Марко Крале вторпат меѓу Србите (1/5)

Сме навалиле ние Србите, па повеќе од петстотини години само лелекаме: „Леле, Косово!“ „Тажно Косово!“ „Леле Лазо!“ Плачевме така, низ плачењето заканувајќи им се на душманите: „Ние ќе направиме вака, ние ќе направиме онака!“ Плачеме ние јуначки и се закануваме, а душманот се смее; а нам ни текна во маката за Марко, па почнавме да го викаме човекот да стане од гробот да нè брани и да го одмазди Косово. Викај денеска, викај утре, викај секој час, за сешто: „Стани Марко!“ „Дојди Марко!“ „Погледни ни ги Марко солзиве!“ „Леле Косово!“ „Што чекаш, Марко!“ И така, тоа викање помина во безобразие. Некој ќе се напие в меана, па откако ќе ги потроши парите, ќе се разжали за Косово, ќе го обземе некое јуначко чувство, па веднаш: „Леле, Марко, каде си сега!“ И тоа брате, не беше малку, туку тоа траеше преку петстотини лета. На Косово веќе цел вир од српски солзи, а Марко се траќаше во гробот, се траќаше, па веќе и на мртовецот му здодеа.

И еден ден еве ти го пред божјиот престол.

— Што е, Марко — го праша Господ благо.

— Пушти ме, Господи, да видам што прават долу оние мои слепци; ми здодеа од нивното лелекање и викање!

— Е, Марко, Марко, — воздивна Господ, — јас знам сè; но кога би можело да им се помогне, јас прв би им помогнал.

— Господи, само поврати ми го Шарко и оружјето и дај ми ја старата сила, па пушти ме, да видам дали можам нешто да направам.

Господ си ги крена рамениците и мавна загрижено со главата.

— Оди, кога сакаш, — му рече — но нема добро да минеш.

И, одеднаш; на некој чуден начин, Марко се најде на земјата, на својот Шарко.

Се сврти околу себе, го разгледува пределот, но никако да разбере каде е. Го гледа Шарко. Да, Шарко е тој истиот. Го гледа боздоганот, сабјата; најпосле облеката. Сè е исто, нема сомнение. Ја фати мешината. И таа е тука, полна со вино; тука се и лесните кравајчиња. Сè го уверува дека тој е оној стариот Марко, но никако да сфати каде е. Бидејќи му беше тешко да реши што да преземе сега на земјава, најпрвин слезе од Шарко, го врза за едно дрво, ја симна мешината и почна да пие вино, за да може така, како што се вели во слободното време за сè добро да си размисли.

Пие така Марко и се обѕрнува наоколу, да не види некој познат, кога, наеднаш, крај него профучи еден велосипед, па исплашвн од чудниот коњ и од облеката и оружјето на Марко, го потера колку што може побргу, обѕрнувајќи се да види колку е оддалечен од опасноста. Марко, пак, најмногу се препали од чудниот начин на патување, па си помисли дека тоа е некое сениште; но, сепак, реши да се впушти во борба со него. Испи уште еден леѓен вино и стана целиот закрвавен до очи, еден леѓен му даде на Шарко да испие, па потоа ја остави мешината на тревата, ја наклапуши над очите самур-капата и го јавна Шарко, кој од пиењето веќе беше крвав до уши. Јунакот многу се разлути и му рече на Шарко:

Ако, Шарко, ти не ми го стигнеш
Ќе ти ги испокршам четирите нозе!

Кога ја слушна Шарко толку страншата закана, од која веќе се беше одвикнал на оној свет, ја спрашти како никогаш дотогаш. Како се беше залетал ниско, сè со колената ја брише правта по патот, а узенгиите ја удираат црната земја. Бега и оној пред него небаре има крилја, и за сето време само се обѕрнува наназад. Се бркаа така цели два часа, па ниту тој да побегне, ниту пак Марко успеа да го стигне. Така се приближија до една патничка меана; кога го виде Марко тоа, се уплаши сосема да не му побегне во некој град, а и веќе му беше здодеало да го брка, па тогаш му текна за боздоганот. Го извади од теркијата и викна налутено:

Да си вила, па да имаш крила,
Ил’ пах вили да те издоиле,
Па да си ми избеган од лани,
Пак денеска ќе те фати Марко! …

Го рече тоа, па заврти со боздоганот крај себе и го пушти.

Човекот, погоден, падна, но и земјата не го дочека жив. Дотрча Марко до него, ја извади сабјата, па му ја пресече главата, му ја стави на Шарко во зобницата, па со пеење се упати накај онаа крајпатна меана; а човекот остана копајќи со нозете крај онаа ѓаволска направа. (Заборавив да ви кажам дека Марко н неа ја исече со сабјата, со онаа иста сабја што ја коваа тројца ковачи, со своите тројца помошници, та за една седмица ја направија толку остра да може да сече камен, дрво, железо, со еден збор секаква амајлија).

Пред меаната имаше полно селани, па кога видоа што се случи и кога го здогледаа Марко разлутен, вреснаа од страв и летнаа да бегаат, која саде фати. Меанџијата остана сам. Се тресеше од страв како во најтешка треска, му потклекнуваа нозете, ги ококори очите, па пребледе како мртовец.

„Жити бога, незнаен јунаку,
чии ли се пребеливе дворци?“

— го праша Марко.

Незнајниот јунак пелтечи од страв и одвај објаснува дека тоа е патничка меана и дека токму тој лично е меанџијата. Марко се кажа кој е и од каде е, и дека дошол да го одмазди Косово и да убие султанот турски. Меанџијата ги сфати само зборовите: „да го убијам султанот“ — и уште повеќе го фаќаше страв колку што повеќе Марко и понатаму раскажуваше и потпрашуваше каде е најкусиот пат до Косово и како ќе дојде до султанот. Зборува Марко така, а човекот се тресе од страв и во умот му е само: „да го убие султанот“. Најпосле Марко почувствува жед па заповеда:

„Меанџијо, донеси ми вино
Па јас јунак жедта да ја стивиам
Зашто таа многу ми здодеа!“

Тука Марко слезе од Шарко, го врза пред меаната, а меанџијата влезе да донесе вино. Се врати оттаму носејќи мала чаша, од „деци“, на подавалник. Му се тресат рацете од страв, та од тоа се плиснува виното од чашата, и така му се приближи на Марко.

Марко, кога ја виде малата чаша, бедна, подистурена, си помисли дека човеков се шегува со него. Многу се разлути и на меанџијата му врза шлаканица со дланката по образот. Го удри толку лесно, што му се размрдаа три здрави заба.

Оттука Марко пак го јавна Шарко, па отиде понатаму. Меѓутоа, селаните што се разбегаа, отрчаа право во околијата, во полицијата, за да јават за страшното убиство; а писарот прати депеша до весниците. Меанџијата си стави на образот ладни облози, го јавна коњот и отиде право кај лекарот, па зеде уверение за тешка повреда; потоа отиде кај адвокатот, па овој детално го распраша за сè, му зеде пари и напиша кривична тужба.

Околискиот началник веднаш му нареди на еден писар, со неколкумина вооружени жандарми, да тргне во потера по злосторникот, а со депеша прати распис низ цела Србија.

Марко и не сонува што му се готви и дека веќе стигнале две-три страшни тужби, „снабдени со прописна такса“ и со наводи на параграфите за убиство, за тешка повреда, за навреда на честа; па потоа тука е веќе и „претрпениот страв“, „претрпените болки“, „трошоците околу лекувањето“, „толку и толку надомест за прекинатата работа во меаната, денгубата, пишувањето на тужбата, и таксите“.

А за ширењето на вознемирувачките гласови за убиството на султанот му се јави веднаш на министерството со шифра, а оттаму дојде брз одговор:

„Веднаш да се фати тој скитник и најстрого да се казни според законот; а најревносно нека се внимава такви случаи да не се повторуваат, зашто тоа го бараат интересите на нашата земја, која сега е во пријателски односи со турското царство“.

Со молскавична брзина надалеку се разнесе гласот за страшниот човек во чудна облека и со оружје и со уште почуден коњ.

Марко тргна по патот од меаната. Оди Шарко пополека, со обичен ôд, а Марко се потпрел на предниот дел од седлото, па се чуди како сè се изменило: и луѓето, и околината, и адетите, сè, сè. Му стана тешко што стануваше од гробот, Му ги нема старите другари, нема со кого да пие вино. Народот си работи по околните ниви. Сонцето припекло, мозокот да ти зоврие, работниците се свиткале, работат и молчат. Тој застана крај патот, па им довикна, со намера да праша за Косово; а работниците, кога го видоа, вреснаа од страв, па летнаа да бегаат од нивата кој каде стигна. Кога ќе се сретне Марко со некот на патот, оној ќе се стаписа и ќе застане како скаменет, ќе ги ококори очите од страв, ќе се обѕрне налево, надесно, на како втрештен, ќе ја спрашти преку ендекот или преку оградата. И колку повеќе го вика Марко да се врати, толку посилно тој бега. Се разбира дека секој од исплашените ќе отрча право во околиската канцеларија и ќе тужи за „обид за убиство“. Пред околиската куќа се насобрал толку народ што не може да се помине. Врескаат децата, лелекаат жените, се бунат мажите, пишуваат тужби адвокатите, се чукаат депеши, се војвааат полицајци и жандарми, по касарните пиштат сирените за тревога, бијат црковните камбани, по црквите се држат молепствија за да се отстрани таа беда од народот. Низ народот проструи глас дека се повампирил Крали Марко, па од таа стравотија се исплашија и полицајците и жандармите, па дури и војниците. Како ќе се бориш, брате, со Марко жив, а камоли пак со Марко — повампирен.

(Нареден дел)

Ознаке:, , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришет користећи свој WordPress.com налог. Одјавите се /  Промени )

Google photo

Коментаришет користећи свој Google налог. Одјавите се /  Промени )

Слика на Твитеру

Коментаришет користећи свој Twitter налог. Одјавите се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришет користећи свој Facebook налог. Одјавите се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: