Tag Archive | Србија

Ајдутинот Станко според критичарскиот рецепт на г. Момчило Иваниќ (4/5)

(Претходен дел)

IV
АДУТИНОТ СТАНКО ПОЧНУВА ДА ГИ ОСТВАРУВА СВОИТЕ ГОЛЕМИ ЗАМИСЛИ

Од планината Цвр нашиот млад, талентиран ајдутин се прати многу нервозен и разочаран. О, какви идеали и слатки заносни сништа што ги сонуваше во училишната клупа, какво пламено чувство на неговата нежна душа, а какво ледено јаве!

Како го замислуваше Станко арамбашата на ајдучката чета, а каков ти бил тој и како го пречекаа! Него најмногу го печеше што се излага во надежта, што му се урнаа толку убавите идеали, што ги запозна српските ајдути такви какви што се, вистински. Тој си замислуваше дека ќе наиде на некоја голема установа по чии ходници се меткаат гологлави, бледникави ајдути, со испиени лица од големите студирања, со нумерирани акти под мишките, а установата модерно уредена, па над вратата да пишува, на пример: Арамбаша (пред таа врата да стои момок во ливреја, да пуши, да дреме и штом ќе заѕвони ѕвончето, а тој да се штрекне, да ја дотера својата облека, да ги протрие очите, да се искашла, и да плукне во плукалницата, да ја тргне цигарата, да ја развлече устата во љубезна насмевка, и полека, на прсти, да влезе во арамбашовата канцеларија), на другата врата натпис: Секретар, на третата: Одделение за воспитување на свирепите Турци, на четвртата: Послуга итн. По ходникот, си замислуваше понатаму, дака ќе има мноштво свет со молби и документи (тоа се оние што сакаат да се запишат во четата), во фракови и бели ракавици. Беа ги предале картите за пријавување на арамбашата, па нетрпеливо шеткаат, и штом ќе заѕвони во некоја канцеларија, сите ќе погледаат на вратата каде што пишува арамбаша, — само служителот рамнодушно дремливо си пуши. Како тука војват и Турци со чалми, кои заминуваат од ајдучкиот завод облагородени, па чекаат на ред да му заблагодарат на арамбашата. Потоа си мислеше дека на арамбашата ќе му биде мило што добива интелигентен чиновник, во својата ајдучка чета, и како веднаш ќе го претстави низ сите одделенија и ќе му ја покаже библиотеката (сета од чисто научни дела, од групата на науката за модерното ајдутство), како арамбашата ќе му се пожали дека е желен за разговор, токму со ваков талентиран младич и со човек-научник, и како кутриот е претрупан со административна работа и како многу заостанал во современата ајдучка наука. И како во канцеларијата на арамбашата ќе види од левата страна работна маса (на која има книги, мали бисти на поважните класици, итн.), мермерна плоча, на која во позлатен релјеф е изработено сонцето што ги расфрлува зраците на некоја голема книга на која пишува, најпрвин на словенски јазик: „намъ не достоiтъ оубити никогоже“, а под тоа тие исти збороови на латински, грчки и санскритски. На краиштата на плочата како се гледаат контурите на некои бедни, скршени, ’рѓосани мечеви и пушки, покриени со многу прав (како сликата јасно се изразува). Веднаш од десната страна на масата мислеше дека ќе види голема табла, на која се испишани по азбучен ред неправилните глаголи во грчкиот и латинскиот јазик (поради побрзата и веќе инаку честа употреба).

Ете како младиот ајдутин од Ириг си замислуваше и со колку идеали отиде на планината Цер, а што се најде, и како дивјачки и нечовечно го примија, и што беше уште најлошото, како му го исплашија милиот Хомер, та кутриот трепереше од страв по целиот пат во колата при враќањето назад.

Кога се врати назад во Шабац, неколку дена не можеше да преземе никаков чекор за изведување на своите идеи за модерното ајдутство, зашто беше многу изнервиран и растроен од чудните и ненадејни влијанија. За тоа време не му се случи ништо важно, освен што прати писмо во Ириг до некој свој другар, во кое му се жалеше на тешкиот ајдутски живот, и го молеше да му прати еден сандак гисхилберска вода.

На крајот на писмото додаде: „Се чудам што Роза не ми одговори на последното писмо? Јас ја послушав (како што ми пишуваше порано), та сега повеќе шетам на чист воздух, зашто инаку во овој тежок ајдутски живот би си го упропастил здравјето, седејќи непрестајно во затворен простор… Онојпат се преједов резанци, па ме мачи стомакот. Прати ми го гисхиблерот што побргу. Гледај и парите од киријата веднаш да ми ги пратиш.“

Штом Станко колку-толку си го поправи здравјето, веднаш се фати за работа.

Веќе зеде и една голема зграда под кирија во која ќе биде ајдутскиот завод, и, се разбира, нареди да се направат некои поправки. Потоа ги набави потребните работи за мебел, и самиот направи распоред на одделенијата. Сè отприлика среди онака, како што си замислуваше дека ќе најде во Цер, само што направи една реформа, та на својата врата го стави натписот: Управител на ајдутската чета. Однадвор над вратата пред главниот влез стоеше фирмата: Прв српски ајдутски институт. Самото по себе се разбира дека за ова претходно доби дозвола од турските власти. Кога сето тоа го направи приреди банкет, на кој ги повика пашата, многумина видни Турци и неколкумина Срби. Најпрвин ајдутинот Станко му наздрави на султанот, потоа на пашата, истовремено заблагодарувајќи му на искреното заемање и помошта при отворањето на ајдутскиот институт. На тоа пашата му одговори со кратка, но содржајна здравица: „Не можам, а со восхит да не ја поздравам оваа благородна установа, која, се надевам, ќе ги зацврсти уште подобро пријателските односи меѓу Србите и Турците. Камо среќа да имаме илјади такви патриоти што работат на унапредувањето на нашата земја и на зацврстувањето на власта на силниот падишах: Да живее!“

Станко со Турците пиеше шербет, а Србите (простаци како простаци!) пиеја вино. Но одушевувањето беше толкаво што дури и пашата, трогнат длабоко од оваа благородна установа, која го уништува она варварско убивање на мирните и добродетелни турски граѓани, го понуди Станко на ваков свечен ден, полн со радост и за Србите и за Турците, да испијат по некоја чаша вино како брудершафт. Станко не можеше да одбие, иако знаеше дека тоа ќе му штети, а и другите Срби и Турци, сите испија по два и два брудершафта.

Станко запеа од силната восхит: „Gaudeamus igitur…“ а Турците се расплакаа од некое нежно чувство.

Тука имаше и гушкање, бакнување, се пиеше, се пееше, (Станко дури нешто и рецитираше од Хорацие и го цитираше Тацит во еден убав китест говор), и најпосле пред зората се степаа меѓусебе двајца Срби, и така заврши веселбата.

Потоа Станко се одмори два-три дена, и потоа веднаш почна да се интересира за познатите и интелигентните луѓе, што би можеле да стапат во неговата чета. Но, за жал, по толку негови огласи, не се јави ниту еден Србин. За малку Станко што не падна во очај, тагувајќи за своите другари во Ириг. Тоа што фрли уште поголема дамка врз тогашната српска генерација, и што не смееме овдека да го премолчиме, е што многумина и натаму одеа во разни крволочни чети, по толку патриотските говори на Станко, (тогаш го цитираше Тацит), убивајќи ги крвнички Турците со меч и со пушка. Најлошо беше што на Станко му се јавија дури и двајца Турци со здрави вратови, желни да стапат во Станковата чета, но тој мораше поради квалификацијата да ги одбие.

Но на Станко сето тоа не му пречеше. „Беше на пат, и покрај сите пречки, да стигне до целта.“ Не го фати очај, како што би направил некојси попустлив човек, туку реши сам да се бори, сам да го преземе тој голем повик, утешен со мислата дека подоцна ќе се најде уште некој кој ќе биде достоен за неговата чета.

Зеде само неколку помошници (тука не бараше интелитенција), зашто намисли ајдутската работа да ја врши сам.

Станковиот начин на борба беше навистина возвишен, во сè благороден. Тој гледаше што повеќе Турци да прими во својот институт, и тука, малку по малку да ги воспитува во класичен дух, та, кога ќе се образуваат, да ја напуштат српската земја од човекољубие и со горко покајување во душата, што толку векови ги мачеле нивните стари кутри Срби. Тој пат, се разбира, е бавен, но е сигурен и полн со самодоверба. Станко, се разбира, мислеше постепено да основа насекаде низ Србија такви заводи, та со совесна и таква упорна работа да биде загарантиран успехот за неколку децении. Особено мислеше да обрне внимание на младите Турци и на децата.

За да може да ги намами Турците, Станко во својот завод беше направил едно одделение во кое имаше шербети, локуми, алви, баклави, млека, убав тутун, кафиња, и што ушге не.

Плашливите Турци бегаа од оние ајдути што убиваа во зелената гора, нагрвалија како муви во ајдучкиот завод на Станко, и не сонувајќи дека тоа е најопасниот ајдутин, кој ќе им го одземе и ќе им го уништи царството.

„Драга моја Розо“, пишува Станко, „ги совладав сите незгоди, па иако сум сам, сепак работата оди добро. Веднаш од првиот ден нагрвалија Турците како муви, и, ако вака потрае, јас наскоро ќе ја извршам својата голема мисија. Не знам само како ќе оди со воспитувањето, зашто немаат никакви претходни најнужни знаења. Дури сега ја работам првата деклинација. Но сега, од името на бога, почнав малку со латинскиот. Доаѓа и самиот паша, и тоа доброволно. Со него работам посебно. Инаку, овие другие помошници, ќе фатат нешто таму, каде што ги примаме за честење, па ќе ги затворат во друго одделение што е како училница. Некои од нив ги сврзувам да не побегнат. Што е оглавно: оди добро! Испрати ми го гисхиблерот — добро ми чини…“

Колку сето тоа убаво оди! Нема ни убивања, ни пукања. (Та Станко не трпи дури кога некој грчи во сон или кога загребе некој со нокт по ѕидот: целиот ќе се стресе; а камоли да чуе пушка да пукне). Си го испива убаво наутро своето бело кафе со симитче, ќе ги земе лековите, ќе ги измие забите со четче, ќе ја намачка косата со миризливо масло и ќе се исчешла, сгрутајќи го малку своето нокте до крајот, па потоа ќе ѝ се посвети на својата ајдутска работа со латинската граматика под мишка. Во училницата чека врзан Турчин. Се врти избезумено околу себеси, го истружува истегнатиот врат па потплукнува. Станко влегува со Хомер, кој се загнува на врзаниот Турчин (и тој се беше осоколил малку), а Турчинот ќе го погледне дремливо, со отромавена усна, и ќе потплукне рамнодушно, повеќе за своја аметка, и Хомер ќе се исплаши, па ќе ја дувне и ќе побегне под масата, откаде што ќе про’ржи, така, поради својот занает, па мирно ќе си заспие.

— Е, сега ќе ја менуваме именката rosa — му вели Станко на Турчинот.

— Менувај, бива! — му вели Турчинот рамнодушно, па ќе потплукне, и уште повеќе ќе си го истегне вратот.

Станко ја менува по првата деклинација. Турчинот се прозева и потплукнува, а Хомер слатко спие склупчен под масата.

— Е, сега можам да го одврзам — си мисли Станко откако ги изменува singularis и pluralis. — Можеби малку се облагородил под ова влијание.

Така тоа трае неколку дена, додека не се дојде до третата деклинација. Тука веќе Турчинот престанува рамнодушно да се прозева и да потплукнува, тука на лицето му се чита некаков покајнички израз, а штом дојде до исклучоците за третата деклинација, тука веќе одеднаш почнува да плаче, и одненадеж, наполно облагороден, отрчува дома, се приготвува за пат, и ја остава Србија со горко каење во душата што тоа не го направил многу порано.

Ретко кој се одржува и преку овие исклучоци, а во него да не се побуди чувството за правда и човекољубие.

Станко му пишува на другарот за еден чуден случај, за еден Турчин кој бил толку груб што сите деклинации не го облагородиле; минале на заменките и ништо, на придавките — пак ништо. Се минало и на глаголите — аја, Турчинот — вели — само трепка, се прозева понекогаш, и потплукнува, всушност ја исфрла плунката дури до Хомер кој лежи под масата. И токму Станко да крене раце од тоа непоправливо грешно создание, туку Турчинот почна да покажува знаци на благородност, веќе не плука на кученцето, што инаку со задоволство го правеше, па уште се засмејува со дебелиот бас кога Хомер се преплашува и квичнува од таквиот напад одненадеж. Но кога се дојде на верба фреквентатива, Турчинот беше совладан.

Го уби тоа како од пушка! Падна човекот на подот, па почна да плаче и да лелека како да ги закопал сите овои тој час. Штом се изнаплака, скокна и со трчање некаде јурна како луд. Никогаш не кажа каде ќе оди. Станко разбра дека и тој ја напуштил Србија и со трчање одјурил до Цариград, му се помолил па Мухамед (на брза рака) во џамијата и скокнал во морето (веројатно од покајание). Ете, што прави латинската граматика!

Овој случај беше почуден и пострашен. Еден Турчин покажуваше толку успех во почетокот уште при првата деклинација, што Станко го остави сам и излезе да се напие меланж. Турчинот ја дофати латинската граматика, го искина листот токму од третата деклинација (чудна фаталност), па го свитка и со него мирно и спокојно си го чистеше чибукот.

Тоа Станко толку го потресе што падна во несвест, и одвај го повратија помошниците со студена вода и со оцет.

По овој најбурен настан во ајдутскиот живот Станко падна болен в постела.

(Нареден дел)

Ајдутинот Станко според критичарскиот рецепт на г. Момчило Иваниќ (3/5)

(Претходен дел)

III
СТАНКО СЕ ОДМЕТНУВА ВО АЈДУТИ

Во бањата Станко си го закрепна нарушеното здравје, па почна во тишината надолго и нашироко да размислува за петвековните страдања на нашиот народ под турските ропски синџири. Неговата дамнешна идеја за ајдутството сега зеде поголеми размери и не го напушташе ниту ноќе ниту дење. Сета негова чувствителна душа се исполни со возвишени чувства на болка спрема поробениот народ, и со силен копнеж еднаш да се одмазда за Косово. Наскоро созреа во него цврсто и со ништо непоколебливо решение да стане ајдутин, а тоа решение му стана уште поцврсто, откако му дојде депеша од Ириг дека неговиот добар татко ненадејно починал од срце биење.

Тој всушност, ја одложи својата намера за извесно време, седејќи во родителскиот дом, додека не се изнажали за авојот добар татко.

И дојде време големата замисла да ја реализира. Ги среди претходно сите свои домашни работи и ја издаде куќата под кирија, за да има што повеќе сигурни приходи, во својата тешка работа, и почна да се приготвува за пат.

Најпрвин го викна шивачот и си нарача нов салонски костим и неколку костими секојдневни и за свечености; исто така си нарача две-три рала лаковани чизми и неколку рала чевли за секој ден. Кога сето ова веше готово, момците ставија сè во еден голем куфер, а во еден помал куфер Станко сам, со своја рака си ги стави „ситниците“, зашто не можеше тоа да им го довери на момчињата, за да не се случи нешто да не заборават. Тука си стави и некоја филолошка книга, неколку класични поети, латинска и грчка граматика, животот и делата на големите луѓе, и уште некои други книги, што може секој час да му затребаат; потоа си стави шишенца со колонска вода и со мирис, брилијант за коса и крем за лице, четче за заби и водичка за исплакнување на устата, четка за коса, чешли, четки за костимите, самовар за чај, неколку пакетчиња најдобар руски чај, па неколку кутии лекарства со креозот, капки за стомак, капки против забоболки, кинин, сајдлички прашок, антипирин, и уште неки други потребни работи кои на секој човек му се неопходни. Ништо не заборави, сè беше спакувано и ставено во куфери, а во големи денгови ги врза алиштата за спиење. Уште чекаше само да се исушат испраните чаршафи, да ги испегла, па да тргне на мачниот пат. Најпосле, и покрај дождливото време, ги спастри и чаршафите, исушени, колосани, испеглани и ги стави во посебен голем куфер. Станко направи и неколку посети, колку за прошка, кај своите добри познаници и видните личности во Ириг, го зеде пасошот, крштелното и свидетелството за завршената класична гимназија, се пазари за пајтонот и уште за една обична кола за алиштата, и така тргна на пат во авојата дваесет и втора година од животот.

Пајтонот се клацкаше низ рамните полиња, Хомер потскокнуваше крај колата, а златната колба му подѕвекнуваше. Станко, исцрпен од неспиење, од мислење и долгото приготвување, се испружи немоќно на седиштето, го наклапуши цилиндарот, та го состави со веѓите, ги префрли нозете една преку друга и ја отвори книгата да чита, а одвреме навреме ќе ја дигнеше главата и погледот ќе му се изгубеше во долгата рамнина, а мислата ќе му потонеше во бурната иднина што го очекуваше.

Му беше жал за родно место, тешко му стана од таа разделба на неговата нежна душа, а особено што во Ириг ја остави својата мила Роза. Потона во такви мисли држејќи ја отворената книгата на скутот, со тага душата му се исполни и солзи му ги натогпија бледите образи. Не можеше да чита, книгата му падна од раце и ја извади од џебот на фибер-цигерот флејтата, на која ѝ ја предаде сета своја болка и тага од љубовно затреперената душа, и се разнесе треперливиот тажен звук на неговата флејта, со прекрасната мелодија на песната.

Nim dein Ring hin
Ehe wir scheiden…

Кога допатува до Сава, се превезе со скелето и се упати право во Шабац. Штом стигна таму, дозна за најубавиот хотел, во кој се смести за да се одмори по долгото патување.

Хотелиерот му даде мошне убава соба и Станко се смести таму, откако нареди претходно да се проветри. Откако се изми со млака свода, побара меланж[1], зашто друг пијалак освен вода не пиеше од чисто хумани причини.

Утредента Станко го облече фракот, ја стави белата панделка околу вратот и белите нараквици на рацете, та во официјални посети ги обиколи видните претставници од турската власт во Шабац, им се претстави и се запозна, зашто тоа беше најобичниот ред на учтивост. Тој сакаше со кавалерството и со добрината да ги тепа своите противници. Потоа направи уште неколку посети на видни граѓани и се врати заморен во хотелот за да размисли сериозно што е добро да преземе понатаму.

Иако ајдутинот Станко беше со цврст карактер, па не ја напушташе големата мисла дека треба да му помогне на бедниот народ, сепак му беше тешко да ги избере начинот, борбата и одмаздата. Всушност, на одмазда и не мислеше, зашто тој дури и се згрози од беседата на еден прост, необразован свештеник кој в црква, во одежда, а со крст в раце заврши со „варварските“ зборови: „Небото нека проштева, но ние мораме да ја пролееме крвта на нашите угнетувачи и да го одмаздиме Косово“.

Уште тогаш морници му полазија на Станко, и неговата благародна душа, напоена со возвишените примери на благородните јунаци од чистиот класичен извор, се згрози при таквите свирепи зборови, со кои дури и во храмот господов, каде што треба да се сее чиста љубов и благост спрема ближните, со таков грозен тон се прокламираше ѕверската дивјачка борба.

Лицето на Стаико, онака, како по блуткав лек пребледе кога ги чу таквите зборови, сиот се стресе и ги затресе нервозно рацете, извикувајќи: „Ух, ух… крв… крв! Мајн гот… Уф… Ух… страшни дивјачки поими!…“

Значи мораше да преземе штогоде, мораше да измисли каковгоде начин на борба, но како што му прилега на благороден, возвишен ајдутин. Тој се грозеше и со одвратност мислеше на оние крвожедни и крволочни ајдути, ниски и свирепи, кои пролеваа крв човечка, та со неа ги поеја авоите одмазднички мечови, како што беше Новак Старина и другите, слични на него, крволочници, со ѕверски нарави. Тој не можеше ниту да помисли дека еден интелигентен, благороден, возвишен ајдутин смее да ги употреби тие ниски, нечовечки средства, кои не водеа кон вистинската цел, зашто уште од детството ја знаеше изреката, што му беше вечно во паметта: „Nulla salus sine virtute…“

По долго размислување пресмета и со умот размисли дека ќе биде најдобро да разбере за некоја добра и примерна ајдучка чета, каде што, се разбира, би можел да биде во добро благородно друштво на луѓе со повисоки, похумани погледи спрема борбата со Турците. Сметаше дека веќе минало времето на дивјачките борби со нож и пушка в раце, и дека модерните ајдути се благородни луѓе високообразовани, кои со благост и смиреност и добрина ќе ги победат неизделканите варвари — Турците.

Понесен од таквото размислување, разбра за некоја ајдучка чета, која дејствутвала на планината Цер (тоа веќе не му се допаѓаше, но што е тука е, се немаше каде).

Вечерта се приготви за пат, се погоди за кола, и си ги собра во малиот, рачен куфер најпотребните работи, колку за да му се најдат додека отиде и додека да ја разгледа ситуацијата (се разбира, таблетите од креозот не ги заборави). Утредента, по негова наредба, го разбуди момчето, кое му ги донесе пред врата обувките исчистени. Ајдутинот Станко се облече официјално, зашто излегуваше пред арамбашата, и откако се дотера си нарача меланж, нареди во колата да му се стави куферот, чадорот и иберцигот (бидејќи нешто времето се матеше), а тој ео рацете си го зеде својот омилон Хорацие малку и духовно да се насладува во свежиот планински воздух.

„Ох, ама тоа ќе му годи на моето кревко здравје!“ — он мислеше задоволен во колата, возејќи се кон планината Цер.

По патот често се фаќаше за џебот за да не му испадне некаде или да не му се изгуби молбата, која ја напиша до арамбашата на ајдучката чета, и кон неа го приложи крштелното, свидетелството за свршената класична гимназија и другите потребни документи.

„Ох, господи, се плашам само да не ме одбијат, а тоа добро ќе му дојде на моето здравје“ — си мислеше прегледувајќи си го свидетелството, во кое од грчки јазик оценката му беше многу добра, а не одлична. Тоа го глочкаше и го јадеше низ целиот пат, зашто се плашеше дека токму тоа може да биде причина арамбашата да не го прими, бидејќи тој е еден од важните предмети.

Кога стигна до планината, слезе од колата, му нареди на коларот да го причека, а тој си го зеде стапчето и ракавиците, па потсвирнувајќи нежно и тажно: „Nim dein Ring hin…“ тргна наудолу, бргу разгледувајќи каде ќе ја најде установата на г. арамбашата да се пријави со својата визит-карта.

Шеташе така младиот, надарен ајдутин Станко речиси цел час и се воодушевуваше од романтичниот предел. И Хомер (него, се разбира, не го заборави) се расони и живна на свежиот планински воздух, па Станко, гледајќи го, мораше со радост да извика неколку пати: „Еве го, просто стана друго куче… Ете што прави чистиот воздух!“

Кога го совлада заморот, седна крај еден извор, се разбира на иберцигот, зашто се плашеше земјата да не е влажна, па одмарајќи се, за да не се напие вода изморен, зеде да го чита Овидија. Хомер се беше стуткал на крајот од иберцигот, па воодушевено дремеше крај својот господар, а Овидиевите стихови го фрлија во блажен класичен сон. Ветрето си шумолеше низ гората, бликот студена вода биеше од карпата и со жуборкање паѓаше по каменот, а славејот се натпреваруваше со латинските стихови. Сето тоа се преплетуваше во прекрасна хармонија, која беше мевлем на Станковата душа, измачена во бурниот живот, а Хомер, со потпрената глава на кривите ножиња, веќе почна да поттрчнува преполн од среќа, сонувајќи како олимписките богови му нудат место во римскиот сенат, а тој со гордост одбива со зборовите: „Повеќе сакам во Србија да бидам куче, отколку во Рим сенатор!“ Некој глас како да брбна во смеа, а Хомер на тоа патриотски залаја и се тргна од слаткиот кучешки сон, но необично се престраши кога здогледа пред себе неколку непознати луѓе во необична облека, а со страшни очи и погледи. Исцимолка луто во својот благороднички страв и побегна кај господарот, кој од страв ја испусти книгата, па сиот пребледен, без да трепне, со вкочанет поглед гледаше во вооружените луѓе што се беа упатиле право кон изворот.

Беа шестмина, со намуртени ајдутски поглед и со спуштени мустаќи; горостасни мажи, развиени, во лицето опалени од сонцето; облеката на нив од груба ткаенина; на појасот им болскотеа јатагани и рачки од револвери, а на рамењата имаа преметнати долги пушки; одеа тивко, волчешкум. Беа изненадени од Станковата висока, прозрачна појава со фракот, со белата панделка, со ракавиците и со цилиндарот на главата.

— Откаде ти, гаду, овдека?… — му се издра со груб глас еден од шестемина страшни луѓе, кој беше меѓу нив најстрашен, а најубаво облечен.

Станко се поклони длабоко, го симна цилиндарот, и почна да мрмори нешто што не се разбираше, и сиот се тресеше како од треска. Хомер по навика, со кривите ножиња застана на лединката и си го закопа синџирот во вратот, па испиште и се извлечка назадечки.

— Каде ги состави Господ два вакви гада?!… — рече еден од нив, покажувајќи на Станко и на Хомер.

— Душа дал за ајдутин! — додаде другиот и сите брбнаа во смеа.

Станко одвај се прибра, та бришејќи го бледото чело од ладната пот, со пелтечење им раскажа што го натерало тажниот јунак да се одметне во зелената гора.

— Па ме бараш мене, арамбашата на ајдучката чета?… А со што си пошол во ајдутство, грешнику?…

Станко наместо одговор ги извади своите документи и ги покажа заедно со молбата до арамбашата, поклонувајќи му се учтиво како помлад пред постар.

— Што е ова?

— Документи и мојата молба за запишување.

Ајдутите брбнаа во смеа.

— А камо ти оружје?… — го праша пак некој од ајдутите, и му намигна на арамбашата.

Станко ја извади од џебот латинската граматика и ја покажа со гордост.

— Па овој кутриов е шушумига!… — изговори еден од нив и сите пак брбнаа во смеа.

— Па тебе Турчинот ќе те убие со дланката при оваа твоја книшка, злосреќнику мој!… — му забележа арамбашата.

— Ама… ама… ова… ќе, ова ќе… него ќе го образува класично, па ќе… па… па… Турчинот сам ќе ја остави Србија!… — изговори Станко пелтечејќи, а ајдутите пак брбнаа во смеа.

— Ако Турчинот не го опаметат јатаганот и пушката и не го научат на памет, сетики, нема да го вразумат ниту таа твоја книшка ниту тоа кривоного кученце! — пак рече арамбашата.

— Па… па… за… зар вие, ве молам убаво, ако смеам да прашам, ги убивате Турците?… — процеда Ставко исплашено.

— Ами што мислиш, соколе? А од каде си?

— Од Ириг.

— Смееш ли да фрлиш пушка?

— Ох, живи бога, немојте да пукате… јас… јас сум нервозен, знаете… Ве молам, немојте да пукате — се преплаши Станко, и за секој случај си ги стави прстите во ушите, а лицето му стана како да очекува удар по главата.

Српските ајдути, простаци, луѓе со селски сфаќања, кои не знаеја друг, повозвишен и поблагороден начин на борба да изберат, освен со нож и пушка да го убиваат непријателот, не можеа да го сфатат широкиот ум на Станко и да ги разберат неговите благородни чувства што се издигаат високо над ѕверски крволочните и необразованите ајдути до потполната височина на благородната и возвишена душа на вистински витез.

Така тие, не сфаќајќи го начинот на борбата на младиот, надарен Станко, почнаа нечовечки да го исмејуваат и да го наречуваат на подбив со разни погрдни имиња. Кога се одморија, и се напија вода, се пошегуваа уште малку, па отидоа подалеку, мислејќи за Станко дека навистина е некаков лудак.

— Дивјаци! — процеди Станко низ забите, кога си отидоа, и нежно си го помилува својот преплашен Хомер.

Со тага во срцето тој увиде дека ќе биде мачно за него да биде во друштво на вакви ѕверски чети, па намисли сам да формира нова чета, со главно седиште во Шабац, а дружината на која сам ќе ѝ биде арамбаша) да ја избере од најинтелигентни луѓе.

Чувствуваше главоболка, та зеде еден прашок антипирин, и бидејќи тоа малку го закрепна, застана тука на слободната природа да измислува големи реформаторски планови за ајдутството, кое мислеше да го искачи на степен на вистинска наука.

(Нареден дел)

 

[1] Меланж = пијалак од вода со шеќер.

Сериозни, научни работи (3/4)

(Претходен дел)

III. НАШАТА КНИЖЕВНА КРИТИКА

Секој кој во Србија, в гимназија, ги учел литературните форми и добил тројка, а со тоа и прочитал две-три книжулчиња, тој веднаш, ни помалку — ни повеќе, се чувствува способен да даде полноважно мислење за секаков производ од убавата книжевност. Тогаш како може уште да се сомнева во способноста на оние кои како професори го предавале овој предмет и завршиле историско-филолошки отсек на нашата Голема школа, или со други зборови — критичарски курс. Освен тоа, морам да напоменам, со критика се зафаќаат кај нас сите можни умствени инвалиди, кои пропаднале на сите други полиња на книжевната работа, зашто, како што велат луѓето: ако не можеме да создаваме, знаеме барем да кажеме: ова чини, ова не чини, а кај нас, многу често, и толкавата способност се смета како доволна подготовка за книжевна критика. И навистина, што е полесно отколку да се прочита една книга, да се прераскаже нејзината содржина, да се напоменат местата кои „според нашето скромно мислење“ можеле да се изостават, зашто ја расипуваат хармонијата, и да се набројат местата „кои, според нашето скромно мислење, се толку убави што мораме да ги цитираме“. Во светот нема човек кој нема свој вкус, и, според тоа, секој може „според своето скромно мислење“ да даде суд за оваа или онаа книга, за ова или за она, било да е тоа убаво или лошо место во неа. И кај нас, за жал, таквата работа често се вика книжевна критика, без оглед на тоа дали господинот критичар, ако ништо друго, има моќ и око вистински да ги предочи најубавите места, како и самите недостатоци на некое дело.

Некои наши критичари дури не се трудат ни толку, туку едноставно го прераскажуваат делото, да речеме расказот, и во таквото, често неписмено, очајно прераскажување, ќе стават неколку загради со некакви забелешки, или таканаречени вицеви, како што се: „А ха“ — „Зар така?“ — „Хм?“ — „Глеј, глеј“! „О, што ми рече човекот!“ и така натаму… На крајот веќе е обврзно да се зачини целиот духовит состав со шаблонски совети како треба подлабоко да се студира, повеќе да се размислува, да се читаат странските генијални писатели, а не да се пишува на јуриш. Некој уште ќе додаде како е јазикот убав, интерпункцијата прилично лоша, или ќе рече дека и едното и другото е многу мизерно.

Што е најинтересно, никој и не разбира со каква подготовка и талент располагаат таквите надуени господа што секој свој умствен производ — приказ или критика го пишуваат по еден ист вековен шаблон, исто онака како што селскиот писар ги пишува тапиите, облигациите, па дури и писмата. И затоа сите наши критики од тој вид се слични една на друга, исто така како, што рекол Хајне, еден сматок, е сличен на друг. Таквата критика може да биде пригодна за кое сакате дело, а што е најубаво, можете да ја напишете онака од глава, да стои готова, па штом ќе се појави некое ново дело, а вие плес! па со неа во печатот. Едноставно, ќе ја пуштите како јадица, и ќе чекате кое дело прво ќе налега на неа.

Сето ова не би било од никаква штета кога нашата читателска публика би немала подобар книжевен вкус. Но некако, се осмелувам да речам со страв божји, се нашло едното со другото, та не може да биде подобро, или, ако сакате, подобро е да се рече, не може да биде полошо. Огромното мнозинство од нашиот читателски свет со своето незнаење ги поддржува и глупата лектира и глупата критика, а глупата критика, пак, од своја страна ги соколи простите читатели во нивното незнаење, а лошите писатели пак да не папсаат.

Па во кого е вината? Не сакам да си ја грешам душата, зашто масата често, можеби и случајно, ќе појде по правиот пат, а ќе се најде некој па сè ќе расипе, или барем сака да го расипе правилното мислење, од простата желба за оригиналност, од суетата пред светот да го покаже својот префинет вкус и високоученоста, со тоа што нему му се чини блуткаво сето тоа што нам, на сите толку ни се допаѓа. Такво нешто, или слично, се случи со г. Недиќ, па дали од тие причини, дали, ако смееме да кажеме од незнаење, тој, спротивно на сето јавно мислење, му го одрече на Змај поетскиот талент, а најубавите негови лирски песни, со кои навистина долги векови може да се гордее Српството, ги прогласи за просто дрдорење во онаа своја студија за лириката, која е веројатно психолошка само затоа што ја потписува професорот по психологија на В. школа. Кога така ни укажа што нè чини, тогаш господинот Недиќ, човек со толку истанчен вкус, однекаде го исчепка Векфилдскиот свештеник, за да ни покаже што чини.

Според моето скромно мислење, тоа драгоцено дело, во својот роден превод, тој требало да им го намени на назарените, а не нам, на правоверните Срби, кои, ако ништо друго, тогаш барем според моралот на тоа дело, не смееме да речеме онака глупаво, назаренски: „Гледа Бог“ кога, да речеме, Бугарите би ни ја одзеле старата Србија и Македонија, иако најпосле кон него, преведувачот, би можеле да бидеме такви, та кога ќе ја прочитаме книгата до крајот, трпеливо да ги собереме рамениците и да изговориме: „Гледа Бог!“ Освен сето тоа, тој уште се потрудил во делото да го пронајде најубавото место, и да ни докажува дека тоа е единствената сцена во светската литература, зашто, како што вели е толку природна и возвишена. На господинот психолог му е природно кога оној негов назаренски поп декламира онака бомбасти фрази, во така очајна положба, па дури се сетил и да цитира, ми се чини, и некои места од Светото писмо. Тоа е некаква новост во психологијата, а досега се знаело дека во такви мигови човекот не умее ниту збор да поврзе, а не пак уште и да парадира со фрази и со цитати, како да држи предавање за моралот на некаков назаренски собир.

Туку, да не се оддалечуваме од работите, зашто ваквото нешто би можело многу да нè повлече за јазикот, туку сега да се вратиме на овие ситни критичари, зашто крупни, дал господ, имаме, но само по име (кои, и сам не знам зошто, се слават и писмено и усно), но не и по делата. Велат дека подготвуваат и крупни дела, а јас повеќе сакам да верувам отколку вечно да очајувам, иако знам дека тоа се луѓе кои мислат во нивниот писмен состав треба да има повеќе мудрост отколку во сета светска литература, па затоа по една година пишуваат една реченица, која идната година пак ќе ја избришат, зашто не им е доволно мудра. Би сакале да направат не само секој збор, туку и секоја буква да ја изразува длабочината на мислите. Којзнае, можеби луѓето ќе пронајдат и такво чудо од стил! Пушти ги, нека пишуваат и нека бришат, ние ги оставаме на мир, зашто што уште можеме да речеме за тие арум-критичари? Можеме само да жалиме што се арум токму оние кои би можеле и многу и паметно да направат, зашто нивно и е да ја водат книжевноста на подобар пат, и да влијаат да се развива подобар вкус кој нашата читателска публика, а со тоа да условат поповолен напредок за подобрите дела.

Но, за жал, токму луѓето со соодветното образованне и со талент, најдоа дека е најпаметно обломовски да се повлечат од секоја работа, за да не си го вознемируваат своето гулабово срце, па да уживаат мирно, тивко и спокојно во своите добри плати, кои, како што изгледа, на многумина им биле цел во нивната поранешна работа. Никој не беше во состојба да создаде сериозна книжевна критика, силна и моќна, која би га разјурила од тоа поле сите можни шарлатани и незнајковци, туку, над очекувањата, чудно, шарлатаните и незнајковците ги избркаа подготвените и талентираните.

Ете, и ова е една од важните причини затоа што кај нас сиот свет се пуштил во критикување, зашто секој кој ќе почне да пишува пред себе нема речиси ништо што би можело да му импонира, или барем малку нешто, што времето одамна го надминало, па барем тоа да го гони кон подготвување за работа, укажувајќи му на сета сериозност и на големината на работата, со која се прифаќа со малку подготовка, а честопати со уште помалку талент.

Има уште една околност. Многумина, пак, кои се подготвени, со дарба, а честопати и искрено предани на таа работа, гледајќи, како пишува критики кој ќе стигне за нашите поетски творби зар не ја појмија својата положба и оправилно не сфатија дека нивната должност е токму тука, да им покажат на незнајковците како се пишуваат книжевни критики, туку сигурно се засрамија да пишуваат за она за што пишува секој зевзек, па или сосема се повлекоа, или, како големи, сериозно подготвени критичари, ја оставија нашата „свињарска“ книжевност, во неа да пишуваат и да критикуваат ситните суштества, а тие, веројатно желни за светски глас, зедоа да ги прикажуваат делата достојни за приказ и студии со нивниот бистар ум. Тука почнаа да пишуваат поопширни студии за генијалните производи на светските големи поети. Кога би сакале малку повеќе песимистички да гледаме на овие работи, би можеле да дојдеме до заклучок дека тоа поле им било помило само затоа што на него е полесно да се стекне глас на учен човек и да се одржи својот авторитет, зашто да се пишуваат студии за големите светски поети значи да се има можност и да се може да се комплицираат туѓите духовни мислења на толкуте генијални светски критичари, кои се изразени во цели ридови од книги на сите јазици. По сè изгледа, тука многу полесно може да се движи човек, и многу побргу може да дојде до глас дека е духовит, отколку да удри со перото таму каде што се уште никој не удрил, да создаде мислење и да даде длабок и духовит суд за она за кое уште никој не дал никаков суд, или, ако некој и дал, тој горе-долу бил наопаку и погрешно. Многу е полесно да си шеташ по веќе уредена градина и на израмнети патеки отколку да се најдеш во некаква пустелија и во некој зафрлен крај, полн со трње и пиреј, каде што допрва треба да се расчисти првата патека, по која прва треба да помине нашата нога. Да не одиме подалеку. Подобро е да се верува во првото, отколку да загазиш во ова второво, иако поверојатно гледиште.

Всушност, како и да е, тоа им дало повод на сите можни шарлатани во тоа да гледаат некоја мошне правилна и природна поделба на работата: поподготвените и поучените да ги „оценуваат“ крупните дела и светските великани, како што се: Шекспир, Гете, Шилер, Петрарка, Тасо, Бајрон, Леопарди, Бомарше, Данте, Иго, Шопенхауер, Камоенс, Кардуќи, Кастелар, Вогие и други, а шарлатаните, тогаш, како што велат тие самите имаат природно право да бидат критичари на нижата класа и да ги прикажуваат нашите домашни поети, и да го следат развојот на нашата современа литература.

Првин е чудна, жалосна судбината што нашата критика падна во рацете на такви луѓе, а последицата од тоа не може веќе никому да му биде чудна. Штом книжевната критика наиде на такви мајстори, тогаш е природно што од неа се направени стотина срамотилаци и скандали, и што на тоа поле на неблагородна работа се беа сообрале како на задушници, кој од кој, од колци до конопци.

Во сета таа каламбура многу е тешко да се разбере и да се пронајде вистинската и најсилна причина на таа наша несреќа. Освен споменатите работи морам да го наведам уште и ова: Србија е мала земја, и во неа сите редум се познаваме, па, речиси секојдневно сите се ракуваме по неколкупати, а и тоа има прилично големо влијание книжевната критика многу често да стане и средство за расчистување на личните пресметки и кавги. Личното пријателство или омразата најобично се сподвижувачи на овој или оној приказ. Па и кога не го сака тоа, критичарот не сакајќи запаѓа во истите грешки, затоа честопати не може да го апстрахира писателот од неговите дела.

Ретко кој кај нас ги гледа и сака да ги гледа делата само како дела, туку секогаш, речиси секогаш во делата ги гледаме писателите, своите познајници, пријателите, или личните непријатели, па според тоа и се трудиме да ги помогнеме, пак лично (како на „свој човек“), или пак да им пречиме, зашто нам не ни одговара нивната популарност. Сосема е подруго кај народ многу поголем од нас, или, може да е и мал, но кога има луѓе што над книгата работат издигнати над обичната маса во своите погледи. Тука секогаш се гледаат делата, а не лично писателите.

Но, кога се има на ум дека кај нас работи секој, дека кај нас со „книжевна работа“ се занимаваат (по некоја мода) дури и оние, кои според својата природа и подобност требало да продаваат на тезга црн и црвен пипер, тогаш не е никакво чудо што понекогаш нашите критичари не се разликуваат од жените во малите гратчиња — кои со филџан кафе плетат чорапи и ја озборуваат чаршијата — само дотолку што тие своето озборување и интригите ги напишале и ги печателе, понекогаш живеејќи и во заблуди дека таа нивна работа се вбројува во некаква книжевност.

Нашите лоши материјални услови исто така имаат големо влијание врз нашата книжевност. Во Србија сè уште никој не се занимавал само со книжевна работа, туку тоа секогаш им било на луѓето споредна работа, покрај другите должности, обично чиновнички. Чиновниците кај нас главно се сиромашен сталеж, што живее од своите кога помали, кога поголеми плати, кои обично не се толкави, за да можат да ги задоволат обичните животни потреби, што ги има дури и средната интелигенција. Принудени се, значи, покрај својата плата, да бараат уште некои други приходи, па бидејќи книжевниот занает им е единствено достапен и дозволен, сакале или не, тие мноогу често се занимаваат со него, не од некаква љубов, туку, едноставно, поради материјалната оскудица. Можеби би можеле да најдат и други извори, но никому не му е до тоа да пронаоѓа нешто ново. Овој пат и начин станаа веќе обичај, па дури и мода, и ние сите се движиме по таа веќе изгазена патека. Значи, чиновниците се принудени да се занимаваат со пишување, а потоа, се разбира, секој според својот божемен вкус и според „талентот“ си ја избира својата струка и полето на книжевна работа, со кое ќе се занимава, изоставајќи ја убавата книжевност, зашто секој што се заљубил во Србија, во таа чудна убавица и се врзал за неа, ретко минал добро, а сета добрина му била во тоа што немал штета.

Од чиста сметка (не секогаш) ги избираат сите други книжевни гранки, а кој ќе памине подобро не зависи од вредноста на работата, туку од среќниот извор и од разните околности, па, ако сакате, и од среќата. Оттаму и сета онаа трескавична борба за живот и алчноста за плата и за положба, многу често и толку убаво се огледува во разните книжевни производи во нашата книжевност. Книжевноста не само што служи како занает за заработка на толку многу сиромашии чиновници, туку често се зема и како едно од важните средства во борба и вечниот натпревар околу позицијата во државната служба.

Овде не е место да навлегуваме понатаму во оваа работа, зашто ќе се оддалечиме од книжевната критика, а нам ни е главно да изнесеме кој чиновнички сталеж се оддава на ова поле од горните причини.

Тоа не е тешко да се забележи, и без сомнение секој уште однапред ќе погоди дека книжевната критика ја патентирале српските професори (првин само професорите по книжевност, а во последно време право на таа сопственост, можеби по некоја аналогија или според законот на некакво едначење, се здобил секој што ја носел титулата професор), кој во интерес на науката, се вовлекол во таа работа покрај некој свој роднина или добар пријател, па од која и да е струка. Не е ништо необично да се чуе ваков разговор меѓу професорите:

— Каде брзаш? Седи.

— Остави, жити бога, морам да одам да пишувам.

— Што ти текна?

— Еве, први е близу, а ми требаат пари, па морам да заработам некоја пара.

—Па што мислиш да пишуваш?

— Што и да е, морам нешто. Ќе најдам некоја книшка па да напишам оцена за неа.

— За која книга ќе правиш приказ?

— Сеедно, море, која ќе ја најдам!… итн.

Или ќе чуете разговор од овој вид:

— Убаво, богами, вие ова ново дело му го дадовте на тој и тој да пишува приказ за него, а тоа не е негова струка. Сметам дека беше ред да ми го дадете мене, како на стручњак.

— Знаеме, брате, кој би ти то оспорил тоа! — се правда оној. — Ти знаеш дека секогаш тебе ти ги плаќавме книгите, а знаеш какво мислење ние имаме за тебе, но мораше така да биде.

— Зошто мораше?

— Така, мораше, зашто на човекот му се потребни пари, а имаше и некое менично плаќање!

— Е, тогаш тоа е друга работа — се задоволува првиот со толку убавиот распоред по стручноста.

Тука не се прашува никој: дали можам и дали имам за тоа подготовка и дарба, туку единствената причина: морам, зашто треба да заработам. А пари, да даде господ, му требаат секому, и тогаш секој со ред пишува. Затоа и критиките ни се такви, ладни, гнили, без живот, без дух, полни со натегнувања, со вкочанетост, здодевни, а имаат здив на школска прашина, и потсетуваат на ученичките писмени работи, на кои со црвено мастило се подвлечени грешките и ставена е оценка со морална забелешка, наменета за ученикот кој работи бргу и невнимателно, или кој го заборавил тоа и тоа правило од граматиката. При читањето на таквите критики не се предизвикуваат мисли, туку секогаш пред себе гледаме стегнат филистар со бела вратоврска и нараквици, а се чувствуваме, иако вака возрасни, како некој да не вовлекол во ученичките клупи, во кои седевме уште како деца од основното училиште, па по толку учење пак ни дал буквари в раце, и таблици и писалки, и нè учи како се пишуваат буквите и како се изговараат зборовите на слогови.

(Нареден дел)

Мртво море (4/5)

(Претходен дел)

Утредента началникот со шифра ѝ испрати извештај на владата за вчерашниот политички собир. Извештајот гласеше:

„Во мојот округ се појави силна политичка струја од противници на денешнава влада. Движењето секој час зема сè повеќе и повеќе размав, така што јас се плашам да не дојде во прашање опстанокот на денешнава династија. Ги употребував сите мерки што можев и сите средства што ги имав на располагање за да го спречам ова зло; но бидејќи тоа опозиционо, всушност револуционерно движење се појави наврапито, како порој, сите мои обиди беа напразни и револуционерите вчера попладне насилно се собраа на собир. Од нивните остри и дрски говори увидов дека се со анархистички начела и дека тајно сигурно подготвуваат побуна и пресврт во земјава. Најпосле, по мачни и тешки напори, одвај успеав да го растурам собирот, зашто можеше да дојде до голема опасност, бидејќи еден од нив дури и се закануваше дека тие ќе ја соборат монархијата и ќе воведат републички систем на владеење.

Во прилог под ./. учтиво му праќам на господинот министер список на најопасните личности (како ороводец беше оној чудак што пие цукервасер, што ли беше, потоа оние тројца што беа за кафе) и молам за наредба што да преземам понатаму во вакви важни и судбоносни моменти за нашава земја“.

Началникот веднаш, но толку големите услуги што ѝ ги направи на земјата и на земската управа, доби одликување и класа. Сите опозиционери дојдоа да му честитаат, и со тоа заврши работата.

По завршениот собир прашав еден:

— Зар кај вас нема луѓе што се занимаваат со политика?

— Имаше и такви.

— Па?

— Ништом… Будалштилаци!

— Како будаштилаци?

— Остави ја таа работа, те молам; кој ќе ја води политиката?!… Почна еден!

— Па што направи?

— Луд човек! Што ќе направи?!… Сите го знаеме: и кој е и од каде е и чиј син е и што јаде дома. Татко му беше мајстор, но последен човек, а тој отиде в училиште, талкаше негде по светот, па се врати назад и почна да ми раскажува: треба вака, треба онака, па незнам уредувањето вака па законите така, па уставот, па граѓанските права, па слобода на собири, па избори… Остави, те молам, секогаш бладаше по нешто!

— Па што му велеше ти?

— Ништо! Што да му велам? Го гледав и се смеев. Го знам јас него; нема ни леб доволно за да се најаде, а му го знам и татко му и фамилијата негова. И тој ќе ми раскажува што е устав и слобода?

— Можеби знае човекот?! — реков.

— Остави, те молам, барем него го знам колку е тежок.

— Па што направи?

— Што ќе направи?!… Читаше некои книги, трчаше од место до место, агитираше нешто, собрал неколку души, па држеа некои собири, го затвораа, го казнуваа, го протеруваа. Му реков еднаш: „Што се занесуваш како некое детиште, не си ја гледаш работата? Гледаш ли дека си будала?!“

—Што му велеа другите?

— Луѓето пукаа од смеа. Кога ќе излезеше од затвор, па ќе минеше по улицата, дури тогаш почнуваше смеењето: „Го најде ли уставот?“, ќе го прашаше некој а целата улица се смееше. Море што шеги се истераа со него! Понекогаш умиравме од смеа. И до денес му остана името Томе Уставот! — ми рече оној, и се засмеа толку многу што му се наполнија очите со солзи.

— Па што стана со него?

— Пропадна, кутриот. Нема нигде ништо, а и државна служба не му дадоа… Будала! Неговите другари какви убави положби имаат, а тој така! Никој не му е виновен. Навистина, го фалат дека од сите нив бил најподготвен и најинтелигентен, но некако занесен. Ништо не е полошо отколку кога на човек му се увртат во главата некакви бубачки. Тој се нашол да исправа нешто. На цел свет му е добро, а тој сака нешто посебно небаре не го знаеме. Кутриот!…

— Што прави сега?

— Море сега му дојде умот, ама доцна! Ние го излекувавме од бубачките, а како што беше дебела глава, власта не ќе направи ништо со него. Туку ние почнавме да се шегуваме со него, па уште, ѓаволи, му го дадоа прекарот „Устав“. Така денеска, така утре, па почнаа луѓето со него да прават шеги каде што ќе стигнат, каде што ќе застанат. Тој се бореше, се бореше, па папса… Ми е жал за него, кутриот! Не беше лош!… Сега е умен, сериозен човек, не се занесува како порано. Се повлече речиси сам во себе, дури и слабо се дружи со некого. Беден но многумина го помагаат. На сите ни е жал, но сам си е виновен…

— Како се однесуваат сега луѓето со него?

— Убаво!… Сега никој не го исмејува, го сакаат луѓето; а и го жалиме, кутриот!

Ми се посака да си поживеам подолго време во оваа земјичка. Се запознав со многумина. Некои прекрасни луѓе. Мирни, тивки, кротки, како гулаби. Јадат, пијат, дремат, по малку работата си ја гледаат. Со еден збор: среќни луѓе. Ништо не им го нарушува длабокиот мир, никој не ја размрдува мирната, неподвижна површина на застоената позеленета бара, ако со тоа би можело да се спореди општеството на оваа навистина среќна земја.

Од Србија однесов таму и малку мисли и изветвени идеали, што ги наследив од постарите; но и тоа малку исчезна во таа земјичка, и јас, како хипнотизиран, ѝ се предадов на слатката дремка, па тоа почна да ми станува пријатно. Тогаш видов дека и ние Србите имаме многу силни дипозиции еден ден да станеме вака среќен народ, а по тоа ни помагаат и нашите услови.

Така си поминуваа дните мирно, нечујно, тромо, додека еден ден не се наруши рамнотежата на општествената хармонија.

Еден млад човек во јавноста издаде збирка свои песни.

Песните беа убави, полни со длабоко, искрено чувство и идеал.

Целото општество книгата ја пречека со негодување. Никој не ја читаше, ниту пак сакаше да ја чита; но секому кому му дојде до рака, веднаш го правеше лицето кисело, ќе ги провртеше листовите, на две-три места и ќе ги протриеше меѓу прстите небаре го гледа квалитетот на хартијата, па ќе ја потурнеше книгата од себе како некаква најодвратна работа на светот, ќе ја завртеше со преѕир главата на другата страна и ќе изговореше налутено:

— Песни?!… Глупости!…

— Којзнае? Можеби има убави работи?! — ќе додадеше некој во таквиот разовор.

Првиот се прекрсти, се поднамести на седиштето, па со израз на сожалување на лицето го измери својот другар и замавта со главата, а потоа рече:

— Ти си побудала од овој кој ги напишал овие трици! — Притоа ја поттурна книгата уште подалеку од себе со врвот на прстите со таков израз на лицето небаре допрел нешто нечисто, валкано, а потоа ќе додаде;

— Кога веќе зборуваш така, дали ја прочита книгата?

— Не ја прочитав.

— Е па?

— Јас и не тврдам дека е добра, но велам: можеби е добра!… А ти, ја прочита?

— Јас?! — праша првиот налутено, како навреден со прашањето.

— Ти!

— Јас? — пак го повтори тој прашањето, уште поналутено.

— Ти, се разбира; кого друт прашувам?!

Првиот се прекрсти, си ги крена рамениците и ги рашири рацете како да сака со тоа да каже: „Господи боже, што прашува овој!“ Но гласно ништо не рече, туку со некакво чудење на лицето го гледаше својот другар.

— Што се крстиш? Те прашувам дали ја прочита книгата со песни или не. Што има чудно тука?

Првиот пак се прекрсти, па потоа додаде:

— Јас сега тебе те прашувам: дали си ти луд човек, или не си?

— Глупости. Не те разбирам.

— И јас тебе.

— Што има да разбереш, и што се чудиш?… Те прашав дали ја прочита книгата?

— Те прашувам јас тебе: со сите ли си? — пак рече првиот, потоа ја зеде книгата, ја тресна налутено на масата и извика:

— Па зар овие глупости да ги читам! Само ако полудам, а при чиста свест јас тоа не го читам… — Потоа додаде малку потивко: — Го познаваш ли ти овега што ги напишал песниве?

— Не го познавам.

— Тхе!… Затоа така зборуваш! — рече првиот и почна да заманува со раката, правејќи го лицето уште покисело, небаре со тоа вели дека тој е пропадната личност.

— Ти го познаваш?

— Го познавам! — изговори понижувачки, а лицето го направи како да вели: „Подобро да не ја направев таа будалаштина“, иако, всушност, со тој ист човек до вчера, додека не се појавија неговите песни, беше добар пријател и во друштво за него никогаш не зборуваше лошо.

Некои, пак, вака разговараа, а, се разбира, не сакаа да читаат:

— Срамотилаци!… Песни?… Небаре не го знам колку тежи — рече едниот.

— Како не му е срам?! — рече другиот.

— На човек првин господ му го зема умот, а потоа тој самиот си прави лошо… Такви… море, какви такви песни? — Многу подобри јас утре ќе напишам, но образот не ме остава да се резилам, како што може некој.

Луѓето го сменија и однесувањето кон младиот поет.

Ќе поминеше по улица, а луѓето само се подбуцнуваа и си намигнуваа еден со друг.

— Добар ден! — ќе речеше тој.

— Добар ден! поету! — ќе одговореше еден од нив, гледајќи го под око, зајадливо.

— Здраво, здраво! — ќе додадеше другиот со подбив.

— Добар ден! — ќе прифатеше третиот, со лице полно со здодевност, кисело, со понижување.

Но за жал работата не се заврши само на разговорите што постојано и насекаде се водеа.

Јавното мислење го сврти фронтот кон младиот поет. Дури и тоа што порано му го припишуваа за добро, сега почнуваа да го осудуваат за тоа, а ситните маани, што порано му ги проштеваа, како и на секој друг, сега наеднаш станаа ужасни пороци. Наеднаш пронајдоа дека е подлец, пијаница, комарџија, некарактерен човек, шпион, а освен тоа дека е и налудничав.

— Не знаев дека е толку луд? — си разговараа луѓето.

— Јас, право да ти кажам, секогаш забележував дека со него не е сè в ред.

— И јас, но не беше толку.

— Е, сега веќе е сосема.

По друштвата почнаа да се шегуваат на негова сметка, а каде и да требаше да си заврши некоја работа, секој што можеше да му попречи сметаше дека му е должност да го направи тоа, зашто секому духот му се вознемируваше, штом ќе го видеше, небаре низ главата му поминуваше мислата: „Што ми се правиш важен!… Песни, е, чекај да видиш, ние и вака знаеме!“

Што е најнесреќно, песните ѝ ги посветил на својата свршеница, мислејќи да ја израдува со тоа, но кутрата девојка, наместо радост, многу пропати и проплака, зашто нејзе не ја поштеди јавното мислење.

Таткото на девојката беше надвор од себе од огорчување затоа што во таа работа, според неговото мислење будалска, е вплеткано и името на неговата ќерка, па седна и му напиша едно векво пиомо на младиот поет:

„Господине,

Овие ваши трици и разни будалштилаци и улавски работи, со кои луѓето си тераат комедии по улиците, можевте да му ги посветите на Вашиот татко, зашто тоа нему и би му личело, бидејќи и инаку е познат како последен човек, како што сте и Вие а не во Вашите будалштилаци да ја вплеткувате мојата ќерка, на мојата куќа никој до денес не покажал со прст, ниту јас сакам со името на ќерка ми да си ги плакнат устите сите и да стои на Вашата налудничава книга. Од денеска да не сте се осмелиле да пречекорите преку прагот на мојата куќа, зашто довербата и доброто мое спрема Вас го вративте со тоа што ѝ донесовте срам на мојата куќа. Впрочем, барам во рок од пет дена да ми дадете сатисфакција, инаку, господине, ќе Ве претепам како мачка, сред улица, или каде што ќе Ве најдам.“

Од таа посвета се исплетоа цели скандали; и бидејќи младиот поет беше чиновник, неговиот старешина еве што му доставил на господинот министер (името и презимето го заборавив, та мора да се земе вообичаеното Н. Н.):

„Чиновникот на ова надлештво, кој инаку е добар и совесен работник, во последно време толку се искомпромитира со некаква збирка од свои божемски песни, што поради угледот на државната служба, тој не може да остане, зашто се занима со несериозна работа која не му прилега ниту на еден писар, а камоли пак на еден државен чиновник. Го молам Господинот Министер овој компромитиран човек да го оддалечи од државната служба, или барем од ова место, додека не се поправи.“

Министерот го премести.

Но, за жал, земјата е мала, а лошиот глас оди надалеку, па таму го пречекаа уште полошо, и што можеше друго да се направи, со тоа чудовиште што пишува песни; освен министерот, во интерес на угледот на државната служба, па дури и во интерес на моралот во јавното мислење, да го отпушти од државна служба.

Јавното мислење доби сатисфакција, а ниту една песна од младиот поет веќе не се појави. Тој некаде исчезна и никој ништо не можеше да разбере за него.

— Штета, млад човек! — зборуваа.

— А и не беше лош човек.

— Не беше, но ете, го зеде ѓаволот па почна да прави нешто што не прави никој.

— Го жалам, грешниот!

— Тхе, што ќе правиш? Кој му е виновен!

И брзо, за миг, во општеството се поврати нарушената хармонија, исчезна и тоа мало бранче што се крена на мирната, неподвижна површина од застоената вода, и општеството задоволно, мирно си ја продолжи понатаму својата мирна дремка.

(Нареден дел)

Мртво море (2/5)

(Претходен дел)

Сето тоа кај нас е само зачеток на доброто. Бевме добри и послушни деца и, навистина, од година во година секоја генерација сè повеќе и поовеќе ветуваше дека, наскоро, нашата земја ќе добие исто така добри и послушни граѓани, но кој знае дали ќе дојде тоа блажено време, кога нашите стремежи, всушност мислите и идеалите на мојата покојна, генијална стрина, наполно ќе се остварат во оваа намачена Србија, што вака пламено и искрено ја сакаме.

Којзнае дали некогаш ќе дојде времето да се остварат нашите желби и да се спроведе во дело оваа наша идеална политичка програма:

Чл. 1

Никој ништо не работи.

Чл. 2

Секој полнолетен Србин има почетна плата од 5 000 динари.

Чл. 3

По пет години секој Србин (во куќа каде што нема Србин, може и Србинка) да има право на пензија.

Чл. 4

Пензијата има периодични покачувања од 1 000 динари годишно.

Чл. 5

Мора да се донесе одлука на Народното собрание (а тука по исклучок, од патриотски побуди, со Собранието ќе се сложи и самиот Сенат), и тоа ќе се смета како посебна точка од Уставот, според која: овошјето, полезните растенија воошпто, пченицата и сите други посеви мораат да успеваат баснословно добро, и тоа двапати годишно, а ако се покаже дефицит во државниот буџет, тогаш и три, па се разбира, по потреба и повеќепати, како што ќе најде за потребно финансискиот одбор.

Чл. 6

Добитокот, секако, без разлика на полот и возраста, напредува многу добро, исто така според законската наредба, то ест според одобрението на двата дома, и се множи многу бргу.

Чл. 7

Добитокот во никој случај не може да прима плата од државната каса, исклучувајќи ги вонредните државни потреби.

Чл. 8

Ќе се казни секој оној кој ќе мисли за државните работи.

Чл. 9

Најпосле, за ништо и не смее да се мисли без посебна полициска дозвола, зашто мислењето ја нарушува среќата.

Чл. 10

На прво место, полицијата не смее апсолутно ништо да мисли.

Чл. 11

Кој би сакал, така, само на шега, да се занимава со трговија, тој мора да заработи мошне многу: на динар илјада.

Чл. 12

Женските фустани, ѓерданите, се разбира и жипоните, како и другите потреби, се сеат и успеваат многу брзо под секаква клима и на секоја земја, секој месец во разни бои и по најновата француска мода. Шапките, нараквиците и другите поситни работи, можат со успех да се одгледуваат и во саксии (односно сè само се одгледува со законска наредба).

Чл. 13

Деца не се раѓаат. Ако се појават однекаде, тогаш да се одгледуваат и да се воспитуваат со особени машини. Ако на татковината и требаат што повеќе граѓани, ќе се изгради фабрика за деца.

Чл. 14

Данок не плаќа никој.

Чл. 15

Плаќањето на долгови и даноци строго се казнува, а тоа важи за секого, освен ако се утврди дека тој престап го направила умно заболена индивидуа.

Чл. 16

Се укинуваат сите непотребни работи, како што се: тештите, свекрвите, и главната и споредната контрола, летечките државни и приватни долгови, цвеклото, гравот, грчкиот и латинскиот јазик, скапаните краставици, сите возможни падежи, со предлог и без предлог, жандармите, свинското прашање, умот, заедно со логиката.

Чл. 17

Кој ќе го обедини Српството, во знак на народно признание и љубов, веднаш да се уапси!

 

Прекрасна програма; ова мора да го признаат дури и политичките противници, ако една ваква програма воопшто и би можела да има противници. Сè е напразно, нашите благородни желби никогаш не можат да се остварат.

Но она што не го постигнавме и што не го остваривме ние, и покрај својот толкав труд, тоа го направиле други, посреќни од нас.

(Нареден дел)

Модерно востание

Господи, што сè не ми дојде на сон! Без сомнение и другите луѓе сануваат глупави и луди сонови, но веројатно не ги пишуваат, а јас однекаде ја имам таа маана, па штом ќе сонувам некаков чуден сон, веднаш перото в рака, па пишувам, за да им овозможам и на другите да се чудат.

Вечерта заспав со мирен и длабок сон, и сонот ме пренесе во она време од пред сто години, само што тоа време не е онакво какво што и јас и сите ние го знаеме од историјата, туку сосема поинакво. Единствено што во мојот сон беше еднакво со тогашното време, тоа е што Србија како да не беше ослободена, и со неа како да владееја Турците. Се чувствував како да не сонувам, туку сето тоа како да е на јаве. Турците владеат со Србија, имаат, божем, министерства, надлештва, уредување, чиновници, сè, сè, како ние денес. Белград, ист камо и денес: истите улици, истите куќи, сè исто, само што на многу дуќани и на државните згради има турски натписи, а по улиците полно Турци, и ние Србите, истите овие кои сме денес, се среќаваме со нив и се поздравуваме.

— Сервус, Јусуфе!

— Сервус!

Тоа е поздрав со нивната раја, најниската класа, а кога ќе помине накој од подобрите, или дури од власта, тогаш се клекнува на колена, се симиња капата, и се наведнува погледот кон земјата. Што е најчудно, има и Срби во турската полиција. Господ да ни е на помош но во сонот тоа воопшто не ми беше чудно.

Министрите и великодостојниците минуваат по улиците во чалми, со долги чибуци, со лесен ôд, намуртени. Сите им праваат метании и се клањаат пред нив, а тие овој-оној би го удостоиле соблагонаклоност тек-тук и со внимание би го чукнале по глава со чибукот, и би му дозоволиле сесрдно понижувачки да им се заблагодари на таа почест.

Ние сме истите овие, денешниве, само што како да не сме слободни граѓани како денес, туку раја што трепери и за сопствената глава, и за семејството, и за својот имот.

Турците воопшто не нè штедат. Некои од нас затвораат, некои ги оковуваат ово тешки окови, некои ги прогонуваат, некои ги бркаат од државната служба, и какви сè зулуми не измислуваат за нас, верната послушна раја.

Исто така и од внатрешноста на Србија непрестајно стигнуваат црни гласови како некого од народот насилно го лишиле од имотот, некому поради данокот му ја продале и куќата и покуќнината, па уште му врзале педесет стапа, некого убиле, некого набиле на кол, некото прогониле од родното место. Кнезовите ги врзуваат и ги апсат само ако кренат глас против насилството, па земаат други, кои ѝ одговараат на турската свирепа власт; во светите храмови ги воведуваат своите пандури, па со камшици ги тепаат свештениците што не го помагаат турското злосторство.

— До кога ќе ги трпиме овие насилства и зулуми? — ме праша, како на улица, еднаш, еден мој добар познајник, кого Турците дури пред два-три дена го пуштиле од затвор. Тоа е (таков, го познавав во сонот) сиромав, храбар и горд човек, но поради своето однесување кон Турците многу патеше и страдаше, та мнозина Срби го избегнуваа, за да не ја навлечат врз себе омразата на Турците поради дружењето со него.

— Тхе што да прави човекот?! — процедив низ заби и се обѕрнав на сите страни за да видам некој да не го слуша нашиот разговор.

— Како: што да прави човекот?! — ме праша тој мене и ме погледа остро в очи.

— Така, што може да прави?

— Да се тепаме! — рече тој.

Небаре некој ми ги пресече нозете, та се занишав и од страв одвај промрморев:

— Со кого!?

— Со Турците, а со кој друт? — пак рече оној остро.

Ми заиграа разнобојни ѕвезди пред очи, и, од некапов страв, несвесно се повратив назад.

— Но, но… а… но… — почнав да пелтечам.

— Што но, нема тука но, треба да се тепаме, и квит! — викна мојот познајник налутено, па ме остави и си отиде.

Долго стоев на тоа место, како скаменет од чудо. Не можев да си дојдам на себе. Во тој момент наиде еден од моите добри пријатели. Се поздрави и го зачуди мојата загриженост, збунетост.

— Што ти е? — ме праша.

Му го раскажав разговорот со првиот познајник. Тој се насмеа гласно и ме удри оо раката по рамото.

— Ха, ха, ха, ха!… Па зар ти не го знаеш него?… Ха, ха, ха, ха!… Зар не паметиш дека тој секогаш беше таков, на три ќоша!… Што вели: да се тепаме!… Ха, ха, ха, ха! Убаво, богами! Ни помалку, ни повеќе, туку вие двајца му објавивте војна на турското царство!… Ха, ха, ха!… Боже мој, луд човек! — ми рече пријателот, а му потекоа солзи од слаткото смеење.

— Чуден човек! — реков.

— Лудак, не е чуден. Тој сака да ја исправи кривата Дрина и да се бие со Турците! Тој е лудак! Каква полза од тоа! Апсен, оковуван, тепан, тоа му е сиот ќар; а што си го запусти и семејството и себеси, тоа да не го сметаме. Има уште такви занесенковци; нека се теши што сè уште има кој да му прави друштво! — забележа мојот пријател, па потоа пак се насмеа: — Ха, ха, ха, ха!… Војна на султанот па тоа ти е! — го изговори ова, па пак удри да се смее.

И мене ми дојде целата работа смешна, та почнавме двајцата да се смееме.

Сонот е чуден, зашто ништо не е точно определено во него; и, што е најубаво, сето тоа на човек му изгледа природно, реално. Тапса беше и со мене во овој сон.

Како да бев во Белград, а во исто време и на некои планини, по ридишта, со луѓе од народот, а во една мрачна голема шума, осамен, скриен, убаво, наместен елегантен хотел.

Мојот немирен и воинствен познајник, како да не беше нè поканил нас, триесетмината видни луѓе од сите краишта, да се договориме што да се прави од турските зулуми. Од ден на ден, од час во час, Турците почнаа да праваат сè поголеми и поголеми зла, така што моравме сериозно да се загрижиме и да размислиме: што да се прави во таа општа народна невола?

Во една голема просторија на хотелот, бевме собрани ние десетина души, и разговаравме за обични, секојдневни работи, чекајќи ги другите.

Јас, како да бев професор во некое училиште, раскажував како на идниот час ќе предавам за Торичелиевите цевки; еден трговец кажуваше како Турците му биле многу подобри муштерии во дуќанот од Србите; еден, пак, не знам што беше, раскажуваше како вчера удрил една мачка, па си го оштетил прекрасниот бастун; но, рече, дека ќе го поправи. Еден селанец ни кажа како маторицата му ги јадела пилињата, па се чудел човекот што да прави со неа, а маторицата била добра, од позната раса.

И така ние си разговаравме, а доаѓаа еден по еден оние повидните кои беа поканети на овој важен таен договор.

Дојдоа уште десетина души, па по мала пауза, почнаа да стигнуваат визиткарти со следниве содржини: „Не можам да дојдам поради важна работа. Се согласувам со сè што ќе решите…“ „Службено сум опречен; согласен сум со она што ќе го решите…“ „Морам да одам кај шивачот, на проба за костимот; извинете ми за денес…“ „Жалам, но не можам да дојдам, морам да одам на станица да ја пречекам тетка ми. Ми јави дека денес доаѓа со воз“ — и, така, сè важни причини, што беа ги спречиле и другите повидни луѓе да дојдат на овој состанок.

Кога веќе немаше кој да се чека, стана свикувачот и со треперлив глас почна:

— Не дојдоа сите. Не сакале, или не смееле, сèедно е. И ние, дваесетминава, во дваесет краишта на нашава земја можеме многу да направиме. Зулумот и турското насилство ја надминаа секоја мера. Натаму ова не смее, а и не може да се толерира. На ниеден од нас не му е сигурна главата на раменици, а камоли имотот. Па зар молкома и со скрстени раце и со наведнати глави да чекаме кога ќе ни дојде редот и нам главата да ни се стркала по падината, или ќе ја презреме честа на нашите семејства, па ќе ги пуштиме Турците, заради својот живот и корка леб, да ни ги бесчестат ќерките и жените, да ни ги уриваат црквите, да нè камшикуваат по патиштата; или, можеби, уште ќе им ласкаме на тие нелуѓе и ќе ги фалиме нивните зулуми, за да можеме удобно да живееме? А зошто ни е тој живот кога не може да биде чесен? Зошто ни се свилата и златото кога ќе ја загубиме и верата, и народноста, и честа, и образот? Не, браќа, ова веќе не се трпи! Натаму не може вака!

— Не може вака!… Ветришта. Лесно е да се рече: не може вака, но кој те слуша. Што можеш да направиш? Зборуваш небаре си рускиот цар, на само ќе им викнеш на Турците: „Натаму те може вака“, а тие сите ќе клекнат на коленици пред тебе. Те прашувам јас тебе: што ќе направиме ти и јас и сите ние? — го прекина еден од нас, кој се одликуваше со мудрост и претпазливост.

— Многу можеме ние и ако побараме да биде подобро, подобро и ќе биде. Нашата желба може за миг да стане заповед.

Неколцина од видните ги кренаа рамениците и со изразот на лицата, загледувајќи се, небаре се прашуваа и си одговараа еден на друг вчудовидени: „Што му е на човеков?“ … „Господ свет знае!“ Пак разменија погледи, и сега изразот на нивните лица говореше: „Човеков споулавел!“

Еден пак седејќи спроти нето налактен на масата со полуотворени очи, го гледаше, поправо го меркаше, некако тажно, не збојрувајќи ништо, долго, па дури потоа ги отвори очите малку повеќе и го погледа попреку, некако презриво, со омаловажување, и процеди низ забите тромо и развлечено:

— Тхе…! — потоа ја сврти главата настрана па почеа да тропка со прстите по масата и со некаква здодевност.

— Разговараме! — рече ироноично еден од ќошето.

Оној кој најмногу се одликуваше со мудрост и со претпазливост, стана пред нашиот избувлив другар, ги окрсти рацете на градите, го измерија од главата до петиците, па почна како човек со големо искуство, кој зборува со неразбран младич:

— Добро те молам, зошто дојдовме овде, и што сакаш ти?

— Дојдовме да се посоветуваме како еднаш ќе ѝ ставиме крај на оваа тиранија, на ова турско насилство. Овдека сме одбрани највидните од целава земја, па заедно да побараме лек! — му одговори свикувачот со одмерен глас, полн со верба во доброто.

— Добро, тоа и ние го сакаме.

— Па кога го сакаме, што чекаме тогаш? Си ги чуваме главите, а и нив ќе ги загубиме, но кога ќе го загубиме и образот и достоинството! — пламна првиот и тресна силно со тупаница по масата, од што многумина се потргнаа малку подалеку.

— Роб и така и така, гроб никако! — дофрли некој.

— Вие другари оставете нè првин ние да поразговараме — ни рече претпазливиот, а потоа пак се сврти налутено со зборовите: — Добро, те молам, кажи ми ти мене што милиш дека треба да направиме? — запраша студено, со многу такт.

— Да се буниме против Турците. Да ги кренеме луѓето секој во својот крај, па и ние нив да ги убиваме, оти тие нас нè убиваат и убиваат. Друг лек нема, ниту може да има!

Едни се насмеаја на овие лути, огнени зборови како на некаква детинска работа; едни плашливо се обѕрнаа околу себе, а некои направија пакосни, зајадливи шеги за сметка на овој несериозен говор.

— Добро, велиш да се буниме? — праша претпазливиот.

— Да се буниме! — одговори тој решително, а во очите му светна искра.

— Со кого? Ајде, кажи со кого?!

— Јас, ти, овој, оној, ние, сите ние, народот!

— Што зборуваш штогоде?… Каде ти е народот, со кого си се договорил?

— Со тебе, со овие луѓе овде.

— Па што сме ние?

— Како што сме?

— Така, те прашам!

— Луѓе.

— Да, луѓе сме, тоа го гледам, туку колкумина оме овдека?

— Дваесетина.

— Тоа кажи ми го. Дваесетина, се разбира, а тоа не е ништо!… Ха, ха, ха!… Дваесетина!

— Тоа е многу, — викна избувливиот — оти ние дваесетмина ќе ги кутнеме дваесеттемина Турци во дваесет разни краишта, а секој од нас има барем по тројца добри и верни другари, а секој од нив истото тоа може да го направи. Нека се почне, па потоа ќе ни пријдат уште незадоволници и одмаздници на кои животот без тоа им се смачил. Нека се направи лом и клање, па што ќе даде господ: самите настани, кога ќе почнат да се развиваат, ќе го покажат вистинскиот пат по кој треба да се тргне.

Многумина презриво се насмеаја, а претпазливите го гледаа под око, нишајќи со главите како да го сожалуваат поради таквата непромисленост па рекоа:

— Туку, така, ќе скокнеме ние дваесетина, ќе убиеме дваесетина Турци, а оние другите ќе се исплашат, па некои ќе избегаат во Азија, некои ќе испоскокаат во вода.

— Сите вие сте кукавици! — викна избувливиот, и тресна по масата.

— Добро, те молам, еве, се согласувам со твојот план, да се согласиме и сите овде. Добро, тука сме дааесетмина и во најдобар случај секој од нас нека собере уште по десетмина другари, тоа е двесте, па да претпоставиме да се случи — ама добро, може и тоа да биде — секој да убие по двајца Турци во секое место; па на тие двесте нека им се придружат уште толку, на пример; па Турците нека стојат уште толку да ги испотепаме како муви, — па што ќе направиме со тоа?

— Многу.

— Многу, ама лошо за нас. Ќе ги налутиме Турците и султанот, па тогаш гледај каде ќе одиш. Тогаш ќе видам, драги мој, колку ти е мудар предлогот.

— А народот нема да се придружи штом ќе ја види започнатата борба? И ние нема да им легнеме на патот да нè газат Турците, туку ќе се биеме од заседа.

— Народот, народот! … Зборуваш како дете. Не оди тоа така, брате мој! Да се биеш! Убаво, ајде сите да се биеме! А жените и децата да ги обесиме на клинци? Или да ги оставиме Турците да ги печат? Ете, ти имаш деца, па така и друг и трет. Утре ќе загинеш, а семејството?!

— Нема сите да загинат. На тоа не сакам да мислам. Што ќе даде господ!

— Па за што да мислиш?

— Да се бијам, па што сака нека биде!

— Пак зборуваш како дете. Да се биеш, да се биеш, а не мислиш на последиците. Ете, и тоа да ти попуштам; ајде семејствата никој нека не ги чепка, и уште во најдобар случај Турците да спијат еден месец, па ние да собереме и дваесет илјади борци, па со што ќе војуваш потоа?… Камо ти оружје, камо ти барут, куршуми, храна за војниците? Немаме ниту грош, отепани сиромаси, раја. Ниту леб, ни со леб ниту оружје, ни муниција — па да се биеме!

— Ќе се најде кога луѓето ќе се ангажираат! — вели одушевениот.

— Ќе се најде. Убаво, ете, и тоа да си го претпоставиме, иако е неможно. Значи, имаш дваесет илјади војници со добро оружје, имаш топови и добри топџии, имаш храна, муниција, сè. Па што?… Пак ништо. Ќе налета царската војска, па ќе нè прегази за еден ден, и што сме направиле? Зло!… Толку луѓе ќе бидат обесени и набиени на колци, толку семејства ставени под меч, а и тие што ќе останат ќе трпат полоши маки отколку сега. Така ти е тоа; а и инаку од сето тоа нема ништо; туку да се спуштиме ние неколкумина, па или да убиеме некого, или да не убиваме, а Турците ќе нè убијат сите нас, и ќе нè истребат до деветтото колено.

— Па нека загинеме; и вака животот не ни чини!

— Не си ти сам. Ти имаш свое семејство, не припаѓаш ти само на себеси, туку мораш да водиш сметка и за семејството.

— Се разбира: зошто да гинеш лудо, без сигурен успех? Па уште не само да гинеш, туку и да го убиеш своето семејство, за кое мораме да се грижиме! — рече еден.

— Па за тоа не треба ниту да зборуваме! — се јави друг.

— Јас да сум сâм, па да гинам — еднаш ќе се умре; но имам самохрана мајка! — рече трет.

— Море ти мајка, а јас покрај мајка имам и жена и пет деца! — вели четврти.

— Јас имам сестра за која се грижим! — рече петти, — не ми е за мене, туку со таа своја лудост би ја убил и неа.

— Јас имам државна служба, и од тоа ги хранам и старите родители и семејството! Не треба да ме убијат туку само да ми ја одземат таа корка леб што чесно ја заработувам, па убиен сум и јас и моето семејство. А, да се праша човек, зошто е сето тоа? За лудост! Каде се чуло дваесет луќе да почнат војна со гола раја против една царски уредена и силна војска. Подрбро би ми било да го земам револверот, па да се убијам; и тоа е попаметно; барем тогаш не би ми го чепкале семејството! — докажуваше шести.

— И јас, исто така, имам голема причина, поради државната служба.

Еден, пак, рече:

— Јас, навистина, јас сум сам, но и јас, како човек, имам свои лични обврски, кои ми пречат. Својата глава не ја жалам, но за мудра работа, а не лудо да се гине и со тоа да му се нанесе штета на општото дело. На тоа треба да ое работи, во осмислено, трезвено.

— Така е! — одобривме.

— Ве молам, за тоа, нема ни збор, барем во вакови случаи, кога земјиштето не е приготвено. Тоа би значело да подигнуваш покрив, а да немаш куќа. Нема ни еден од нас кому не му е на срце доброто на оваа земја, па токму затоа треба да се работи со план, со организација, постепено, темелно! Тоа е тивка вода, но брегот го рони. Туку, браќа, да го оставиме на страна тоа што е невозможно, па да видиме што може да се стори во овие мачни денови; за сè да се договориме и добро да размислиме за сè — почна да објаснува оној мудриот и претпазливиот.

— Така е! — ги одобривме од сè срце добрите причини на стивнатиот, сериозен човек, полн со искуство и со дипломатски тон.

— Да се крене востание, тоа е голема и крупна работа, но треба да се имаат на ум и да можат да се предвидат сите последици за нашиот народ, без разлика дали се добри или лоши, па точно да се определи: има ли смисла да се фрлат толку жртви, или е подобро и попаметно да се одложи тоа за подобар момент. Па и тоа да се размисли, тогаш кота востанието е приготвувано со десетици години. А сега нека види нашиот почитуван другар што сè треба тука, ако ние мислиме паметно да почнеме:

  1. Треба да се формира посебен одбор, и во секое место пододбори, кои треба да го подготвуваат и, всушност, да го подготвуваат народот за востание.
  2. Треба тајно да се собираат пари од народот за да се формира фонд за набавка на оружје и за сите воени потреби; а тоа би била најмалку сума од десетина милиони динари.
  3. Исто така треба, да се формира за вдовици фонд и за издржување на немоќните деца чии родители ќе загинат во војната. Тој фонд треба да е некаде настрана и во сигурна банка, а мора да изнесува најмалку сто милиони, за да можат вашите пребегани семејства да живеат пристојно во туѓина.
  4. Да се формираат инвалидски и болнички фонд; и тука треба огромна сума. Некој ќе загуби рака, нога, па да не мора да проси, туку да има од каде да се лекува и пристојно да живее.
  5. Да се обезбеди пензија за борците, зашто секој борец за пет години може да се прати во пензија: борец во пензија. Не е ни право исцрпен, уморен од воените напори, да умре во беда и сиромаштија туку да оди човекот некаде во туѓина па барем до смртта пријатноо да си поживее.
  6. Треба да се приготват барем две-три силни соседни држави, кои би ни помогнале во случај да не ни успее потфатот.
  7. Кога ќе се подготват за прво време добро вооружени и извежбани барем шеесет илјади борци, тогаш во тајност треба да се издаде еден родољубив весник, луѓето добро да се известат.

— Така е — се олушна гласот на мнозинството.

— Е, господа, извинете ме — рече еден трговец — имам работа во дуќанот. Што ќе решите, ќе се согласам.

— Мене стрина ми ми патува со лаѓа, па морам да ја испратам! — реков и го извадив часовникот, та го погледав времето.

— Јас морам жената да ја изведам на прошетка. Извинете ме, а се согласуовам со тоа што ќе го решите! — рече еден чиновник и погледна во часовникот.

— Престанете луѓе. Немојте да си одите додека не утврдиме што ќе правиме со весникот! — се слушна нечиј глас.

— Тоа е лесно. Главно е сите да сме сложни дека кога ќе се направат сите подготовки, кои мудро и со такт ги наброи почитуваниот говорник, треба да се издаде родољубив весник! — реков.

— Така е, така е! — се слушна од сите страни.

— Тогаш да избереме тројца, за сето ова добро да размислат, па и да напишат детална програма за весникот, кој би требало да се вика Борба!

Крвава Борба! — предложи некој.

Крвава Борба! — се одѕваа громки гласови од сите страни.

— Значи, тројцата што ќе ги избереме, на идната седница ќе треба да ни поднесат детален план и за правецот на весникот, кој ќе се издаде штом ќе се направат сите оние претпазливи подготовки! — реков — и во тој миг се тргнав и се разбудив.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

Марко Крале вторпат меѓу Србите (5/5)

(Претходен дел)

Околината влијае на човека, па и Марко мораше донекаде да подлегне под тоа влијание, та почна и тој заедно со своите добродетелни потомци да шетка, да потплукнува и да се турка пред министерските врати, со молбата в раце и да моли за некаква државна службичка, колку да може да се прехрани со леб, секако бел.

Се разбира дека дринчењето пред вратите не траеше кратко време, и по неколку дена му рекоа да ја предаде молбата во архивата за да се заведе.

Молбата од Марко му зададе големи маки на министерот.

— О, брате, што да правам со овој човек? Го почитуваме, да речеме; сè, сè, но не требаше да доаѓа. Не е човек за ова време.

Најпосле, имајќи го предвид неговиот силен глас и поранешните заслуги, го намести како практикант во една зафрлена околија во внатрешноста.

Сега Марко одвај измоли да му го вратат оружјето и да му дадат од министерството една цела плата, па отиде да си го откупи Шарко.

Шарко, и покрај добрата храна, не изгледаше ни одблизу како порано; многу беше пропаднат; но и Марко беше полесен барем триесет оки.

И така Марко си ја облече облеката, го опаша оружјето, го приготви Шарко, ја наполни мешината со вино, ја обеси на предниот дел од седлото, го јавна Шарко, се прекрсти и отиде на должност, по патот каде што му рекоа. Многумина го советуваа да оди со воз, но тој не сакаше ни за жива глава.

Каде ѝ да одеше Марко, прашуваше за таа околија, и го кажуваше името на околискиот началник.

По ден и пол одење, стигна. Влезе во авлијата на околиската канцеларија, слезе од Шарко, го врза за една црница, ја симна мешината и така вооружен седна во ладовинката да се напие вино.

Пандури, практиканти, писари, ѕиркаат низ прозорците со чудење; а луѓето го заобиколуваат јунакот оддалеку.

Доаѓа капетанот, кому му е јавено дека Марко доаѓа во неговата околија.

— Помози-бог! — рече.

— Бог да ти помогне, незнаен јунаку! — одговори Марко. Штом дојде до оружјето, до коњот и до виното, ги заборагаи сите маки и почна веднаш да си се однесува по старовременски и да зборува во стихови.

— Ти ли си новиот практикант?

Марко потврди, а потоа капетанот му рече:

— Е, па ти не можеш да бидеш в канцеларија со таа мешина и со тоа оружје.

„— Ваков е адетот кај Србинот,
Над оружје црно вино пие,
Под оружје сладок сон си спие!“

Капетанот почна да му објаснува дека мора да го извади оружјето, ако мисли да остане во служба и да прима плата.

Виде Марко дека нема мрдање, па што да прави човекот, мора да живее, а пари нема; но се сети па праша:

— Има ли некоја служба каде што се носи оружје за да можам и јас да ја вршам?

— Има, пандурска служба.

— Што прави пандурот?

— Па ги придружува чиновниците на пат, со оружје, ако ги нападне некој, ги брани, држи ред, внимава да не му се нанесе штета некому, и такви работи — рече капетанот.

— Е, така, тоа е убава служба!… — се воодушеви Марко.

И така, Марко стана пандур. Ова е пак влијание од околината, влијание од достоинствените потомци со врела крв и во одушевеност да ѝ послужат на својата татковина. Но Марко и во оваа служба не можеше да биде толку прилагодлив и толку добар колку што можеше да биде и најлошиот негов потомок, а камоли некој подобар.

Одејќи со капетанот по околијата, Марко виде многу неволи, а кога му се стори еден ден дека и неговиот капетан не работи баш право, го удри со дланката, та му истера три заби.

Поради тоа Марко го фатија по долгиот боен судир и го спроведоа в лудница на преглед.

Тој удар Марко не можеше да го поднесе и пукна, наполно разочаран и намачен.

Кога излезе пред Господа, а Господ се смее, толку многу, што дури и небесата се тресат.

— Го одмазди ли, Марко, Косово? — го праша тој низ смеа.

— Се намачив, а кутрото Косово, не го ни видав! Ме тепаа, ме апсеа, ме пандурисаа и најпосле ме спроведоа меѓу лудите!… — се пожали Марко.

— Знаев дека нема да поминеш подобро — му вели Господ благо.

— Ти благодарам, Боже, што ме спаси од маките, а веќе и самиот нема да верувам на лелекањата на моите потомци во плачот по Косово! А ако им требаат пандури, барем за таа служба имаат доволно на избор, кој од кој подобар. Боже, прости ми, но ми се чини дека тие не се мои потомци, иако мене ме воспеваат, туку дека се потомци на оној наш Суљо Циганинот.

— И јас — сакав него да го пратам, ти да не ме молеше онака да одиш. А знаев дека ти не им требаш!… — рече Господ.

— И Суљо денеска меѓу Србите би бил најлош пандур! Во тоа сите го надминале! — рече Марко, и се расплака.

Господ воздивна тешко и ги крена рамениците.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

Марко Крале вторпат меѓу Србите (4/5)

(Претходен дел)

Марко влезе, се смеша со мноштвото луѓе и седна на крајот од една столица, за да не паѓа в очи со неговиот голем раст.

Имаше преполно луѓе, а сите беа раздразнети од пламениот говор и од дебатата, та Марко никој и не го забележа.

На почесното место-трибина, и на неа маса за претседателството и една масичка за секретарите.

Целта на собирот беше да се донесе резолуција со која ќе се осуди варварското однесување на Арнаутите на Косово, па и во цела Стара Србија и Македонија, и зулумите што Србите ги трпат од нив и на своето родно огниште.

При овие зборови, кога зборуваше претседателот, објаснувајќи ја целта на собирот, Марко се преобрази. Очите му светнаа со страшен пламен, му затрепери целото тело, тупаниците, готови за бој, почнаа да му се стегаат, а забите да му чкртаат.

„Одвај најпосле ги најдов вистинските Срби што ги барав. Овие мене ме викале!…“ си помисли Марко весел и уживаше од сознанието колку ќе ги израдува кога ќе им се јави. Се вртеше на столицата од нестрпливост, така што за малку таа што не се испокрши, сета. Но не сакаше веднаш, го чекаше најповолниот момент.

— Има збор Марко Марковиќ! — објави претседателот и удри во ѕвончето.

Сите молкнаа за да го слушнат најдобриот говорник.

— Господа и другари! — почна тој. — Непријатно е за нас, но самите околности, самото чувство ме тера да го почнам својот говор со стиховите од Јакшиќа:

„Ние Срби не сме, ние луѓе не сме! …
Та да сме Срби, — та да сме мажи,
та да сме браќа, — ох боже мој!
Зарем пак така од Авала сина
би гледале ледено в огнен час?
Зарем пак така, — ох браќа драги
Зарем пак така би ве презреле вас?!“

Настана молк. Никој не дишеше. Тишината само за миг ја прекина чкртањето на Марковите заби и чкрипењето на онаа столица на која седеше тој, та многумина околу него го погледнаа со гнев и со презир што ја расипува таа света патриотска тишина.

Говорникот продолжи:

— Да, другари, страшен прекор од големиот поет на ова наше меко колено… Изгледа, навистина, како да не сме ни Срби, ни мажи! Ние мирно гледаме како паѓаат секој ден по неколку српски жртви од крвавиот арнаутски анџар, гледаме како се палат српските куќи во престолнината на Душана, како се обесчестуваат српски ќерки, и народот трпи, најмногу тука, во краиштата каде што беше старата српска слава и господство. Да, браќа, од тие краишта, па и од Прилеп, родниот крај на нашиот најголем јунак Кралчето, слушате ропски воздишки и ѕвечкање на синџири, кои бедниот Марков потомок сè уште ги влече; а Косово тажно и сега уште секој ден се залева со српската крв, уште ја чека одмаздата, уште жеднее по непријателската крв, што ја бара праведната крв на Лазар и на Обилиќ. Ние и денеска над тоа тажно разбоиште, над тие свети гробови на нашите џин-витези, над тоа поле на славата на бесмртниот Обилиќ, можеме да јачнеме, заедно со она тажно јачење од гуслите, што народот го испрати со песна, во која нашиот голем јунак Марко Крале, како претставник на народната тага, лее солзи од очите и зборува:

„Леле, здраво, ти Косово рамо,
Што те снајде, тажно што дочека! …“

На Марко при овие зборови му се истркалаа солзи како ореви, но не сакаше да се јавува. Чекаше да види што ќе стане понатаму. А во душата му дојде толку мило, што ги заборави и им прости за сите маки што дотогаш ги претрпе. За еден ваков миг би ја дал и својата руса глава од рамењата. Беше готов да појде на Косово, ако треба и да биде заробен.

— Овие зборови секој Србин го каснуваат за срце, тука со Марко плаче сиот наш народ; но освен тие благороднички солзи на големиот наш витез, ни треба нам уште и мишката на Марко Крале и на Обилиќ! — продолжи сè попламено говорникот.

Марко, крвав во очите, со страшен поглед, скокна, и со стегнати тупаници, дигнати над главата, јурна кон говорникот како разјарен лав. Многумина истурка и изгази со нозете, та настана лелекање. Претседателот и секретарите си ги покрија лицата со рацете, и од страв се испикаа под маса, воодушевените Срби нагрвалија на вратата со страшни, очајни викотници.

— Пооомооош!

Говорникот пребледе, нозете му потклекнуваат, се тресе како од треска, погледот му се вкочани, усните му помодреа; се напиња да си ја проголта плунката, па си го истегна вратот и подзамижа. Марко стигна до него и замавта со рацете горе над неговата глава, а викна со страшен глас:

— Еве го Марко, не плашете се, браќа!

Говорникот го облеа пот, во лицето стана модар, се заниша и падна како свеќа.

Марко се тргна назад, се загледа во оној онесвестен бедник, ги спушти рацете, и со израз на необично чудење се обѕрна околу себе. Дури сега се скамени од чудо, кога виде како Србите се заглавија на вратата и прозорците и викаат очајнички: — Поомоош! Полиција!… Злосторннк!

Марко, папсан од чудење, се спушти на една столица и си ја стави главата меѓу своите влакнести, јадри раце.

Сега му беше најтешко; зашто, по толку силната надеж во сигурен успех и по толку воодушевување, настана, одеднаш, неочекуван пресврт на ситуацијата.

Долго време седеше Марко така, во истата положба, не мрднувајќи се, како окаменет.

Малку по малку, почна да стивнува лелекањето, та наместо онаа страшна викотница од пред малку, настана мртва тишина, во која убаво можеше да се чуе доста тешко дишење на онесвестениот говорник, кој почна полека и да си доаѓа на себе. Таа чудна, неочекувана тишина, направи претседателот на собирот, потпретседателот и секретарите полека малку — по малку да ги подигнат своите глави, исплашени и претпазливи. Сите се гледаат преплашени еден со друг, со чуден прашален израз на лицата: „Што е сето ова, да видел господ?!“ Потоа, со уште поголемо чудење, почнаа да разгледуваат сè околу себе. Салата речиси се испразни, само сега однадвор ѕиркаат многу родољубиви глави низ отворената врата и низ прозорците. Во салата Марко, како камен, седи на столот, со лактите на колената и со главата потпрена на рацете. Не мрднува, не му се слуша ни дишењето. Изгазените со лазење се довлечкаа надвор по друтите, а онесвестениот говорник се созема полека, гледа и тој плашливо околу себе, се прашува, гледа во претседателот и во секретарите, па и тој во нив, и тие во него, небаре со чудење, во стравот, се прашуваат еден со друг: „Што се случи ова со нас? Дали навистина останавме живи?!“ Со најголемо чудење погледите на сите се задржуваат на Марко, а потоа пак меѓусебе си разменуваат погледи, кои со изразите на лицата како да се прашуваат и да си одговараат: „Кое е ова страшило?!… Што да се прави?! Не знам!“

Оваа неочесувана тишина и на Марко влијаеше да ја крене главата. И на неговото лице беше речиси истиот израз на чудење: „Што е ова, што стана вака, одеднаш, ако знаете за бога, браќа мои?!“

Најпосле, Марко, нежно, меко, колку што можеше тој тоа да го стори, му се обрна на говорникот, со поглед полн со милост.

— Што ти стана, брате слатки, та што падна?…

— Ме удри со тупаници! — му рече овој прекорно и се пофати со рацете по темето.

— Не те ни допрев, жими вишниот Бог и свети Јован! Ти убаво зборуваше и рече дека на Србите им треба Марковата десница, а јас сум тој Крали Марко, па само ти се јавив; но ти се исплаши.

Сите присутни уште повеќе се збунија и почнаа да отстапуваат од Марка.

Марко сега им раскажа што го натера да го измоли Бога да го пушти да дојде меѓу Србите, и што се му се случи, и какви маки претрпе, како му ги зедоа оружјето и облеката и мешината, и како му пропадна Шарко влечејќи трамвај и вртејќи долап кај бавчанџијата.

Сега говорникот малку се поврати, па рече:

— Е, брате, баш будалштилак си направил!

— Ми здодеа вашето лелекање и непрестајно викање. Се превртував во гробот, се превртував повеќе од пет века, па и не можеше веќе да се трпи!

— Ама, тоа така, во песните се пее, брате слатки! Само така се пее. Ти не знаеш за поетиката!

— Убаво, те молам, се пее, но така и зборувавте; ете, ти, такму сега исто така зборуваше!

— Немој да си простодушен, брате, те молам, не е сè така како што се зборува. Тоа така се зборува за да биде стилот поубав, понакитен! Се гледа дека не знаеш ни за реторика. Ти си старински човек, брате слатки, па не знаеш многу работи! Науката, драги мој, далеку дотера. Зборувам, се разбира; но треба да знаеш, дека според правилата на реториката, говорникот треба да има убав, китест стил, да умее да ги воодушеви слушателите, да спомене и крв и нож и анџар и ропски синџири и борба!

Сето тоа е само за убавината на стилот, а никој не мисли сериозно, како тебе, дека треба веднаш да се засукаат ракавите, па ајде, удри вистински. Исто така и во песните се уфрла фраза: „Стани, Марко…“ и така натаму, но тоа е поради убавината… Не разбираш, брате, глупаво си направил, се гледа дека си прост човек од стар ков! Сè уште ги примаш зборовите со буквалното значење, а не знаеш дека литературниот стил настанува дури со појавата на трооите и фигурите.

— Па што да правам, сега? Ниту Бог ме повикува назад, ниту овде можам да опстанам.

— Навистина незгодно! — се вмеша претседателот, како загрижен.

— Многу незгодно! — му рекоа со истиот тон и другите.

— Шарко ми е кај еден селанец на исхрана, облека и оружје немам, а ми се потрошија и парите — рече Марко во очај.

— Многу незгодно! — повтори секој од присутните по еднаш.

— Кога би имал добри жиранти, па некако да земете пари на меница! — рече говорникот.

Марко ништо не разбра.

— Имате ли добри пријатели овде во ова место?

— Немам овде никого, до бога.
Го немам овде ни побратимот свој,
Побратимот Милош Обилиќ
Побратимот Милан Топлица
Побратимот…

Сакаше Марко уште да реди, но говорникот го прекина:

— Доста се двајца; не треба повеќе.

— Туку нешто се мислам… — почна претседателот замислено, важно, и застана, триејќи си го челото со раката, а по кратко молчење му се обрна на Марко со прашањето:

— Писмен ли си?… Умееш ли да читаш и да пишуваш?

— Умеам и да читам и да пишувам — вели Марко.

— Се мислам, како би било некако да поднесеш молба за некаква службичка. Би можело некаде да те постават за практикант.

Одвај Марко успеа да разбере што е тоа практикант, и на крајот на краиштата, се соглаои, зашто му рекоа дека годишно ќе добива по шеесет — седумдесет дукати, а тој, јунакот, немаше пари, ниту динар.

Му напишаа молба, му дадоа половина динар за марка и половина динар за него да му се најде за во невола, ако случајно го снајде некоја невола, и го упатија во министерството на полицијата да ја предаде молбата.

(Нареден дел)

Марко Крале вторпат меѓу Србите (3/5)

(Претходен дел)

Работата, се разбира, натаму одеше по својот правилен тек. Откако полицијата изврши увиди на самото место, откако детално ги иследи вините, сите акти ги спроведе во понатамошна работа.

Судот ги определи претресите, ги повика сведоците, вршеше соочувања. Државниот обвинител, се разбира, бараше Марко да се осуди на смрт; адвокатот на Марко пак, пламено докажуваше дека Марко е невин, и бара да се пушти на слобода. Марко го изведуваат на судење, го сослушуваат, го враќаат пак назад во затворот. И тој некако се збрка, се чуди што сè прават со него. Најтешко му беше што мораше да пие вода, а тој не беше навикнат на неа. Сè лесно би издржал тој, јунак е, но чувствуваше дека водата многу му штети. Почна да се суши и да венее. Не е оној Марко, не дај боже! Сега човекот стана некоја сува тревка, висат алиштата на него, небаре не се негови, а кога оди едноставно се тетерави. Често во очај ќе си лелекне:

— Ах, боже, па ова е полошо од проклетата азачка зандана.

Најпосле, судот донесе пресуда во која, имајќи ги предвид Марковите заслуги за Српството и многуте олеснителни околности, го осуди Марка на смрт и да ги плати отштетите и сите судски трошоци.

Делото отиде до апелацијата, и таа смртната казна ја замени со вечна робија, зашто Марковите вини ги зеде како дело од политичка природа, а касацијата најде некои неправилности и му ги врати актите на судот, со барање да се испитаат уште некои сведоци и да се заколнат.

Две години траеше таа судска процедура и, најпосле, и касацијата ја потврди преиначената пресуда со која Марко се осудува на десет години робија во тешки пранги, а и да ги плати сите кривични и судски трошоци, но не како политички виновник, зашто се докажа дека не припаѓа на ниедна политичка партија.

Се разбира дека за ваквата пресуда се имаше предвид дека тој е големиот народен јунак Крали Марко, и дека ова судење е единствен случај. Најпосле, и не беше тоа лесна работа. Се најдоа збунети и најголемите стручњаци. Како ќе осудиш некого на смрт, кој и без тоа умрел одамна, па повторно се појавил од оној свет.

И така Марко, на божја правдина, падна в затвор. Бидејќи судските и кривичните трошоци немаше од што да се наплатат, се одреди продавање на јавна лицитација на Марковиот Шарко, како и на неговата облека и на оружјето. Оружјето и облеката веднаш ги откупи државата, на вересија, за музејот, а Шарко го купи трамвајското друштво за готови пари.

И така, Марко го истрижија, го избричија, го оковаа во тешки пранги, го облекоа во бела облека и го спроведоа во белградската тврдина. Тука Марко виде такви маки, какви што никогаш не мислеше дека ќе може да ги поднесе. Отпрвин викаше, се закануваше, се лутеше, но постепено си свикна и мирно ѝ се предаде на судбината. И, се разбира, за тоа време, додека ја издржуваше казната, го научија на некои корисни работи и го подготвија за општеството во кое, по издржаната казна, ќе треба да живее како корисен член, па почнаа малку по малку да го привикнуваат и на некои корисни работи: носеше вода, ги вадеше бавчите и го плевеше кромидот, а подоцна почна да се учи да прави ножиња, четки, кадели и разни други предмети.

А кутриот Шарко го влечкаше трамвајот од утро до вечер, без прекин. И тој пропадна. Се пореваше кога одеше, а штом ќе го запреа, ќе задремеше и можеби го сонуваше она среќно време кога пиеше рујно вино од кабурница, и кога на гривата носеше златни плетенки, на копитата сребрени потковици, на градите златни ремења, а уздата — позлатена, кога го носеше на себе, во лутите боеви и мегдани, својот господар, и кога гу стигнуваше вилите. Сега ослабе: само кожата и коските на него, му се бројат ребрата, а за колковите можеш да му обесиш торби.

На Марко му беше најтешко кога ќе се случеше да го спроведат некаде на работа, кога ќе го видеше својот Шарко толку опаднат. Повеќе го болеше тоа отколку сите негови јадови. Честопати, штом ќе го видеше Шарко така беден, ќе пролееше солзи, и со воздишка ќе започнеше:

„Леле, Шарко, леле, добро мое!…“

Шарко тогаш ќе се свртеше, па болешливо ќе за’ржеше, но тогаш ќе заѕвонеше кондуктерот и трамвајот ќе тргнеше понатаму, а стражарот ќе го предупредеше учтиво Марка да си го продолжи патот, зашто му импонираше силата и ставата на Марко. Така тој и не ќе ја довршеше реченицата.

Така, кутриот Марко маки мачеше за својот род десет години, не напуштајќи ги идеите да го одмазди Косово. Трамвајското друштво го шкартира Шарко, па го купи некојси бавчанџија, за да му го врти долапот.

Поминаа и тие десет мачни години. Го пуштија Марко.

Имаше малку заштедени пари што ги заработи продавајќи разни ситни работи, што си ги изработуваше самиот.

Првин појде в меана, та викна двајца бербери да го измијат и да го избричат, потоа нарача да му се испече еден брав од девет години и да му се донесе многу вино и ракија.

Сакаше првин со добра храна и пијалак да си се почести и да се понакрене, и да закрепне од толкавите маки. Поседе така повеќе од петнаесет дена, почувствува дека малку се накрена, па тогаш почна да смислува што да преземе.

Мислеше, мислеше, и најпосле смисли едно. Се преправи така што никој да не може да го познае и отиде најпрвин да го побара Шарко, и него да го спаси од неволата, па потоа почна да оди од Србин до Србин за да разбере кои се тие шго го викале толку, дали се овие Срби, што го затворија, и како најубаво ќе го одмазди Косово.

Слушна Марко дека неговиот Шарко е кај некојси бавчанџија и дека таму врти долап, па тргна да оди таму каде што му рекоа дока ќе ги најде. Евтино го откупи, зашто оној и самиот сакал да им го даде на Циганите, па го однесе кај еден селанец и се погоди со него да го храни со детелина и да го негува за да се поврати некако и Шарко, ако се може. Заплака Марко кога го виде кутриот Шарко колку мизерно изгледа. Селанецот беше некој добар човек, та се смилува и го прими Шарко на храна, а Марко тргна понатаму пешки.

Одејќи така, сретна еден сиромав селанец кој си работеше на нивата и го поздрави.

Марко почна со него да си разговара де за ова, де за она, кога така во разговорот рече:

— Како би било сега да стане Марко Крале, па да дојде кај тебе?

— Тоа веќе не може да биде — вели селанецот.

— Но, ако ти дојде, да речеме што би правел ти?

— Ќе го повикнам да ми помогне да ја ископаме царевкава — се пошегува селанецот.

— Но ако те повика тој ка Кооово?

— Море, молчи, брате слатки, какво Косово сега! Немам кога да појдам в чаршија да им купам сол и опинци на децата. А, да видиш, па и нема со што да се купи.

— Добро, брате; но знаеш ли ти дека на Косово пропадна нашето царство, па треба Косово да се одмазди.

— Пропаднав и јас, брате мој, полошо не може да биде. Гледаш дека одам бос?!… а кога ќе ме стегне плаќањето на данокот, не ќе знам ни како ми е името, а не пусто ми ти Косово!

Стиша Марко до куќата на еден имашлив селанец.

— Помози-бог, брате!…

—  Дал ти бог добро!… — му одговори тој и го гледа сомнително… — А од каде си ти, брате?

— Оддалеку сум, па сакав да поминам овде, да видам како живеат овдешниве луѓе.

И на овој во разговорот Марко му спомена за тоа како би било кога би се појавил Марко и кога би ги повикал Србите да го одмаздат Косово.

— Слушнав дека некој улав пред десетина години се прикажувал дека е Марко Крале и дека направил некакви злосторства и кражби, та го осудиле на робија.

— Да, слушнав и јас за тоа; туку што би правел ти да ти се појави вистинскиот Марко, па да те викне на Косово?

— Би го пречекал, би му дал доста вино да пие, и би го испратил убаво.

— А Косово?

— Какво Косово на овие скудни години?! Тоа многу чини! Голем трошок е тоа, брате мој!…

Марко го остави и него и отиде понатаму. Низ селото, насекаде така. Некои се свиткале над мотиките, па само ќе му го примат поздравот и понатаму ништо не му зборуваат. Не можат луѓето да денгубат; треба да се ископа и да се свршат работите навреме, ако сакаат добро да им роди житото.

И така, на Марко му здодеа во селото, па реши да оди во Белград да се обиде таму нешто да направи за Косово, и да се информира за тоа од каде беа оние силни покани, искрени, од срце, а ваков пречек.

Дојде во Белград. Коли, трамваи, луѓе, сето тоа трча, брза, се вкрстува, се среќава. Чиновниците брзаат в канцеларија, трговците по трговска работа, работниците по својата работа.

Сретна еден виден, убаво облечен господин. Марко му пристапи и го поздрави. Тој малку збунет, се тргна наназад а и му беше срам од лошата облека на Марко.

— Јас сум Марко Крале. Дојдов да им помогнам на моите браќа — рече Марко и раскажа сè како дојде, зошто дојде, што се случи со него и што мисли понатаму да прави.

— Така, мило ми е што ве запознав, господине Кралу! Баш ми е мило! Кога мислите да одите во Прилеп?… Мило ми е, верувајте; но, извинете ме, брзам в канцеларија! Сервус, Марко! — рече оној и си замина бргу.

Марко сретна втор, па трет. Кого ѝ да го сретнеше, сè така набрзина го завршуваше разговорот со тоа „брзам в канцеларија! Сервус, Марко!“

И така, разочаран од луѓето, Марко почна многу да очајува. Оди по улиците, молчи, се намуртил, мустаќите му паднале на рамења, не запира никого, не праша ништо. А и кого веќе да го прашува? Кого што сретна сè брза в канцеларија. Косово никој и не го споменува. Се разбира, канцеларијата им е поважна од Кооово. Марко стана нервозен покрај сета своја стрпливост, на таа проклета канцеларија, која според неговото мислење, толку успешно му конкурира на Косово. Најпосле, почна да му станува сè поздодевно и поздодевно меѓу тоа мноштво народ, кои како да не работат ништо, туку само брзаат за в канцеларија. Селаните, пак, се жалаат на неродните години и на кметовите, брзаат на нива, везден работат и носат искинати опинци и парталави потури. Марко загуби секаква надеж во својот успех, та ниту прашаше некого веќе, ниту пак некого запираше. Одвај чекаше господ повторно да го повика на оној свет, да не се мачи веќе, зашто секој Србин беше зафатен со некоја поважна грижа и работа, а Марко се чувствуваше сосема излишен.

Еден ден, така си одеше замислен, тажен, невесел, а и пустите пари веќе му се потрошија, та и вино немаше со што да се напие а крчмарката Јања е одамна в гроб, — а таа би му дала да пие вино на вересија. Оди така по улица со наведната глава, а солзите готови да му потечат, кога се сети за старото време и за другарите, а особено за убавата, пламена Јања и за нејзиното ладно вино.

Кога, наеднаш, пред една голема меана забележа многу свет и чу голема врева однатре.

— Што е ова овде? — Марко праша еден човек, се разбира, во проза, зашто и тој од мака го батали разговорот во стихови.

— Ова е патриотски собир — му рече човекот, и го измери од глава до петици, како сомнително лице, па се поддалечи малку од него.

— А што се прави таму?… — праша пак Марко.

— Оди, брате, па види! — му рече човекот налутено, и му го сврти грбот на Марко.

(Нареден дел)

Марко Крале вторпат меѓу Србите (2/5)

(Претходен дел)

Јава Марко полека и се чуди човекот што бегаат Србите од него, кога толку многу го викаа и толку му пееја. Не може човекот да се начуда на чудото. Најпосле, си помисли дека уште не знаат кој е тој, па, кога ќе дознаат, си замисли задоволно, колку убаво ќе го пречекаат, и како ќе ги собере сите Срби, па дека ќе тргне против султанот. Одејќи така, догледа крај патот убава сенка под еден голем даб, па слезе од Шарко, го врза, ја зеде мешината и почна да пие вино. Пиеше така и размислуваше, па на јунакот малку му се придрема. И Марко ја навали главата, без да стави некакво зглавје, и легна да му се препушти на сонот. Само што почна да го совладува сонот, кога, Шарко наеднаш забележа некои луѓе кои го опколуваат Марко, па почна со ногата да удира во земјата. Тоа беше околискиот писар со десетмина жандарми. Скокна Марко како побеснет, го наметна ќуркот, превртувајќи го одопаку (беше го слекол поради горештината) го јавна Шарко, ја зеде во едната рака сабјата, во другата боздоганот, а дизгинот од Шарко го држи во забите, па направи јуриш меѓу жандармите. Овие се преплашија, а Марко, онака лут од сонот, зеде еден по еден да ги дарува: кого со сабјата, кого со боздоганот. Ни трипати не се заврти, а веќе сите десетмина ги раздели од душата. Писарот, кога виде што се случи, заборави на увидот и на параграфите, туку си го свитка грбот и почна да бега. Марко се спушти по него и подвикна:

„Чекај, курво, незнаен делијо,
Марко да те удри со боздоган!“

Тоа го рече, па го заниша боздоганот и го пушти по „незнајниот делија“. Малку го зафати, само со врвот од боздоганот, и тој падна како свеќа. Ѕвекнаа празните узенгии. Марко се доближи до него, но не сакаше да го убие, туку му ги врза рацете наопаку, потоа го обеси на својот Шарко на седлото и ѝ се врати на својата мешина, па кога почна да пие, му рече на бедникот:

„Дојди, курво, да пиеме внно!…“

Тој само стенка од болка, се превиткува и се траќа, онака обесен за седлото, а од тоа на Марко му стана смешно, па ночна да се смее на тоа ситно квичење од човекот. — „Како маче“ — си помисли Марко, па пак брбна да се смее; убаво човекот се фати за мевот од смеа, а од очите му течат солзи, јадри како ореви.

Оној, пак, плачејќи, почна да го моли Марко да го пушти, и да му ветува дека нема да прави кривичен увид.

Марко уште повеќе почна да се смее, па, човекот дури да пукне од смеа и од силното смеење немаше кога да зборува во десетерец, туку згреши, па рече во проза:

— Па, кој ѓавол, беднику, те дотера овдека?

Но, сепак, Марко е со жалосливо срце. Се разжалости човекот, па само што сакаше да го одврзе оној, кога погледна, а други десетмина, со единаесетти — поглавар, сите исто така облечени како и првите, пак го опколиле.

Марко срипа до Шарко, го фрли оној на тревата (па тој некако се истркала низ ридот во ендекот крај патот и заофка). А Марко го јавна Шарко, па исто онака, како пред малку, изврши јуриш. Пак, додека се заврти два-три пати, сите десетмина жандарми ги раздели со душата, а писарот пак почна да бега, па Марко и него го закачи со врвот од боздоганот. Го врза и го обеси на седлото, па потоа отиде да го извади оној првиот од ендекот. Тој, сиот во калови и жива-вода, па се цеди вода од него. Од силното смеење, Марко одвај го донесе до Шарко, па и него го обеси од другата страна на седлото. Двајцата се прпелкаат и стенкаат, квичат немоќно и се обидуваат да се спасат, а Марко сè повеќе го фаќа смеа, па дури еднаш и извика:

— Е, богами, поради вакво смеење не жалам што доаѓав од оној свет!

Но, каде што има среќа, таму секогаш доаѓа и несреќа. Така и сега. Задоволен Марко, тукушто сакаше да ѝ се доближи на мешината, па, како што се вели, да го докусури до капка и оној остаток од виното, кога, наеднаш, оддалеку се слушнаа труби и барабани. Сè поблиску и поблиску. Шарко вознемирено почна да фучи со носот и да стрела со ушите.

— „По-мооош!“ — заквичија тие двајцата.

Сè поблиску и поблиску, трубите и барабаните сè посилно се слушаат, татне земјата под тешките топови, грмнаа плотуни од пушки. Шарко ги ококори очите и почна да скока како бесен; заврескаа оние двајца и почнаа да се траќаат. Шарко сè повознемирен. Марко прилично се збуни од тоа чудо, но се прекрсти, го накрена леѓенот со виното, го допи до капка, па појде накај Шарко, зборувајќи:

„Леле, Шарко, добро мое,
еве има триста и шеесет лета[1]
откако со тебе се сретнав
ниеднаш ти не си се исплашил!
Бог ќе даде, та добро ќе биде.“

Грмнаа топовите, се стресе и самиот Марко, Шарко скокна како да збесна; излетаа оние двајцата од него и се истркалаа во ендекот со офкање. На сета мака Марко се насмеа и одвај успеа да го јавне Шарко.

Кога одблизу веќе се слушнаа пушките и топовите се спушти Шарко преку оној ендек како бесен па јурна преку нивје и посеви, преку трње и преку ендеци. Марко не може да го запре. Се наведна на коњот, го заштити со рацете лицето да не му се изгребе од трњето; му се спушти самур-капата, му отскокна сабјата од колкот, а Шарко гази сè пред себе и јури како збеснат. Само што излезе на чистинката, а кога таму, виде дека е опколен со војска. Јачат трубите, бијат барабаните, пукотат пушките, згрмуваат топовите по околните ридови. Пред него војска, лево, десно, насекаде. Шарко се исправи, па јурна право. Марко го дофати боздоганот и се фрли во масата луѓе, што стануваше сè погуста околу него. Така се фрлаше повеќе од два часа, долека на Шарко не почна да му излегува крвава пена, а и Марко веќе се измори удирајќи со тешкиот боздоган. Пушките не можеа лесно да му здодеат, зашто на него имаше оклоп од железо, а под него панцир-кошула, исплетена од челик, а над тоа три ката облека, па дури и ќурк од волк. Но, што од пушките, што од топовите, што од ударите, масата народ го совлада Марко. Му го зедоа коњот, му го зедоа оружјето, го врзаа и со стражари го одведоа во околијата на иследување.

Пред него, десетмина војници, зад него десетмнна, и исто толку и од обете страни, со полни пушки и со бајонети на нив. Му ги врзаа рацете наопаку, па му ставија лисици; на нозете му ставија тешки пранги од шест оки. Како главна стража — еден баталјон од војници напред, еден полк турка одназад, а зад полкот цела дивизија, која завршува со дивизијар, отжолен од генерал-штаб, а од едната и од другата страна татнат дивизионите на артилеријата по височините. Сето тоа е подготвено како во воено време. Шарко го водат дванаесет војници, по шест од секоја страна, а и нему му ставија јаки ќостеци и мрежа на устата, за да не касне некого. Марко се намуртил, во образите станал тажникав, невесел, мустаќите му провиснале надолу, му паднале по рамењата. Секој мустаќ му е колку едно полгодишно јагне, а брадата до појасот, колку јагне годиначе. По патот каде што го спроведуваат, се качува народот по оградите, по дрвјата, по плетовите, само за да го видат, а тој, и онака за една глава повисок, па и повеќе од сите околу него.

Го доведоа во околиската куќа. Во својата канцеларија седи околискиот началник, мал, дребен човечец, со клапнати гради, со тап поглед, поткашлува при зборувањето, а рацете му се како прачки. Од левата и од десната страна на масата, по шест пандури со запнати револвери.

Го изведоа окованиот Марко пред него.

Капетанот се исплаши од окованиот Марко, се тресе како од треска; ги ококорил очите, па не може да проговори. Одвај се прибра, и, поткашлувајќи, со засипнат глас почна да прашува:

— Како се викате?

— Марко Крале — екна гласиштето, а капетанот се стресе и го испушти перото; пандурите отстапија наназад, а насобраниот свет се заглави во вратата.

— Ве молам, зборувајте потивко, зашто стоите пред власта! Јас не сум глув. Кога сте роден?

— Во 1321 година.

— Од каде сте?

— Од Прилеп, белиот град.

— Со што се занимавате?

Марко остана вчудовиден кога го праша ова.

— Прашувам: дали сте чиновник, трговец, или обработувате земја?

— „Не ораше ни татко ми
а, гледаш, ме израни!“

— Тогаш по каква работа дојдовте?

— Како, по каква работа? Па вие ме викавте од ден на ден веќе петстотини години. Само ме воспевате во песните, и лелекате: „Каде си, Марко?“, „Дојди, Марко!“, „Леле Косово!“, па веќе и во гробот ми се здодеа, и го замолив Бога да ме пушти да дојдам овде.

— О, брате слатки, глупаво си направил! Штогоде. Па тоа само така се пее. Ако беше паметен, на песната да не ѝ обрнуваше внимание, и сега немаше да имаме толкава неволја, и ние со тебе, и ти со нас. Да си повикан официјално, со покана, е тоа е веќе друго. А вака, немаш олеснителни околности. А, каква работа ти можеш да имаш овде?… — заврши капетанот нервозно, а во себе си помисли: „Оди по ѓаволите и ти и песната! Луѓето се подбиваат, па пеат штогоде, а сега мене овдека да ме тресе треска!“

— „Ој леле, ти Косово рамно,
што ли си ми дочекало тажно,
после наша честитаго кнеза
царот турски сега да те суди!…“

— зборува Марко како за своја сметка, а потоа му се обраќа на околискиот началник:

— „Јас ќе појдам, ако никој нејќе,
Јас ќе појдам, макар да не дојдам,
Ќе отидам в града Цариграда
Ќе убијам цара од Стамбола…“

Капетанот скокна од местото.

— Доста, тоа е нова вина. Вие со тоа ни правите страшна несреќа, зашто сега нашава земја е во пријателски односи со турското царство.

Марко зина од зачуденост. Кога го чу тоа, за малку што не падна во несвест. „Во пријателство со Турците! … Па за кој ѓавол ме викаат!“ — си помисли во себе и не може да се прибере од чудо.

Туку, ве молам, вие сте направиле големи вини, за кои сте обвинет:

  1. — На 20 овој месец сте извршиле гнасно убиство над Петар Томиќ, трговец, кој се шетал на велосипед. Убиството сте го извршиле смислено, за што сведочат сведоците наведени во обвинението: Милан Костиќ, Сима Симиќ, Аврам Среќковиќ и други. Покојниот Петар, според точниот увид и лекарските прегледи, сте го убиле со тапо, тешко оружје, а потоа на умрениот сте му ја пресекле главата. Сакате ли да ви го прочитам обвинението?
  2. — Истиот ден сте го нападнале и Марко Ѓорѓевиќ, меанџија од В…, со намера по својата жестока природа, да го убиете; но тој среќно се извлекол. На тој уважен граѓанин, кој беше и народен пратеник, сте му истерале три здрави заби. Според лекарското уверение, тоа е тешка повреда. Тој поднесе пријава и бара да се казните според законот и да му платите отштета, денгуба и сите судски трошаци.
  3. — Сте извршиле убиство над дваесет жандарми и тешко сте раниле двајца околиаки писари.
  4. — Има преку педесет пријави за обид за убиство.

Марко не умее да проговори од чудење.

— Ние овде ќе го иследиме делото, а дотогаш вие ќе бидете в затвор овдека, па потоа делото ќе му го спроведеме на судот. Тогаш можете да земете некој адвокат за да ве брани.

Марко се сети на својот побратим Обилиќ, па си помисли колку убаво тој би го бранел сега! Му дојде нешто тешко, пролеа солзи од очите и си јачна:

— „О мој братко, Милоше Обилиќ,
зар не гледаш, зарем не ме жалиш,
во јадови всакви сум западнал,
ќе загубам своја руса глава,
на правдина пред господа златен!…“

— Водете го сега в затвор! — рече плашливо капетанот и зарипнато се закашла.

(Нареден дел)

 

[1] Тие на другиот свет не ги сметаше…