— Знам, но како владата ќе има полна доверба од оваа Собрание?

— Ќе ја изгласаме!

— Тогаш ќе морате да ја осудите работата на минатата влада, па и вашата. Тоа значи да ја осудите својата работа?

— Која наша работа?

— Вашата работа со минатата влада!

— Ќе ја осудиме минатата влада!

— Знам, но како ќе го направите тоа вие, истите пратеници, кога вчера ја помагавте минатата влада?

— Тоа не ја менува работата.

— Не разбирам!

— Многу е просто и јасно! — рече рамнодушно.

— Чудно!

— Ништо не е чудно. Некој тоа мора да го направи, ние или некои други пратеници. На владата ѝ треба само таа формалносг. Тоа е така установено, веројатно по примерот на другите странски земји, но, всушност, Собранието и пратениците кај нас работат само она што го сака владата.

— Па зошто е тогаш Собранието?

— Па, нели ви реков, само формално, колку да се каже дека во нашава земја го има и тоа, и дека владата изгледа парламентарна.

— Е, дури сега разбрав! — реков уште повеќе изненаден и збунет со одговорот.

И, навистина, пратениците покажаа дека знаат да ја ценат својата татковина, зашто за неа ги жртвуваа и своего лично достоинство и образот.

— Нашите стари го жртвуваа животот за оваа земја, а ние уште размислуваме дали за неа да ја жртвуваме само својата чест! — извика еден пратеник.

— Така е! — одекна од сите страни.

Работите во собранието брзо течеа.

Прво, на новата влада ѝ изгласаа целосна доверба и ја осудија работата на минатата, а потоа владата го изнесе предлогот пред Народното претставништво во неколку закони да се направат измени.

Предлогот едногласно беше прифатен и беа усвоени предложените измени во законите, зашто законите без тие измени и дополнувања им пречеа на неколкумина роднини и пријатели на министрите, да заземаат некои повисоки функции во државната служба.

Најпосле однапред беа одобрени сите издатоци што ќе га направи владата преку буџетот, и тогаш Собранието се растури и сите пратеници, заморени од државната работа, отидоа по своите домови да се одморат, а членовите на кабинетот, бидејќи среќно ги пребродија сите препреки, и задоволни од целосната народна доверба, приредија свечена другарска вечера, со чаша вино и веселба, и самите да се одморат од тешките грижи околу уредувањето на земјата.

(Нареден дел)

Ознаке:, , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришет користећи свој WordPress.com налог. Одјавите се /  Промени )

Google photo

Коментаришет користећи свој Google налог. Одјавите се /  Промени )

Слика на Твитеру

Коментаришет користећи свој Twitter налог. Одјавите се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришет користећи свој Facebook налог. Одјавите се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: