Tag Archive | Србија

Размислувањето на еден обичен српски вол

Разни чуда се случуваат во светот, а нашава земја, како што велат многумина, е плодна со чуда толку многу, што веќе и чудата не се чуда. Кај нас има луѓе на многу високи функции кои не мислат ништо, а како надополнување за тоа, или можеби од други причини, почнал да размислува еден обичен селски вол, кој по ништо не се разликувал од другите српски волови. Господ знае зошто ова генијално животинче се оддало на овој дрзок потфат – на размислување, зашто досега се покажало дека од тој несреќен занает во Србија може да се има само штета. Ајде, да речеме, дека тој, кутриот, во својата наивност и не знаел дека во неговата татковина овој занает не е вреднуван, па тоа нема да му го припишеме во некоја особена граѓанска храброст, но сепак останува загатката зошто токму волот да мисли кога тој не е ниту избирач, ниту одборник, ниту кмет, ниту пак некој го избрал за пратеник во некакво си воловско собрание, или дури ако е во години, за сенатор, а ако, грешникот, сонувал дека во некаква воловска земја ќе биде министер, тогаш, напротив, би требало да вежба да мисли што помалку, како што тоа го прават одличните министри во некои среќни земји, иако нашава земја и во тоа нема среќа.

На крајот на краиштата, што не интересира тоа што волот во Србија го презел напуштениот занает од луѓето, а можеби започнал да мисли и по некаков природен нагон.

Па каков је то вол? Обичен вол, како што вели зоологијата, кој има глава, труп и нозе, сè како и другите волови: влече кола, пасе трева, лиже сол, прежива и мука. Се вика Сивчо.

Еве кога почна тој да мисли. Еден ден неговиот стопан ги впрегна во колата него и неговиот другар Галешко, натовари на колата некои украдени прачки и ги однесе в град да ги продаде. Стопанот ги продаде прачките веднаш штом дојде до првата градска куќа, ги зеде парите, ги отспрегна Сивчо и неговиот другар, го закачи синџирот со кој беа врзани за долниот дел на јаремот, фрли пред нив разврзан сноп од листовина од царевка, па весел влезе во една мала меана да се закрепне како човек со некоја чашка ракија. Во градот имаше некаква свеченост, па луѓе, жени, деца минуваа од сите страни. Галешко, кој и без тоа беше познат како приглуп меѓу воловите, не гледаше ништо, туку со сета сериозност се зафати со ручекот, добро се најаде, замука од задоволство, па си прилегна и слатко дремејќи почна да прежива. Воопшто не го интересираа луѓето кои врвеа покрај него од сите страни. Тој мирно си дремеше и си преживаше. (Штета што не е човек, има огромни диспозиции за висока кариера!) А Сивчо ни да проба. Неговиот занесен поглед зборува дека е мислител, впечатлива душа. Покрај него минуваа луѓето, Срби, горди на своето светло минато, на своето име, на народноста, а таа гордост се гледаше во нивното здрвено држење и одење. Сивчо го гледаше тоа, па душата му ја обзеде тага, болка за големата неправда, и не можеше а да не потклекне на толку ненадејното и силно чувство, туку мукна тажно, болно, а во очите му светнаа солзи. И Сивчо почна да мисли од силната болка.

– Со што се гордее мојот стопан и другите негови сограѓани, Србите? Зошто толку ги креваат главите и со надуена гордост и преѕир гледаат на мојот род?… Се гордеат со татковината, се гордеат со тоа што милостивата судбина им доделила да се родат овде, во Србија. Па и мене мајка ми ме отелила овде, во Србија, и не само што оваа земја е и моја татковина и на татко ми, туку и моите стари, како и нивните, сите заедно, дошле во овие краишта уште од старата словенска татковина. Па никој од нас воловите не се чувствува горд поради тоа, туку ние секогаш се гордеевме со тоа кој ќе може да повлече поголем товар на високо, а ниеден вол до денес не му рекол на некојси германски вол: „Што сакаш ти, јас сум српски вол, моја татковина е гордата земја Србија, тука се отелиле сите мои стаири, тука, во оваа земја се и гробовите на моите претци!“ Господ да чува, никогаш не сме се гордееле со тоа, то ни на ум не би доаѓало, а ете, тие и со тоа се гордеат. Чудни луѓе!

Со такви мисли, волот тажно ја заврти главата, затропа ѕвонецот на неговиот врат и крцна јаремот.

Галешко ги отвори очите, го погледна другарот, па мукна:

– Ти пак со твое, се будалиш! Јади, будалче, дебели се, гледаш дека ребрата ти се бројат; ако било добро да се мисли, луѓето тоа не би ни го оставале нам на воловите. Таква среќа нема да нè снајде!

Сивчо го погледа својот другар со сожалување, ја сврти главата од него, и пак се задлабочи во своите мисли.

– Се гордеат со светлото минато. Го имаат Косово Поле, Косовската битка. Голема работа, па зар и моите стари уште тогаш не влечеле храна за војската и за воени потреби; ако нè немало нас, таа работа ќе морале да ја вршат самите луѓе. Го имаат востанието против Турците. Тоа е голема работа, благородна, но кој бил тука. Зар востанието го кренале овие надуени празноглавци што вака, ништо не работејќи, се прчат покрај мене со гордост, небаре тоа е нивна заслуга? Еве, да го земам за пример само мојот стопан. И тој се гордее и се фали со востанието, а особено со тоа што неговиот предедо како редок јунак загинал со војната за ослободување. Па зар тоа е негова заслуга? Предедо му имал право да се гордее, а не тој; предедо му загинал за да може мојов стопан, како негов потомок, да биде слободен. И тој е слободен, но што прави во таа слобода? Краде туѓи прачки, и тој седнува на колата, па јас го влечам и него и гранките, а тој на колата спие. Сега ги продаде прачките, пие ракија, не работи ништо и се гордее со светлото минато. А колку се заклани од моите стари во востанието за да се прехранат борците; па зар и моите стари, во тоа време, не ги влечеле воените потреби, топовите, храната, муницијата, па нам сепак ни не паѓа на ум да се китиме со нивните заслуги, зашто ние не сме се измениле, ние и денес си ја вршиме својата должност како и нашите стари кои совесно и стрпливо си ја вршеле работата.

– Се гордеат со страдањата на своите предци, со петвековното робување. Мојот род страда, откако постои, страдаме и ние и денес и робуваме, па тоа никогаш не го разгласивме. Велат, Турците ги мачеле, ги колеле, ги забодувале на колци; па и моите стари ги колеле и Србите и Турците, ги печеле, и на какви сè уште маки не нè ставале.

– Се гордеат со верата, а не веруваат во ништо. Што сум јас виновен и целиот мој род што не нè примаат во христијани. Верата им вели „не кради“, а ете, мојот стопан краде и пие за парите што ги доби од крадењето. Верата им наложува да им прават добро на ближните, а тие еден на друг само лошо си прават. Кај нив најдобар човек, кото сметаат за пример на добродетел е оној, кој не прави зло, а веќе, се разбира, никој и не помислува да бара од некого да направи добро. И ете на што се сведени примерите, добродетелите им се рамни на секоја бескорисна работа, само никому да не му прават зло.

Волот длабоко воздивна, и од неговиот здив дури се крена прашина од патот.

– Па зар тогаш, – продолжи понатаму со своите тажни мисли, – јас и мојот род не сме подобри во тоа од сите нив? Јас никого не убив, никого не го озборував, никому ништо не сум му украл, никого не го отпуштив од државна служба без вина, не направив дефицит во државната каса, не банкротирав лажно, никогаш не оковав и не апсев невини луѓе, не ги клеветев своите другари, не го изневерив својот воловски принцип, не сведочев лажно, никогаш не бев министер и не ѝ правев зло на земјава, а освен тоа што не правев зло, им правам добро и на оние кои мене ми прават зло. Откако мајка ми ме отели, лошите луѓе и мајчиното млеко веднаш ми го одзедоа. Бог тревата ја создал за нас воловите, а не за луѓето, па и неа ни ја земаат луѓето. А ние, сепак, покрај толку удари, им ги влечеме колите на луѓето, им ораме и ги храниме со леб. И пак никој не ни ги признава тие наши заслуги за татковината…

– Ако е поради постот, убаво, ним, на луѓето, верата им вели да постат,а тие ниту тој мали пост не сакаат да го издржат, а јас и целиот мој род постиме сиот свој век, откога ќе нè одбијат од мајчините цицки.

Волот ја наведна главата, и како нешто да се загрижи, пак ја крена главата горе, налутено шмркна со носот, па изгледаше небаре се сеќава на нешто важно, што го мачи; наеднаш мукна радосно:

– А, сега знам, мора тоа да биде! – и си продолжи да си мисли:

– Тоа е, значи: се гордеат со слободата и со граѓанските права. За тоа морам сериозно да размислам. – Мислеше, мислеше, но никако не одеше. – Во што се тие нивни права? Ако има нареди полицијата да гласаат, тие гласаат, а за толку и ние би можеле да мукнеме: „Зааа!“ А ако им нареди, не смеат да гласаат, ниту да се мешаат во политиката, исто како и ние. Ги трпат и тие затворите и ударите, честопати ни криви ни должни. Ние барем ќе мукнеме и ќе мавнеме со опашката а тие немаат ни толкава граѓанска храброст.

Тогаш излезе стопанот од меаната. Пијан, нозете му се плеткаат, очите заматени, изговара некакви неразбирливи зборови, и поревајќи се оди накај колата.

– Ете на што ја употреби слободата, тој горд потомок, која со крв му ја извојувале предците. Ајде, мојот стопан е пијан и краде, но на што ја употребија другите? Само ништо да не работат и да се гордеат со минатото и заслугите на своите стари, во што тие немаат никакво учество, дури ни колку мене.

– А ние воловите останавме вредни и корисни работници како што биле нашите стари. Вистина, волови сме, но сепак можеме да се гордееме со својата тешка денешна работа и со заслугите.

Волот длабоко воздивна и го приготви вратот за јаремот.

 

Извор: Радое Домановиќ, Избрани сатири, Мисла, Куманово 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

Данга

Сонив страшен сон. Не му се чудам на самиот сон, туку се чудам како сум имал храброст да сонувам страшни работи, кога сум и јас мирен и добар граѓанин, добро дете на оваа намачена, мила наша мајка Србија, како и сите други нејзини деца. Ајде, да речам, дека сум јас исклучок од другите, но не бре брате, туку што прават тие, тоа и јас, сосема истото, а однесувањето ми е толку внимателно, што никој не може да се токми со мене во тоа. Еднаш видов на улица скината светлива петлица од полициска униформа, се загледав во нејзиниот волшебен блесок, и тукушто сакав да поминам, полн со некакви слатки мисли, кога, наеднаш, ми затрепери сама раката, па право накај капата; главата сама се наведна кон земјата, а устата ми се развлече во пријатна насмевка, со каква што обично сите ние ги поздравуваме постарите.

„Благородна ми е крвта во жилите и ништо друго!“ — си помислив во тој миг, и со преѕир погледнав во еден простак што токму во тој миг помнна и во невниманието ја нагази петлицата.

— „Простак“ — реков тивко и плукнав, па мирно продолжив да си шетам, утешен од мислата дека такви простаци нема многу, а ми беше необично пријатно што господ ми дал фино срце и благородна витешка крв како на нашите стари.

Ете, сега гледате дека јас сум прекрасен човек, кој во ништо не се разликува од другите добри граѓани, па и самите ќе се зачудите од каде токму мене на сон да ми дојдат страшни и глупави работи на ум

Тој ден не ми се случи ништо необично. Добро вечерав и по вечерата си ги чепкав забите, си потпивнував вино, а потоа, откако така храбро и совесно ги употребив сите свои граѓански права, легнав в кревет и ја зедов книгата за да задремам побргу. Набргу, книгата ми падна од раце, се разбира откако ја исполни мојата желба, и јас заспав како јагне со мирна совест, бидејќи наполно ги извршив сите свои должности.

Наеднаш се најдов како на некој тесен, планински и каллив пат. Студена, мрачна ноќ. Ветрот фучи низ соголените гранки и просто сече каде што ќе дофати по голата кожа. Небото мрачно, страшно и немо, а ситен снег вее во очите и бие во лицето. Никаде жива душа. Брзам напред и се слизгам по калливиот пат, де лево, де десно. Се потслизнував и паѓав, и, најпосле, заталкав. Талкав така, само господ знае каде, а ноќта не беше обична, куса ноќ, туку како некаква долга ноќ, колку еден цел век, а јас непрестајно одам и не знам каде.

Одев така многу, многу години, и отидов негде далеку, далеку од својот роден крај, во некој непознат крај, во некоја чудна земја за која, веројатно, никој жив не знае и којашто снгурно само на сон може да се сонува.

Талкајќи по таа земја, пристигнав во еден голем град со многу жители. На пространиот пазар во тој град се беше насобрал многу народ и се креваше страшна врева, на човека ушите да му се заглушат. Влегов во една гостилница, токму спроти пазарот, и го прашав меанџијата зошто се насобрал толку народ.

— Ние сме мирни и добри луѓе, — почна да ми раскажува тој — верни сме му и послушни на својот кмет.

— Зар кај вас кметот е најстар? — го прекинав со прашање.

— Кај нас управува кметот, и тој е најстар; по него се пандурите.

Јас се насмеав.

— Што се смееш? … Зар ти не го знаеше тоа? … А од каде си ти? …

Јас му раскажав како заталкав, и дека сум од далечната земја Србија.

— Слушав за таа прочуена земја! — прошепоти тој за себе, и ме погледна со респект, а потоа ми се обрна гласно:

— Ете, така е кај нас — продолжи тој. — Кметот управува со своите пандури.

— Какви се пандурите кај вас?

— Е, знаеш, има разни пандури, и тие се разликуваат според рангот. Има виши пандури и нижи… Значи, ние овде сме си мирни и добри луѓе, но од околинава доаѓаат секакви растурикуќи па нè расипуваат и нè учат на зло. За да се распознава секој наш граѓанин од другите, вчера кметот издаде наредба сите овдешни граѓани да одат пред општинскиот суд, каде што секому ќе му се удри печат на челото. Ете затоа е насобран народов, да се договориме што ќе правиме.

Јас се стресов и си помислив што побргу да побегнам од таа страшна земја, зашто јас, иако сум благороден Србин, не сум навикнал баш на толкаво витештво, и ми стана одвратно!

Меанџијата добродушно се насмеа и ме потупа по рамото, па ми рече горделиво.

— Еј, туѓинецу, ти веќе се исплаши?! … Значи ја нема нашата храброст надалеку! …

— Па што мислите да правите? — го прашав срамежливо.

— Како што мислиме! Ќе го видиш нашето јунаштво! Ја нема нашата храброст надалеку, ти велам. Си поминал многу земји, но сигурен сум дека не си видел поголеми јунаци од нас. Ајде да одиме таму заедно. Јас морам да побрзам.

И токму да тргнеме, кога пред вратата се слушна плускање од камшик.

Ѕирнав надвор, кога, што да видам; еден човек со некаква трирогата светликава шапка, а во шарена облека, јава еден друг човек во многу богата облека, со обичен граѓански крој, и се запре пред гостилницата, па слезе.

Меанџијата излезе и се поклони доземи, а човекот во шарената облека влезе во меаната и седна крај една посебно украсена маса. Оној во граѓанската облека остана да чека пред меаната. Меанџијата и пред него длабоко се поклони.

— Што значи ова? — збунето го прашав меанџијата.

— Па овој што влезе во меанава, тој е виш пандур, а овој е еден од највидните граѓани, наш голем богаташ и патриот — прошепоти меанџијата.

— Па зошто дозволува да го јава?

Гостилничарот ми мавна со главата, па отидовме малку понастрана. Се насмеа некако презриво и ми рече:

— Па тоа кај нас се смета за почест со која ретко кој се удостојува! … Тој ми раскажуваше уште многу работи, но јас, од возбуда, не го слушав. А последните зборови добро ги чув: „Тоа е услуга на татковината, што не може и не умее да ја цени секој народ!“

Стигнавме на собирот, каде што веќе беше почнато избирањето на претседателството на собирот.

Една група како кандидат за председател го беше истакнала некојси Колб, ако се сеќавам добро на името; друга група некојси Талб, трета, пак, свој кандидат.

Настана страшна мешаница; секоја груп сака да го намести својот кандидат.

— Јас мислам дека од Колб немаме подобар човек за претседател на еден олку важен собир, — рече еден од првата група — зашто неговите граѓански добродетели и неговата храброст добро ни се познати на сите. Јас мислам дека нема ниту еден од нас што големците го јавале почесто од него.

— Што зборуваш — викна еден од другата група — кога тебе никогаш не те јавнал ниту еден практикант.

— Ги знаеме ние вашите добродетели, — викна некој од третата група. — Вие немате издржано ниту едно мавање со камшик, а да не офнете.

— Да се разбереме, браќа! — почна Колб. — Мене, навистина, често ме јаваа нашите великодостојници уште пред десет години, и ме швркаа со камшик, па не офкав, но, сепак, можеби има уште позаслужни луѓе. Можеби има помлади и подобри.

— Нема, нема — вреснаа неговите избирачи.

— Не сакаме ни да чуеме за тие стари заслути! Колба го јавале уште пред десет години — викаа од втората група.

— Сега се јавуваат помлади сили, а за старите не сакаме да чуеме веќе — викнаа од третата група.

Наеднаш, вревата стивна; народот се подистави и направи пат, каде што видов еден млад човек, на околу триесетина години. Кога дојде тој сите глави длабоко се поклонија.

— Кој е овој? — му шепнав на меанџијата.

— Тој е првенецот во граѓанството, Млад човек е, но многу ветува. Уште на млади години доживеа и самиот кмет веќе трипати да го јава досега. Стекна поголема популарност од секој друг досега.

— Можеби него ќе го изберат? … — прашав.

— Повеќе од сигурно, зашто сите овие кандидати што се досега, се постари од него, освен тоа и времето веќе ги згази, а овега вчера кметот го јаваше.

— Како се внка?

— Клеард.

Му направија почесно место.

— Јас мислам — ја прекина Колб тишината — дека подобар човек од Клеард за ова место не треба да бараме. Млад е, но ние постарите никако не можеме да се рамниме со него.

— Така е, така е! … Да живее Клеард! … — одекна од сите грла.

Колб и Талб го одведоа да го заземе претседателското место.

Сите, пак, се поклонија длабоко, а потоа завладеа тишина.

— Ви благодарам, браќа, на олку високото внимание и на честа што денеска еднодушна ми ја укажавте. Вашите надежи, што ги имате, во мене, се премногу ласкави. Тешко е да се раководи со народните желби во вакви значајни денови, но јас ќе ги вложам сите мои сили за да ја оправдам вашата доверба, насекаде да ве застапувам искрено и својот углед и понатаму високо да го одржам. Ви благодарам, браќа, на изборот.

— Да живее, да живее, да живее! — одекна од сите страни.

— А сега, браќа, дозволете ми од ова место да кажам некој збор за овој важен настан. Не е лесно да се истрпат маките и болките што нè очекуваат; не е лесно да се издржи со усвитено железо да ни се удри печат на нашето чело. Да, тоа се маки што не може секој да ги издржи. Страшливците нека треперат и нека побледуваат од страв, но ние ниту за миг не смееме да заборавиме дека сме потомци на достоинствени предци, дека низ нашите жили тече благородната, јуначка крв на нашите дедовци, на оние џин-витези кои не чкртнаа ни со заби умирајќи за слободата и за наше добро, и добро на нивните потомци. Ништожни се овие маки спрема тие маки, па зар ние да се покажеме како гнило и плашливо колено сега, кога се наоѓаме во секое добро и изобилие? Секој вистински патриот, секој што не сака да се посрами нашето племе пред светот, болката ќе ја поднесе јуначки и машки.

— Така е! Да живее, да живее!

Се јавија уште неколкумина пламени говорници, кои го храбреа исплашениот народ и го зборуваа речиси истото тоа што го зборуваше и Клеард.

За збор се јави еден блед, изнемоштен старец, со збрчкано лице и бела коса и брада како снег, нозете му потклекнуваа од старост, грбот му се свиткал, а рацете му се тресеа. Гласот му трепереше, а во очите му светкаа солзи.

— Деца, — започна тој, а солзи му се стркалаа по бледите збрчкани образи и му паднаа на белата брада — мене ми е тешко и наскоро ќе умрам, но ми се чини дека е подобро да не се допушти таков срамотилак. Јас имам стотина години, и живеев без тоа нешто… Па зар сега, на оваа моја бела, изнемоштена глава, да ми се удира ропски печат! …

— Долу тоа старо-аро — вресна претседателот.

— Долу! — викнаа едни.

— Дрт страшливец! — викнаа друго.

— Наместо да ги храбри помладите, а тој уште и го плаши народот! — викнаа трети.

— Како не му е срам од белата коса! Се наживеал, па уште и се плаши, а ние младиве поголеми јунаци! — викнаа четврти.

— Долу плашливецот!

— Да се исфрли надвор!

— Долу тој!

Разбеснетата маса од младите јуначки граѓани се нафрли врз изнемоштениот старец, та во лутината почнаа да го удираат и да го влечкаат.

Одвај го пуштија поради староста, инаку со камења ќе го затрупаа.

Сите се заколнаа и се зарекоа дека утре ќе му го осветлат образот на своето народно име и дека јуначки ќе се држат.

Собирот се растури во најдобар ред. При растурање се слушнаа гласови:

— Утре ќе се видиме кои сме!

— Ке видиме утре многумина фалбаџии.

— Дојде времето да се покажеме кој колку чини, а не секоја мивка да се перчи со јунаштво!

Се вратив назад во хотелот.

— Виде ли кои сме ние? — праша гардо меанџијата.

— Видов — му одговорив механички, а чувствував како ми се губи силата и како ми бучи главата од чудните впечатоци.

Уште истиот ден, во весниците ја прочитав воведната статија со следнава содржина:

„Граѓани, време е еднаш да престанат празните фалби и пречења на овој или на оној од нас; време е еднаш да се престане со ценењето на празните зборови, со кои ние изобилуваме истакнувајќи некакви свои вообразени добродетели и заслуги; време е, граѓани, еднаш на дело да се испробаме, и вистински да се покажеме кој чини, а кој не! Но сметаме дека меѓу нас не ќе има срамни страшливци, кои власта ќе мора сама со сила да ги дотерува на определеното место, каде што ќе се удира печат. Секој кој чувствува во себе макар и малку од вештачката крв на нашите стари, ќе се граба што побргу мирно и со гордост да ги истрпи маките и болката, зашто тоа е света болка, тоа е жртва која ја бара татковината и општото добро од сите нас. Напред, граѓани, утре е денот на витешката проба! …“

Мојот меанџија тој ден легна да спие веднаш по собирот, за да стигне утредента што побргу на определеното место. Многумина, пак, отидоа веднаш пред судницата да фатат што подобри места.

Утредента, и јас отидов пред судницата. Сè беше слегло од градот, и мало и големо, и машко и женско. Некои мајки ги зеле и малите деца в раце, и ним за да им го удрат ропскиот печат, односно почесниот, подоцна за да имаат поголеми права на подобри места во државната служба.

Тука имаше туркање, пцости, — (во тоа по малку личат на нас Србите, па ми стана мило) — отимање кој побргу да дојде до вратата. Некои дури и се здавуваа.

Печатите ги удираше посебен чиновник во бела, свечена облека, и благо го прекоруваше народот:

— Полека, луѓе, секој ќе дојде на ред, не сте добиток па вака да се туркате!

Почна удирањето на печатот. Некој ќе офнеше, а некој само ќе зајачеше, но никој не издржа да не пушти никаков глас додека јас бев таму.

Не можев долго да го гледам тоа мачење, па појдов во меаната; кога таму, некои веќе си седнале, та се мезетисуваа и пиеја.

— Го пребравме и тоа гајле! — рече еден.

— Море ние и не офкаме многу, но Талб, рикаше како магаре… — рече другиот.

— А, ете ти го твојот Талб, а вчера сакавте да претседава на собирот!

— Е, па кој ти го знаел!

Разговараа, а јачат од болка и се превиткуваа, но се криеја еден од друг, зашто секому му беше срам да се покаже дека е плашливец.

Клеард се посрами дека зајачка, а се истакна со јунаштво некојси Леар, кој бараше да му се удрат два печата и не пушти ниту глас. Целиот град само за него зборуваше со најголема почит.

Некои побегнаа, но беа презрени од сите.

По неколку дена, оној со двата печата на челото, шеташе со исправена глава, достоинствено и надуено, полн со слава и со гордост, па каде што ќе минеше сè живо му се поклонуваше и ја симнуваше капата пред јунакот на тие денови. Трчаа по улиците по него и жени и деца и мажи да го видат тој народен великан. Каде и да поминеше се ширеше шепотот на страхопочитување: „Леар, Леар! … Овој е тој! Тој е јунакот што не офна, што не пушти глас, додека му ги удираа двата печата!“ Весниците пишуваа за него и го опсипуваа со најголемо фалење и славење.

И тој ја заслужи народната љубов.

Ги слушам тие пофалбн на сите страни, па дури и во мене се разбуди српската јуначка крв. И нашите стари биле јунаци, и тие умирале на колци за слободата; и ние имаме јуначко минато, и ние го имаме Косово. Целиот ме обзеде народната гордост и суетата да се одмаздам за образот на својот род, па се втурнав пред судницата и извикав:

— Што туку го фалите Леар? … Вие уште не сте виделе јунаци! Да видите каква е српската витешка крв! Удирајте десет печати, а не само по два!

Чиновникот во бела облека го принесе печатот до моето чело и јас се тргнав… Се разбудив од сонот.

Си го протрив челото од страв и се прекрстив, чудејќи се што сè не му доаѓа на сон на човека.

— За малку не ја потемнев славата на нивниот Леар, — си помислив и се свртив на другата страна, а ми беше по малку криво што не заврши целиот сон.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

——————
Данга – Печат со кој се обележувал добитокот (мак. дамга, тур. тамга)