Tag Archive | Напредок

Страдија (5/12)

(Претходен дел)

На улицата ме изненади непрегледната маса од народ, што се обрнуваше од сите страни во групи, собирајќи се пред една голема куќа. Секоја од тие големи групи имаше истакнато свое знаме, на кое беше испишано името на крајот од каде што потекнува народот во групата, а под тоа зборовите: „За Страдија сè жртвуваме“ или „Страдија ни е помила од свињите!“

Улицата доби посебно свечен изглед, на куќите беа истакнати бели знамиња со народниот грб во средината, сите дуќани беа затоворени, а сообраќајот прекинат.

— Што е ова? — љубопитно прашав еден господин на улица.

— Свеченост. Зар не знаевте?

— Не знаев.

— Па за тоа пишува по весниците веќе три дни. Нашиот голем државник и дипломат, кој има големи и огромни заслуги за татковината, а и пресудно влијание врз надворешната политика на нашава земја, имаше силна кивавица, која е излекувана со божјата милост и со искрено залагање на стручните лекари, така што сега кивавицата нема да му пречи на големиот и мудар државник сета своја грижа да ја посвети на доброто и среќата на оваа напатена земја и да ја поведе уште во подобра иднина.

Народот се собра пред домот на големиот државник во толкави групи, што и најсилниот дожд не би паднал на земја од мажите, жените и децата. Мажите ги извадале капите, а во секоја група има по еден кому од џебот му ѕирка напишан родољубив говор.

И на балконот од својот дом се појави побелениот државник, а громогласното „Да живее!“ го проби воздухот и одекна од целиот град. На сите околни куќи заѕвечкаа прозорците и на нив се појавија многу глави. Оградите околу куќите, покривите од куќите сè беше исполнето од љубопитниот народ, па дури и на секоја баџа од таваните ѕиркаа по две-три глави.

Престанаа извикувањата, настапи мртва тишина, додека од масата народ записка тенок глас:

— Мудар државнику!…

— Да живее! да живее! да живее! — го прекинаа говорникот бурни и силни извици; а кога стивна родољубивата маса, говорникот продолжи:

— Народот од мојот крај лее топли солзи од радост и, клечејќи на колена, му благодари на премилостивиот Творец, кој со својата милост ја отфрли големата беда од нашиот народ и ти даде тебе здравје, вреден наш државнику, долго да ни поживееш за среќа на народот и за гордост на земјата! — заврши говорникот, а илјадници грла извикаа:

— Да живее!

Мудриот државник му заблагодари на говорникот за искреното честитање и напомена дека сите негови мисли и чувства во иднина ќе бидат вперени кон засилување на културата, стопанството и благосостојбата на милата татковина.

Се разбира, по овој негов говор, се повтори безброј пати „Да живее!“

Сега така се изредија десетина говорници од разни краишта на татковината, а по, секој говор стариот државник одговараше со родољубиви и содржајни говори. Се разбира, сето тоа беше испреплетено со громогласното: „Да живее!“

Долго траеше додека се извршија сите тие обреди, а кога дојде до крајот, засвире музика низ сите улици, а народот шеташе горе-долу зголемувајќи ја свеченоста со тоа.

Вечерта сè беше осветлено и пак свиреше музика, насекаде запалени факли што ги носеше родољубивата маса од народот, која го пробиваше воздухот по улиците од овој среќен град, а во височината, во темниот воздух, се распрскуваа ракети, та блесна името на големиот државник, кое изгледаше како исплетено од ситни ѕвездички.

Потоа настана длабока, тивка ноќ, и родољубивите граѓани на прекрасната земја Страдија, заморени, вршејќи ги своите граѓански должности заспаа со сладок сон, сонувајќи ја среќната иднина и големината на својата мила татковина.

Скршен од овие чудни впечатоци, цела ноќ не можев да заспијам, и дури пред зори, така облечен, со потпрена глава на масата, ме фати сон; и како да слушнав некаков страшен, демонски глас со злобен кикот:

„Тоа е твојата татковина!… Ха, ха, ха, ха!…“

Се тргнав, и градите ми затреперија од страшното претчувство, а во ушите ми одѕуни тоа злобно:

„Ха, ха, ха, ха!“

Уште утредента во сите весници во земјата пишуваше за свеченоста, а особено во владиниот весник, во кој, меѓу другото секојдневно се праќаа телеграми од сите краишта на Страдија, во кои безброј потпишани жалеа затоа што не можеле лично да дојдат да ја искажат својата радост поради среќното оздравување на големиот државник.

Освен тоа, главниот лекар на државникот одеднаш стана славен човек. Во сите весници можеше да се прочита како совесните граѓани од ова или она место, од оваа или онаа околија или крај, ценејќи ги заслугите на лекарот Мирон, така се викал, ќе му купат скапоцен подарок. Во еден весник пишуваше:

„Разбравме дека и градот Крадија, по примерот на другите градови, му подготвува скапоцен подарок на лекарот Мирон. Тоа ќе биде мала сребрена статуа на Ескулап, кој во рацете исто така ќе држи сребрена мастилница, околу која се преплетуваат две позлатени змии со дијаманти наместо очи, и во устите држат свеќи. На градите на Ескулап со злато ќе бидат вдлабени зборовите: „Граѓаните од градот Крадија, во знак на вечна благодарност за заслугите кон татковината, на лекарот Мирон“.

Весниците беа преполни со вакви вести. Отсекаде во земјата на лекарот му подготвуваа скапоцени подароци и со телеграми му ја изразуваа својата благодарност на среќниот лекар. Еден град беше толку воодушевен што дури почна да гради величествена вила, во окоја ќе биде вѕидана огромна мермерна плоча, и на таа плоча израз на народната благодарност.

А само посебе се разбира дека веднаш е изработена и умножена сликата, на која беше претставено како големиот државник се ракува и му благодари на лекарот за сесрдното залагање. Под неа стоеше текстот:

„Ти благодарам, верен Мироне, ти од мене ја отстрани болеста, која ми пречеше сиот да се посветам на грижата за среќата на својата драга татковина!“

„Јас само ја вршев својата должност кон татковината!“

Над нивните глави лебди гулаб в облак и во клунот носи лента на која се зборовите:

„Милостивиот Творец го отстранува секое зло од Страдија, која му е по волја“.

Над гулабот стои крупен наслов: „За спомен на денот на среќното оздравување на големиот државник Симон“, мислам така се викаше, ако се сеќавам добро.

По сите улици и хотели дечињата ги носеа овие слики и викаа на сиот глас:

„Нови слики! Државникот Симон и лекарот Мирон!…“

Кога прочитав неколку весници, (речиси во сите имаше опширна биографија на прочуениот и родољубив лекар), решив да му појдам на господинот министер на земското стопанство.

Министерот на стопанството, постар снизок, дребен човечец, побелен со очила на носот, ме пречека пољубезно отколку што можев да очекувам. Ме намести да седнам крај неговата маса, а тој си седна крај масата на своето место. Масата беше пренатрупана со некои стари книги со пожолтени листови и со испокинати корици.

— Веднаш ќе ви се пофалам. Нема да верувате колку сум благодарен! Што мислите, што пронајдов?

— Некаков начин на кој ќе можете да го усовршите стопанството во земјата.

— О, не! Какво стопанство! Стопанството е усовршено со добрите закони. За тоа веќе и не треба да се мисли.

Јас замолчев не знаејќи што да му кажам, додека тој со добродушна, блажена насмевка покажувајќи ми некоја стара книга ми рече:

— Што мислите, кое е ова дело?

Јас се направив како да размислувам, додека тој пак со онаа блажена насмевка продолжи:

— Хомеровата Илијада!… Но, многу, многу… ретко издание!… — изговори насладувајќи му се на секој збор, и почна љубопитно да ме гледа за да види колку ќе ме изненади тоа.

И навистина, бев изненаден, но само од други причини; меѓутоа се правев дека токму таа реткост восхитува.

— Тоа е прекрасно! — му реков.

— А уште кога ќе ви кажам дека ова издание веќе го нема!…

— Па тоа с величествено! — викнав небаре воодушевено и зедов да ја разгледувам книгата, правејќи се длабоко восхитен и заинтересиран за таа реткост.

Одвај успеав, со разни потпрашувања, да го сменам разговорот од тој негов Хомер, за кој јас никогаш не бев чул ниту збор.

