Мртво море (5/5)

(Претходен дел)

Таа мала непријатност што ја претрпе ова добро општество, не остана единствена. Помина извесно време, па се појави еден млад човек кој издаде свои научни трудови.

— Ете ти сега: наука! Глупоста!

Се разбира пак никој не сакаше да ги чита трудовите од младиот научник, а секој со длабоко, дури и со искрено убедување докажуваше дека Бекиќ (така се викаше научникот, кога ќе се преведе на српски) не знае ништо.

— Бекиќ и научни трудови! — доволно беше само тоа да се изговори, па целото друштво да прсне во смеа.

— Тоа кај нас не може да биде. Каква е таа наука, уште кога ја пишува Бекиќ! — зборуваа луѓето, а сите се сложуваа дека тоа, како и се друго може да биде само во странскиот свет.

И младиот научник не само што немаше успех, туку се живо, некако инстинктивно, како по должност, со негодување, ја пречека таа појава.

Небаре целото општество во тоа гледаше некаква заразна болест и почна да се буни и очајно да се бори против таа опасност.

Прашав еден што му направил тој научник.

— Ништо — ми рече тој.

— Па што викаш толку по него?

— Така; не можам да гледам тука да ми се прчи секој шушлак.

— Што се прчи? Човекот се занимава со наука и никому ништо не му прави.

— Не го знам, брате?! Те молам, каква наука? Тоа кај нас не може да биде.

— Што?

— Така. Знам јас колку е тежок секој од нас!

— Дали си ги читал?

— Бог да чува; не сум паднат од небо. Бекиќ и научник — рече иронично и брбна да се смее, а потоа се прекрсти и ни крена рамениците, а со рацете почна да прави движења небаре вели: „Да не му даде господ никому таков срам!“, па додаде;

— Толку луѓе попаметни од него, па не се направија научници, туку тој се најде: среќа по куќата!

И пак се повторија истите работи како и со поетот.

За младиот научник, дури, пронесоа глас како, поради некои научни испитувања, крадел круши од пиљарот. Со тоа се забавуваше општеството неколку дена, слатко смеејќи се, па потоа пукна нов срам.

— Знаеш ли што е ново? — праша еден.

— Имаме научник! — одговори другиот.

— Море тоа е старо, туку научникот го привлекол вниманието на еден критичар!

— Таман работа! Кој е пак тој шутрак?

— Богами, умен критичар, токму според науката на Бекиќ!

— Кој е?

— Бекиќевка!

— Жена му?

— Се разбира. Прекрасно. Го критикувала. Сега главата ја носи заврзана. Белким ќе му дојде умот. Подобра критика не му треба.

— Што станало? — праша оној љубопитно и веќе нестрпливо се готвеше да ја разнесе таа новост понатаму.

— Ништо, само некои Торичелиеви цевки му искршила од главата.

И, се разбира, тука доаѓа до слатка смеа; и пријателите брзо се разделија, за да ја разнесат понатаму пријатната новост.

Тоа стана душевна храна за општеството.

— Сум чул дека си се предал на науката? — прашува на шега еден пријател со друг пријател.

— Може, — вели жената на прашаниот; само нека се чува да не се предадем и јас на критиката.

И пак смеа.

Честопати цела вечер некое друштво се забавуваше со прераскажување на смешните работи за научникот.

Освен тоа, се разбира, на младиот научник му се правеа пречки каде и да се свртеше. Секој сметаше дека му е задача да го пречека погрубо отколку што го пречекувал дотогаш, само затоа што се занимаваше со нешто што не го правеше никој друг, а се разбира, никој друг не сака да прави улавштини, како умен човек, зашто кај нив засекогаш е утврдено правилото за сè што ќе се преземе:

— Остави, те молам, тоа кај нас не може да биде!…

Научникот се бореше, се бореше, па се умори. Го совлада општеството и него, го совлада поради својот углед, и научникот исчезна некаде. Никој за него не чу ништо повеќе.

— Го жалам, грешникот! — го сожалуваа. — Не беше толку лош.

— Тхе, кој му е виновен!

По некое време, се појави еден млад сликар. Направи изложба од слики и го очекуваше судот на јавното мислење. Сликите не беа лоши. Единствено јас ги гледав, како странец а од домашните не сакаше никој да отиде на изложбата. Се повтори истото што се случи со поетот и со научникот, и пак, иако сликите никој не ги виде, упорно се тврдеше:

— Сликар, будалска работа! Остави ги тие трици, те молам!… Тоа кај нас не може да биде!

