На раскрсница
I
Веселин Савковиќ е некаков мал чиновник во едно големо белградско надлештво. Природно е значи дека тој мораше толку повеќе да работи, колку помала што му беше платата. И работеше тој повеќе отколку што требаше! Ќе дојдеше на должност речиси еден цел час пред одреденото време, а ќе излезеше последен.
Освен вреднотијата, што му ја фалеше секогаш и самиот шеф, тој беше совесен чиновник, а спреман и свикнат на својата работа.
— Што си будала, та се сортираш со толкава работа?!… — му рече еднаш еден од неговите другари.
— Мораш — одговори Веселин, и не кревајќи си ја главата од работата.
— Знам дека мораш, но тоа е преку мера! Ти работиш и дома ноќе — му вели пак неговиот другар, и ја извади кутијата, та почна да витка тутун.
Веселин ја прекина за час работата, и го погледна со тажен поглед, па лесно издивна и рече:
— Јас имам фаимилија!
— Па што дека? — праша неговиот другар.
— А да ме отпуштат, кај ќе одам јас со жена и со четири ситни дечиња?! — одговори Веселин, и се фати пак за работата.
Замолчија. Другар му на Веселина запали цигара, па пушеше молчеливо, изгледаше нешто длабоко замислен.
—
И навистина, трудот на Веселин даде добар плод. Еден ден го повика шефот во канцеларијата и му рече дека бил необично задоволен со неговата марлива работа и вреднотија, та прв од сите други го предложил за повишување на платата, а освен тоа го направил за нова година да добие беспрекорната двегодишна работа, како одлика од другите, тантиема од сто динари во злато.
Веселин одвај чекаше по таа вест да дојде дома и да ја издрадува жена си со ненадејната среќа.
По вечерата, кога децата испозаспаа, тој седеше до некое време во ноќта и разговараше со жената, советувајќи се како ќе ги употреби најдобро тие сто динари. Направија распоред што ќе се купи од тоа за секое дете.
— Баш би можеле на Мико (најстарото синче) да му купиме нови чевлиња — вели жената, и го погали детето по образот.
— Па да му купиме — одобрува Веселин задоволен, па и самиот се доближи до детето и го бакна.
При тоа малата Видица прокенка во сонот, и побара вода.
— Што ѝ одредивме на малава? — праша Веселин.
— Нејзе мама ќе ѝ купи ново капутче — вели жената.
— Ама ќе се загледува кога ќе се облече!
— Пиленце мамино — изговори жената, и го бакна детето.
Еден дел од тие пари решија да остават да се најде за случај на нужда и слабост.
Потоа во разговорот преминаа на повишувањето на платата.
— Па ти сега секој месец ќе имаш по дваесет динара повеќе? — праша жената.
— По дваесет.
Жената веднаш почна во умот да си го распоредува тој одвишок, како може најдобро да се употреби, а Веселин со мислите се пренесе уште подалеку во иднината, и сонуваше за уште поголема плата и за убав удобен живот.
— Подобро, богами, да почнеме да штедиме по некоја пара додека се децава мали — го соопшти жената заклучокот од своето размислување.
— Па после ќе биде и платата уште поголема — вели Веселин.
Двајцата молкнаа. Се слуша како дишат децата, та тоа им беше пријатно како најзаносна музика. Се чувствуваа среќни, и потонаа во мислите во уште посреќна иднина.
II
Не помина ни еден месец од ова време, па шефот пак го повика Веселина во својата канцеларија.
— Ве викав поради една важна работа… — почна шефот и застана, мислејќи што ќе рече понатаму. По лицето можеше да му се види дека не му беше најпријатно она што сакаше да го каже. Си го позатри челото и очите со раката, па продолжи понатаму:
— Тоа е заправо ваша лична работа, но… јас ве сакам, и сакам да ве предупредам… Најпосле, како сакате вие… — Шефот се дигна при тоа од столот, замолче, и пушејќи одеше наваму натаму.
На Веселин просто му се запре дишењето од некое претчувство. Лицето час му се вцрвуваше, час му пребледнуваше. Го обзеде чудна нестрпливост што побргу да чуе како ќе го заврши шефот почетокот на својата беседа. По челото му излезе пот, и тој си го избриша со раката.
Шефот наеднаш застана и го погледна Веселина, па го праша:
— Знаете ли дека е утре изборот на општинска управа?
— Знам.
— За кого мислите да гласате?
Веселин пребледе, и просто почувствува како го изневеруваат нозете. Молчеше долго, а и не се сеќаваше дека шефот чека на неговиот одговор.
— Вие сте уште млад човек, а вредни сте и точни во својата должност, та ќе имате убава кариера во државната служба, но само ако слушате за сè што се бара од вас…
Шефот пак застана. Веселин не одговараше ништо. Некое чудно претчувство му го обави срцето. Убавите соништа негови за иднината прснаа како пена, а наместо тоа пред очите му се покажа сликата во која тој ја гледаше својата фамилија во сиромаштија и во јадови. Тој веќе однапред можеше да прецени на што ќе се сведе овој разговор негов со својот шеф.
Шефот извади од џебот еден табак хартија, каде што беа испишани имињата на кандидатите, и му го подаде на Веселин со зборовите:
— За таа листа морате да гласате!… Впрочем, немојте да мислите дека јас сакам да ве присилам! Тоа је ваша волја. Јас само како постар би ви советувал да гласате за овие чесни луѓе, како што ќе гласам и јас. Би било незгодно вие, како помлад, да бидете одделени од толку повисоки чиновници… Сега вие размислете за сè. Направете како сакате… Можете да гласате и за противниците на денешниот режим, но тогаш вие би морале да си ги припишете на себеси сите лоши последици што би можеле да настапат поради таквата ваша постапка… Сега одете си… Јас сам сакав пријателски да ве посоветувам… — тука шефот ја прекина реченицата.
Веселин го држеше табакот хартија в рака, и бесвесно ги гледаше имињата што беа на него испишани. Зборовите на шефот направија цел хаос во душата негова.
Настапи молчење. Одвреме навреме ќе заѕвонеше ѕвончето во одникот, а потоа ќе се слушаа чекорите на Симо служителот, ќе чкрапнеше вратата на оваа или на онаа канцеларија, ќе се слушаа и гласови; вратата пак ќе се затвореше, а чизмите на Симо ќе затупотеа, па за час сè ќе стивнеше.
Веселин некако му позавиде на Симо, а и самиот не знаеше зошто, просто имаше желба да му го отстапи својот положај, а тој да го прими неговиот.
— Женет ли сте? — го прекина шефот молчењето.
— Имам веќе и четири деца — одговори Веселин, и погледна низ прозорецот во дворот.
Во дворот цепачот сече дрва. Веселин се загледа во пилата, што се движеше живо низ дрвото, од кое ветрот ги разнесуваше струшките од кои беше опсипано и искинатото палто на цепачот, што лежеше покрај ногарите.
— Струже — си помисли Веселин — па сепак ја храни својата фамилија… Сигурно и тој има фамилија?!…
Пресеченото парче дрво падна на земјата. Цепачот се исправи малку, потоа ја остави пилата и си го крена од земја палтото, та извади од него тутун, и го фрли пак наземи малку потаму од ногарите.
Никој уште не умрел од глад — си мислеше понатаму Веселин, и пак во мислите помина на својата фамилија, и просто се почувствува поприбран, посилен.
— Толку побргу — заврши шефот — треба да си ги отворите добро очите, оти имате, како што кажете, веќе и четири деца. Тоа имав да ви го кажам. Сега можете да си одите на работа.
— Од вчера почна да ми се сметеа платата со повишицата… Како се радува моја жена… Таа кутрата веќе реши од првата повишица да си купи плат за фустан… Па и нема убав фустан!… Колку ја радува тоа!… Таа и не мисли што би можело да настапи по некој ден! — мислеше Веселин влегувајќи во својата канцеларија.
По своите принципи тој ѝ припаѓаше на политичката партија што беше во опозиција. Истото тоа утро беше го прочитал во весникот повикот до сите членови на партијата да дојдат во што поголем број на избирачкото место и да гласаат за кандидатите што се истакнати во листата на опозицијата. Покрај другото таму се вели:
„На изборното место мораат да дојдат сите членови на нашата партија и да гласаат. Кој не ќе дојде ќе биде како недостоен исклучен од партијата.“
Веселин ги превртуваше актите што беа пред него на масата, со намера да почне да работи.
Но од работата не можеше ништо да биде. Тој изгуби секаква стрпливост та не можеше ни еден ред да напише.
Час мислеше на бедата што ќе го снајде со загубувањето на службата, а час на они зборови: „ќе биде како недостоен исклучен од партијата“.
III
Веселин задлабочен така во мислите, си ја потпрел главата на раката, и гледа низ прозорецот во дворот. Крупни снегулки пролетуваат покрај прозорецот, а тој се загледал во тоа, па му е некако пријатно тивкото паѓање без глас, без шум. Цепачот уште струже, а снегот го затрупува и него и ногарите и дрвата. Веќе почна да се смрачува, а Веселин и не забележа како му помина брзо времето. Почна нагло да се стемнува. Спроти прозорците на Веселиновата канцеларија имаше некаков приватен стан, од кој прозорците се осветлија, и светлоста се растури по дворот одблеснувајќи од снежната површина, а снегулките заблескаа на оние места каде што светлината најсилно проникнуваше. Се осветли и едната страна на некакво дрво пред прозорецот, та снегот на осветлената страна засија како бисер. Изгледаше дека Веселина сето ова необично го занимава, та тој, како никогаш дотогаш, се загледуваше во секоја ситница, и сепак низ сите тие впечатоци беше испреплетена мислата за неговата фамилија и граѓанска чест. Тој беше збунет, па просто и без да сака во сè бараше известување, и како да го добиваше него. Гледајќи така час во оваа, час во она, тој се чувствуваше зблажен, освежен.
— Па ќе гласам, дури и да ме отпуштат… — си мислеше во себеси гледајќи во осветлените прозорци, низ кои при тоа догледа некаква женска фигура што помина и се изгуби, како и сенката што се протегна по осветлениот дел од снежната површина во дворот…
Нему наеднаш му се стори како да е тоа нарачно дотерано за да се сети тој за својата жена и за децата, па наеднаш го опфати некаква премаленост. Тој издивна длабоко. Притоа влезе слугата и ја внесе ламбата, па како и секогаш ја стави на масата пред Веселина, кој просто се тргна и се изненади, па како да сакаше со погледот да праша:
— Зар ти ништо не знаеш за мојата мака, ами рамнодушно ја внесуваш ламбата како и секоја вечер?…
Цел час уште седеше, а и не мрдна со перото да напише нешто. Сакаше на два-три пати да стане и да се оди, но сеќаваше некаква тежина на себеси, а освен тоа се плашеше да оди дома. Му се чинеше дека дури кога ќе отиде дома неговата фамилија ќе ја сети целата тежина на јадовите, па просто сакаше да биде што поддалеку од својата фамилија, само за да биде таа што посреќна, што позадоволна…
Кој знае до кога би останал тој така во своето размислување, да не влезеше слугата, та според обичајот рече:
— Сите веќе си отидоа.
— Зар веќе си отидоа? — изговори Веселин повеќе за себеси, и стана од столот.
— Секогаш во ова време се излегува — вели слугата.
— Утре во ова време ќе биде веќе сè решено! — си помисли Веселин излегувајќи, и му се засака што побргу да помине ноќта и целиот утрешен ден.
— Дали и по неколку дена ќе слегувам овдека?! — си мислеше тој слегувајќи по скалите, па и скалите и ходникот и ламбата во ходникот, што стои секогаш малку навалена, и оние многубројни објави, испозакачени по ѕидот, и Симо служителот со големите чизми и оној негов секојдневен глас „добра ноќ“ — сè, но сè што му беше до вчера толку познато, блиско, со што беше се сродил веќе, му се стори некако непознато, чудно, туѓо, а особено она Симовото „добра ноќ“, во кое нешто како да подразбра некакво зајадливо смеење.
На улица се сретна со еден свој познаник, и ќе го одминеше ако овој не го запреше.
— Што си така скиснат? — го праша човекот, и го удри пријателски по рамото со раката.
— Добро што несум и полошо! — одговори Веселин, смевкајќи се со сила.
Пријателот го повика в меана на чаша пиво. На Веселин тоа му се свиде, само за да стигне што подоцна дома.
— Знаеш ли дека е утре гласањето?
— Знам — одговори Веселин.
— Тие ќе пропаднат на изборот.
— Кој знае? — прифати Веселин по кратка пауза, некако расеан и замислен.
— Па ќе гласаш ли и ти?
Веселин просто се потресе од ова прашање, та сакаше да си оди, само за да не одговори ништо, но во истото време чувствуваше срам и понижување, та се напиа со сета сила и одвај процеди низ заби:
— Ќе гласам!
— Утре ќе видиме многумина што толку многу се перчеа, сите ќе ги забележувам што ќе побегнат од гласање, па да им го пикнам после под нос, кога ќе почнат пак да се фалат како страдаат за идеја! — говореше пламено пријателот на Веселина.
— И јас веќе реков дека ќе гласам!… А мојата фамилија? — си мислеше Веселин, па се потресе целиот од таквите мисли. Се чувствуваше непријатно, па и без да сака се дигна да си оди.
— Кај да одам? — си мислеше тој кога излезе пак на улица. — Сигурно на жената ќе ѝ однесам убави гласови, како оние порано, па треба уште да побрзам!…
— При тие мисли му се засака да се врати пак назад, и ги позабави чекорите. Колку што беше по блиску до дома, сè побавно одеше, а кога дојде до вратата, застана.
Од блиското кафенце се слуша песна и свирење.
— Си се веселат луѓето! — помисли тој завидливо.
Ја отвори куќната врата и, трудејќи се да изгледа расположен, влезе внатре.
— Па што не доаѓаш, бре човече?… Вечерата веќе истина! — му рече жената, а децата истрчаа да го дочекаат и го прегрнаа.
Во тој момент Веселин се почувствува победен, а во умот му се создаде решението:
— Нека гласа кој нема фамилија! — па почна да ги милува и да ги бацува децата.
— Па што правиш досега? — го повтори жена му своето прашање.
— Случајно се најдов со еден другар — вели тој, а во ушите како да му забаботија зборовите на пријателот: „Ќе видиме утре како ќе се исчепат многумина плашливци“, а освен тоа онаа негова сопствена реченица: „Па и јас ќе гласам!“
— И јас реков дека ќе гласам! — си мислеше понатаму, а по лицето му се појави тага, и челото му се набра…
Децата почнаа да бараат од него слики, а најстарото машко му ги пикна рацете во џебовите, и почна да буричка…
— Мирни, деца!… Што се не смирите? — викна тој наеднаш налутено, и го истурка детето од себеси.
Малата Видица го напрчи устето, а во очите ѝ блеснаа солзи. Веселин го погледна детето, па му дојде жал, мислејќи во себеси: „Не криви децата. Што викам на нив?“ Му пристапи на детето и го бакна, а друга мисла му мина низ главата:
— Како можам да гласам?! Зар им е гајле на децата за мојата чест; нив им треба леб, и јас сум како татко должен да им го донесам. Јас тогаш требаше да останам неженет, ако сакам така да се држам!
„Па и јас ќе гласам“ го чу пак своето страшно решение што му го соопшти на другарот во кафето, и се почувствува како скинат, премален.
— Што му е грижа на некого за твојата фамилија! Ти мораш да бидеш на прво место чесен човек, ако не можеш да си ги храниш децата, тоа е твоја работа. Никој не те тепал по ушите да се жениш, па сега својата плашливост да ја затскриваш зад фамилијата. На тој начин, драги мој, секој би можел да најде изговор, и тогаш би било убаво. Кога се решаваат високи работи, работи од општо значење за сите, тогаш не се земаат предвид тие ситни грижи за фамилијата… — Такви мисли ќе го опфатеа, и пак гласчето на детето, или плачењето или погледот, ќе ги поколебаше.
Заспа и жената, а и децата си спијат безгрижно. Веселин беше буден. Лежи во својата постела, пуши цигара за цигара, а одвреме навреме ќе издивне тешко. Со секој час што изминуваше сè повеќе го опфаќаше Веселина неспокојство и страв. Несредените и возбудени мисли се гонат една со друга и се истуркуваат. Час една ќе надвие, час пак друга.
Исток се облеа со руменило, а Веселин е уште буден, занесен во своите тешки мисли: „Каде ќе тргне и на која страна!“
—
Тешко е да се најде човек на раскрсница, а да не го знае патот!
Извор: Домановиќ, Радое, Сатири, Книгоиздателство за уметничка литература „Кочо Рацин“, Скопје 1957. (Прев. Благое Корубин)
Страдија (6/12)
Министерот за финансии, кога отидов да го посетам, веднаш ме прими, иако, како што ми рече, имал многу работа.
— Навистина, добро што дојдовте, господине, па малку ќе се одморам. Досега работев, па верувајте ми, веќе ме боли главата! — рече министерот и ме погледна со изнемоштен заматен поглед.
— Навистина, вашата положба е многу тешка во толку голема работа, сигурно размислувавте за некое важно финансиско прашање? — забележав.
— Верувам дека ќе ве интересира полемиката што ја водам со господинот министер за градежништво по едно многу важно прашање. Од изутрина цели три часа, работев на тоа. Сметам дека јас имам право, и дека го застапувам праведното део… Еве, ќе ви ја покажам статијата што ја подготвив за печат.
Со нетрпение очекував да ја чујам таа статија и, истовремено, да разберам околу што се води таа важна и очајничка борба меѓу министерот за финансии и министерот за градежништво. Министерот достоинствено, со свечена сериозност на лицето, го зеде во рацете ракописот, се искашла, и го прочита насловот:
„Уште два-три збора во врска со прашањето: До каде во стариот век се протегала границата на нашава земја на југ.“
— Па, тоа е веројатно некоја историска расправа?
— Историска — рече министерот малку зачуден од неочекуваното прашање, и ме погледна преку своите очила, со тап, заморен поглед.
— Вие се занимавате со историја?
— Јас?! — извика министерот со некаква лутина во гласот… — Тоа е наука со која јас се занимавам веќе близу триесет години, и тоа, да не се фалам, со успех — заврши министерот и ме погледна со прекор.
— Јас многу ја ценам историјата и луѓето кои целиот свој живот ѝ го посветуваат на таа, навистина важна наука — реков учтиво за да ја оправдам колку-толку својата претходна, навистина необмислена постапка.
— Не само важна, господине мој, туку и најважна, разбирате ли, најважна! — воодушевено извика министерот и ме погледа значајно, испитувајќи ме.
— Сосема точно! — реков.
— Ете, гледате, — пак продолжи министерот — колкава би била штетата, ако, на пример, за границата на нашата земја се утврди онака како што изнесува мојот колега, министерот за градежништво.
— А тој е историчар? — го прекинав со прашањето.
— Надриисторичар. Тој, со својата работа, на науката ѝ нанесува само штета. Земете, па читајте ги неговите погледи по тоа прашање за старата граница на нашава земја, па ќе видите колкаво е неговото незнаење, па дури, ако ја говориме вистината, и непатриотизам.
— Што докажува тој, ако смеам да знам? — го прашав.
— Не докажува тој ништо, мој господине! Жално е тоа докажување кога тој вели дека старата граница од јужната страна одела северно од градот Крадија; а тоа е нечесно; зашто нашите непријатели тогаш со мирна совест можат да имаат право на земјата до над Крадија. Што мислите, колкава штета ѝ нанесува со тоа на оваа напатена земја?! — извика министерот налутено, со оправдан гнев, со растреперен, болен глас.
— Голама штета! — извикав јас, како замаен од тој страв што би ја опфатил целата земја поради незнаењето и неразбирањето на министерот за градежништво.
— Јас, господине, тоа прашање нема да го оставам; зашто, најпосле, тоа и ми го налага должноста што ја имам кон нашата мила татковина, како нејзин син. Јас тоа прашање ќе го изнесам и пред самото Народно претставништво, па тоа нека донесе свое решееие, кое ќе важи за секој граѓанин на оваа земја. Во спротивно, ќе си дадам оставка, зашто ова е веќе мој втор судир со министерот за градежништво, и сè заради толку важни прашања за земјата.
— Па зар Собранието може да донесува решенија и за тие научни прашања?
— Зошто да не? Собранието има право за сите прашања да донесува одлуки, кои се обврска за секого, како закон. Вчера, баш, еден граѓанин поднесе молба до Собраинето, денот иа раѓањето да му се смета пет години порано отколку што се родил.
— Како може тоа? — извикав без да сакам од чудо.
— Може, зошто да не?… Тој, да речеме дека се родил …74 год., а Собранието неговиот ден на раѓање ќе го прогласи во …69 година.
— Чудно! А зошто му треба тоа?
— Му треба, зашто така има право да се кандидира за пратеник на едно слободно место, а тој е наш човек и совесно ќе ја опомага постојната политичка состојба.
Вчудовиден од тоа, не можев ни збор да изустам. Министерот како да го забележа тоа, па рече:
— Тоа како да ве чуда вас. Таквите и сличните случаи не се ретки. На една госпоѓа Собранието и ја уважи молбата од иста таква природа. Таа, пак, молеше Собранието да ја огласи за десет години помлада отколку што е. Една пак, поднесе молба Народното Собрание да донесе меродавно решение дека во брак со својот маж родила две деца, кои веднаш стануваат законски наследници на нејзиниот богат маж. И Собранието, се разбира, бидејќи таа имаше силни и добри пријатели, ја усвои нејзината наивна и благородна молба, и ја прогласи за мајка на двете деца.
— А каде се децата? — прашав.
— Кои деца?
— Па децата за кои зборувате?
— Па децата ги нема, разбирате, но според тоа решение на Собранието се смета дека таа има две деца, и така престана лошиот живот меѓу неа и мажот ѝ.
— Не го разбирам тоа — забележав, иако дури и не беше учтиво да го речам тоа.
— Како не разбирате?… Многу проста работа. Тој богат трговец, мажот на госпоѓата за која што зборуваме, нема деца со неа. Разбирате ли?
— Разбирам.
— Е, убаво, сега внимавајте понатаму: бидејќи тој е многу богат, па посакува да има деца што ќе го наследат неговиот голем имот, дојде до многу лош живот меѓу него и жена му. Жена му, тогаш, како што ви велам, поднесе молба до Собранието, па Собранието поволно го реши прашањето.
— А дали богатиот трговец е задоволен со таквото решение на народното претставништво?
— Се разбира дека е задоволен. Сега е наполно смирен, и оттогаш многу си ја сака жена си.
Разговорот течеше понатаму, разговаравме за многу работи, но господинот министер со ниеден збор не ги допре финансиските прашања.
Најпосле, се охрабрив најпонизно да го прашам:
— Финансиите добро ли се уредени во вашава земја, господине министре?
— Многу добро! — ми рече тој со сигурност, па веднаш потоа додаде: — Важна работа е добро да се изработи буџетот, па потоа се оди лесно.
— Колку милиони годишно е буџетот на вашата земја?
— Преку осумдесет милиони. А еве како е распореден: за бившите министри, кои се сега или во пензија, или на располагање, триесет милиони; за набавка на ордени десет милиони, за воведување на штедење кај народот пет милиони.
— Извинете, господине министре, што ве прекинувам… Не разбирам каков е тој издаток од пет милиони за воведување на штедење?
— Е, видете, господине, штедењето, неоспорно, е најважна работа, кога веќе станува збор за финансирањето. Оваа новина ја нема никаде во светот, но неволјата нè научи на тоа поради лошите финансиски услови во земјава, та сакавме да ја жртвуваме оваа прилична сума годишно, само да му помогнеме на народот и колку-толку да му олесниме. Сега, во секој случај, ќе тргне на подобро зашто за ова кратко време им е даден цел милион на писатели за книги за штедењето на народот. Јас и самиот наумив, колку што можам, да му помогнам на народот во тој поглед, та почнав да го пишувам делото; „Штедењето кај нашиот народ во средниот век“, син ми го пишува делото: „Влијанието од штедењето врз културниот напредок кај народот“, а пак, ќерка ми досега напиша два расказа, пак за народот, во кои се изнесува како треба да се штеди, а сега го пишува и третиот: „Раскошната Љубица и штедливата Мица.“
— Сигурно тоа е некој убав расказ?!
— Многу убав; во него се изнесува како пропаѓа Љубица поради љубовта, а Милица се омажила за некојси голем богатник и секогаш се одликувала со штедење. „Кој штеди, нему и бог му помага“, завршува расказот.
— Тоа ќе има многу добро влијание врз народот! — реков одушевено.
— Се разбира, — продолжи господинот министер — големо и значајно влијание. Еве, на пример, откога е воведено штедењето, ќерка ми заштеди над сто илјади за мираз.
— Тогаш тоа ви е најважната ставка во буџетот — забележав.
— Така е, но беше мачно да се дојде до олку среќна мисла, а другите буџетски ставки беа и порано, пред моето доаѓање за министер. На пример, за народни свечености пет милиони, за доверливи владини издатоци десет милиони, за тајната полиција пет милиони, за одржување и утврдување на владата на својата положба пет милиони, за репрезентација на членовите на владата половина милион. Тука, како и секаде, сме многу штедливи. И сега доаѓа сè друго што е помалку важно во буџетот.
— А за просветата, војската и другото чиновништво?
— Да, имате право, и тука, освен за просветата, одат околу четириесет милиони, по тоа влегува во редовниот годишен дефицит.
— А просветата?
— Просветата? Е, таа, се разбира доаѓа во непредвидените издатоци.
— Па тогаш со што го покривате толку големиот дефицит?
— Со ништо. Со што може да се покрие? Тоа влегува во долгот. Штом ќе се насобере повеќе дефицит, ние склучуваме заем, и пак така. Но, од друга страна, се трудиме во некои буџетски ставки да има суфицит. Јас во своето мииистерство веќе почнав да го воведувам штедењето, а на тоа живо работат и другите мои колеги. Штедењето, како што ви реков, тоа е основа за благосостојбата на секоја земја. Вчера, во интерес на штедењето, отпуштив еден служител. Тоа веќе е заштеда од осумстотини динари годишно.
— Добро сте сториле! — забележав.
— Господине, моравме, веќе еднаш требаше да почнеме со грижата за благосостојбата на народот. Момчето плаче пак да го примам, моли, а грешникот не е ни лош, но што не оди, не оди; зашто тоа го бараат интересите на нашата мила татковина. „За половина плата ќе служам“, ми рече тој мене. „Не може“, му реков; „Јас, сум министер, но овие не се мои пари, туку народаи, крваво спечалени, и јас морам за секој динар сериозно да водам сметка“. Ве молам, господине, речете ми самиот, како смеам јас тукутака да ги фрлам државните осумстотини данари? — заврши министерот и со раширени раце очекуваше од мене позитивен одговор.
— Сосема така!
— Ете, онојпат му беше издадена голема сума пари од буџетот за доверливи издатоци, на еден член на владата да ја лекува својата жена и тогаш, ако не се внимава на секој динар, како ќе плаќа народот?
— А колкави се приходите во земјата, господине министре? Тоа е, сметам, важна работа?
— Тхе, тоа и не е толку важно!… Како да ви кажам? Всушност, се уште не се знае колкави се приходите. За тоа читав нешто во едно странско списание, но којзнае дали е тоа точно? Во секој случај, има доста приходи, доста, без сомнение! — ми рече министерот со убедување и со некоја важност, поради стручноста.
Во тој пријатен и важен разговор нè прекина момчето, кое влезе во министерската канцеларија и јави дека една чиновничка депутација сака да дојде кај господинот министер.
— Ќе ги викнам, нека причекаат малку — му рече на момчето, а потоа ми се обрати мене:
— Верувајте ми, толку сум уморен од многуте приеми во овие два-три дена, што дури ми бучи главата. Само ова сега со вас што откинав малку време за да го поминам во пријатен разшвор!
— Доаѓаат по работа? — лрашав.
— Имав, еве видете, токму тука на нотава еден многу голем плусакавец, па пред четири дена го оперирав, му благодарам на бога операцијата испадна многу успешна. Поради тоа доаѓаат чиновниците, на чело со своите шефови, па ми честитаат и ја изразуваат својата радост поради среќно извршената операција.
Му се извинив на господинот министер што му попречив во работата, па да не го прекинувам понатаму, најучтиво се поздравив и излегов од неговиот кабинет.
