На раскрсница

I

Веселин Савковиќ е некаков мал чиновник во едно големо белградско надлештво. Природно е значи дека тој мораше толку повеќе да работи, колку помала што му беше платата. И работеше тој повеќе отколку што требаше! Ќе дојдеше на должност речиси еден цел час пред одреденото време, а ќе излезеше последен.

Освен вреднотијата, што му ја фалеше секогаш и самиот шеф, тој беше совесен чиновник, а спреман и свикнат на својата работа.

— Што си будала, та се сортираш со толкава работа?!… — му рече еднаш еден од неговите другари.

— Мораш — одговори Веселин, и не кревајќи си ја главата од работата.

— Знам дека мораш, но тоа е преку мера! Ти работиш и дома ноќе — му вели пак неговиот другар, и ја извади кутијата, та почна да витка тутун.

Веселин ја прекина за час работата, и го погледна со тажен поглед, па лесно издивна и рече:

— Јас имам фаимилија!

— Па што дека? — праша неговиот другар.

— А да ме отпуштат, кај ќе одам јас со жена и со четири ситни дечиња?! — одговори Веселин, и се фати пак за работата.

Замолчија. Другар му на Веселина запали цигара, па пушеше молчеливо, изгледаше нешто длабоко замислен.

И навистина, трудот на Веселин даде добар плод. Еден ден го повика шефот во канцеларијата и му рече дека бил необично задоволен со неговата марлива работа и вреднотија, та прв од сите други го предложил за повишување на платата, а освен тоа го направил за нова година да добие беспрекорната двегодишна работа, како одлика од другите, тантиема од сто динари во злато.

Веселин одвај чекаше по таа вест да дојде дома и да ја издрадува жена си со ненадејната среќа.

По вечерата, кога децата испозаспаа, тој седеше до некое време во ноќта и разговараше со жената, советувајќи се како ќе ги употреби најдобро тие сто динари. Направија распоред што ќе се купи од тоа за секое дете.

— Баш би можеле на Мико (најстарото синче) да му купиме нови чевлиња — вели жената, и го погали детето по образот.

— Па да му купиме — одобрува Веселин задоволен, па и самиот се доближи до детето и го бакна.

При тоа малата Видица прокенка во сонот, и побара вода.

— Што ѝ одредивме на малава? — праша Веселин.

— Нејзе мама ќе ѝ купи ново капутче — вели жената.

— Ама ќе се загледува кога ќе се облече!

— Пиленце мамино — изговори жената, и го бакна детето.

Еден дел од тие пари решија да остават да се најде за случај на нужда и слабост.

Потоа во разговорот преминаа на повишувањето на платата.

— Па ти сега секој месец ќе имаш по дваесет динара повеќе? — праша жената.

— По дваесет.

Жената веднаш почна во умот да си го распоредува тој одвишок, како може најдобро да се употреби, а Веселин со мислите се пренесе уште подалеку во иднината, и сонуваше за уште поголема плата и за убав удобен живот.

— Подобро, богами, да почнеме да штедиме по некоја пара додека се децава мали — го соопшти жената заклучокот од своето размислување.

— Па после ќе биде и платата уште поголема — вели Веселин.

Двајцата молкнаа. Се слуша како дишат децата, та тоа им беше пријатно како најзаносна музика. Се чувствуваа среќни, и потонаа во мислите во уште посреќна иднина.

 

II

Не помина ни еден месец од ова време, па шефот пак го повика Веселина во својата канцеларија.

— Ве викав поради една важна работа… — почна шефот и застана, мислејќи што ќе рече понатаму. По лицето можеше да му се види дека не му беше најпријатно она што сакаше да го каже. Си го позатри челото и очите со раката, па продолжи понатаму:

— Тоа е заправо ваша лична работа, но… јас ве сакам, и сакам да ве предупредам… Најпосле, како сакате вие… — Шефот се дигна при тоа од столот, замолче, и пушејќи одеше наваму натаму.

На Веселин просто му се запре дишењето од некое претчувство. Лицето час му се вцрвуваше, час му пребледнуваше. Го обзеде чудна нестрпливост што побргу да чуе како ќе го заврши шефот почетокот на својата беседа. По челото му излезе пот, и тој си го избриша со раката.

Шефот наеднаш застана и го погледна Веселина, па го праша:

— Знаете ли дека е утре изборот на општинска управа?

— Знам.

— За кого мислите да гласате?

Веселин пребледе, и просто почувствува како го изневеруваат нозете. Молчеше долго, а и не се сеќаваше дека шефот чека на неговиот одговор.

— Вие сте уште млад човек, а вредни сте и точни во својата должност, та ќе имате убава кариера во државната служба, но само ако слушате за сè што се бара од вас…

Шефот пак застана. Веселин не одговараше ништо. Некое чудно претчувство му го обави срцето. Убавите соништа негови за иднината прснаа како пена, а наместо тоа пред очите му се покажа сликата во која тој ја гледаше својата фамилија во сиромаштија и во јадови. Тој веќе однапред можеше да прецени на што ќе се сведе овој разговор негов со својот шеф.

Шефот извади од џебот еден табак хартија, каде што беа испишани имињата на кандидатите, и му го подаде на Веселин со зборовите:

— За таа листа морате да гласате!… Впрочем, немојте да мислите дека јас сакам да ве присилам! Тоа је ваша волја. Јас само како постар би ви советувал да гласате за овие чесни луѓе, како што ќе гласам и јас. Би било незгодно вие, како помлад, да бидете одделени од толку повисоки чиновници… Сега вие размислете за сè. Направете како сакате… Можете да гласате и за противниците на денешниот режим, но тогаш вие би морале да си ги припишете на себеси сите лоши последици што би можеле да настапат поради таквата ваша постапка… Сега одете си… Јас сам сакав пријателски да ве посоветувам… — тука шефот ја прекина реченицата.

Веселин го држеше табакот хартија в рака, и бесвесно ги гледаше имињата што беа на него испишани. Зборовите на шефот направија цел хаос во душата негова.

Настапи молчење. Одвреме навреме ќе заѕвонеше ѕвончето во одникот, а потоа ќе се слушаа чекорите на Симо служителот, ќе чкрапнеше вратата на оваа или на онаа канцеларија, ќе се слушаа и гласови; вратата пак ќе се затвореше, а чизмите на Симо ќе затупотеа, па за час сè ќе стивнеше.

Веселин некако му позавиде на Симо, а и самиот не знаеше зошто, просто имаше желба да му го отстапи својот положај, а тој да го прими неговиот.

— Женет ли сте? — го прекина шефот молчењето.

— Имам веќе и четири деца — одговори Веселин, и погледна низ прозорецот во дворот.

Во дворот цепачот сече дрва. Веселин се загледа во пилата, што се движеше живо низ дрвото, од кое ветрот ги разнесуваше струшките од кои беше опсипано и искинатото палто на цепачот, што лежеше покрај ногарите.

— Струже — си помисли Веселин — па сепак ја храни својата фамилија… Сигурно и тој има фамилија?!…

Пресеченото парче дрво падна на земјата. Цепачот се исправи малку, потоа ја остави пилата и си го крена од земја палтото, та извади од него тутун, и го фрли пак наземи малку потаму од ногарите.

Никој уште не умрел од глад — си мислеше понатаму Веселин, и пак во мислите помина на својата фамилија, и просто се почувствува поприбран, посилен.

— Толку побргу — заврши шефот — треба да си ги отворите добро очите, оти имате, како што кажете, веќе и четири деца. Тоа имав да ви го кажам. Сега можете да си одите на работа.

— Од вчера почна да ми се сметеа платата со повишицата… Како се радува моја жена… Таа кутрата веќе реши од првата повишица да си купи плат за фустан… Па и нема убав фустан!… Колку ја радува тоа!… Таа и не мисли што би можело да настапи по некој ден! — мислеше Веселин влегувајќи во својата канцеларија.

По своите принципи тој ѝ припаѓаше на политичката партија што беше во опозиција. Истото тоа утро беше го прочитал во весникот повикот до сите членови на партијата да дојдат во што поголем број на избирачкото место и да гласаат за кандидатите што се истакнати во листата на опозицијата. Покрај другото таму се вели:

„На изборното место мораат да дојдат сите членови на нашата партија и да гласаат. Кој не ќе дојде ќе биде како недостоен исклучен од партијата.“

Веселин ги превртуваше актите што беа пред него на масата, со намера да почне да работи.

Но од работата не можеше ништо да биде. Тој изгуби секаква стрпливост та не можеше ни еден ред да напише.

Час мислеше на бедата што ќе го снајде со загубувањето на службата, а час на они зборови: „ќе биде како недостоен исклучен од партијата“.

 

III

Веселин задлабочен така во мислите, си ја потпрел главата на раката, и гледа низ прозорецот во дворот. Крупни снегулки пролетуваат покрај прозорецот, а тој се загледал во тоа, па му е некако пријатно тивкото паѓање без глас, без шум. Цепачот уште струже, а снегот го затрупува и него и ногарите и дрвата. Веќе почна да се смрачува, а Веселин и не забележа како му помина брзо времето. Почна нагло да се стемнува. Спроти прозорците на Веселиновата канцеларија имаше некаков приватен стан, од кој прозорците се осветлија, и светлоста се растури по дворот одблеснувајќи од снежната површина, а снегулките заблескаа на оние места каде што светлината најсилно проникнуваше. Се осветли и едната страна на некакво дрво пред прозорецот, та снегот на осветлената страна засија како бисер. Изгледаше дека Веселина сето ова необично го занимава, та тој, како никогаш дотогаш, се загледуваше во секоја ситница, и сепак низ сите тие впечатоци беше испреплетена мислата за неговата фамилија и граѓанска чест. Тој беше збунет, па просто и без да сака во сè бараше известување, и како да го добиваше него. Гледајќи така час во оваа, час во она, тој се чувствуваше зблажен, освежен.

— Па ќе гласам, дури и да ме отпуштат… — си мислеше во себеси гледајќи во осветлените прозорци, низ кои при тоа догледа некаква женска фигура што помина и се изгуби, како и сенката што се протегна по осветлениот дел од снежната површина во дворот…

Нему наеднаш му се стори како да е тоа нарачно дотерано за да се сети тој за својата жена и за децата, па наеднаш го опфати некаква премаленост. Тој издивна длабоко. Притоа влезе слугата и ја внесе ламбата, па како и секогаш ја стави на масата пред Веселина, кој просто се тргна и се изненади, па како да сакаше со погледот да праша:

— Зар ти ништо не знаеш за мојата мака, ами рамнодушно ја внесуваш ламбата како и секоја вечер?…

Цел час уште седеше, а и не мрдна со перото да напише нешто. Сакаше на два-три пати да стане и да се оди, но сеќаваше некаква тежина на себеси, а освен тоа се плашеше да оди дома. Му се чинеше дека дури кога ќе отиде дома неговата фамилија ќе ја сети целата тежина на јадовите, па просто сакаше да биде што поддалеку од својата фамилија, само за да биде таа што посреќна, што позадоволна…

Кој знае до кога би останал тој така во своето размислување, да не влезеше слугата, та според обичајот рече:

— Сите веќе си отидоа.

— Зар веќе си отидоа? — изговори Веселин повеќе за себеси, и стана од столот.

— Секогаш во ова време се излегува — вели слугата.

— Утре во ова време ќе биде веќе сè решено! — си помисли Веселин излегувајќи, и му се засака што побргу да помине ноќта и целиот утрешен ден.

— Дали и по неколку дена ќе слегувам овдека?! — си мислеше тој слегувајќи по скалите, па и скалите и ходникот и ламбата во ходникот, што стои секогаш малку навалена, и оние многубројни објави, испозакачени по ѕидот, и Симо служителот со големите чизми и оној негов секојдневен глас „добра ноќ“ — сè, но сè што му беше до вчера толку познато, блиско, со што беше се сродил веќе, му се стори некако непознато, чудно, туѓо, а особено она Симовото „добра ноќ“, во кое нешто како да подразбра некакво зајадливо смеење.

На улица се сретна со еден свој познаник, и ќе го одминеше ако овој не го запреше.

— Што си така скиснат? — го праша човекот, и го удри пријателски по рамото со раката.

— Добро што несум и полошо! — одговори Веселин, смевкајќи се со сила.

Пријателот го повика в меана на чаша пиво. На Веселин тоа му се свиде, само за да стигне што подоцна дома.

— Знаеш ли дека е утре гласањето?

— Знам — одговори Веселин.

— Тие ќе пропаднат на изборот.

— Кој знае? — прифати Веселин по кратка пауза, некако расеан и замислен.

— Па ќе гласаш ли и ти?

Веселин просто се потресе од ова прашање, та сакаше да си оди, само за да не одговори ништо, но во истото време чувствуваше срам и понижување, та се напиа со сета сила и одвај процеди низ заби:

— Ќе гласам!

— Утре ќе видиме многумина што толку многу се перчеа, сите ќе ги забележувам што ќе побегнат од гласање, па да им го пикнам после под нос, кога ќе почнат пак да се фалат како страдаат за идеја! — говореше пламено пријателот на Веселина.

— И јас веќе реков дека ќе гласам!… А мојата фамилија? — си мислеше Веселин, па се потресе целиот од таквите мисли. Се чувствуваше непријатно, па и без да сака се дигна да си оди.

— Кај да одам? — си мислеше тој кога излезе пак на улица. — Сигурно на жената ќе ѝ однесам убави гласови, како оние порано, па треба уште да побрзам!…

— При тие мисли му се засака да се врати пак назад, и ги позабави чекорите. Колку што беше по блиску до дома, сè побавно одеше, а кога дојде до вратата, застана.

Од блиското кафенце се слуша песна и свирење.

— Си се веселат луѓето! — помисли тој завидливо.

Ја отвори куќната врата и, трудејќи се да изгледа расположен, влезе внатре.

— Па што не доаѓаш, бре човече?… Вечерата веќе истина! — му рече жената, а децата истрчаа да го дочекаат и го прегрнаа.

Во тој момент Веселин се почувствува победен, а во умот му се создаде решението:

— Нека гласа кој нема фамилија! — па почна да ги милува и да ги бацува децата.

— Па што правиш досега? — го повтори жена му своето прашање.

— Случајно се најдов со еден другар — вели тој, а во ушите како да му забаботија зборовите на пријателот: „Ќе видиме утре како ќе се исчепат многумина плашливци“, а освен тоа онаа негова сопствена реченица: „Па и јас ќе гласам!“

— И јас реков дека ќе гласам! — си мислеше понатаму, а по лицето му се појави тага, и челото му се набра…

Децата почнаа да бараат од него слики, а најстарото машко му ги пикна рацете во џебовите, и почна да буричка…

— Мирни, деца!… Што се не смирите? — викна тој наеднаш налутено, и го истурка детето од себеси.

Малата Видица го напрчи устето, а во очите ѝ блеснаа солзи. Веселин го погледна детето, па му дојде жал, мислејќи во себеси: „Не криви децата. Што викам на нив?“ Му пристапи на детето и го бакна, а друга мисла му мина низ главата:

— Како можам да гласам?! Зар им е гајле на децата за мојата чест; нив им треба леб, и јас сум како татко должен да им го донесам. Јас тогаш требаше да останам неженет, ако сакам така да се држам!

„Па и јас ќе гласам“ го чу пак своето страшно решение што му го соопшти на другарот во кафето, и се почувствува како скинат, премален.

— Што му е грижа на некого за твојата фамилија! Ти мораш да бидеш на прво место чесен човек, ако не можеш да си ги храниш децата, тоа е твоја работа. Никој не те тепал по ушите да се жениш, па сега својата плашливост да ја затскриваш зад фамилијата. На тој начин, драги мој, секој би можел да најде изговор, и тогаш би било убаво. Кога се решаваат високи работи, работи од општо значење за сите, тогаш не се земаат предвид тие ситни грижи за фамилијата… — Такви мисли ќе го опфатеа, и пак гласчето на детето, или плачењето или погледот, ќе ги поколебаше.

Заспа и жената, а и децата си спијат безгрижно. Веселин беше буден. Лежи во својата постела, пуши цигара за цигара, а одвреме навреме ќе издивне тешко. Со секој час што изминуваше сè повеќе го опфаќаше Веселина неспокојство и страв. Несредените и возбудени мисли се гонат една со друга и се истуркуваат. Час една ќе надвие, час пак друга.

Исток се облеа со руменило, а Веселин е уште буден, занесен во своите тешки мисли: „Каде ќе тргне и на која страна!“

Тешко е да се најде човек на раскрсница, а да не го знае патот!

 

Извор: Домановиќ, Радое, Сатири, Книгоиздателство за уметничка литература „Кочо Рацин“, Скопје 1957. (Прев. Благое Корубин)

Ознаке: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришете користећи свој WordPress.com налог. Одјави се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришете користећи свој Facebook налог. Одјави се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: