Tag Archive | групи

Страдија (7/12)

(Претходен дел)

Кога излегов на улица, улицата пак преполна со народ што се брануваше на сите страни, а од врева ушите да ти се заглушат.

„Каде оди овој народ? Што е пак сега?… Сигурно некаква депутација?“ си помислив во себе, гледајќи со чудење во таа неброена шарена маса со разновиден авет, и му се приближив на првиот што беше до мене па го прашав:

— Каде брза ова мноштво од народ?

Тој се почувствува длабоко навреден од ова мое глупаво прашање, ме погледна налутено дури и со презир, па ми го сврти грбот и појде по мноштвото.

Прашав друг, трет, но, секој со презир ме погледуваше и не ми одговараше. Најпосле најдов еден со кој се запознав по повод покренувањето на еден патриотски весник, а во таа земја, да не се чудите, секој ден излегуваа, се покренуваа по неколку весници, па го прашав и него:

— Каде брза ова мноштво народ? — а се плашев да не поминам уште полошо отколку со другите и со овој познат патриот.

И тој ме погледа со презир, па со задушен глас, полн со лутина и гнев, изговори:

— Срамота!

Јас се засрамив и одвај промрморев:

— Извинете, немав намера да ве навредувам, само сакав да прашам…

— Но, тоа е убаво прашање! Каде живееш ти, зар не ти е срам да прашаш за една работа, за која и добитокот може да знае? Нашата земја страда, и ние сите брзаме да ѝ дојдеме на помош како нејзини добри синови, а ти се исчудуваш, и не знаеш за толку важен настан! — изговори мојот познаник со глас што трепери од патриотска болка.

Долго се извинував и се правдав за толку големата грешка, што ја направив не размислувајќи, и го замолив за проштевање.

Тој се одоброволи и ми раскажа дека Анутите, едно воинствено племе, напаѓаат од југ во нивната земја и прават страшни зулуми.

— Денеска стигна веста — продолжи тој — дека ноќеска изнатепале многу семејства, запалиле многу домови и заплениле многу добиток!

— Тоа е страшно! — реков и се стресов од ужас, и ми дојде да јурнам на југ на земјата и да се борам со Анутите, зашто толку многу ме заболе страдањето на невините мирни граѓани од нивното варварство, па речиси и заборавив дека сум стар, изморен и немоќен и во тој момент почувствував младешка сила.

— Па зар смееме да останеме глуви при колењето и на тие ѕверски постапки на нашите соседи?

— Никако! — извикав воодушевен од неговите пламени зборови — и од бога би било грев!

— Затоа и брзаме на собир. Нема ниту еден совесен граѓанин кој нема да дојде на овој собир; само што секоја класа за себе ќе си држи собир на разни места.

— Зошто така?

— Хм, зошто?… Вечната наша неслога! Но сепак секој собир ќе донесе решение, патриотско. Покрај другото, и подобро е што повеќе, а главно е дека сме сите сложни во чувствата и и мислите, дишеме со една душа кога е во прашање нашата мила татковина.

И навистина светот почна да се дели во разни групи и да ода во разни правци; секоја група брза на своето одредено место каде што ќе се одржи собирот.

Бидејќи, се разбира, не можев да стигнам на сите собири, со својот познаник се упатив таму каде што одеше тој и неговата група. Тоа беа чиновници од судска и полициска струка.

Влеговме во пространата сала на еден хотел, во кој веќе беа наместени седишта и маса со зелена чоја за свикувачите на собирот. Родољубивите граѓани седнаа на столиците, а свикувачите ги зазедоа своите места на крај на масата.

— Браќа! — почна еден од свикувачите. — Вие веќе знаете зошто се собравме овде. Сите вас овде ве собра благородното чувство и желбата да се најде лек и да им се застане на пат на дрските напади од анутските чети во јужните краишта на нашата мила татковина, да му се помогне на несреќниот народ што страда. Туку, пред се, господа, како што знаете, во вакви прилики, ред е да се избере претседател, потпретседател и секретари на собирот.

По долгата врева, тој што го отвори собирот, го избраа за претседател, а другите за членови.

Според утврдениот ред и обичај, членството му заблагодари на родољубивиот собир за ретката почест, претседателот заѕвони со ѕвончето, и објави дека собирот е отворен.

— Сака ли некој да зборува? — праша.

Се јави еден од првата редица на седиштата и рече дека е ред од собирот да се поздрави владата и големиот мудар државник, кој на владетелот ќе му ги протолкува изразите на нивната верност и лојалност.