И навистина, за тој плускавец на министерот за финансии секој ден имаше соопштенија во весниците:
,,Чиновниците на … установата, вчера во четири часот попладне, на чело со својот шеф, депутативно беа кај господинот министер за финансии со радост да му ја честитаат среќната операција на плускавецот. Господинот министер ги прими љубезно и срдечно, и по тој повод г. шефот во името на сите чиновници од својата установа одржа трогателен говор, а господинот министер им се заблагодари на сите за тоа ретко внимание и искреното чувствување.“
Марко Крале вторпат меѓу Србите (1/5)
Сме навалиле ние Србите, па повеќе од петстотини години само лелекаме: „Леле, Косово!“ „Тажно Косово!“ „Леле Лазо!“ Плачевме така, низ плачењето заканувајќи им се на душманите: „Ние ќе направиме вака, ние ќе направиме онака!“ Плачеме ние јуначки и се закануваме, а душманот се смее; а нам ни текна во маката за Марко, па почнавме да го викаме човекот да стане од гробот да нè брани и да го одмазди Косово. Викај денеска, викај утре, викај секој час, за сешто: „Стани Марко!“ „Дојди Марко!“ „Погледни ни ги Марко солзиве!“ „Леле Косово!“ „Што чекаш, Марко!“ И така, тоа викање помина во безобразие. Некој ќе се напие в меана, па откако ќе ги потроши парите, ќе се разжали за Косово, ќе го обземе некое јуначко чувство, па веднаш: „Леле, Марко, каде си сега!“ И тоа брате, не беше малку, туку тоа траеше преку петстотини лета. На Косово веќе цел вир од српски солзи, а Марко се траќаше во гробот, се траќаше, па веќе и на мртовецот му здодеа.
И еден ден еве ти го пред божјиот престол.
— Што е, Марко — го праша Господ благо.
— Пушти ме, Господи, да видам што прават долу оние мои слепци; ми здодеа од нивното лелекање и викање!
— Е, Марко, Марко, — воздивна Господ, — јас знам сè; но кога би можело да им се помогне, јас прв би им помогнал.
— Господи, само поврати ми го Шарко и оружјето и дај ми ја старата сила, па пушти ме, да видам дали можам нешто да направам.
Господ си ги крена рамениците и мавна загрижено со главата.
— Оди, кога сакаш, — му рече — но нема добро да минеш.
И, одеднаш; на некој чуден начин, Марко се најде на земјата, на својот Шарко.
Се сврти околу себе, го разгледува пределот, но никако да разбере каде е. Го гледа Шарко. Да, Шарко е тој истиот. Го гледа боздоганот, сабјата; најпосле облеката. Сè е исто, нема сомнение. Ја фати мешината. И таа е тука, полна со вино; тука се и лесните кравајчиња. Сè го уверува дека тој е оној стариот Марко, но никако да сфати каде е. Бидејќи му беше тешко да реши што да преземе сега на земјава, најпрвин слезе од Шарко, го врза за едно дрво, ја симна мешината и почна да пие вино, за да може така, како што се вели во слободното време за сè добро да си размисли.
Пие така Марко и се обѕрнува наоколу, да не види некој познат, кога, наеднаш, крај него профучи еден велосипед, па исплашвн од чудниот коњ и од облеката и оружјето на Марко, го потера колку што може побргу, обѕрнувајќи се да види колку е оддалечен од опасноста. Марко, пак, најмногу се препали од чудниот начин на патување, па си помисли дека тоа е некое сениште; но, сепак, реши да се впушти во борба со него. Испи уште еден леѓен вино и стана целиот закрвавен до очи, еден леѓен му даде на Шарко да испие, па потоа ја остави мешината на тревата, ја наклапуши над очите самур-капата и го јавна Шарко, кој од пиењето веќе беше крвав до уши. Јунакот многу се разлути и му рече на Шарко:
Ако, Шарко, ти не ми го стигнеш
Ќе ти ги испокршам четирите нозе!
Кога ја слушна Шарко толку страншата закана, од која веќе се беше одвикнал на оној свет, ја спрашти како никогаш дотогаш. Како се беше залетал ниско, сè со колената ја брише правта по патот, а узенгиите ја удираат црната земја. Бега и оној пред него небаре има крилја, и за сето време само се обѕрнува наназад. Се бркаа така цели два часа, па ниту тој да побегне, ниту пак Марко успеа да го стигне. Така се приближија до една патничка меана; кога го виде Марко тоа, се уплаши сосема да не му побегне во некој град, а и веќе му беше здодеало да го брка, па тогаш му текна за боздоганот. Го извади од теркијата и викна налутено:
Да си вила, па да имаш крила,
Ил’ пах вили да те издоиле,
Па да си ми избеган од лани,
Пак денеска ќе те фати Марко! …
Го рече тоа, па заврти со боздоганот крај себе и го пушти.
Човекот, погоден, падна, но и земјата не го дочека жив. Дотрча Марко до него, ја извади сабјата, па му ја пресече главата, му ја стави на Шарко во зобницата, па со пеење се упати накај онаа крајпатна меана; а човекот остана копајќи со нозете крај онаа ѓаволска направа. (Заборавив да ви кажам дека Марко н неа ја исече со сабјата, со онаа иста сабја што ја коваа тројца ковачи, со своите тројца помошници, та за една седмица ја направија толку остра да може да сече камен, дрво, железо, со еден збор секаква амајлија).
Пред меаната имаше полно селани, па кога видоа што се случи и кога го здогледаа Марко разлутен, вреснаа од страв и летнаа да бегаат, која саде фати. Меанџијата остана сам. Се тресеше од страв како во најтешка треска, му потклекнуваа нозете, ги ококори очите, па пребледе како мртовец.
„Жити бога, незнаен јунаку,
чии ли се пребеливе дворци?“
— го праша Марко.
Незнајниот јунак пелтечи од страв и одвај објаснува дека тоа е патничка меана и дека токму тој лично е меанџијата. Марко се кажа кој е и од каде е, и дека дошол да го одмазди Косово и да убие султанот турски. Меанџијата ги сфати само зборовите: „да го убијам султанот“ — и уште повеќе го фаќаше страв колку што повеќе Марко и понатаму раскажуваше и потпрашуваше каде е најкусиот пат до Косово и како ќе дојде до султанот. Зборува Марко така, а човекот се тресе од страв и во умот му е само: „да го убие султанот“. Најпосле Марко почувствува жед па заповеда:
„Меанџијо, донеси ми вино
Па јас јунак жедта да ја стивиам
Зашто таа многу ми здодеа!“
Тука Марко слезе од Шарко, го врза пред меаната, а меанџијата влезе да донесе вино. Се врати оттаму носејќи мала чаша, од „деци“, на подавалник. Му се тресат рацете од страв, та од тоа се плиснува виното од чашата, и така му се приближи на Марко.
Марко, кога ја виде малата чаша, бедна, подистурена, си помисли дека човеков се шегува со него. Многу се разлути и на меанџијата му врза шлаканица со дланката по образот. Го удри толку лесно, што му се размрдаа три здрави заба.
Оттука Марко пак го јавна Шарко, па отиде понатаму. Меѓутоа, селаните што се разбегаа, отрчаа право во околијата, во полицијата, за да јават за страшното убиство; а писарот прати депеша до весниците. Меанџијата си стави на образот ладни облози, го јавна коњот и отиде право кај лекарот, па зеде уверение за тешка повреда; потоа отиде кај адвокатот, па овој детално го распраша за сè, му зеде пари и напиша кривична тужба.
Околискиот началник веднаш му нареди на еден писар, со неколкумина вооружени жандарми, да тргне во потера по злосторникот, а со депеша прати распис низ цела Србија.
Марко и не сонува што му се готви и дека веќе стигнале две-три страшни тужби, „снабдени со прописна такса“ и со наводи на параграфите за убиство, за тешка повреда, за навреда на честа; па потоа тука е веќе и „претрпениот страв“, „претрпените болки“, „трошоците околу лекувањето“, „толку и толку надомест за прекинатата работа во меаната, денгубата, пишувањето на тужбата, и таксите“.
А за ширењето на вознемирувачките гласови за убиството на султанот му се јави веднаш на министерството со шифра, а оттаму дојде брз одговор:
„Веднаш да се фати тој скитник и најстрого да се казни според законот; а најревносно нека се внимава такви случаи да не се повторуваат, зашто тоа го бараат интересите на нашата земја, која сега е во пријателски односи со турското царство“.
Со молскавична брзина надалеку се разнесе гласот за страшниот човек во чудна облека и со оружје и со уште почуден коњ.
Марко тргна по патот од меаната. Оди Шарко пополека, со обичен ôд, а Марко се потпрел на предниот дел од седлото, па се чуди како сè се изменило: и луѓето, и околината, и адетите, сè, сè. Му стана тешко што стануваше од гробот, Му ги нема старите другари, нема со кого да пие вино. Народот си работи по околните ниви. Сонцето припекло, мозокот да ти зоврие, работниците се свиткале, работат и молчат. Тој застана крај патот, па им довикна, со намера да праша за Косово; а работниците, кога го видоа, вреснаа од страв, па летнаа да бегаат од нивата кој каде стигна. Кога ќе се сретне Марко со некот на патот, оној ќе се стаписа и ќе застане како скаменет, ќе ги ококори очите од страв, ќе се обѕрне налево, надесно, на како втрештен, ќе ја спрашти преку ендекот или преку оградата. И колку повеќе го вика Марко да се врати, толку посилно тој бега. Се разбира дека секој од исплашените ќе отрча право во околиската канцеларија и ќе тужи за „обид за убиство“. Пред околиската куќа се насобрал толку народ што не може да се помине. Врескаат децата, лелекаат жените, се бунат мажите, пишуваат тужби адвокатите, се чукаат депеши, се војвааат полицајци и жандарми, по касарните пиштат сирените за тревога, бијат црковните камбани, по црквите се држат молепствија за да се отстрани таа беда од народот. Низ народот проструи глас дека се повампирил Крали Марко, па од таа стравотија се исплашија и полицајците и жандармите, па дури и војниците. Како ќе се бориш, брате, со Марко жив, а камоли пак со Марко — повампирен.
Водач (3/3)
Така помина првиот ден, a со ист успех поминаа уште неколку дена. Ништо од поголема важност, само некои поситни пречки: ќе се струполат во ендек, во дол, ќе удрат на плет, на капини, на трње, ќе си ја скршат по неколку души од нив ногата или раката, ќе си ја дупне по некој главата, но сите тие маки се истрпуваат. Некои старци пропаднаа, но тие и беа стари. „Ќе изумреа и дома да седеа, а камоли на пат!“ — рече говорникот, та ги охрабри луѓето да одат понатаму. Неколку помали деца од една-две години пропаднаа, но си го стегнаа срцето родителите, зашто така сакал господ, а и жалоста е помала колку се децата помали. „Тоа е помала жалост, а да не даде господ родителите да дочекаат да си ги загубат децата, кога ќе стасаат за мажење и за женење. Кога е така судено, подобро што побргу, зашто помалку ќе има и жалост!“ — ги тешеше пак говорникот. Многумина криват и се гегаат, некои завиткале шамии преку главата и ставиле студени облоги на џумките, некои си ја носат раката во шамија: сите се испокинале, се исподрпале та партали им висат од алиштата, но сепак, се оди среќно понатаму и понатаму. Сето тоа би го истрпувале полесно, но и гладот ги мачеше честопати. Но, се мора напред.
Еден ден се случи нешто поважно.
Водачот оди напред, со него најрешителните двајца помалку. За нив не се знае кај се. Општо е мислењето дека извршиле предавство и побегнале. Еднаш дури истиот говорник и говореше за нивното срамно предавство. Малкумина се оние што сметаат дека луѓето се пропаднати по патот, но молчат и не си го кажуваат мислењето за да не се плаши народот), па после со ред другите. Наеднаш се покажа грозно голем и длабок каменит дол — вистински амбис. Брегот толку стрмен што човек не смееше ни да зачекори напред. И решителните застанаа и го погледнаа водачот. Тој, со наведната глава, намуртен и замислен, молчи и решително чекори напред, тупкајќи со стапот пред себеси, де лево, де десно, по својот познат обичај, а тоа, како што велат многумина, го правеше уште подостоинствен. Тој никого не погледна, ништо не рече, на неговото лице никаква промена, ни трага од страв. Сè поблиску кон амбисот. Дури и оние најхрабрите станаа во лицето бледи како крпа, а никој не смее ни збор да му забележи на умниот, остар и решителен водач. Уште два чекори, па водачот е во амбисот. Во смртен страв, со ококорени очи, се тргнаа сите, а најрешителните тукушто да го задржат водачот, па ако треба и нека згрешат во дисциплината, а тој при тоа зачекори еднаш, двапати, и се струполи во долот.
Настана забуна, олелија, врева, завладеа страв. Некои дури почнаа да бегаат.
— Стојте, кај сте се затрчале, браќа! Зар така се држи дадениот збор? Ние мораме напред по овој мудар човек, зашто тој знае што прави; не е сигурно будала да се упропасти себеси. Напред по него! Ова е најголемата, но можеби и последната опасност и пречка. Кој знае дали уште тука зад тој дол нема некаква прекрасна плодна земја што ја одредил господ за нас. Напред само, оти без жртви нема ништо! — Така изговори тој говорникот и направи два чекори напред, та го снема во долот. По него најрешителните, a пo нив јурнаа сите.
Олелија, стенкање, тркалање, јачење по стрмниот рид на тоа грозно јамиште. Човек би се заколнал дека никој жив, а камоли здрав и неповреден, не може да излезе од тој амбис. Но тврд е човечкиот живот. Водачот имаше ретка среќа, и се задржа при паѓањето, како и секогаш, на некој џбун, та не се уби, ами успеа да се извлечка пополека и да излезе на ридот.
Додека се разнесуваа долу пискотници и лелеци, или се слушаше подмолно стенкање, тој си седеше неподвижен. Молчи само и мисли. Некои долу изудирани и разлутени почнаа и да пцујат, но тој ни на тоа не обрнуваше внимание. Оние што се истркалаа посреќно и што се запреа некаде на некој џбун или дрво, почнаа со мака да излегуваат од долот. Некој си ја скршил ногата, некој раката, некој си ја исчукал главата, та крв му го облеала лицето. Како кој, но никој здрав освен водачот. Го гледаат стушено, напреку и стенкаат од болка, а тој ни глава не крева. Молчи и мисли како секој мудрец!
Помина уште време. Бројот на патниците сè помал и помал. Секој ден ќе однесе по некој; некои го напуштаа таквиот пат и се враќаа назад.
Од голем број патници останаа уште дваесетина. На секого очајанието и сомневањето му се гледа на коскестото, изнемоштено од напор и глад лице, но никој ништо повеќе не говори. Молчат како и водачот и одат. Дури и оној пламениот говорник мавта очајно со главата. Тежок пат беше тоа.
Од ден на ден и од овие почна да се намалува бројот, и останаа десетина другари. Лицата им се уште поочајни, a пo целиот пат наместо разговор се слуша офкање и јачење.
Сега беа повеќе накази отколку луѓе. Одат на патерици, си ги обесиле рацете на шамиите што им се врзани околу вратот. На главата цел куп преврски, облоги, тифтици. Дури и да сакаа да принесуваат нови жртви, не можеа, зашто на телото речиси и немаше место за нови рани и модрини.
Ја изгубија веќе и верата и надежта и оние најважните и најтврдите, но сепак одат понатаму, тоест се движат на некој начин со тешки напори при офкање и стенкање од болка. Па и што ќе прават кога назад не се може. Зар толку жртви, па сега да го напуштат патот?!
Се смрачи. Гегаат така на патерици, кога погледнуваат, а водачот го нема пред нив. Уште по еден чекор, па сите пак во дол.
— Оф, ногата! … Оф, мајко моја, раката! … Оооф! — се разнесе офканица, а потоа само гргорење и стенкање. Еден подмолен глас го пцуеше дури и славниот водач, па молкна.
Кога се раздени, а водачот си седи пак така исто како што си седеше и оној ден кога го избраа за водач. На него не се забележуваат никакви промени. Од долот се измолкна оној говорникот, a пo него уште двајца. Разгледаа околу себе така нагрдени и крвави, да видат колку останале, но беа само уште тројца. Смртен страв и очајание ја исполни нивната душа. Месноста непозната, планинска, гол камен, а пат никаде. Уште пред два дена поминаа преку патот и го оставија. Водачот така водеше.
Помислија за многуте другари и пријатели, за оние бројни роднини што пропадна на тој чудотворен пат, и ги фати една тага посилна од болката во осакатените екстремитети. Ја гледаа со своите сопствени очи својата сопствена пропаст.
Говорникот му пристапи на водачот и почна да говори со изнемоштен, растреперен глас, полн со болка, со очајание и горчина:
— Каде ќе одиме?
Водачот молчи.
— Каде нè водиш и каде нè доведе? Ние ти се доверивме заедно со своите семејства, и тргнавме. по тебе оставајќи си ги куќите и гробовите на нашите предци, само за да се спасиме од пропаста во оној неплоден крај, а ти уште повеќе нè упропасти. Двесте семејства поведовме по тебе, a сега преброј нè да видиш уште колку сме останати.
— Па зар не сте сите на број? — процеди водачот не кревајќи си ја главата.
— Ама како прашуваш така? Крени ја главата, погледни, преброј колку сме останати на овој несреќен пат. Погледни какви сме и ние што останавме. Подобро и да не останевме отколку да сме вакви накази.
— He можам да погледнам! …
— Зошто!
— Слеп сум!
Настапи молк.
— Попат ли си го загуби видот?
— Јас слеп и сум се родил.
Тројцата очајно си ги наведнаа главите.
Есенскиот ветер страшно фучи низ планината и ги разнесува овенатите лисја; по планините се спуштила магла, а низ студениот, влажен воздух шушкаат гавранови крила и се разнесува зловешто гракање. Сонцето е скриено зад облаците што се тркалаат и јурат забрзано некаде далеку, далеку.
Тројцата се загледаа во смртен страв.
— Каде ќе одиме сега? — процеди едниот со гробовен глас.
— He знаеме!
Извор: Домановиќ, Радоје, Сатири, Македонска книга, 1970. (Прев. Александар Ежов)