Tag Archive | војска

Страдија (8/12)

(Претходен дел)

Иако мислев првин да појдам кај министерот на просветата, сепак, поради овие немили настани, посакав да слушнам што мисли за ова воениот министер, та уште истиот ден се упатив кај него.

Воениот министер, мало спечено човече, со вовлечени гради и тенки рачиња, само што беше завршил со молитвата пред да ме прими.

Во неговата канцеларија се чувствуваше мирис на миро и на темјан, како во некој храм, а на неговата маса постојано побожни, стари, веќе пожолтени книги.

Првин помислив дека сум згрешил и дека сум дошол кај некој друг, но униформата на виш офицер, што господинот министер ја имаше на себе, сепак, ме уверуваше во спротивното.

— Извинете, господине, — рече благо, со нежен, тенок глас, — токму сега завршив со својата редовна молитва. Тоа го правам секогаш пред да седнам да работам, а особено сега молитвата има најголема смисла поради последниве немили настани на југот на нашава земја.

— Ако тие продолжат со своите упаѓања, може да дојде и до војна? — го прашав.

— А, не, нема никаква опасност.

— Но, сметам, господине министре, дека тоа е опасност кога тие убиваат луѓе и секојдневно ограбуваат низ цел еден крај на вашава земја.

— Убиваат, точно, но ние не можеме да бидеме толку некултурни, толку дивјаци како… Овдека е студено како да има провев однекаде. Им велам на тие несреќни момоци, во мојата соба секогаш да биде шеснаесет и пол степени, па пак ништо… — го сврти господинот министер своето зборување и му заѕвони со ѕвончето на момокот.

Момокот влезе и се поклони, ѝ заѕвечија ордените на градите.

— Па нели ви реков, жити господ, дека во мојов кабинет сакам да има постојана температура од шеснаесет и пол степени, а ете, сега пак е студено; па уште и некаков провев; просто да смрзне човек!

— Еве, господине министре, направава за мерење на топлината покажува осумнаесет степени! — рече учтиво момокот и се поклони.

— Тогаш добро — рече министерот, задоволен од одговорот. — Сега можете да си одите.

Момокот пак се поклони длабоко и излезе.

— Токму таа проклета температура, верувајте, ми задава многу грижи; температурата е главна работа за војската. Ако температурата не е како што треба, војската нема да ни чини… Цело утро приготвував распис до сите команданти… Еве, токму сега ќе ви прочитам:

„Бидејќи во последно време зачестија упаѓањата на Анутите во јужните краишта на нашава земја, наредувам, војниците, под команда, секој ден да се молат на севишниот бог за спас на нашата мила татковина, натопена со крвта на нашите храбри предци. Молитвата за тоа ќе ја одреди воениот свештеник; но на крајот на молитвата да дојде и ова: „На добрите, мирни и праведни граѓани кои паднаа како жртви од ѕверското насилство на дивјачките Анути, милостивиот бог нека им даде рајска населба! Бог да им ја прости праведната родољубива душа; лесна да им е земјата Страдија, која искрено и жешко ја љубеа! Слава им!“ Ова треба да го изговорат сите војници и старешини наеднаш; но ќе се изговара со побожен и понизен глас. (Потоа сите ќе се исправат, ќе ги кренат гордо и достоинствено главите, како што им доликува на храбрите синови на нашава земја, и трипати громко ќе извикаат, придружени со звукот од трубите и со барабаните; „Да живее Страдија, долу Анутите!“ Треба да се внимава сето ова убаво и внимателно да се изведе, зашто од тоа зависи доброто на нашава татковина. Кога сето тоа ќе се изведе без опасност, тогаш неколку чети, со знамиња, ќе промаршираат победоносно низ улиците, со силни, борбени звуци од музика, а војниците мораат да чекорат остро, така што при секој чекор да ми се заниша мозокот во главата. Бидејќи работата е итна, сето ова веднаш и точно ќе то извршите и за тоа ќе поднесете исцрпен извештај… Истовремено, најстрого наредувам да обрнете особено внимание на температурата во касарните, за да биде задоволен тој најсуштествен услов за војската.“

— Тоа сигурно ќе има успех, ако наредбата втаса навреме? — реков.

— Морав да брзам, па, му благодарам на бога, па навреме преку телеграф е отчукан целиот распис цел час пред вашето доаѓање.

— Имате право! — реков колку да кажам нешто, иако не знаев што би можело да се случи.

— Да, господине мој, така е. Да не постапев така како министер на воените работи, можеби некој од командантите на југот на земјата ќе ја употребеше војската со оружје да им дојде на помош на нашите граѓани и да пролее анутска крв. Сите наши офицери мислат дека тоа е најдобриот начин, но тие не сакаат малку подлабоко и посестрано да размислат. Прво и прво, ние, денешната влада, сакаме мирољубива, побожна, надворешна политика, ние не сакаме кон непријателите да бидеме нелуѓе; а тоа што тие постапуваат толку ѕверски кон нас, за тоа господ ќе им плати со вечна мака и со чкртање на заби во огнениот пекол. Друга работа, господине мој драг, што е исто толку важна, тоа е што нашата денешна влада нема приврзаници во народот, та војската ни треба за нашите внатрешни политички работи. На пример, ако некоја општина е во рацете на опозиционерите, тогаш треба да се употреби вооружена војска таквите предавници на оваа напатена татковина да се казнат и власта да се предаде во рацете на некој наш човек…

Господинот министер се закашла, па јас го презедов зборот.

— Сето ова е точно, но ако упаѓањата на анутските чети земат поголеми размери?

— Е, тогаш и ние ќе преземеме поостри чекори.

— Што мислите да направите, во таков случај, ако смеам да не прашам, господине министре?

— Би се презеле поостри мерки, но пак тактично, мудро, смислено. Во прво време би наредиле низ целава земја пак да се донесат поостри резолуции, па, богами, и тоа ако не помогне тогаш, се разбира, не губејќи ниту час, би морале бргу да осниваме родољубив весник со исклучиво патриотска тенденција, и во него би ги осудиле со цела низа остри, па дури и зајадливи написи Анутите. Но, да не даде господ, да дојде и до тоа! — рече министерот, па ја наведна главата смирено и почна да се крсти, шепотејќи топли молитви со своите бледи и испиени усни.

Рака на срце, мене воопшто не ме обзеде тоа блажено, релилиозно чувство, но онака, за да сум солидарен со него, почнав да се крстам, а ме обзедоа некои чудни мисли:

„Чудна земја!“ — си мислев. — „Таму гинат луѓе, а воениот министер составува молитви и мисли на оснивање родољубив весник! Војската им е и послушна и храбра, тоа е докажано во толкуте војни; а зошто тогаш да не испрати едно одделение на границата и да се спречи опасноста од тие анутски чети?“

— Вас, можеби, ве чуди ваквиот мој план, господине? — ме прекина министерот во мислите.

— Па и ме чуди! — реков без размислување, иако веднаш се покајав поради таа непромисленост.

— Драги мој, не сте доволно упатен во работите. Овде не е основно да се задржи земјата, туку што подолго да се задржи кабинетот. Минатиот кабинет издржа само еден месец, а ние сме само две-три недели па зар така срамно да паднеме! Положбата ни е непрестајно разнишувана, и ние, се разбира, мораме да ги употребиме сите мерки за да се задржиме што повеќе.

— Што правите?

— Го правиме тоа што и другите го правеле досега! Правиме изненадување секој ден, правиме свечености; а сега, бидејќи работите ни стојат лошо, ќе мораме да измислиме некаков говор. А тоа барем е лесно во нашава земја. И, што е главно, народот на тоа толку се навикнал, што дури иако е ропски послушен, со чудење се распрашува: „Што? Зар уште нема никаков заговор?“ — само ако се задржи неколку дена повеќе со тие најсигурни средства за спречување на опозицијата. И така, значи, поради тие изненадувања, свечености и заговори, нам војската секогаш ни е потребна за нашите внатрешни работи. Тоа е споредна работа, мој господине, што таму гинат луѓе; но мене ми е главно да ги завршам поважните работи, покорисни за земјава отколку што е толку очигледната будалштина да се тепаш со Анутите. Вашето мислење, како што ми изгледа, судејќи по сè, не е оригинално; така, за жал, мислат и нашите офицери и нашата војска; но ние членовите на домашниов кабинет, на осваа работа гледаме многу подлабоко, потрезвено!

— Па зар војската е попотребна за нешто друго, отколку за одбрана на земјата, за одбрана на оние семејства кои таму на југот страдаат од туѓинскиот зулум? Зашто тој ист крај, господине министре, ги праќа во војска своите синови, ги испраќа на драго срце, бидејќи во нив, во војската гледа своја поткрепа — му реков на господинот министер прилично налутено, иако тоа не требаше да го речам; но ќе му дојде така на човека, та ќе рече и ќе направи нешто, небаре споулавел.

— Мислите дека војската нема поважни должности, господине? — ми рече господинот министер со тивок глас но полн со прекор, заканувајќи се со главата прекорно, тажно, и со малку преѕир; а притоа со омаловажување ме мереше од глава до петици.

— Мислите? — повтори тој со болезлива воздишка.

— Но, ве молам… — почнав нешто; а којзнае што сакав, зашто и самиот не знам; кога министерот ме прекина со посилен глас, изговарајќи го значајно своето важно и убедливо прашање.

— А парадите?

— Какви паради?

— Па зар уште и тоа може да се праша? Па бадем тоа е толку важна работа во земја! — се налути малку смирениот м побожен господин министер.

— Извинете, тоа не го знаев — реков.

— Не знаевте?!… Штогоде! А непрестајно ви зборувам, дека поради разни важни изненадувања во земјава, мора да има и свечености и паради; а како би можело да се направи сето тоа без војска? Барем за денес тоа е нејзината главна задача. Нека упаѓаат непријателските чети, тие не се толку важни работи; но, главно е ние да парадираме по улиците, со звукот на труби; а ако дојде до големи опасности за земјава однадвор, тогаш сетики и министерот за надворешни работи на земјава ќе почне малку да се грижи за тоа ако случајно не е зафатен со приватни работи. Тој, кутриот, има многу деца, но државата сепак се грижи за своите заслужни луѓе. На неговите синови, знаете, не им оди учењето, па што може друго да се направи, освен да се изберат за државни питомци? Така и треба; а за женските деца државата ќе се погрижи, зашто ќе им се стокми мираз на државен трошок, или пак ка младоженецот кој ќе ја земе ќерката на министерот ќе му се даде некое високо место, кое инаку, се разбира, никогаш не би го добил.

— Тоа е убаво кога се ценат заслугите! — реков.

— Кај нас тоа е на прво место! Во тоа ни нема рамни. Кој и да е министер, дури добар или лош, благодарната држава секогаш се грижи за неговото семејство. Јас немам деца, но затоа државата ќе ја прати свеска ми да учи сликарство.

— А госпоѓицата, вашата свеска, талентирана ли е?

— Таа до сега нема насликано ништо; но, кој знае, може да се очекува успех. Со неа ќе оди и мажот ѝ, баџанак ми; и тој е избран за државен питомец. Тој е многу сериозен и вреден човек; од него може многу да очекуваме.

— Тоа е млад брачен пар?

— Млади се уште, се држат, добро, баџанакот има шеесет, а свеска ми педесет и четири години.

— Вашиот господин баџанак сигурно се занимавал со наука?

— О, како да не! Тој инаку е зарзаватчија, но со задоволство чита романи, а весниците ги голта, што се вели. Ги чита сите наши весници, а разни подлисници и романи има прочитано над дваесет. Него го пративме да студира геологија.

Господинот министер молкна, нешто се замисли и почна да ги врти своите бројници, кои му висеа на мечот.

— Споменавте изненадувања, господине министре?

Го потсетив на започнатиот разговор, зашто многу не ме интересираше ниту неговиот баџанак, ниту свеска му.

— Да, да, имате право. Јас малку го свртив разговорот на споредни работи. Имате право. Приредивме големо изненадување, кое мора да има големо политичко значење.

— Тоа, навистина, ќе биде многу важна работа. А за тоа не смее да се знае ништо пред да се случи? — го прашав љубопитно.

— Зошто да не, ве молам? Тоа веќе му е обелоденето на народот и сиот народ подготвува веселби и секој час го очекува важниот настан.

— Тоа ќе биде некоја среќа за вашава земја?

— Ретка среќа. Целиот народ ое радува и со восхит ја поздравува владата за мудрото, родољубиво управување. Сега за ништо друго не се зборува и не се пишува во нашава земја, туку само за тој среќен случај што наскоро ќе се случи.

— А вие, секако, неизбежно имате подготвено сè што треба за да се случи тој среќен случај?

—  Ние за тоа сè уште не размислуваме ништо потемелно, но не е исклучена можноста да се случи некаков среќен случај. Вне можеби, ја знаете онаа стара, прастара приказна, како во една земја власта му јавила на незадоволниот народ дека во земјата ќе се појави голем Гениј, всушност Месија, кој ќе ја спаси татковината од долговите, од лошата управа и од секое зло и беда, па народот ќе го поведе на подобар пат, во посреќна иднина. И навистина, раздразнетиот и незадоволен народ од лошата власт во земјата и од управата се смирил и почнал да се весели низ целата земја… Зар никогаш не сте ја чуле оваа стара приказна?

— Не сум јас слушнал, но многу е интересна. Ве молам, што станало понатаму?

— Како што ви реков, настапила радост и веселба во целата земја. Народот, собран на големиот општонароден собир, дури решил со богати прилози да се купат големи имоти и да се изградат многу палати, на кои ќе биде запишано: „Народот, на својот голем Гениј и спасител“. За кусо време сето тоа било направено, сè било приготвено, само се очекувал Месија. Дури, народот со општо јавно гласање го избрал и името на својот спасител.

Господинот министер застана и пак ги зеде своите бројаници, на кои полека почна да ги одбројува зрната.

— И се појавил Месија? — прашав.

— Не.

— Воопшто не?

— Воопшто не! — рече министерот рамнодушно и изгледаше како без волја да ја раскажува приказната.

— Зошто?

— Којзнае!

— Па ништо важно не се случило?

— Ништо.

— Чудно! — реков.

— Наместо Месија, таа година паднал голем град и ги уништил сите посеви во земјата! — рече министерот гледајќи смирено во своите килибарски бројаници.

— А народот? — прашав.

— Кој?

— Па, народот во таа земја, за кој зборува таа интересна приказна?

— Ништо! — рече министерот.

— Баш ништо?

— А што ќе прави!… Народот, како народ…

— Тоа е прекрасно чудо! — реков.

— Тхе, ако сакате да знаете, народот сепак е во ќар!

— Во ќар?

— Се разбира!

— Не разбирам!

— Проста работа… Барем неколку месеци народот живеел во радост и среќа!

— Тоа е вистина! — реков засрамен, затоа што една толку проста работа не можев веднаш да ја протолкувам.

Потоа долго време зборувавме за разни работи, а меѓу другото господинот министер ми напомна дека по повод среќниот случај за кој разговаравме, истиот ден ќе прогласи уште осумдесет генерали.

— Колку имате сега? — го прашав.

— Имаме доволно, му благодарам на бога, но ова мора да се направи поради угледот на земјава. Замислете само како звучи тоа: осумдесет генерали за еден ден!

— Тоа импонира! — реков.

— Се разбира. Важно е да има што повеќе церемонии и врева.

(Нареден дел)

Марко Крале вторпат меѓу Србите (2/5)

(Претходен дел)

Јава Марко полека и се чуди човекот што бегаат Србите од него, кога толку многу го викаа и толку му пееја. Не може човекот да се начуда на чудото. Најпосле, си помисли дека уште не знаат кој е тој, па, кога ќе дознаат, си замисли задоволно, колку убаво ќе го пречекаат, и како ќе ги собере сите Срби, па дека ќе тргне против султанот. Одејќи така, догледа крај патот убава сенка под еден голем даб, па слезе од Шарко, го врза, ја зеде мешината и почна да пие вино. Пиеше така и размислуваше, па на јунакот малку му се придрема. И Марко ја навали главата, без да стави некакво зглавје, и легна да му се препушти на сонот. Само што почна да го совладува сонот, кога, Шарко наеднаш забележа некои луѓе кои го опколуваат Марко, па почна со ногата да удира во земјата. Тоа беше околискиот писар со десетмина жандарми. Скокна Марко како побеснет, го наметна ќуркот, превртувајќи го одопаку (беше го слекол поради горештината) го јавна Шарко, ја зеде во едната рака сабјата, во другата боздоганот, а дизгинот од Шарко го држи во забите, па направи јуриш меѓу жандармите. Овие се преплашија, а Марко, онака лут од сонот, зеде еден по еден да ги дарува: кого со сабјата, кого со боздоганот. Ни трипати не се заврти, а веќе сите десетмина ги раздели од душата. Писарот, кога виде што се случи, заборави на увидот и на параграфите, туку си го свитка грбот и почна да бега. Марко се спушти по него и подвикна:

„Чекај, курво, незнаен делијо,
Марко да те удри со боздоган!“

Тоа го рече, па го заниша боздоганот и го пушти по „незнајниот делија“. Малку го зафати, само со врвот од боздоганот, и тој падна како свеќа. Ѕвекнаа празните узенгии. Марко се доближи до него, но не сакаше да го убие, туку му ги врза рацете наопаку, потоа го обеси на својот Шарко на седлото и ѝ се врати на својата мешина, па кога почна да пие, му рече на бедникот:

„Дојди, курво, да пиеме внно!…“

Тој само стенка од болка, се превиткува и се траќа, онака обесен за седлото, а од тоа на Марко му стана смешно, па ночна да се смее на тоа ситно квичење од човекот. — „Како маче“ — си помисли Марко, па пак брбна да се смее; убаво човекот се фати за мевот од смеа, а од очите му течат солзи, јадри како ореви.

Оној, пак, плачејќи, почна да го моли Марко да го пушти, и да му ветува дека нема да прави кривичен увид.

Марко уште повеќе почна да се смее, па, човекот дури да пукне од смеа и од силното смеење немаше кога да зборува во десетерец, туку згреши, па рече во проза:

— Па, кој ѓавол, беднику, те дотера овдека?

Но, сепак, Марко е со жалосливо срце. Се разжалости човекот, па само што сакаше да го одврзе оној, кога погледна, а други десетмина, со единаесетти — поглавар, сите исто така облечени како и првите, пак го опколиле.

Марко срипа до Шарко, го фрли оној на тревата (па тој некако се истркала низ ридот во ендекот крај патот и заофка). А Марко го јавна Шарко, па исто онака, како пред малку, изврши јуриш. Пак, додека се заврти два-три пати, сите десетмина жандарми ги раздели со душата, а писарот пак почна да бега, па Марко и него го закачи со врвот од боздоганот. Го врза и го обеси на седлото, па потоа отиде да го извади оној првиот од ендекот. Тој, сиот во калови и жива-вода, па се цеди вода од него. Од силното смеење, Марко одвај го донесе до Шарко, па и него го обеси од другата страна на седлото. Двајцата се прпелкаат и стенкаат, квичат немоќно и се обидуваат да се спасат, а Марко сè повеќе го фаќа смеа, па дури еднаш и извика:

— Е, богами, поради вакво смеење не жалам што доаѓав од оној свет!

Но, каде што има среќа, таму секогаш доаѓа и несреќа. Така и сега. Задоволен Марко, тукушто сакаше да ѝ се доближи на мешината, па, како што се вели, да го докусури до капка и оној остаток од виното, кога, наеднаш, оддалеку се слушнаа труби и барабани. Сè поблиску и поблиску. Шарко вознемирено почна да фучи со носот и да стрела со ушите.

— „По-мооош!“ — заквичија тие двајцата.

Сè поблиску и поблиску, трубите и барабаните сè посилно се слушаат, татне земјата под тешките топови, грмнаа плотуни од пушки. Шарко ги ококори очите и почна да скока како бесен; заврескаа оние двајца и почнаа да се траќаат. Шарко сè повознемирен. Марко прилично се збуни од тоа чудо, но се прекрсти, го накрена леѓенот со виното, го допи до капка, па појде накај Шарко, зборувајќи:

„Леле, Шарко, добро мое,
еве има триста и шеесет лета[1]
откако со тебе се сретнав
ниеднаш ти не си се исплашил!
Бог ќе даде, та добро ќе биде.“

Грмнаа топовите, се стресе и самиот Марко, Шарко скокна како да збесна; излетаа оние двајцата од него и се истркалаа во ендекот со офкање. На сета мака Марко се насмеа и одвај успеа да го јавне Шарко.

Кога одблизу веќе се слушнаа пушките и топовите се спушти Шарко преку оној ендек како бесен па јурна преку нивје и посеви, преку трње и преку ендеци. Марко не може да го запре. Се наведна на коњот, го заштити со рацете лицето да не му се изгребе од трњето; му се спушти самур-капата, му отскокна сабјата од колкот, а Шарко гази сè пред себе и јури како збеснат. Само што излезе на чистинката, а кога таму, виде дека е опколен со војска. Јачат трубите, бијат барабаните, пукотат пушките, згрмуваат топовите по околните ридови. Пред него војска, лево, десно, насекаде. Шарко се исправи, па јурна право. Марко го дофати боздоганот и се фрли во масата луѓе, што стануваше сè погуста околу него. Така се фрлаше повеќе од два часа, долека на Шарко не почна да му излегува крвава пена, а и Марко веќе се измори удирајќи со тешкиот боздоган. Пушките не можеа лесно да му здодеат, зашто на него имаше оклоп од железо, а под него панцир-кошула, исплетена од челик, а над тоа три ката облека, па дури и ќурк од волк. Но, што од пушките, што од топовите, што од ударите, масата народ го совлада Марко. Му го зедоа коњот, му го зедоа оружјето, го врзаа и со стражари го одведоа во околијата на иследување.

Пред него, десетмина војници, зад него десетмнна, и исто толку и од обете страни, со полни пушки и со бајонети на нив. Му ги врзаа рацете наопаку, па му ставија лисици; на нозете му ставија тешки пранги од шест оки. Како главна стража — еден баталјон од војници напред, еден полк турка одназад, а зад полкот цела дивизија, која завршува со дивизијар, отжолен од генерал-штаб, а од едната и од другата страна татнат дивизионите на артилеријата по височините. Сето тоа е подготвено како во воено време. Шарко го водат дванаесет војници, по шест од секоја страна, а и нему му ставија јаки ќостеци и мрежа на устата, за да не касне некого. Марко се намуртил, во образите станал тажникав, невесел, мустаќите му провиснале надолу, му паднале по рамењата. Секој мустаќ му е колку едно полгодишно јагне, а брадата до појасот, колку јагне годиначе. По патот каде што го спроведуваат, се качува народот по оградите, по дрвјата, по плетовите, само за да го видат, а тој, и онака за една глава повисок, па и повеќе од сите околу него.

Го доведоа во околиската куќа. Во својата канцеларија седи околискиот началник, мал, дребен човечец, со клапнати гради, со тап поглед, поткашлува при зборувањето, а рацете му се како прачки. Од левата и од десната страна на масата, по шест пандури со запнати револвери.

Го изведоа окованиот Марко пред него.

Капетанот се исплаши од окованиот Марко, се тресе како од треска; ги ококорил очите, па не може да проговори. Одвај се прибра, и, поткашлувајќи, со засипнат глас почна да прашува:

— Како се викате?

— Марко Крале — екна гласиштето, а капетанот се стресе и го испушти перото; пандурите отстапија наназад, а насобраниот свет се заглави во вратата.

— Ве молам, зборувајте потивко, зашто стоите пред власта! Јас не сум глув. Кога сте роден?

