Tag Archive | состојба

Страдија (6/12)

(Претходен дел)

Министерот за финансии, кога отидов да го посетам, веднаш ме прими, иако, како што ми рече, имал многу работа.

— Навистина, добро што дојдовте, господине, па малку ќе се одморам. Досега работев, па верувајте ми, веќе ме боли главата! — рече министерот и ме погледна со изнемоштен заматен поглед.

— Навистина, вашата положба е многу тешка во толку голема работа, сигурно размислувавте за некое важно финансиско прашање? — забележав.

— Верувам дека ќе ве интересира полемиката што ја водам со господинот министер за градежништво по едно многу важно прашање. Од изутрина цели три часа, работев на тоа. Сметам дека јас имам право, и дека го застапувам праведното део… Еве, ќе ви ја покажам статијата што ја подготвив за печат.

Со нетрпение очекував да ја чујам таа статија и, истовремено, да разберам околу што се води таа важна и очајничка борба меѓу министерот за финансии и министерот за градежништво. Министерот достоинствено, со свечена сериозност на лицето, го зеде во рацете ракописот, се искашла, и го прочита насловот:

„Уште два-три збора во врска со прашањето: До каде во стариот век се протегала границата на нашава земја на југ.“

— Па, тоа е веројатно некоја историска расправа?

— Историска — рече министерот малку зачуден од неочекуваното прашање, и ме погледна преку своите очила, со тап, заморен поглед.

— Вие се занимавате со историја?

— Јас?! — извика министерот со некаква лутина во гласот… — Тоа е наука со која јас се занимавам веќе близу триесет години, и тоа, да не се фалам, со успех — заврши министерот и ме погледна со прекор.

— Јас многу ја ценам историјата и луѓето кои целиот свој живот ѝ го посветуваат на таа, навистина важна наука — реков учтиво за да ја оправдам колку-толку својата претходна, навистина необмислена постапка.

— Не само важна, господине мој, туку и најважна, разбирате ли, најважна! — воодушевено извика министерот и ме погледа значајно, испитувајќи ме.

— Сосема точно! — реков.

— Ете, гледате, — пак продолжи министерот — колкава би била штетата, ако, на пример, за границата на нашата земја се утврди онака како што изнесува мојот колега, министерот за градежништво.

— А тој е историчар? — го прекинав со прашањето.

— Надриисторичар. Тој, со својата работа, на науката ѝ нанесува само штета. Земете, па читајте ги неговите погледи по тоа прашање за старата граница на нашава земја, па ќе видите колкаво е неговото незнаење, па дури, ако ја говориме вистината, и непатриотизам.

— Што докажува тој, ако смеам да знам? — го прашав.

— Не докажува тој ништо, мој господине! Жално е тоа докажување кога тој вели дека старата граница од јужната страна одела северно од градот Крадија; а тоа е нечесно; зашто нашите непријатели тогаш со мирна совест можат да имаат право на земјата до над Крадија. Што мислите, колкава штета ѝ нанесува со тоа на оваа напатена земја?! — извика министерот налутено, со оправдан гнев, со растреперен, болен глас.

— Голама штета! — извикав јас, како замаен од тој страв што би ја опфатил целата земја поради незнаењето и неразбирањето на министерот за градежништво.

— Јас, господине, тоа прашање нема да го оставам; зашто, најпосле, тоа и ми го налага должноста што ја имам кон нашата мила татковина, како нејзин син. Јас тоа прашање ќе го изнесам и пред самото Народно претставништво, па тоа нека донесе свое решееие, кое ќе важи за секој граѓанин на оваа земја. Во спротивно, ќе си дадам оставка, зашто ова е веќе мој втор судир со министерот за градежништво, и сè заради толку важни прашања за земјата.

— Па зар Собранието може да донесува решенија и за тие научни прашања?

— Зошто да не? Собранието има право за сите прашања да донесува одлуки, кои се обврска за секого, како закон. Вчера, баш, еден граѓанин поднесе молба до Собраинето, денот иа раѓањето да му се смета пет години порано отколку што се родил.

— Како може тоа? — извикав без да сакам од чудо.

— Може, зошто да не?… Тој, да речеме дека се родил …74 год., а Собранието неговиот ден на раѓање ќе го прогласи во …69 година.

— Чудно! А зошто му треба тоа?

— Му треба, зашто така има право да се кандидира за пратеник на едно слободно место, а тој е наш човек и совесно ќе ја опомага постојната политичка состојба.

Вчудовиден од тоа, не можев ни збор да изустам. Министерот како да го забележа тоа, па рече:

— Тоа како да ве чуда вас. Таквите и сличните случаи не се ретки. На една госпоѓа Собранието и ја уважи молбата од иста таква природа. Таа, пак, молеше Собранието да ја огласи за десет години помлада отколку што е. Една пак, поднесе молба Народното Собрание да донесе меродавно решение дека во брак со својот маж родила две деца, кои веднаш стануваат законски наследници на нејзиниот богат маж. И Собранието, се разбира, бидејќи таа имаше силни и добри пријатели, ја усвои нејзината наивна и благородна молба, и ја прогласи за мајка на двете деца.

— А каде се децата? — прашав.

— Кои деца?

— Па децата за кои зборувате?

— Па децата ги нема, разбирате, но според тоа решение на Собранието се смета дека таа има две деца, и така престана лошиот живот меѓу неа и мажот ѝ.

— Не го разбирам тоа — забележав, иако дури и не беше учтиво да го речам тоа.

— Како не разбирате?… Многу проста работа. Тој богат трговец, мажот на госпоѓата за која што зборуваме, нема деца со неа. Разбирате ли?

— Разбирам.

— Е, убаво, сега внимавајте понатаму: бидејќи тој е многу богат, па посакува да има деца што ќе го наследат неговиот голем имот, дојде до многу лош живот меѓу него и жена му. Жена му, тогаш, како што ви велам, поднесе молба до Собранието, па Собранието поволно го реши прашањето.

— А дали богатиот трговец е задоволен со таквото решение на народното претставништво?

— Се разбира дека е задоволен. Сега е наполно смирен, и оттогаш многу си ја сака жена си.

Разговорот течеше понатаму, разговаравме за многу работи, но господинот министер со ниеден збор не ги допре финансиските прашања.

Најпосле, се охрабрив најпонизно да го прашам:

— Финансиите добро ли се уредени во вашава земја, господине министре?

— Многу добро! — ми рече тој со сигурност, па веднаш потоа додаде: — Важна работа е добро да се изработи буџетот, па потоа се оди лесно.

— Колку милиони годишно е буџетот на вашата земја?

— Преку осумдесет милиони. А еве како е распореден: за бившите министри, кои се сега или во пензија, или на располагање, триесет милиони; за набавка на ордени десет милиони, за воведување на штедење кај народот пет милиони.

— Извинете, господине министре, што ве прекинувам… Не разбирам каков е тој издаток од пет милиони за воведување на штедење?

— Е, видете, господине, штедењето, неоспорно, е најважна работа, кога веќе станува збор за финансирањето. Оваа новина ја нема никаде во светот, но неволјата нè научи на тоа поради лошите финансиски услови во земјава, та сакавме да ја жртвуваме оваа прилична сума годишно, само да му помогнеме на народот и колку-толку да му олесниме. Сега, во секој случај, ќе тргне на подобро зашто за ова кратко време им е даден цел милион на писатели за книги за штедењето на народот. Јас и самиот наумив, колку што можам, да му помогнам на народот во тој поглед, та почнав да го пишувам делото; „Штедењето кај нашиот народ во средниот век“, син ми го пишува делото: „Влијанието од штедењето врз културниот напредок кај народот“, а пак, ќерка ми досега напиша два расказа, пак за народот, во кои се изнесува како треба да се штеди, а сега го пишува и третиот: „Раскошната Љубица и штедливата Мица.“

—  Сигурно тоа е некој убав расказ?!

— Многу убав; во него се изнесува како пропаѓа Љубица поради љубовта, а Милица се омажила за некојси голем богатник и секогаш се одликувала со штедење. „Кој штеди, нему и бог му помага“, завршува расказот.

— Тоа ќе има многу добро влијание врз народот! — реков одушевено.

— Се разбира, — продолжи господинот министер — големо и значајно влијание. Еве, на пример, откога е воведено штедењето, ќерка ми заштеди над сто илјади за мираз.

— Тогаш тоа ви е најважната ставка во буџетот — забележав.

— Така е, но беше мачно да се дојде до олку среќна мисла, а другите буџетски ставки беа и порано, пред моето доаѓање за министер. На пример, за народни свечености пет милиони, за доверливи владини издатоци десет милиони, за тајната полиција пет милиони, за одржување и утврдување на владата на својата положба пет милиони, за репрезентација на членовите на владата половина милион. Тука, како и секаде, сме многу штедливи. И сега доаѓа сè друго што е помалку важно во буџетот.

— А за просветата, војската и другото чиновништво?

— Да, имате право, и тука, освен за просветата, одат околу четириесет милиони, по тоа влегува во редовниот годишен дефицит.

— А просветата?

— Просветата? Е, таа, се разбира доаѓа во непредвидените издатоци.

— Па тогаш со што го покривате толку големиот дефицит?

— Со ништо. Со што може да се покрие? Тоа влегува во долгот. Штом ќе се насобере повеќе дефицит, ние склучуваме заем, и пак така. Но, од друга страна, се трудиме во некои буџетски ставки да има суфицит. Јас во своето мииистерство веќе почнав да го воведувам штедењето, а на тоа живо работат и другите мои колеги. Штедењето, како што ви реков, тоа е основа за благосостојбата на секоја земја. Вчера, во интерес на штедењето, отпуштив еден служител. Тоа веќе е заштеда од осумстотини динари годишно.

— Добро сте сториле! — забележав.

— Господине, моравме, веќе еднаш требаше да почнеме со грижата за благосостојбата на народот. Момчето плаче пак да го примам, моли, а грешникот не е ни лош, но што не оди, не оди; зашто тоа го бараат интересите на нашата мила татковина. „За половина плата ќе служам“, ми рече тој мене. „Не може“, му реков; „Јас, сум министер, но овие не се мои пари, туку народаи, крваво спечалени, и јас морам за секој динар сериозно да водам сметка“. Ве молам, господине, речете ми самиот, како смеам јас тукутака да ги фрлам државните осумстотини данари? — заврши министерот и со раширени раце очекуваше од мене позитивен одговор.

— Сосема така!

— Ете, онојпат му беше издадена голема сума пари од буџетот за доверливи издатоци, на еден член на владата да ја лекува својата жена и тогаш, ако не се внимава на секој динар, како ќе плаќа народот?

— А колкави се приходите во земјата, господине министре? Тоа е, сметам, важна работа?

— Тхе, тоа и не е толку важно!… Како да ви кажам? Всушност, се уште не се знае колкави се приходите. За тоа читав нешто во едно странско списание, но којзнае дали е тоа точно? Во секој случај, има доста приходи, доста, без сомнение! — ми рече министерот со убедување и со некоја важност, поради стручноста.

Во тој пријатен и важен разговор нè прекина момчето, кое влезе во министерската канцеларија и јави дека една чиновничка депутација сака да дојде кај господинот министер.

— Ќе ги викнам, нека причекаат малку — му рече на момчето, а потоа ми се обрати мене:

— Верувајте ми, толку сум уморен од многуте приеми во овие два-три дена, што дури ми бучи главата. Само ова сега со вас што откинав малку време за да го поминам во пријатен разшвор!

— Доаѓаат по работа? — лрашав.

— Имав, еве видете, токму тука на нотава еден многу голем плусакавец, па пред четири дена го оперирав, му благодарам на бога операцијата испадна многу успешна. Поради тоа доаѓаат чиновниците, на чело со своите шефови, па ми честитаат и ја изразуваат својата радост поради среќно извршената операција.

Му се извинив на господинот министер што му попречив во работата, па да не го прекинувам понатаму, најучтиво се поздравив и излегов од неговиот кабинет.

И навистина, за тој плускавец на министерот за финансии секој ден имаше соопштенија во весниците:

,,Чиновниците на …  установата, вчера во четири часот попладне, на чело со својот шеф, депутативно беа кај господинот министер за финансии со радост да му ја честитаат среќната операција на плускавецот. Господинот министер ги прими љубезно и срдечно, и по тој повод г. шефот во името на сите чиновници од својата установа одржа трогателен говор, а господинот министер им се заблагодари на сите за тоа ретко внимание и искреното чувствување.“

(Нареден дел)