Tag Archive | трговец

Страдија (4/12)

(Претходен дел)

Утредента го посетив министерот на полицијата. Пред министерот многу вооружени момци со намуртени лица, зашто веќе два-три дена не тепале граѓани, што е обичај во оваа строго уставна земја.

Ходниците и чекалната преполни со народ што сака да ода кај министерот.

Кого сè го нема тука! Некои се елегантно облечени, со цилиндри на главите, некои пак парталави, испокинати, едни пак во некакви шарени униформи, со сабји на колковите.

Не сакав веднаш да му се јавам на министерот, за да поразговарам малку со тие секакви луѓе.

Првин стапив во разговор со еден отмен, млад господин, и тој ми рече дека дошол да бара државна служба во полицијата.

— Вие сте, изгледа, учен човек; сигурно веднаш ќе добиете државна служба? — го прашав.

Младиот човек се штрекна од прашањето и плашливо се сврти околу себе да се увери дали некој го чу и му обреа внимание на моето прашање. Кога виде дека сите други меѓу себе се зафатени во своите разговори, претресувајќи ги своите неволи, здивна, а потоа со главата ми даде знак да зборувам потивко и претпазливо ме повлече за ракавот за да се тргнеме малку понастрана, подалеку од другите.

— И вие сте дојден да барате служба? — ме праша.

— Не. Јас сум странец, патник. Сакам да зборувам со министерот.

— Затоа вие толку гласно велите дека како учен човек веднаш ќе добијам служба! — ми рече тој шепотејќи.

— Зар не смее тоа да се рече?

— Смее, но мене ќе ми наштети.

— Како ќе ви наштети, зошто?

— Затоа што во оваа струка, овде, во нашава земја, не трпат учени луѓе. Јас сум доктор по правни науки, но тоа го кријам и не смеам никому да му го кажам: зашто, ако разбере министерот, не ќе добијам служба. Еден мој другар, исто така учен, за да добие служба, мораше да поднесе уверение дека никогаш ништо не учел, па така доби служба, и тоа веднаш убаво место.

Поразговарав уште со неколкумина, а меѓу другите и со еден униформиран чиновник, кој ми се пожали дека уште не добил класа, а создал вина за предавство на петмина што ѝ припаѓаат на опозицијата.

Јас го тешев поради таквата страшна неправда што се правела кон него.

Потоа разговарав со еден богат трговец, кој многу ми раскажуваше од своето минато а од сето тоа го запаметив само тоа дека пред неколку години го држел првиот хотел во некое помало гратче и дека настрадал поради политика, за што е оштетен со неколку стотини динари; но веднаш по еден месец, кога дошле на власт неговите луѓе, добил добра лиферација на која заработил голем капитал.

— Притоа — ми рече — падна кабинетот.

— Па пак ли настрадавте?

— Не, се повлеков од политичкото поле. Навистина, во почетокот го помагав нашиот политички весник со пари, но не одев на гласање, ниту пак се истакнував во политиката. Од мене е доста и толку. Другите не правеа ни толку… А и ме замори политиката. Зошто му е на човека да се мачи цел век! Сега дојдов кај господин министерот да го замолам за идните избори народот да ме избере за народен пратеник.

— Па, сигурно тоа народот го избира?

— Па, како да ви речам?… Да, народот го избира, така е според уставот; но обично ќе биде избран оној, кого го сака полицијата.

Кога така се изнаразговарав со публиката, му пријдов на момчето и му реков:

— Сакам да излезам пред господинот министер.

Момчето ме погледна намуртено, гордо, со некаков преѕир, па рече:

— Чекај! Гледаш колку луѓе чекаат тука?!

— Јас сум странец, патник, и не можам да одлагам — реков учтиво и се поклонив пред момчето.

Зборот странец имаше силно влијание, и момчето веднаш некако збунето јурна во министеровата канцеларија.