Собирот го прифати предлогот и веднаш беа приготвени писмени поздрави што беа усвоени со акламација, со забелешка на некои места правилно да се дотера редот на зборовите, според синтаксата.

Почнаа да се јавуваат говорници кој, од кој посилен. Секој говор беше полн со родољубие, полн со болка и гнев кон Анутите. Сите говорници беа согласни со предлогот на првиот говорник: без никакво одлагање, зашто работата и без тоа е хитна, веднаш да се донесе, тука, на овој собир, остра резолуција, со која најенергично ќе се осудат варварските постапки на Анутите.

И тука веднаш избраа троица кои добро го познаваа јазикот за да ја состават резолуцијата во споменатата смисла, и да се прочита пред собирот на одобрување.

Во тој миг се јави еден со готова резолуција и го замоли собирот за дозвола да ја прочита, па, ако се согласи собирот со неа, да ја прифати.

Му одобрија, па тој почна да чита:

„Чиновниците од судската и полициската струка собрани на денешниов собир, длабоко потресени од немилите настани, кои, за жал, секојдневно се одигруваат во јужните краишта на нашава земја, поради варварското однесување на анутските чети, се поттикнати да ја донесат следнава резолуција:

    1. Длабоко сожалуваме што нашиот народ во тие краишта и го снајде таква несреќа;
    2. Најостро ги осудуваме дивјачките постапки на Анутите извикувајќи: Долу!
    3. Со гнасење и со преѕир констатираме дека Анутите се некултурен народ, недостоен на вниманието на своите просветени соседи.“

Оваа резолуција начелно едногласно беше прифатена, но во бурната дебата за поединостите беше усвоено во точката 2, да се додаде уште и „одвратни“ кај зборот „дивјачки“.

Потоа ја овластија управата, од името на собирот, да ја потпише резолуцијата, и собирот се растури во најдобар ред.

На улицата пак врева и мноштво народ што се враќаа од многуте патриотски собири.

На нивните лица сега се забележуваше душевен мир, како кога човек ќе почувствува задоволство со завршена тешка работа, но со благородна, возвишена должност.

На многу места чув вакви разговори:

— Сепак, не требаше да биде толку остра — вели еден.

— Зошто? Добро е. Кон таквите животни треба да се биде груб и остар — се лути другиот.

— Знам, но не оди, не е тактично! — пак продолжува првиот.

— Каква тактичност сакаш кон нив? Да не се замериме, со толку добрите луѓе, или што? Море вака ти ним, па кога ќе читаат да се стресат — пак продолжува другиот, а гласот му трепери од лутина.

— Па ние, како попросветени треба да бидеме и повозвишени од нив; а потоа треба да бидеме претпазливи да не се замериме со соседната земја — објаснува оној мирољубивиот и тактичниот.

Приквечерјето истиот ден во весниците можеа да се прочитаат многубројните резолуции донесени дента на родољубивите собири. Никој не остана а да не ѝ дојде на земјата на помош. Весниците преполни: резолуција на професорите, поради немилите настани на југот на Страдија, резолуција на младината, резолуција на учителите, офицерите, резолуција на работниците, трговците, лекарите, препишувачите. Со еден збор, никој не изостанал. И сите резолуции во еден дух, сите остри и решителни, во секоја го има она „длабоко потресени“, „најостро осудуваме“ и така натаму.

Вечерта, пак имаше веселба во градот, а потоа мирен, тивок и спокоен сон на мирољубивите и храбрите синови на среќната земја Страдија.

Утредента стигнуваа вести од другите краишта на Страдија. Немаше ниту едно единствено место каде што не беше донесена резолуција по повод „последните немили настани“, како што тоа го нарекоа Страдијаните.

А веќе само по себе се разбира дека секој граѓанин, за оваа голема услуга на татковината, кој помалку кој повеќе, беше награден со одликувања за граѓанска храброст и добродетелство.

И мене ме воодушеви овој храбар народ, полн со граѓанска совест и самопрегорност за општото добро, па од градите ми излета извикот:

„Страдијо, ти никогаш нема да пропаднеш, па дури и сите народа да пропаднат!“

„Ха, ха, ха, ха!“ — во тој миг небаре пак ми заѕуни во ушите ѓаволската подбивна насмевка на некој зол дух на оваа среќна и блажена земја.

Несакајќи воздивнав.

(Нареден дел)