Страдија (9/12)
Во Министерството на просвета сè само изветреани научници. А тука дури се работи темелно и сериозно. По петнаесет па и дваесет дена се дотерува стилот и на најмал акт, па, веќе се разбира, тука се и јазичните ситници, падежите, со предлози и без предлози.
Ги разгледував актите.
Еден директор, на пример, пишува:
„Наставниците од оваа гимназија веќе шест месеци немаат примено плата, и се доведени во таква материјална невола што немаат ниту леб. Ова понатаму не може да се дозволи, зашто со тоа ќе се убие угледот на наставниците, па и на самата настава.
Учтиво го молам Господинот министер што поскоро да повели да се заложи кај Господинот министер за финансии за нужната наредба да ни се даде плата барем за три месеци“.
На другата страна од свитканиот акт стои:
„Министерството на просвета,
П. Н. 5860.
1. II 891.
Директорот на …ската гимназија моли на тамошната гимназија да ѝ се даде плата за три месеци“.
Под тоа, со друг ракопис, цел реферат:
„Стилот неправилен. Редот на зборовите не одговара на правилата на синтаксата. Употребени се странски зборови: да се дозволи и нужно.“ (Тие зборови во актот се подвлечени со црвен молив).
Под тоа со раката на министерот стои напишано (ракописот е лош, нечитлив, каков што обично веднаш во истиот момент добива секој кој ќе стане министер):
„До Просветниот совет за мислење“.
Под тоа стои пак нов ракопис:
2. III 891.
До главниот просветен совет.
(Имаше само еден Просветен совет сè на сè; а човек би помислил дека ги има барем триесетина).
Во прилог се праќа до Советот актот на директорот на …ската гимназија во него да ги проучи граматичките форми, синтактичките и стилските особини, па со свое мислење да го врати што побргу до Министерството на просветата на понатамошна употреба.
По наредба на министерот итн.
(Потпис)
Со оглед на тоа што работата била од итна природа, не поминале ни петнаесет дена, а Главниот просветен совет се собрал на седница. Меѓу другите предмети дошол и овој, и Советот решил тој да се упати на оцена кај двајца стручњаци. Одредиле двајца и го ставиле решението во записникот, а деловодителот да го изврши.
Сега доаѓаат писмата до стручњаците:
„Господине,
Според актот на Господинот министер на просветата ПН. 5860, од 2. III оваа година, а според одлуката на XV седница на Главниот просветен совет, одржана на 17. III истата година СБр. 2, чест ми е да ве замолам да го проучите актот на директорот на …ската гимназија во граматички, синтактички и стилски поглед, па за тоа да му поднесете исцрпен реферат на Советот во што покус рок.
Примете го, Господине, и по овој повод уверувањето за моето одлично почитување.
Претседател на Гл. просветен совет (Потпис)“
Писмо со ваква содржина е упатено и до другиот референт.
Дури по два месеца до Просветниот совет стигнал исцрпен реферат за директоровиот акт, на кој заеднички работеле двајцата стручњаци. Рефератот вака почнува:
„До Главниот просветен совет:
Го разгледавме и го проучивме актот од директорот на …ската гимназија и имаме чест да му го поднесеме на Советот следново свое мислење:
Во природата сè е подложно на законот на постепеното развивање и усовршување. Како што од првобитниот урнек со постепеното развивање и усовршување во долга низа векови се доаѓа до најсложениот организам на човечкото тело, исто така и јазикот се развивал од неартикулирани, животински гласови додека низ долгата низа векови не ја достигнал висината на совршенството на денешните модерни јазици.
За да ја изведеме подобро и попрегледно оваа работа, ќе тргнеме по овој ред:
I. Општ дел
- Говорот и неговото настанување.
- Потеклото на дененшите јазици.
- Заеднички корени (санскрит).
- Делење на јазиците на поглавните групи.
- Еден дел од споредбената филологија.
- Историјата на науката за јазикот.
- Развивањето на науката за јазикот воопшто.
II. Нашиот јазик и законите на неговото развивање
- Старата татковина (историја).
- Сродните јазици.
- Заедничките особини и разликите на сродните братски јазици во нашиот јазик.
- Дијалектите на заедничкиот јазик во старата татковина се развиваат во посебни јазици.
- Дијалектика на нашиот јазик
III. Директоровиот акт
- Потеклото и историјата на актот.
- Особините на јазикот во него според особините на стариот страдиски јазик во старите повелби…“
И така натаму. Кој би можел сето тоа да го памети! то ест, ако и ова е добро запаметено.
Сега доаѓа стручната разработка на секој дел од секоја точка по овој утврден ред, и по многу, многу напишани листови, се доаѓа до зборот „дозволи“. Понатаму гласи:
„Дозволи, гл. санскр. dhard dudorh, скока, скокнува, потрчнува (В. кн. III, ц. 15, 114, 118 б. Х. С.** м.) = pl. dontі, r. dutі, gr. εμαυριζω 1. canto, cantare, provoco, provocere (ѕіc) к. З х б, вика, ѕвони, звук, ѕвер, (В. Се разлути тигарот, лутата ѕверка. Ѓ. Л. П. 18) = Скокна срнче зад грмче = зволи со „до“: дозволи (Н. 16, У 3. С. Н. О. 4. Ѓ. Д. 18, 5. кн. III. Види го примерот: ‘На јунакот рани седумнаесет’).
Според ова наоѓаме дека зборот „дозволи“ не е наш збор и дека треба да го исфрлиме како штетен за нашата нација.“
На ист начин доаѓа и објаонувањето на зборот „нужно“ и доаѓаат до истиот заклучок.
Потоа поминале на редот на зборовите воопшто, па посебно на редот на зборовите во актот на директорот, и тука ги направиле стручните забелешки.
Најпосле „Стилот и особините на стилот во актот“, а завршено е со опширен текст на неколку листови: „Паралела меѓу јазикот и стилот во директоровиот акт и стилот во Хомеровата Илијада. (Тука нашле дека Хомеровиот стил е многу подобар).
„Според сето ова — велат — сме на мислење овој акт да му се врати на директорот на …ската гимназија според нашите забелешки совесно да го исправи, а потоа по истиот акт може да се работи понатаму што треба.“
По цел месец се состана Советот и го разгледа рефератот а потоа донесе решение актот да му се врати на директорот, според забелешките на стручњаците, да го исправи и повторно да го испрати до Министерството на натамошна работа. На господата референти им се одредува по 250 динари на секого, како хонорар за рефератите, кои ќе се исплаќаат од Фондот за пензиите на вдовиците на чиновниците на просветната струка, или од буџетот одреден за платите на служителите.
Ова свое мислење Советот учтиво го спровел до г. министерот на понатамошна работа.
И актот, потоа, од Министерството (со него рефератот во прилог под …) му е вратен на директорот да го исправи според напомените и забелешките на стручњаците…
Така таму, темелно, стручно се расправаат сите работи и се води преписаса половина година додека во актот не се исправи и најмалата граматичка грешка, и дури потоа се пристапува на понатамошна работа по тој предмет. Така еден најмал акт, со големата преписка, стана толку голем акт, што човек одвај на грбот може да го носи.
Сите чиновници во Министерството, бидејќи писатели, ое разбира, пишуваат книги; само господинот министер не пишува ништо. Пред него не смеев ниту да излезам, зашто сите ме уверуваа да не правам толку дрзок обид, ако ми е мил животот. Господинот министер, велат, по цел ден прави гимнастика, бил многу избувлив човек, и сакал да се тепа.
Расправаат дека еден ден се степал дури и со поглаварот на црквата. И поглаварот на црквата бил добар гимнастичар и страстен јавач, меѓутоа избувлив човек и исто така наклонет кон тепачки. Еден свештеник удрил со стап по глава во храмот божји и тоа од непознати причини. Својата избувлива нарав, како што мислат сите, тој ја добил читајќи многу свети книги, та неговите испади се правдаат, дури никој и не му забележува. Првиот негов судир со министерот бил поради некоја јавачка трка, па веднаш дошле на ред уште многу други побожни и просветни прашања, од кои зависело правилното воспитување на младината. На пример: поглаварот на верата барал по секоја цена во школските учебници за верата да влезе еден дел за одгледување на ждребиња, а министерот барал наместо тоа да влезе урок за пливањето. По тие важни прашања никој не сакал да попушти, па работата, малку по малку, дошла дотаму што еден со друг не можеле да се видат. Министерот, за да му напакости што повеќе на својот противник, наредил дури ниту во зоологијата да не смее да се предава за коњот, а наместо тоа одвратно животно, кога ќе дојде ред на него требало да се предава за пливањето во ладна вода.
Но, ова се поситни работи за менувањето на едно место во учебникот, зашто и учебниците, па дури и целите програми за наставата се менувале секој ден.
Нема човек кој работи во просветата, а да не пишува учебници за училишта; а освен тоа, секој од нив подготвува по некоја корисна книга за наградување на учениците и за лектира на добрите деца.
Учебниците, всушност авторите, чекаат на ред. Мнозина од нив треба да се помогнат материјално, па затоа учебниците се откупуваат или се препорачуваат во училиштето како задолжителни во наставата. Само министерот ќе им излезе во пресрет на своите блиски пријатели и роднини. Само што ќе се прифати некој учебник и учениците ќе си го набабават, веќе утредента на министерот ќе му донесат друг учебник, од некој негов поблизок, и, се разбира, треба и нему да му се помогне. Веднаш истиот ден се издава наредба:
„Со оглед на тоа што со долгата употреба учебникот (по тој и тој предмет од тој и тој) се покажа како несоодветен, во интерес на наставата, досегашниот учебник се исфрла од употреба, а се препорачува учебникот… (името на писателот го заборавив)“.
Сакав да го посетам и господинот министер на правдата, но тој не беше во земјата. Во тоа време беше отсутен, отишол во странство да ги проучува училиштата за глувонеми деца, зашто владата сериозно размислувала во земјата Страдија да основа неколку такви училишта, за да се поправи со тоа лошата финансиска ситуација во земјата. Бидејќи таа рабога, како многу важна и значајна, не можеше да трпи одлагања, веднаш се преземени најнужните чекори, покрај тоа што беше пратен министерот на правдата да го проучува уредувањето на таквите училишта (со многу голем додаток покрај платата), веднаш беше поставен и управник на училиштето за глувонеми деца, со голема плата и додаток за репрезентација; потоа беа поставени наставници, а веќе беше почнало и ѕидањето на една голема зграда, наменета за стан на управникот. Се разбира, веднаш потоа беше поставен и економ, лекар, шеф на месната контрола, благајник, подблагајник, писар, три-четворица препишувачи и неколкумина служители. Сите, од управникот до служителот, примаа ревносно плати и со нестрпливост очекуваа да ја започнат работата на новата должност, — освен управникот, кој овде-онде, пуштал гласови дека тој, преку некој свој роднина, ќе издејствувал во тој завод да се примаат сосема здрави деца.
Тој завод, всушност чиновниците, зашто завод уште немаше, беа под управа на министерот на правдата, зашто министерот на просветата изјавил дека не сака да има работа со „некакви си глувтари“.
Министерот на правдата единствено се грижеше околу училиштето за глувонеми деца, а работите од министерот на правдата ги презел министерот на војната, а должноста на министерот на војната ја вршел министерот на просветата, кој и без тоа ги мразел и книгите и училиштата, та должноста негова, како министер на просветата, ја вршела неговата жена; а таа, како што знаеја сите, многу сакала да чита криминални романи, и да јаде сладолед со чоколада.