Министерот веднаш ме прими љубезно и ми понуди да седнам, бидејќи пред тоа, се разбира, кажав кој сум и како се викам.

Министерот беше слаб човек, со груб, суров израз на лицето, што одбива од себе, иако тој се трудеше да биде што пољубезен.

— Па како ви се допаѓа овде кај нас, господине? — ме праша министерот, смејќи се студено без срце.

Јас најласкаво се изразив за земјата и за народот, па додадов:

— А особено можам да ѝ честитам на оваа прекрасна земја на мудрата и умна управа. Не знам, просто, на што човек побргу да се восхитува!

— Тхе, би можело и подобро да биде, но ние се трудиме колку што можеме! — рече надуено, задоволен од мојот комплимент.

— Не, не господине министре, без ласкање, подобро и не може да се посака. Гледам, народот е многу задоволен и среќен. За овие неколку денови имаше толку празнувања и паради! — реков.

— Така е, но во тоа народно расположение има малку и мои заслуги, затоа што успеав во уставот, покрај сите слободи што му се дадени на народот и наполно загарантирани, да го внесам уште и ова:

„Секој граѓанин на земјата Страдија мора да биде расположен и весел и со радост да го поздравува секој важен настан и секоја постапка на владата, со многубројни депутации и со депеши.“

— Знам, но како може тоа да се изведе, господине министре? — го прашувам.

— Многу лесно, зашто секој мора да се покорува на законите на оваа земја! — одговори министерот и го направи лицето важно, достоинствено.

— Убаво, — забележав — но ако тоа е некаква неповолна работа за народот и за неговите интереси, како и за интересите на земјата? Ете, како на пример, вчера разбрав од господинот министер претседател дека на север е затворан извозот на свињи; а со тоа, окако што изгледа, земјата ќе претрпи голема штета.

— Така е, но тоа мораше да се случи; па пак уште денес-утре ќе стигнат толку депутации од сите краишта на Страдија за тоа и ќе му честитаат на министерот претседател на толку мудрото и тактичко водење на политиката со таа соседна и пријателска земја! — рече министерот воодушевено.

— Тоа е прекрасно, и такво мудро уредување може само да се посака, а слободен сум и јас, како странец, искрено да ви честитам на тој генијален закон, кој настанал со вашата заслуга, а кој ја усреќил земјата и ги спречил сите грижи и неволи.

— За секој случај, ако народот случајно заборави да ги извршува своите обврски според законот, предвидувајќи го и тој најлош случај, пред три дни пратив доверлив распис до сите полициски власти во земјата и строго им препорачав по тој повод народот да доаѓа во што поголем број и да му честита на министер претседателот.

— Но ако по некој ден се отвори извозот на свињите, што мислите тогаш? — го запрашав учтиво и љубопитно.

— Ништо попросто: ќе пратам друг доверлив распис, во кој исто така ќе ѝ наредам на полицијата народот да доаѓа во што поголем број на честитање. Тоа така мора да оди, во почетокот потешко, но постепено народот ќе се навикне, па ќе доаѓа и сам.

— Така е, имате право! — реков изненаден со овој одговор на министерот.

— Сè може да се направи, господине, само ако се сака, и ако има слога. Ние во кабинетот си помагаме еден со друг за да се изврши најточно наредбата на секој член од владата. Ете, видете, денеска министерот за просвета ми испрати еден свој распис и јас да го помогнам и да им наредам на сите полициски органи во моето подрачно министерство строго да се придржуваат кон расписот на министерот за просвета.

— Некоја важна работа, ако смеам да прашам!

— Многу важна. Всушност, неодложна; и јас ги направив потребните чекори. Еве, видете — рече и ми подаде во раката лист хартија.

Почнав да го читам:

„Се увидува дека секој ден сè повеќе и повеќе почнува да се расипува јазикот кај нашиот народ, и некои граѓани одат толку далеку, што дури ја забораваат наредбата која гласи: ’Народниот јазик не смее да го расипува ниту еден граѓанин, ниту да ги из вртува зборовите во реченицата и да употребува одделни форми спротивни од пропишаните и утврдените правила што ги пропишува посебниот одбор од граматичари’, почнаа дури и зборот гнев, за жал, дрско, и без никаков срам, да го изговараат гњев. За да не се случуваат и во иднина вакви појави кои можат да имаат многу големи и лоши последици за нашата мила татковина, ви наредувам со силата на власта да го заштитиме зборот гнев, што така го унакажале, и строго да го казните според законот секој оној кој овој или некој друг збор, или пак граматичката форма на зборот своеволно ќе ја менува, не внимавајќи на јааните законски одредби“.

— Па зар за ова се казнува? — прашав запрепастен од чудо.

— Се разбира, зашто тоа веќе е покрупна работа. За ваков случај се казнува виновникот од десет до петнаесет дена затвор ако се докаже неговата грешка со сведоци!

Министерот малку помолче па продолжи:

— За ова треба да размислите, господине! Тој закон, со кој имаме право да го казнуваме секого ако неправилно ги употребува зборовите и прави граматички грешки, има непроценливи вредности уште и од финансиско и политичко гледиште. Размислете, па ќе дојдете до правилното гледиште на сета таа работа!

Се обидувам да се задлабочам во мислите, но никаква паметна идеја не ми доаѓа на памет. Што повеќе мислев, сè помалку ја разбирав смислата на зборовите од министерот, сè помалку знаев на што мислам. Додека се мачев со тој безуспешен обид да размислувам за чудниот закон, во таа уште почудна земја, министерот ме гледаше со задоволна насмевка затоа што странците одблизу не се толку разумни, толку досетлив сој, како народот во земјата Страдија, кој може да измисли нешто толку паметно што кај друг народ би се сметало дури за чудо.

— Значи, не можете да се сетите?! — рече со насмевка и ме погледна под око, испитувачки.

— Извинете, но никако не можам.

— Е, видете, тоа е најновиот закон што има големо значење за земјата. Прво и прво, казните за таквите вини се наплатуваат во пари, и од тоа земјата има мошне добар приход, што го троши на пополнување на дефицитите што се наоѓаат во касите на начелните пријатели, или на диспозициониот фонд, откаде што се наградуваат приврзаниците на владината политика; друго, тој закон, кој изгледа толку наивен, може да ѝ помогне на владата при изборите на народните пратеници, покрај останатите средства, да обезбеди мнозинство во собранието.

— Па вие, господине министре, велите дека со уставот сте му ги дале на народот сите слободи?

— Така е. Народот ги има сите слободи, но не ги користи! Знаете, како да ви кажам, ние имаме нови, слободоумни закони, што треба да важат; но, некако по навика, а и порадо, повеќе ги употребуваме старите закони.

— Па зошто тогаш сте донесувале нови закони? — се осмелив да прашам.

— Кај нас е таков обичајот, што почесто да се менуваат законите и да ги има што повеќе. Во тоа ние го престигнавме сиот свет. Само за последниве десет години донесени се петнаесет устави, од кои секој беше во важност по трипати, отфрлуван и пак повторно приман, оа така, ниту ние, ниту граѓаните можат да знаат кои закони важат, а кои се отфрлени… Јас сметам, господине, дека во тоа лежи совршенството и културата на една земја! — додаде министерот на крајот.

— Имате право, господине министре; и странците мораат да ви завидуваат на толку мудрото уредување.

Потоа ое поздравувам со господинот министер и излегувам на улица.

(Нареден дел)

Марко Крале вторпат меѓу Србите (3/5)

(Претходен дел)

Работата, се разбира, натаму одеше по својот правилен тек. Откако полицијата изврши увиди на самото место, откако детално ги иследи вините, сите акти ги спроведе во понатамошна работа.

Судот ги определи претресите, ги повика сведоците, вршеше соочувања. Државниот обвинител, се разбира, бараше Марко да се осуди на смрт; адвокатот на Марко пак, пламено докажуваше дека Марко е невин, и бара да се пушти на слобода. Марко го изведуваат на судење, го сослушуваат, го враќаат пак назад во затворот. И тој некако се збрка, се чуди што сè прават со него. Најтешко му беше што мораше да пие вода, а тој не беше навикнат на неа. Сè лесно би издржал тој, јунак е, но чувствуваше дека водата многу му штети. Почна да се суши и да венее. Не е оној Марко, не дај боже! Сега човекот стана некоја сува тревка, висат алиштата на него, небаре не се негови, а кога оди едноставно се тетерави. Често во очај ќе си лелекне:

— Ах, боже, па ова е полошо од проклетата азачка зандана.

Најпосле, судот донесе пресуда во која, имајќи ги предвид Марковите заслуги за Српството и многуте олеснителни околности, го осуди Марка на смрт и да ги плати отштетите и сите судски трошоци.

Делото отиде до апелацијата, и таа смртната казна ја замени со вечна робија, зашто Марковите вини ги зеде како дело од политичка природа, а касацијата најде некои неправилности и му ги врати актите на судот, со барање да се испитаат уште некои сведоци и да се заколнат.

Две години траеше таа судска процедура и, најпосле, и касацијата ја потврди преиначената пресуда со која Марко се осудува на десет години робија во тешки пранги, а и да ги плати сите кривични и судски трошоци, но не како политички виновник, зашто се докажа дека не припаѓа на ниедна политичка партија.

Се разбира дека за ваквата пресуда се имаше предвид дека тој е големиот народен јунак Крали Марко, и дека ова судење е единствен случај. Најпосле, и не беше тоа лесна работа. Се најдоа збунети и најголемите стручњаци. Како ќе осудиш некого на смрт, кој и без тоа умрел одамна, па повторно се појавил од оној свет.

И така Марко, на божја правдина, падна в затвор. Бидејќи судските и кривичните трошоци немаше од што да се наплатат, се одреди продавање на јавна лицитација на Марковиот Шарко, како и на неговата облека и на оружјето. Оружјето и облеката веднаш ги откупи државата, на вересија, за музејот, а Шарко го купи трамвајското друштво за готови пари.

И така, Марко го истрижија, го избричија, го оковаа во тешки пранги, го облекоа во бела облека и го спроведоа во белградската тврдина. Тука Марко виде такви маки, какви што никогаш не мислеше дека ќе може да ги поднесе. Отпрвин викаше, се закануваше, се лутеше, но постепено си свикна и мирно ѝ се предаде на судбината. И, се разбира, за тоа време, додека ја издржуваше казната, го научија на некои корисни работи и го подготвија за општеството во кое, по издржаната казна, ќе треба да живее како корисен член, па почнаа малку по малку да го привикнуваат и на некои корисни работи: носеше вода, ги вадеше бавчите и го плевеше кромидот, а подоцна почна да се учи да прави ножиња, четки, кадели и разни други предмети.

А кутриот Шарко го влечкаше трамвајот од утро до вечер, без прекин. И тој пропадна. Се пореваше кога одеше, а штом ќе го запреа, ќе задремеше и можеби го сонуваше она среќно време кога пиеше рујно вино од кабурница, и кога на гривата носеше златни плетенки, на копитата сребрени потковици, на градите златни ремења, а уздата — позлатена, кога го носеше на себе, во лутите боеви и мегдани, својот господар, и кога гу стигнуваше вилите. Сега ослабе: само кожата и коските на него, му се бројат ребрата, а за колковите можеш да му обесиш торби.

На Марко му беше најтешко кога ќе се случеше да го спроведат некаде на работа, кога ќе го видеше својот Шарко толку опаднат. Повеќе го болеше тоа отколку сите негови јадови. Честопати, штом ќе го видеше Шарко така беден, ќе пролееше солзи, и со воздишка ќе започнеше:

„Леле, Шарко, леле, добро мое!…“

Шарко тогаш ќе се свртеше, па болешливо ќе за’ржеше, но тогаш ќе заѕвонеше кондуктерот и трамвајот ќе тргнеше понатаму, а стражарот ќе го предупредеше учтиво Марка да си го продолжи патот, зашто му импонираше силата и ставата на Марко. Така тој и не ќе ја довршеше реченицата.

Така, кутриот Марко маки мачеше за својот род десет години, не напуштајќи ги идеите да го одмазди Косово. Трамвајското друштво го шкартира Шарко, па го купи некојси бавчанџија, за да му го врти долапот.

Поминаа и тие десет мачни години. Го пуштија Марко.

Имаше малку заштедени пари што ги заработи продавајќи разни ситни работи, што си ги изработуваше самиот.

Првин појде в меана, та викна двајца бербери да го измијат и да го избричат, потоа нарача да му се испече еден брав од девет години и да му се донесе многу вино и ракија.

Сакаше првин со добра храна и пијалак да си се почести и да се понакрене, и да закрепне од толкавите маки. Поседе така повеќе од петнаесет дена, почувствува дека малку се накрена, па тогаш почна да смислува што да преземе.

Мислеше, мислеше, и најпосле смисли едно. Се преправи така што никој да не може да го познае и отиде најпрвин да го побара Шарко, и него да го спаси од неволата, па потоа почна да оди од Србин до Србин за да разбере кои се тие шго го викале толку, дали се овие Срби, што го затворија, и како најубаво ќе го одмазди Косово.

Слушна Марко дека неговиот Шарко е кај некојси бавчанџија и дека таму врти долап, па тргна да оди таму каде што му рекоа дока ќе ги најде. Евтино го откупи, зашто оној и самиот сакал да им го даде на Циганите, па го однесе кај еден селанец и се погоди со него да го храни со детелина и да го негува за да се поврати некако и Шарко, ако се може. Заплака Марко кога го виде кутриот Шарко колку мизерно изгледа. Селанецот беше некој добар човек, та се смилува и го прими Шарко на храна, а Марко тргна понатаму пешки.

Одејќи така, сретна еден сиромав селанец кој си работеше на нивата и го поздрави.

Марко почна со него да си разговара де за ова, де за она, кога така во разговорот рече:

— Како би било сега да стане Марко Крале, па да дојде кај тебе?

— Тоа веќе не може да биде — вели селанецот.

— Но, ако ти дојде, да речеме што би правел ти?

— Ќе го повикнам да ми помогне да ја ископаме царевкава — се пошегува селанецот.

— Но ако те повика тој ка Кооово?

— Море, молчи, брате слатки, какво Косово сега! Немам кога да појдам в чаршија да им купам сол и опинци на децата. А, да видиш, па и нема со што да се купи.

— Добро, брате; но знаеш ли ти дека на Косово пропадна нашето царство, па треба Косово да се одмазди.

— Пропаднав и јас, брате мој, полошо не може да биде. Гледаш дека одам бос?!… а кога ќе ме стегне плаќањето на данокот, не ќе знам ни како ми е името, а не пусто ми ти Косово!

Стиша Марко до куќата на еден имашлив селанец.

— Помози-бог, брате!…

—  Дал ти бог добро!… — му одговори тој и го гледа сомнително… — А од каде си ти, брате?

— Оддалеку сум, па сакав да поминам овде, да видам како живеат овдешниве луѓе.

И на овој во разговорот Марко му спомена за тоа како би било кога би се појавил Марко и кога би ги повикал Србите да го одмаздат Косово.

— Слушнав дека некој улав пред десетина години се прикажувал дека е Марко Крале и дека направил некакви злосторства и кражби, та го осудиле на робија.

