Tag Archive | Чесност

Страдија (1/12)

Во една стара книга прочитав чудна приказна; а ѓавол да знае од каде мене ми се најде в раце таа книга, од некое смешно време, во кое имало многу слободоумни закони, а ни малку слобода; се држеле говори и се пишувале книги за стопанството, а никој ништо не сеел, целата земја била пренатрупана со морални поуки, а морал немало; во секоја куќа полн таван со логика, но ум немало; на секој чекор се зборувало за штедење и за благосостојба на земјата, а се растурало на сите страни, а секој лихвар и никаквец можел да си ја купи титулата „голем народен патриот“ и тоа само за неколку гроша.

Писателот на таа чудна приказна, патни белешки (што ли е тој состав строго земено според литературните видови, не знам ни самиот, а не сакав да ги прашувам ни стручните лица, зашто и тие, без секакво сомневање според нашиот утврден српски обичај, предметот би го упатиле за мислење до општата седница на Касациониот суд. Меѓу другото, тоа е убав обичај. Се поставуваат луѓе кои мораат да мислат по службена должност, па готова работа, и сите други сме безгрижни)… Значи, писателот на таа чудна приказна, односно на патните белешки, почнува вака:

„Педесет години од својот живот поминав само патувајќи по светот. Видов многу градови, многу села, многу земји, многу луѓе и народи, но ништо толку не ме зачуди, како едно мало племе, во еден прекрасен, питом предел. Јас ќе ви раскажам за тоа среќно племе, иако однапред знам дека никој жив нема да ми верува, ниту сега, ниту пак кога и да е по мојата смрт, ако некому ова му падне в раце и го прочита…“

Некој шерет чичко, та токму поради ваквиот свој почеток ме натера да ја прочитам работата докрај, а кога веќе ја прочитав, сакам да им ја прераскажам и на другите. За да не мислите дека со ова сакал да ве наговорам на читање, еве веднаш, уште во почетокот, најискрено изјавувам дека не е вредно да се чита, и дека чичкото (писателот, што ли е?) лаже сè што раскажува; но, за големо чудо, јас лично верувам во таа негова лага како во најголема вистина.

Еве како раскажува тој понатаму.

Пред еден цел век татко му е тешко ранет и заробен во војната, а потоа од својата татковина однесен во туѓина, каде што пак се оженува со една девојка робинка, своја земјачка. Во тој брак сум се родил јас, а кога имав одвај девет години, тој умре. Тој многу ми раскажуваше за својата татковина, за јунаците и за големите карактери со кои изобилува нашата земја, за големото родољубие и за крвавите војни за слобода, за добродетелствата и чесноста, за големата пожртвуваност за спасување на земјата, каде што сè, па и животот, се причестува на олтарот на татковината. Ми раскажуваше за славното и витешко минато на нашиот народ, а на умирање ми остави аманет: „Синко, мене смртта не ми даде да умрам во својата мила татковина, судбината не ми даде коските да ми ги прими онаа света земја што ја натопував со својата крв за да може да биде слободна. Мојата несреќна судбина не ми дозволи, пред да ги затворам очите, да ме огреат зраците на слободата во мојата мила татковаина. Но, нека е простена мојата крв, зашто зраците на слободата тебе ќе те осветлат, синко мој; ќе ве осветлат вас, нашите деца. Оди, синко, бакни ја таа света земја кога со нога ќе стапнеш на неа, оди и сакај ја, а знај дека големи дела ѝ се наменети на таа витешка земја и на нашиот народ; оди и, за гордост на својот татко, за добро употреби ја слободата, а не заборавај дека таа земја ја ороси и мојата крв, крвта на твојот татко, како што со векови е росена од благородната крв на твоите витешки и славни предедовци…“

Кај овие зборови татко ми ме гушна и ме бакна, и неговите солзи капнаа на моето чело.

— Појди, синко, господ нека ти…

Со оваа недовршена реченица испушти душа мојот добар татко.

Не помина ниту еден месец по неговата смрт, со торбата на рамо и со стап в раце тргнав по белиот свет да ја барам својата славна татковина.

Педесет години патував низ туѓина, низ широкиот свет, но никаде на земјата не најдов ни слична на онаа витешка земја, за која толку пати ми раскажуваше татко ми.

Но, барајќи ја мојата татковина, наидов на интересна земја и интересни луѓе, за што, еве, ќе ви раскажувам.

Летен ден. Сонцето пече, мозокот да ти зоврие, од големата запурнина чувствуваш вртоглавица; нешто ми брмчи во упште, жедта ме исцрпува, а и погледот ми е заморен, та одвај гледам. Сиот сум облеан во пот, па на потта се налепи патната прашина; и облеката ми е прашлива и веќе излитена. Одам уморен, изнемоштен, додека одеднаш, на половина час ôд, пред мене гледам се белее град што го заплискуваат две реки. Како да почувствував нова сила, заборавив на заморот и омалаксаноста, па завјасав накај тој град. Стигнав до брегот. Двете големи реки мирно си течат и со својата вода ги мијат градските ѕидови.

Се сетив дека татко ми ми раскажуваше за еден прочуен град, каде што нашите пролеале многу крв, па како низ сон си спомнив оти некако ми зборуваше, така, дека тој град лежи на две реки што течат крај него.

Срцето силно ми зачука од возбуда; ја симнав капата, и ветрот токму од шумите на таа земја дувна и ми го разлади испотеното чело. Ги подигнав очите кон небото, клекнав на колена, и низ солзи извикав:

„Боже, голем! дај ми мудрост, послушај ја молитвата на сирачето што се потуцкува по широкиот свет, барајќи ја својата татковина, барајќи ја татковината на својот татко!…“ Ветрот и понатаму дувка од сините планини што се гледаат таму во далечината, а небото молчи.

„Кажи ми, ти мил ветру што дуваш од тие модри гори, дали тие се горите на мојата татковина? Кажете ми вие, мили реки, дали од тие горди ѕидини на гордиов град ја миете крвта од моите претци?“

Сè е немо, сè молчи, а мене некое слатко претчувство, некој таен глас како да ми вели:

„Тоа е земјата што толку време ја бараш!“

Наврапито ме тргна некаков шум. Крај брегот, малку подалеку од мене здогледав некојси рибар. Кајчето му е на брегот, а тој си ја крпи мрежата. Занесен од слаткото чувство, порано не го забележав. Му приоѓам на тој човек и го поздравувам.

Тој ме погледна молчејќи, па веднаш го сврти погледот од мене и си ја продолжи својата работа.

— Која е онаа земја што се гледа оттаму преку водана? — прашам, а сиот треперам од нетрпение да чујам што ќе ми одговори.

Тој ги спушти рамењата и ги рашири рацете во знак на чудење, ме погледна и процеди низ заби:

— Да, навистина тоа е некоја земја.

— Како се вика? — прашам,

— Тоа не знам. Гледам дека има таму некоја земја, но не сум прашал како се вика.

— А ти, од каде си? — прашам.

— Па ете, овде на едно половина час одовде ми е куќата. Тука сум се родил.

„Чудно, тогаш оваа не е земјата на моите претци, мојата татковина“ — си помислив, а гласно запрашав:

— Па зар ти ништо не знаеш за оваа земја? Зар по ништо не е прочуена?

Рибарот се замисли, ја пушти мрежата од рацете, па како да се сети на нешто. По долго молчење рече:

— Велат дека во таа земја има многу свињи.

— Зар само по свињи е прочуена таа земја? — прашам зачудено.

— Па има и многу будалштини, но тоа мене не ме интересира! — рече тој ладнокрвно и зеде пак да си ги крпи мрежите.

Ми беше нејасен одговорот, та повторно го запрашав:

— Какви будалштини?

— Секакви — ми одговори со некаква здодевност и се проѕевна рамнодушно.

— Значи, свињи и будалштини?! За ништо друго не си слушнал?…

— Освен свињи, велат дека имаат многу министри, едни во пензија, други на располагање, но нив не ги извезуваат. Ги извезуваат само свињите.

Си помислив дека рибарот си тера шега со мене, та пламнав:

— Ама што ми зборуваш ти мене штогоде, сигурно мислиш дека сум будала?!

— Плати ми да те префрлам таму, на другион брег, па оди види што има. Јас ти го кажувам она што сум го чул од други. Ниту јас сум бил таму, ниту пак знам сигурно што има.

„Значи тоа не е земјата на моите славни претци, зашто таа е прочуена по јунаци, по големи дела и по светлото минато“ — си помислив, но рибарот, со чудните одговори на моите прашања, ме заинтересира, та се решив да ја видам и таа земја, кога веќе толку многу други видов и поминав. Се пазарив со него и седнав во кајчето.

Рибарот довесла до другиот брег, ги прими парите како што се пазаривме, и, откако јас излегов на брегот, тој си одвесла назад.

(Нареден дел)

Сонот на еден министер

И министрите, господи прости ми, велат, се луѓе како и сите други. И тие мора да јадат, да пијат, да спијат, како и ние простосмртните, само, како велат, потешко им оди од рака да мислат, но таа простачка, ниска способност не се бара за таквите високи положаи.

Господин министерот Н. (што го интересира некого името!) седеше во својата канцеларија, опуштен во меката фотелја, и бидејќи земјата беше во невола, можеше мирно и спокојно да размислува дали да вечера кечиги, печени на жар, или пржени. Бидејќи веќе се стемнуваше, по долгото размислување се реши за првата помисла, и стана малку да прошета на чист воздух, онака, за подобар апетит. И што се случи? Барем не може да се рече (а има зли јазици кои сакаат сешто да зборуваат) дека во земјата ништо не чини, не чини просветата, не чини стопанството, бедна е финансиската положба, не чинат економските услови, не чини… Може да се реди до мила волја што сè не чини, но кај министерскиот апетит мора да се застане, тој е исправен.

Значи, господин министерот Н. си прошета, се напи пиво, си вечера печени кечиги и ги залеа со добро, црно вино; а кога толку убаво и свесно ја исполни должноста кон својата татковина, си легна в постела блажен, задоволен, и заспа со среќна насмевка на устата, како човек кого не го вознемирува никаква грижа и мисла.

Меѓутоа сонот, можеби и не знаејќи дека господинот Н. е министер, се осмели да го вознемири неговото господство и го пренесе во далечното минато од неговата младост.

Сонува.

Зимска ноќ. Ветрот надвор фучи, а тој како да беше во онаа иста мала, влажна соба, каде што живееше како ученик. Седи на своето ученичко столче. Минала полноќ. Ја потрпел главата на десната рака, а во левата му е книгата што ја читал до пред малку. Пред него мала ламба, во која веќе догорела газијата, та трепка, потпукнува и чади слабото пламенче, кое речиси одвај се гледа низ поцрнетото стакло. Во собата е студено, па го наметна своето излитено зимско палто. Седи така, неподвижно, погледот му е вперен во една точка, а мислата го носи во далечната иднина.

Размислува за својата работа во иднината. Решен е сиот свој век да ѝ го посвети на благородната тешка работа и на делото, да се бори за правда и за слобода, да жртвува сè, па дури и животот, ако треба, за среќата и доброто на својата земја, за општите интереси. Пред себе гледа долга низа од години, што тој ќе ги исполни со корисна напорна работа; чувствува дека ќе може да ги оствари своите идеали, и дека е во состојба да ги совлада сите пречки што ќе му искрснат на патот, на патот на добродетелствата, од кој никогаш нема да отстапи.

И се труди да се замисли себеси во иднината, по долга низа години. Срцето посилно му зачукува, и го обзема некое пријатно, слатко чувство кога ќе си помисли на успесите и на добродетелствата што ќе ѝ ги направи на својата земја и на својот народ.

Одеднаш чу некое необично, таинствено шумолење. Се тргна и погледа, кога, пред него се појави една крилата жена, исто како самовила за која се пее во песните, со вонземни шарм и убавина.

Тој се исплаши и ги затвори очите, не смеејќи да погледне во чудната жена, но таа го помилува со крилото по образот, и тој почувствува рајско блаженство, се ослободи и повторно ја погледна, па таа му се стори толку позната, небаре цел век се дружел со неа.

– Која си ти? – праша.

– Не мораш тоа да го знаеш. Дојдов да ти ја покажам иднината. Ајде со мене!

И тој божем отиде.

Одеа долго молчејќи, додека не дојдоа на една долга, пространа полјана.

– Гледаш ли нешто? – го праша.

– Ништо!

Таа го допре со крилјата по челото и му премина и преку очите, и одеднаш, тој погледа малку понатаму, таму на полјаната, многу луѓе, но не стојат сите еднакво, туку некои се на самата земја, некои малку повисоко од нив, како на некакви скалила, други уште малку повисоко од нив, трети повисоко од претходните и така редум, сè до оние што беа највисоко над сите.

– Што е ова?

– Тоа се разни положби во општеството.

Тој ги гледа луѓето, а таму врева, џагор, викање, се влечат, се туркаат, се фаќаат за гуша, се топорат, – сите тие се грабаат за да се издигнат што повисоко.

Кога се обѕрна и погледна убаво, онаа чудна жена што го донесе тука веќе на немаше.

Тој почувствува силна, нескротлива желба и самиот да се смеша во тоа мноштво народ.

И се смеша.

Работеше меѓу оние кои стојат најниско, работеше, копнеејќи со работата да направи да застане повисоко.

Работеше долго, долго, но никако да се издигне ни за еден степен.

Кога, пред него пак се покажа онаа жена што га донесе тука.

– Што сакаш? – му рече.

– И јас да се искачам погоре.

– Можеш, но не се искачува по тој пат по кој си почнал.

– Што ми пречи?

Таа со крилото ги допре неговите гради, и тој почувствува некакви пријатни трпки, па нешто како да му олесна, а кога погледа, тој, одеднаш, се издигнал.

– Сакаш ли повисоко?

– Сакам.

Таа пак ги допре неговите гради, и тој пак малку се извиши.

– Сакаш уште?

Него веќе го беше обзела силна, единствена желба да се искачи што повисоко.

– Уште, колку што можам најмногу! – рече.

Таа пак ги допре неговите гради, а потоа го дофати со крилото по челото, и тој се издигна меѓу оние кои беа највисоко.

Тој се почувствува среќен, задоволен, и ја погледа со благодарност својата усреќителка.

– Што ми направи што олку бргу се издигнав? – ја праша.

– Ти ги одзедов карактерот и чесноста, а најпосле ти извадов и од паметта. Тоа ти пречеше да се дигнеш на најголемата височина.

Тој се згрози и затрепери.

– Сега ајде назад, кога го виде сето ова – му рече таа, и одеднаш се најдоа во истата таа собичка.

– Што е сето ова што ми го покажа?

– Твојата иднина! – му рече таа чудна жена, и исчезна.

Нему се спушти главата, а од градите испушти тешка, болна воздишка.

Господинот министер тука се тргна и се разбуди. – Сèедно, кога веќе е така! – си помисли и се проѕевна рамнодушно.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)