— Во 1321 година.

— Од каде сте?

— Од Прилеп, белиот град.

— Со што се занимавате?

Марко остана вчудовиден кога го праша ова.

— Прашувам: дали сте чиновник, трговец, или обработувате земја?

— „Не ораше ни татко ми
а, гледаш, ме израни!“

— Тогаш по каква работа дојдовте?

— Како, по каква работа? Па вие ме викавте од ден на ден веќе петстотини години. Само ме воспевате во песните, и лелекате: „Каде си, Марко?“, „Дојди, Марко!“, „Леле Косово!“, па веќе и во гробот ми се здодеа, и го замолив Бога да ме пушти да дојдам овде.

— О, брате слатки, глупаво си направил! Штогоде. Па тоа само така се пее. Ако беше паметен, на песната да не ѝ обрнуваше внимание, и сега немаше да имаме толкава неволја, и ние со тебе, и ти со нас. Да си повикан официјално, со покана, е тоа е веќе друго. А вака, немаш олеснителни околности. А, каква работа ти можеш да имаш овде?… — заврши капетанот нервозно, а во себе си помисли: „Оди по ѓаволите и ти и песната! Луѓето се подбиваат, па пеат штогоде, а сега мене овдека да ме тресе треска!“

— „Ој леле, ти Косово рамно,
што ли си ми дочекало тажно,
после наша честитаго кнеза
царот турски сега да те суди!…“

— зборува Марко како за своја сметка, а потоа му се обраќа на околискиот началник:

— „Јас ќе појдам, ако никој нејќе,
Јас ќе појдам, макар да не дојдам,
Ќе отидам в града Цариграда
Ќе убијам цара од Стамбола…“

Капетанот скокна од местото.

— Доста, тоа е нова вина. Вие со тоа ни правите страшна несреќа, зашто сега нашава земја е во пријателски односи со турското царство.

Марко зина од зачуденост. Кога го чу тоа, за малку што не падна во несвест. „Во пријателство со Турците! … Па за кој ѓавол ме викаат!“ — си помисли во себе и не може да се прибере од чудо.

Туку, ве молам, вие сте направиле големи вини, за кои сте обвинет:

  1. — На 20 овој месец сте извршиле гнасно убиство над Петар Томиќ, трговец, кој се шетал на велосипед. Убиството сте го извршиле смислено, за што сведочат сведоците наведени во обвинението: Милан Костиќ, Сима Симиќ, Аврам Среќковиќ и други. Покојниот Петар, според точниот увид и лекарските прегледи, сте го убиле со тапо, тешко оружје, а потоа на умрениот сте му ја пресекле главата. Сакате ли да ви го прочитам обвинението?
  2. — Истиот ден сте го нападнале и Марко Ѓорѓевиќ, меанџија од В…, со намера по својата жестока природа, да го убиете; но тој среќно се извлекол. На тој уважен граѓанин, кој беше и народен пратеник, сте му истерале три здрави заби. Според лекарското уверение, тоа е тешка повреда. Тој поднесе пријава и бара да се казните според законот и да му платите отштета, денгуба и сите судски трошаци.
  3. — Сте извршиле убиство над дваесет жандарми и тешко сте раниле двајца околиаки писари.
  4. — Има преку педесет пријави за обид за убиство.

Марко не умее да проговори од чудење.

— Ние овде ќе го иследиме делото, а дотогаш вие ќе бидете в затвор овдека, па потоа делото ќе му го спроведеме на судот. Тогаш можете да земете некој адвокат за да ве брани.

Марко се сети на својот побратим Обилиќ, па си помисли колку убаво тој би го бранел сега! Му дојде нешто тешко, пролеа солзи од очите и си јачна:

— „О мој братко, Милоше Обилиќ,
зар не гледаш, зарем не ме жалиш,
во јадови всакви сум западнал,
ќе загубам своја руса глава,
на правдина пред господа златен!…“

— Водете го сега в затвор! — рече плашливо капетанот и зарипнато се закашла.

(Нареден дел)

 

[1] Тие на другиот свет не ги сметаше…