— Да, слушнав и јас за тоа; туку што би правел ти да ти се појави вистинскиот Марко, па да те викне на Косово?

— Би го пречекал, би му дал доста вино да пие, и би го испратил убаво.

— А Косово?

— Какво Косово на овие скудни години?! Тоа многу чини! Голем трошок е тоа, брате мој!…

Марко го остави и него и отиде понатаму. Низ селото, насекаде така. Некои се свиткале над мотиките, па само ќе му го примат поздравот и понатаму ништо не му зборуваат. Не можат луѓето да денгубат; треба да се ископа и да се свршат работите навреме, ако сакаат добро да им роди житото.

И така, на Марко му здодеа во селото, па реши да оди во Белград да се обиде таму нешто да направи за Косово, и да се информира за тоа од каде беа оние силни покани, искрени, од срце, а ваков пречек.

Дојде во Белград. Коли, трамваи, луѓе, сето тоа трча, брза, се вкрстува, се среќава. Чиновниците брзаат в канцеларија, трговците по трговска работа, работниците по својата работа.

Сретна еден виден, убаво облечен господин. Марко му пристапи и го поздрави. Тој малку збунет, се тргна наназад а и му беше срам од лошата облека на Марко.

— Јас сум Марко Крале. Дојдов да им помогнам на моите браќа — рече Марко и раскажа сè како дојде, зошто дојде, што се случи со него и што мисли понатаму да прави.

— Така, мило ми е што ве запознав, господине Кралу! Баш ми е мило! Кога мислите да одите во Прилеп?… Мило ми е, верувајте; но, извинете ме, брзам в канцеларија! Сервус, Марко! — рече оној и си замина бргу.

Марко сретна втор, па трет. Кого ѝ да го сретнеше, сè така набрзина го завршуваше разговорот со тоа „брзам в канцеларија! Сервус, Марко!“

И така, разочаран од луѓето, Марко почна многу да очајува. Оди по улиците, молчи, се намуртил, мустаќите му паднале на рамења, не запира никого, не праша ништо. А и кого веќе да го прашува? Кого што сретна сè брза в канцеларија. Косово никој и не го споменува. Се разбира, канцеларијата им е поважна од Кооово. Марко стана нервозен покрај сета своја стрпливост, на таа проклета канцеларија, која според неговото мислење, толку успешно му конкурира на Косово. Најпосле, почна да му станува сè поздодевно и поздодевно меѓу тоа мноштво народ, кои како да не работат ништо, туку само брзаат за в канцеларија. Селаните, пак, се жалаат на неродните години и на кметовите, брзаат на нива, везден работат и носат искинати опинци и парталави потури. Марко загуби секаква надеж во својот успех, та ниту прашаше некого веќе, ниту пак некого запираше. Одвај чекаше господ повторно да го повика на оној свет, да не се мачи веќе, зашто секој Србин беше зафатен со некоја поважна грижа и работа, а Марко се чувствуваше сосема излишен.

Еден ден, така си одеше замислен, тажен, невесел, а и пустите пари веќе му се потрошија, та и вино немаше со што да се напие а крчмарката Јања е одамна в гроб, — а таа би му дала да пие вино на вересија. Оди така по улица со наведната глава, а солзите готови да му потечат, кога се сети за старото време и за другарите, а особено за убавата, пламена Јања и за нејзиното ладно вино.

Кога, наеднаш, пред една голема меана забележа многу свет и чу голема врева однатре.

— Што е ова овде? — Марко праша еден човек, се разбира, во проза, зашто и тој од мака го батали разговорот во стихови.

— Ова е патриотски собир — му рече човекот, и го измери од глава до петици, како сомнително лице, па се поддалечи малку од него.

— А што се прави таму?… — праша пак Марко.

— Оди, брате, па види! — му рече човекот налутено, и му го сврти грбот на Марко.

(Нареден дел)