— Си земам слобода, господине министре, да ве прашам за тие добри стопански закони! — му реков.

— Тоа се, право да ви речам, класични закони. Верувајте ми, ниту една земја на унапредувањето на стопанството не троши колку нашава земја.

— Така и треба, — реков — тоа е и најважната основа за напредокот на секоја земја.

— Па се разбира, тоа и јас го имав на ум кога успеав да се направат што подобри закони и да се одобри што поголем буџет за унапредување на стопанството и на индустријата во земјава.

— Колкав е буџетот, ако смеам да прашам, господине министре?

— Минатата година, кога беше друго министерство, буџетот беше помал, но со голем труд и заземање јас успеав да влезат во буџетот пет милиони динари.

— Тоа е доволно за вашата земја?

— Доволно е… Е сега гледате, во законот е внесена и оваа точка: „Житото, и воопшто посевите, мора добро да успеваат и да ги има што повеќе“.

— Тоа е поволен закон — реков.

Министерот задоволно се насмевна, па продолжи:

— Го разгранив чиновништвото во својата струка, така што секое село има стопанско надлештво од петмина чиновници, од кои најстариот е управник на економијата и на стопанството на тоа и тоа село. Потоа, во секое околиско место економот за околијата е со голем персонал од чиновници, а над сите се покраинските економи, ги има дваесетмина, на колку што покраини е поделена нашава земја. Секој од покраинските економи во своето чиновништво има целокупен надзор: да врши контрола над сите други чиновници дали ја вршат својата должност, и да влијае за унапредување на стопанството во целиот крај. Преку него министерството (кое има дваесет одделенија и во секое по еден шеф на оделение, со голем број чиновници) врши преписка со целиот крај. Секој шеф на одделение во министерството врши преписка со по еден покраински економ, а тие, потоа, за тоа ги известуваат министрите, преку нивните лични секретари.

— Тогаш тоа е ужасна администрација? — забележав.

— Многу голема. Нашето министерство има најголем број нумера од сите други. Чиновниците немаат кога да кренат глави од разните акти. По кратко молчење, министерот продолжи:

— Потоа, јас направив секое село да има добро уредена читална, која мора да биде снабдена со добри книги за земјоделството, шумарството, сточарството, пчеларството и другите стопански гранки.

Сигурно, селаните читаат со задоволство?

— Тоа е обврска, како и воената обврска. Секој работник селанец мора да помине два часа претпладне и два часа попладне во читалната, каде што чита, или пак му читаат ако е неписмен, а, освен тоа и чиновниците им држат предавања за современото рационално обработување на земјата.

— Па, тогаш, кога работат во полето? — го прашав.

— Е, знаете како е. Во почетокот така изгледа. Ова е бавен начин, кој на прв поглед изгледа непогоден, но дури потоа ќе се види благотворното влијание на оваа голема реформа. Според моето длабоко уверување, најглавно е најпрвин добро да се совлада теоријата, па, потоа, ќе оди лесно, и тогаш ќе се види дека сево ова време минато во теориско изучување на стопанството стократно ќе се надомести. Господине мој, треба да се има цврста основа, здрав темел, за да се ѕида зграда! — заврши министерот и, од возбуда, ја избриша потта од челото.

— Наполно ги одобрувам вашите генијални погледи на стопанството! — реков воодушевено.

— И, така, убаво ги распоредив петте милиони динари: два милиони на чиновниците, еден милион хонорари за писателите на учебниците од стопанство, еден милион за отворање на библиотеки и еден милион за дневници на чиновниците. Тоа е токму пет.

— Тоа прекрасно сте го уредиле!… Прилично трошите и на библиотеките.

— Е, видете, сега јас издадов наредба, освен стопански книги, да се набавуваат и учебници за грчки и латински јазик, така што селаните, по полската работа, учејќи ги класичните јазици да можат да се облагородуваат. Секоја читална ги има Хомер, Тацит, Патеркула и други убави дела од класичната литература.

— Прекрадно! — извикав со раширени раце и веднаш станав, се поздравив со господин министерот и си отидов, зашто веќе ми бучеше во главата од таа голема реформа која не можев да ја сфатам.

(Нареден дел)

Укинување на страстите

Ние, Србите, му благодариме на милосливиот Бог, си ги свршивме сите работи, па сега можеме, онака, во слободното време, да се проѕеваме до мила волја, да дремеме, да се изналежуваме и да спиеме, па кога и тоа ќе ни здодее, можеме од шега, да ѕирнеме да видиме што се прави по другите несреќни земји. Велат — господи спаси нè од секаква беда и напаст, и нека е скраја! — бидејќи има земји каде што луѓето постојано се закрвуваат и се расправаат околу некакви права, околу некаква слобода и лична безбедност. Кожата му се наежува на човека кога ќе помисли на таквите несреќници кои уште не си ги средиле работите дома, а ние втасавме да ги средуваме дури и Кина и Јапонија. Секој ден одиме сè подалеку од својата земја, и ако потрае вака, нашите новинари ќе почнат да носат написи од Марс, Меркур, или, во краен случај, и од Месечината.

И јас сум член на овој среќен народ, па ете, за да ја задоволам модата, сакам да ви раскажам за една далечна, многу далечна воневропска земја, и што станало во неа одамна, многу одамна.

Не се знае точно каде била таа земја, како се викал народот во неа, но сигурно не е во Европа, а народот би можел да се вика со кое било име, само не Срби. Во тоа се согласуваат сите постари историчари, а новите можеби ќе го тврдат и обратното. Впрочем, тоа и не е наша работа и јас го оставам тоа, па дури и да се огрешам во обичајот дека треба да зборуваме за она што не го разбираме и да ја работиме онаа работа што не е наша.

Со сигурност се знае дека тој народ бил многу расипан и непослушен, преполн со пороци и лоши страсти, па со тоа и ќе ве позабавам во оваа приказничка.

Секако, драги читатели, на прв поглед вие не можете да верувате дека некогаш можеле да постојат толку расипани луѓе, но да знаете дека сето ова го работев според стари записи, што ги имам в раце.

Еве, во точен превод, неколку доставки до раз ни министри:

„Земјоделецот Н. Н., од Кар, денес по орањето намина в меана, пиеше кафе и страсно ги читаше весниците во кои се напаѓаат денешните министри…“

„Учителот Т… од Борак, штом ќе излезе од училиштето, ги собира околу себе селаните и ги наговара да формираат пејачка дружина. Освен тоа, овој учител игра челик со чираците, а со своите ученици игра со петлици, па затоа е многу штетен и опасен. На некои селани им чита книги и им ги нуди да ги купат. Ова зло не може да се трпи, зашто со тоа ја расипува целата околина, и им подметнува на мирните и чесни граѓани дека бараат слобода, а всушност тој непрестајно им зборува дека слободата е послатка од сè. Пуши страсно и потплукнува кога пуши.“

„Свештеникот Ѓ… од Сора, по службата во храмот, оди на политички собир во блискиот град.“

Еве, гледате, какви резили ти немало во оветот!

Внимавајте понатаму:

„Судијата С… денес гласаше за општинската управа. Овој срамен судија прима опозиционен весник и страсно го чита. Во судот се осмели да каже дека еден селанец воопшто не е виновен, кој е обвинет за навреда и противставување на власта, зашто пред сведоци рекол дека нема ништо да купува од дуќанот на кметот Габор. Освен тоа, тој ист судија изгледа замислен, а тоа е еден јасен доказ дека е полн со пороци и сигурно смислува некаков голем заговор против денешниов режим. Треба да се обвини за навреда на господарот, зашто тој и без тоа не може да биде пријател на династијата кога оди на кафе кај Моро кафеџијата, а Моровиот дедо бил добар пријател со Леоновиот побратим, кој го спотна оној метеж во Јамб против доглавникот на дворот на дедото на денешниот владетел!“

Имало и уште полоши луѓе во таа несреќна земја. Читајте ја само оваа доставка:

„Адвокатот од Тул застапуваше некојси сиромав, чиј татко го убија минатата година. Тој адвокат страсно пие пиво и оди на лов, а што е најлошо, основал и некоја дружина за помагање на сиромасите во нашата околина. Тој е дрзок изрод кој зборува дека државните шпиони се најлоши луѓе.“

„Професорот Т… денес трчаше низ градот со разни белосветски дечишта и крадеше круши откај зарзаватчијата, а вчера гаѓаше гулаби со праќка и скрши прозорец на една државна зграда. Тоа и би можело да му се прости, но тој оди на политички собири, гласа на изборите, разговара со граѓаните, чита весници, зборува за државниот заем, и какви ли не уште срамотилаци прави на штета на наставата!“

„Селаните од Вар почнаа да прават ново училиште, и како што се чини, со тој порок ќе се зарази целата наша околина. Треба што побргу да се спречи таа гнасна струја, штетна за државата!“

„Занаетчиите од Вар основаат читална и секоја вечер се собираат во неа. Оваа страст фати длабоки корења, особено кај младите, а старите се носат со мислата освен читалната — да основаат занаетчиски пензионерски фонд. Ова не може да се трпи во нашиот крај зашто ги соблазува сите чесни луѓе, кои не ги пцујат министрите! Еден занаетчија дури бара поделба на трудот! … Грди страсти! …“

„Селаните од Падо бараат општинска самоуправа!“

„Граѓаните во Троја сакаат слобода на изборитр.“

„Многумина овдешни службеници совесно си ја вршат работата, а еден, освен тоа, свири на флејта и знаје ноти!“

„Писарот Мирон страсно игра на забавите и јаде солени семки со пивото. Треба да се истера за да се излекува од тие страсти.“

„Учителката Хела купува цвеќе секое утро, па така ја соблазнува околината. Не може да се трпи, зашто ќе ни ја расипе младината.“

Кој би можел да ги изнареди сите гнасни страсти на тој несреќен народ? Доволно е да се рече дека само десетмина биле добри и чесни луѓе во целата земја, а сите други, и машко и женско, и старо и младо, биле расипани, како што се вели, од корен.

Што мислите, како им било на овие десетмина добри и чесни луѓе во таа расипана земја? … Тешко, многу тешко, а најмногу поради тоа што морале да го гледаат пропаѓањето на својата родена земја, што толку силно ја љубеле. Не спиеле ниту дење ниту ноќе од грижи: како да ги поправат своите грешни сограѓани, како да ја спасат земјата од пропаст?

Полни со огнено родољубие, полни со добродетелства и благородност, биле во состојба да ги поднесат сите жртви за среќата на својата татковина. И, еден ден, го стегнале јуначкото срце, ја наведнале главата пред волјата на горчливата судбина, која им пресудила тежок товар, и станале министри, земајќи си ја врз себе благородната задача да ја исчистат земјата од гревот и од страстите.

Биле учени луѓе, но не им било лесно да ја извршат толку тешката обврска.

Најпосле, на еден, кој бил најглупав кај тој народ (тоа значело најдуховит), му светнала мислата дека треба да се овика Народното собрание, но во него решаваат странци. Сите ја прифатиле оваа убава идеја и на државен трошок зеле под наем двесте луѓе, кои испофатиле некакви странци, што случајно се затекле тука, во таа земја, поради трговија. Тие се бранеле, се оттргнувале, но сила бога не моли!

Така се случило четиристотини странци да станат пратеници и да решаваат разни работи за среќата на земјата, да станат израз на народните желби.

Откако така ја свршиле работата и нашле доволен број луѓе кои ги наименувале за народни претставници, веднаш потоа распишале и избори за народни пратеници. Немојте да се чудите на тоа, зашто во таа земја таков бид обичајот.

Почнале собраниските седници. — Се решава, се зборува, се дискутира… Не е лесно да се сврши толку важна работа. Сè било лесно и одело бргу, но кога се дошло до страстите, веднаш се појавиле тешкотии. Додека некој не се нашол да предложи да се донесе решение со кое се укинуваат сите страсти во земјата.

— Да живее говорникот, да живее! — одекнале радосните извици од многу грла во собраниската сала.

Сите воодушевено го прифатиле предлогот, и се донесло решението:

„Народното претставништво, согледувајќи дека страстите му пречат на народниот напредок, е поттикнато да ја донесе уште и оваа точка во новиот закон, која ќе гласи:

„Од денес престануваат страстите и се укинуваат како штетни за народот и за земјата.“

Не поминале ни пет минути откако бил потпишан законот за укинување на страстите, и за него знаеле само пратениците, а сега да видите што се случувало меѓу народот во сите краишта, без разлика.

Доволно е да ви наведам само едно место, во превод, од нечиј записник.

Еве го, од збор до збор, тој записник:

„… Пушев страсно. Кога ќе се разбудев, веднаш се фаќав за цигарите. Еден ден, се разбудив и ја зедов кутијата со тутунот, та свиткав цигара (по обичај). Некако ми стана непријатно (токму тогаш пратеникот предлагал), кога одеднаш почувствував како раката сама ми затрепери, а цигарата ми падна; ја погледнав, па со одвратност плукнав… веќе нема да пушам — си помислив, а тутунот ми стана гаден, толку многу гаден што не можев да го гледам. Се чудев што ми стана така одеднаш, и излегов во дворот. Кога, дури таму имав што да видам! Пред вратата, мојот сосед, еден стар пијаница, кој не можеше без вино ниту час; стои трезен човекот, си гледа пред себе, и се чешка по главата.

— Еве, донесов вино, — му рече момокот, и му подаде шише како и обично.

Мојот сосед го дофати шишето, па го тресна одземи и тоа се распрсна на стотина парчиња.

— Уф, гадни работи! — викна тој со гнасење, гледајќи го истуреното вино.

Потоа долго молчеше, па побара слатко и вода.

Му донесоа, тој се почести, а потоа си отиде на работа.

Жена му се расплака од радост кога виде дека мажот и одеднаш се поправа.

Еден друт мој сосед, пак, кој страсно читаше весници, го видов како седи крај отворениот прозорец, па и тој нешто преобразен и чудно изгледаше.

— Добивте весници? — го прашав.

— Веќе нема да ги погледнам весниците, толку ми станаа одвратни! Сега си мислам да земам да читам археологија или грчка граматика! … — ми одговори, и јас си заминав, излегов на улица.

Целиот град се беше преобразил. Еден страстен политичар беше тргнал на политички собир. Одеше човекот по улицата, па наеднаш се заврти и се стрча наназад, небаре некој го спобркал.

Се зачудив што му стана, па го прашав зошто така наврапито се враќа.

— Тргнав на собир, па одеднаш ми падна на ум дека е подобро да си одам дома, да си нарачам некоја книга од областа на земјоделството и на домашната индустрија, па да читам и да се усовршувам во работата. Што барам на собир? — ми рече, па отрча дома за да го изучува земјоделството.

Не можев да се начудам на чудото што стана одеднаш, па се вратив дома, и зедов да ја прелистувам психологијата. Сакав да го прочитам местото за страстите.

Наидов на листот каде што пишуваше: „Страсти“. Останал само насловот, а сето друго побелело, небаре никогаш ништо не пишувало! …

— О, што е сега ова, господи?!

Во целиот град никаде не можеш да најдеш лош и страстен во што било, па дури и добитокот станал поумен!

Дури утредента во весниците прочитавме за собраниското решение дека се укинуваат сите страсти.

— А, ах, значи тоа е! — викаа сите. — Ние се чудиме што станува со нас. а тоа Собранието ги укинало страстите!

Овој записник е доволен за да објасни што станало кај народот кога во Собранието се донесувал законот за укинување на страстите.

Потоа им било јасно на сите и секому, и престанало чудењето, а наставниците во училиштата вака им предавале на своите ученици за страстите: „Некогаш во душите на луѓето постоеле и страсти, и тоа бил еден од најзаплетканите и најтешките делови на психологијата; но со решение на Собранието страстите се укинати, па така сега ја нема таа партија во психологијата, како и во душите на луѓето. Страстите се укинати на тој и тој датум, таа и таа година.“

— Му благодариме на Бога кога не мораме да ги учиме! — шепотеле учениците, задоволни со таа собраниска одлука, зашто за идниот час требало да научат само: „На тој и тој датум, таа и таа година, со решение на собранието се укинати сите страсти, и така веќе ги нема кај луѓето! …“

Штом ќе го изговореле тоа без грешка, ќе добиеле одлична оценка.

Ете, така наеднаш тој народ се спасил од страстите, се поправил, па од тој народ, според некои преданија, станале анѓелите! …

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)