Јавното мислење се нафрли со дрвја и со камења и на сликарот, сè стапи во бојниот ред против таа нова напаст. Таа треска траеше додека не исчезна и младиот сликар, и пак умореното општество, по толку борба, за да ја отстрани бедата од себеси, ја продолжи својата слатка дремка.

Само што заспа општеството во најслаткиот сон, кога го разбуди еден млад композитор со свирењето на своите нови композиции.

— Е, ова е веќе безобразие! — вресна навреденото општество триејќи си ги очите.

— Откаде сега оваа напаст?

Но со него побргу се заврши. Пронајде власт (и таа малку си беше прилегнала да поспие слатко и мирно) дека тие композиции го дразнат народот на бунт и, се разбира, младиот композитор поради тоа свирење беше затворен како револуционер.

— Така, се разбира, што ми дрнка тука како будала! — рече јавното мислење задоволно, се проѕевна слатко, се сврти на другата страна и си заспа пак со сладок, длабок сон.

Умни луѓе: музика, какви бакрачи! „Тоа кај нас не може да биде!“

Имаше уште две-три вакви случки и тоа беше сè.

Во ова општество така помина секој што сакаше да преземе нешто. И политичарот, и економистот и индустријалецот, секој мораше да пропадне.

Се сетив за еден познат, Србин, и ние ги имаме такви прилично.

Прилично имашлив човек, живееше од своите приходи; јадеше, пиеше, беше задоволен и не трпеше никого што рабогеше, а тој самиот ништо не работеше.

Полничок, тром во одењето, одеше по улица лицето ќе го направеше зловолно, кисело. Се лутеше на сè што само личеше на некаква работа.

Ќе поминеше крај бакалницата. Ќе застанеше ќе кимнеше со главата со преѕир, па налутено ќе изговореше:

„Бакал!… Трици! И тој ми е некаков бакал, како да не го знам! Наредил три-четири чиничиња, па се направил трговец. Да си пукне човек од мака!“

Ќе поминеше, да речеме, покрај железарот, и ќе застанеше. Гледаше со истиот презир, и додаваше налутено, пакосно:

„И тој станал железар! Обесил три-четири синџирчиња на ѕидот, па е трговец… Глупости!… Ме изедоа овие шутраци!“

Така ќе поминеше низ целото место, и пред секој дуќан, па каков и да беше тој и чиј и да беше, ќе застанеше и ќе промрмореше налутено:

„Глупости, и тој нешто прави, како да не го знам?!…“

Раскажувајте му за што сакате и за кого што сакате нешто што работи и презема, тој секого ќе го окара и ќе го омаловажи.

— Го познаваш ли Мика?

— Го познавам! — ќе речеше со здодевност, кисело.

— Гради фабрика?

— Шутрак! Тој и фабрика!… Е, тоа дури ќе ми биде фабрика. Глупост.

— Марко издава весник, — кажете му.

— Марко издава весник!?… Будала! Како да не го знам! Марко и весник!… О, што ме лутат тие секакви шутраци!

За него никој не чинеше. Секого кој само ќе помислеше да преземе некаква работа, веднаш го прогласуваше за будала.

Штета што повеќе немаме такви, но постепено напредуваме, и нема да помине многу време, а има изгледи да ја стигнеме оваа идеална земјичка во која поминав некое време.

На мирната површина на застоената, смрдлива водена маса, на која се беше нафатило зеленило, се појавија, излегаа неколку бранчиња, стремејќи се да се оттргнат, да излетаат некаде повисоко, но бргу се вратија кон масата, зеленилото пак покри сè, и мирната површина веќе ништо не ја разниша, никаков бран повеќе не се дигна.

Уф, како се чувствува реата од застоената вода што не се движи! Таа дави, задушува. Давај ветар, да ја раздвижи неподвижната гнила маса!

А ветре никаде…

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

Ознаке: , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , , ,

About Домановић

https://domanovic.wordpress.com/about/

Оставите одговор

Попуните детаље испод или притисните на иконицу да бисте се пријавили:

WordPress.com лого

Коментаришете користећи свој WordPress.com налог. Одјави се /  Промени )

Фејсбукова фотографија

Коментаришете користећи свој Facebook налог. Одјави се /  Промени )

Повезивање са %s

%d bloggers like this: