Tag Archive | Собир

Мртво море (3/5)

(Претходен дел)

Јас многу патував по светот. Некои веруваат во тоа, а многумина не веруваат, ами сметаат дека јас тоа така сум си го вообразил. Чудно! Впрочем, како што рекол некој, сето тоа воопшто не ме интересира. Главно е јас да сметам дека сум патувал многу.

Патувајќи по светот човекот ќе види сешто, честопати што не сонувал ниту на сон, а не пак да може буден да го замисли. Во еден англиски весник читав како целиот англиски печат најстрого нападнал некојси грешен Англичанец, кој напишал некаков патопис низ Србија. Го читав и патописот, и ми изгледа прилично верен, но никој од Англичаните не му верувал ниту дека има некаква земја Србија, а камо ли пак тоа што тој го напишал за таа земја. Го нарекле занесен, па дури и луд човек. Ете, сега, нека видат критичарите дека во светот сè може да се види, па да не викаат постојано: не е точно, не одговара на реалноста; личностите како да паднале од Месечината (а не гледаат како и покрај нив и покрај нас секојдневно минуваат толку индивидуи кои се многу полоши отколку да паднале од Месечината), а веќе нивната стереотипна црвена нишка што се провлекува, не знам, низ делото, каде ли, ѓавол да го земе, излезе на врвот на главата.

Ете, значи, така и јас, патувајќи, наидував на едно прекрасно општество, всушност место, државичка, којзнае што.

Првото нешто што го видов во таа земја (ајде баш така, чисто да ја викаме) беше некаков политички собир.

„Навистина убаво, жими бога, од каде токму јас да нагазам на тоа чудо!“ — си помислив во себе, и ми стана непријатно, зашто во Србија веќе и се одвикнав од политичките собири и од учеството во јавните работи. Сето тоа едно со друго се групирало и се смирило, па нема човек со кого и да се скара убаво.

Се изненадив. Со собирот раководеше претставник на власта од тој крај на земјичката, сигурно го викаа окружен началник, а тој беше и свикувач на политичкиот собир.

Мнозина граѓани беа дремливи, бабуњосани од спиење, некои дремеа стоејќи, со полуотворена уста, очите затворени, а главата им се клатеше лево-десно, горе-долу, се занишуваа по две граѓански глави малку посилно, ќе се удреа, ќе се штрекнеа, обајцата политичари ќе се погледаа со тап поглед еден со друг, не се изненадуваа од ништо, очите им се затвораа, а главите и натаму ревносно им се нишаа. Многумина легнале та спијат, а грчењето се разнесува да ти е мило да го слушаш. Многумина навистина, беа будни, но ги триеја очите и се проѕеваа слатко и гласно, та како да им помагаа, за подобра хармонија, на оние што грчеа во хор. Погледнав, кога од сите страни пандурите носеа граѓани на грбот. Секој качил по еден на себе, па го носеше на собир. Некои, мирни, си молчеа и рамнодушно гледаа околу себе, некои заспале, а неколкумина од нив се тргаа и се туркаа. Некои, упорни, ги дотеруваа врзани.

— Каков е овој собир? — праша еден.

— Кој го знае! —ми одговори рамнодушно.

— Бездруго не е опозицијата?

— Опозицијата! — одговори тој пак, не гледајќи кој го пграшува.

— Па зар власта ја свикува опозицијата на собир и ушге луѓето со сила ги доведува? — прашам.

— Власта!

— Па зар против себе?

— Сигурно! — ми одговори со здодевност, како во некое недоумение.

— Можеби собирот е против народот? — го прашав.

— Можеби — одговори тој на ист начин.

— А што мислиш ти? — го прашав.

Тој ме погледна тапо, безизразно, си ги крена рамениците и ги рашири рацете, небаре сакаше да каже: „Што ми е мене грижа!“

Го оставив и сакав да му пријдам на друг, но неговото лице, некако безизразно, ме одврати од тој луд, безуспешен обид.

Наеднаш, чув некаков лут глас:

— Што значи тоа? Никој жив не сака во опозицијата! Тоа не може уште да се трпи. Сите приврзаници на владата и на власта, сè поелушно, сè мирно, па тоа така од ден на ден, да му се згади веке на човека и од таа послушност.

„Тоа е прекрасен и образован народ!“, си помислив во себи и и завидував на таа идеална земјичка. Тука, веројатно, ниту мојата покојна стрина не би хукнала, ниту пак би предвидела некаква опасност. Луѓето, образовани и послушни, многу помирни отколку што бараше од нас добриот стар учител, зашто нивниот мир и доброто држање ѝ здодеа и ѝ се згади дури и на самата мирољубива полиција.

— Ако и понатаму продолжите вака — викна началникот остро, налутено — тогаш ние знаеме да го завртиме другиот лист, па владата со указ ќе поставува опозиционери. Час работа е тоа, а ако не сте го знаеле, тоа го има во другиот свет. За водач крајната и остра опозиција против денешниот режим се поставува тој и тој, со годишна плата од петнаесет илјади динари. За членови на главниот одбор на опозиционата партија: тој и тој, тој и тој, тој и тој, па ајде. Потоа за опозиционерите на округот тој и тој: тој и тој, тој и тој, па мирна ти глава. Не може повеќе вака. А владата веќе најде пат и начин да почне со издавањето на еден весник против себеси. За тоа веќе почна да води преговори и најде добри, сигурни, верни луѓе.

Граѓаните, тоест, опозиционерите гледаа дремливо во началникот и на нивните лица не се забележуваше никаква промена. Ниту тоа ги изненади ниту ги збуни, ниту ги зарадува, апсолутно ништо, небаре началникот не говореше ништо.

— Значи сега вие сте опозиција! — рече началникот.

Луѓето гледаа во него и молчеа мирно, рамнодушно. Тој го зеде списокот на сите присутни, то ест доведените на собирот и почна да прозива.

— Сите се тука! — рече задоволно, по прозивката.

Началникот се навали на столицата и си ги затри рацете од задоволство.

— Е, доброоо! — рече со насмевка на лицето.

— Сега, во името на бога, да почнеме!… Вашата задача, како владини противници, е најостро да ја нападнете владата и да ја осудите нејзината политичка работа и правецот на политиката, и на надворешната и на внатрешната.

Луѓето, малку помалку, почнаа да се прибираат, додека еден се дигна на прсти и ја крена раката, па списка со својот танок глас:

— Молам господине, јас знам, една приказна за опозиционерот.

— Е, ајде, раскажувај.

Граѓанинот малку се накашла, промрда со рамениците, па почна да раскажува со таков тон што повеќе изгледаше како да кукурига, исто онака, како што одговараме ние во основното училиште и како што ги прераскажуваме поучните приказнички:

— Си биле двајца граѓани: едниот се викал Милан, а другиот Илија. Милан бил добар и послушен граѓанин, а Илија опак и лош човек. Милан ја слушал својата добра влада за сè, а Илија бил лош и не ја слушал својата добра влада, туку гласал против владините кандидати. И добрата влада ги повикала и Милан и Илија, па им рекла: „Добри Милане, ти си добар и послушен граѓанин; еве ти тебе полно пари и ќе добиеш, покрај својата служба, уште една со подобра плата“. Откако му го рекле тоа, му подале на добриот Милан полно ќесе со пари. Милан ѝ бакнал рака на владата и си отишол дома. Потоа владата му се свртила на Илија и му рекла: „Ти си, Илија, лош и непослушен граѓанин, затоа ќе те уапсам и ќе ти ја одземам платата што ја примаш, па ќе им ја дадам на некои добри и послушни“. Дошле жандармите и го уапсиле лошиот и непослушен Илија, та тој многу страдал и го ожалостил своето семејство. Така си поминува секој кој го слуша својот постар и својата влада.

— Многу добро! — рече началникот.

— Јас знам, молам, господине, што нè учи оваа приказна! — рече еден друг граѓанин.

— Добро, кажи!

— Од оваа приказна гледаме дека треба човекот да ѝ биде верен и послушен на секоја влада, за да поживее среќно со своето семејство. Добрите и послушни граѓани не прават како Илија, та секоја влада ги сака! — рече опозиционерот.

— Убаво, а што е должноста на добриот и послушен граѓанин?

— Должноста на добриот и родољубив граѓанин е наутро да стане од кревет.

— Многу добро, тоа е првата должност. Има ли уште некоја?

— Има уште.

— Кои се тие?

— Граѓанинот да се облече, да се измие и да појадува!

— Па потоа?

— Потоа мирно да излезе од својата куќа и да оди право на работа а ако нема работа, тогаш оди в меана, каде што чека да дојде време за ручек. Точно на пладне доаѓа мрно дома и руча. По ручекот ќе се напие кафе, ќе си ги измие забите и ќе легне да спис. Кога ќе се наспие добро, граѓанинот ќе се измие и ќе оди на прошетка, а потоа в меана и, кога ќе дојде време за вечера, тој ќе си дојде право дома, па вечера и по вечерата си легнува во постелата и спие.

Многумина од опозиционерите раскажаа по една мудра, поучна приказничка, и објаснија на што нè учи таа приказна. Потоа опозиционерите минаа на своите убедувања и на принципите.

Еден предложи собирот да заврши и сите заедно да одат в меана на чаша вино.

Тука мислењата се поделија и мораше да дојде до бурна дебата. Никој веќе не дремеше. Дојде до гласање во начело. По завршеното гласање, началникот објави дека во начело е примен предлогот — воопшто да се оди в меана, и сега дојде на ред расправата во поединости: што ќе се пие таму?

Едни сакаа вино и оода.

— Нејќеме, — викаа други — подобро е пиво!

— Јас од принцип не пијам пиво! — рече еден од првата група.

— А јас, пак, во принцип не пијам вино.

И така се појавија многу принципи и убедувања, и започна бурна дебата.

Некои споменаа кафе (тие беа во ужасно малцинство), а еден од нив го извади часовникот, погледна и рече:

— Три часот и пет минути! И јас сега не можам да пијам кафе. Јас од принцип пијам кафе само до три часот попладне, а потоа за ништо на светот.

По многуте говори, што траеја цело попладне, дојде до гласање.

Началникот, како добар претставник на власта, се држеше објективно и правично. Со ништо не сакаше да влиаје врз слободата на гласањето. На секој граѓанин му дозволи по мирен, парламентарен пат да си го даде својот глас за своето убедување. Впрочем, секому тоа право и со законот му е дадено и зошто тогаш да му се одзема?

Гласањето течеше во најголем ред.

За завршеното гласање началникот стана со важно, сериозно лице, како што му прилега на претседател на политички собир, и уште со поважен глас го соопшти резултатот од гласањето:

— Соопштувам дека со огромно мнозинство победи групата што е за вино и сода, потоа малку помал е бројот на фракцијата за чисто вино, потоа фракцијата за пивото. За кафе гласаа тројца (двајцата за слатко, а еден за горчливо) и, најпосле еден глас за меланж.

Тој и инаку, заборавив да напоменам, беше започнал говор против владата, но масата му го заглуши со врева тој детски испад. Тогаш тој, малку подоцна, почна да зборува како е противник и на еден ваков собир и како тоа и не е собир на опозицијата, туку на власта ѝ паднало на ум да се пошегува, но и тука другите со викање и со врева го спречија да зборува.

Началникот по ова малку замолче, па додаде:

— Што се однесува до мене, јас ќе пијам пиво, зашто мојот господин министер никогаш не пие вино и сода.

Наеднаш опозицијата се поколеба и сите изјавија дека се за пиво (освен оној што гласаше за меланж).

— Јас нема да влијаам врз вашата слобода, — рече началникот и барам од вас да си останете при вашето убедување.

Бог да чува! Никој не сакаше да слушне за убедување, и зедоа да докажуваат како тоа гласање случајно така испаднало и дека и тие самите се чудат како се случило тоа, кога всушност, никој така не мислел.

И така сето тоа убаво заврши, и по долгага и мачна политичка работа отидоа в меана.

Се пиеше, се пееше, се наздравуваше и за владата и за народот, и во некое време на ноќта сите мирно и убаво си разотидоа дома.

(Нареден дел)

Страдија (7/12)

(Претходен дел)

Кога излегов на улица, улицата пак преполна со народ што се брануваше на сите страни, а од врева ушите да ти се заглушат.

„Каде оди овој народ? Што е пак сега?… Сигурно некаква депутација?“ си помислив во себе, гледајќи со чудење во таа неброена шарена маса со разновиден авет, и му се приближив на првиот што беше до мене па го прашав:

— Каде брза ова мноштво од народ?

Тој се почувствува длабоко навреден од ова мое глупаво прашање, ме погледна налутено дури и со презир, па ми го сврти грбот и појде по мноштвото.

Прашав друг, трет, но, секој со презир ме погледуваше и не ми одговараше. Најпосле најдов еден со кој се запознав по повод покренувањето на еден патриотски весник, а во таа земја, да не се чудите, секој ден излегуваа, се покренуваа по неколку весници, па го прашав и него:

— Каде брза ова мноштво народ? — а се плашев да не поминам уште полошо отколку со другите и со овој познат патриот.

И тој ме погледа со презир, па со задушен глас, полн со лутина и гнев, изговори:

— Срамота!

Јас се засрамив и одвај промрморев:

— Извинете, немав намера да ве навредувам, само сакав да прашам…

— Но, тоа е убаво прашање! Каде живееш ти, зар не ти е срам да прашаш за една работа, за која и добитокот може да знае? Нашата земја страда, и ние сите брзаме да ѝ дојдеме на помош како нејзини добри синови, а ти се исчудуваш, и не знаеш за толку важен настан! — изговори мојот познаник со глас што трепери од патриотска болка.

Долго се извинував и се правдав за толку големата грешка, што ја направив не размислувајќи, и го замолив за проштевање.

Тој се одоброволи и ми раскажа дека Анутите, едно воинствено племе, напаѓаат од југ во нивната земја и прават страшни зулуми.

— Денеска стигна веста — продолжи тој — дека ноќеска изнатепале многу семејства, запалиле многу домови и заплениле многу добиток!

— Тоа е страшно! — реков и се стресов од ужас, и ми дојде да јурнам на југ на земјата и да се борам со Анутите, зашто толку многу ме заболе страдањето на невините мирни граѓани од нивното варварство, па речиси и заборавив дека сум стар, изморен и немоќен и во тој момент почувствував младешка сила.

— Па зар смееме да останеме глуви при колењето и на тие ѕверски постапки на нашите соседи?

— Никако! — извикав воодушевен од неговите пламени зборови — и од бога би било грев!

— Затоа и брзаме на собир. Нема ниту еден совесен граѓанин кој нема да дојде на овој собир; само што секоја класа за себе ќе си држи собир на разни места.

— Зошто така?

— Хм, зошто?… Вечната наша неслога! Но сепак секој собир ќе донесе решение, патриотско. Покрај другото, и подобро е што повеќе, а главно е дека сме сите сложни во чувствата и и мислите, дишеме со една душа кога е во прашање нашата мила татковина.

И навистина светот почна да се дели во разни групи и да ода во разни правци; секоја група брза на своето одредено место каде што ќе се одржи собирот.

Бидејќи, се разбира, не можев да стигнам на сите собири, со својот познаник се упатив таму каде што одеше тој и неговата група. Тоа беа чиновници од судска и полициска струка.

Влеговме во пространата сала на еден хотел, во кој веќе беа наместени седишта и маса со зелена чоја за свикувачите на собирот. Родољубивите граѓани седнаа на столиците, а свикувачите ги зазедоа своите места на крај на масата.

— Браќа! — почна еден од свикувачите. — Вие веќе знаете зошто се собравме овде. Сите вас овде ве собра благородното чувство и желбата да се најде лек и да им се застане на пат на дрските напади од анутските чети во јужните краишта на нашата мила татковина, да му се помогне на несреќниот народ што страда. Туку, пред се, господа, како што знаете, во вакви прилики, ред е да се избере претседател, потпретседател и секретари на собирот.

По долгата врева, тој што го отвори собирот, го избраа за претседател, а другите за членови.

Според утврдениот ред и обичај, членството му заблагодари на родољубивиот собир за ретката почест, претседателот заѕвони со ѕвончето, и објави дека собирот е отворен.

— Сака ли некој да зборува? — праша.

Се јави еден од првата редица на седиштата и рече дека е ред од собирот да се поздрави владата и големиот мудар државник, кој на владетелот ќе му ги протолкува изразите на нивната верност и лојалност.

Собирот го прифати предлогот и веднаш беа приготвени писмени поздрави што беа усвоени со акламација, со забелешка на некои места правилно да се дотера редот на зборовите, според синтаксата.

Почнаа да се јавуваат говорници кој, од кој посилен. Секој говор беше полн со родољубие, полн со болка и гнев кон Анутите. Сите говорници беа согласни со предлогот на првиот говорник: без никакво одлагање, зашто работата и без тоа е хитна, веднаш да се донесе, тука, на овој собир, остра резолуција, со која најенергично ќе се осудат варварските постапки на Анутите.

И тука веднаш избраа троица кои добро го познаваа јазикот за да ја состават резолуцијата во споменатата смисла, и да се прочита пред собирот на одобрување.

Во тој миг се јави еден со готова резолуција и го замоли собирот за дозвола да ја прочита, па, ако се согласи собирот со неа, да ја прифати.

Му одобрија, па тој почна да чита:

„Чиновниците од судската и полициската струка собрани на денешниов собир, длабоко потресени од немилите настани, кои, за жал, секојдневно се одигруваат во јужните краишта на нашава земја, поради варварското однесување на анутските чети, се поттикнати да ја донесат следнава резолуција:

    1. Длабоко сожалуваме што нашиот народ во тие краишта и го снајде таква несреќа;
    2. Најостро ги осудуваме дивјачките постапки на Анутите извикувајќи: Долу!
    3. Со гнасење и со преѕир констатираме дека Анутите се некултурен народ, недостоен на вниманието на своите просветени соседи.“

Оваа резолуција начелно едногласно беше прифатена, но во бурната дебата за поединостите беше усвоено во точката 2, да се додаде уште и „одвратни“ кај зборот „дивјачки“.

Потоа ја овластија управата, од името на собирот, да ја потпише резолуцијата, и собирот се растури во најдобар ред.

На улицата пак врева и мноштво народ што се враќаа од многуте патриотски собири.

На нивните лица сега се забележуваше душевен мир, како кога човек ќе почувствува задоволство со завршена тешка работа, но со благородна, возвишена должност.

На многу места чув вакви разговори:

— Сепак, не требаше да биде толку остра — вели еден.

— Зошто? Добро е. Кон таквите животни треба да се биде груб и остар — се лути другиот.

— Знам, но не оди, не е тактично! — пак продолжува првиот.

— Каква тактичност сакаш кон нив? Да не се замериме, со толку добрите луѓе, или што? Море вака ти ним, па кога ќе читаат да се стресат — пак продолжува другиот, а гласот му трепери од лутина.

— Па ние, како попросветени треба да бидеме и повозвишени од нив; а потоа треба да бидеме претпазливи да не се замериме со соседната земја — објаснува оној мирољубивиот и тактичниот.

Приквечерјето истиот ден во весниците можеа да се прочитаат многубројните резолуции донесени дента на родољубивите собири. Никој не остана а да не ѝ дојде на земјата на помош. Весниците преполни: резолуција на професорите, поради немилите настани на југот на Страдија, резолуција на младината, резолуција на учителите, офицерите, резолуција на работниците, трговците, лекарите, препишувачите. Со еден збор, никој не изостанал. И сите резолуции во еден дух, сите остри и решителни, во секоја го има она „длабоко потресени“, „најостро осудуваме“ и така натаму.

Вечерта, пак имаше веселба во градот, а потоа мирен, тивок и спокоен сон на мирољубивите и храбрите синови на среќната земја Страдија.

Утредента стигнуваа вести од другите краишта на Страдија. Немаше ниту едно единствено место каде што не беше донесена резолуција по повод „последните немили настани“, како што тоа го нарекоа Страдијаните.

А веќе само по себе се разбира дека секој граѓанин, за оваа голема услуга на татковината, кој помалку кој повеќе, беше награден со одликувања за граѓанска храброст и добродетелство.

И мене ме воодушеви овој храбар народ, полн со граѓанска совест и самопрегорност за општото добро, па од градите ми излета извикот:

„Страдијо, ти никогаш нема да пропаднеш, па дури и сите народа да пропаднат!“

„Ха, ха, ха, ха!“ — во тој миг небаре пак ми заѕуни во ушите ѓаволската подбивна насмевка на некој зол дух на оваа среќна и блажена земја.

Несакајќи воздивнав.

(Нареден дел)

Данга

Сонив страшен сон. Не му се чудам на самиот сон, туку се чудам како сум имал храброст да сонувам страшни работи, кога сум и јас мирен и добар граѓанин, добро дете на оваа намачена, мила наша мајка Србија, како и сите други нејзини деца. Ајде, да речам, дека сум јас исклучок од другите, но не бре брате, туку што прават тие, тоа и јас, сосема истото, а однесувањето ми е толку внимателно, што никој не може да се токми со мене во тоа. Еднаш видов на улица скината светлива петлица од полициска униформа, се загледав во нејзиниот волшебен блесок, и тукушто сакав да поминам, полн со некакви слатки мисли, кога, наеднаш, ми затрепери сама раката, па право накај капата; главата сама се наведна кон земјата, а устата ми се развлече во пријатна насмевка, со каква што обично сите ние ги поздравуваме постарите.

„Благородна ми е крвта во жилите и ништо друго!“ — си помислив во тој миг, и со преѕир погледнав во еден простак што токму во тој миг помнна и во невниманието ја нагази петлицата.

— „Простак“ — реков тивко и плукнав, па мирно продолжив да си шетам, утешен од мислата дека такви простаци нема многу, а ми беше необично пријатно што господ ми дал фино срце и благородна витешка крв како на нашите стари.

Ете, сега гледате дека јас сум прекрасен човек, кој во ништо не се разликува од другите добри граѓани, па и самите ќе се зачудите од каде токму мене на сон да ми дојдат страшни и глупави работи на ум

Тој ден не ми се случи ништо необично. Добро вечерав и по вечерата си ги чепкав забите, си потпивнував вино, а потоа, откако така храбро и совесно ги употребив сите свои граѓански права, легнав в кревет и ја зедов книгата за да задремам побргу. Набргу, книгата ми падна од раце, се разбира откако ја исполни мојата желба, и јас заспав како јагне со мирна совест, бидејќи наполно ги извршив сите свои должности.

Наеднаш се најдов како на некој тесен, планински и каллив пат. Студена, мрачна ноќ. Ветрот фучи низ соголените гранки и просто сече каде што ќе дофати по голата кожа. Небото мрачно, страшно и немо, а ситен снег вее во очите и бие во лицето. Никаде жива душа. Брзам напред и се слизгам по калливиот пат, де лево, де десно. Се потслизнував и паѓав, и, најпосле, заталкав. Талкав така, само господ знае каде, а ноќта не беше обична, куса ноќ, туку како некаква долга ноќ, колку еден цел век, а јас непрестајно одам и не знам каде.

Одев така многу, многу години, и отидов негде далеку, далеку од својот роден крај, во некој непознат крај, во некоја чудна земја за која, веројатно, никој жив не знае и којашто снгурно само на сон може да се сонува.

Талкајќи по таа земја, пристигнав во еден голем град со многу жители. На пространиот пазар во тој град се беше насобрал многу народ и се креваше страшна врева, на човека ушите да му се заглушат. Влегов во една гостилница, токму спроти пазарот, и го прашав меанџијата зошто се насобрал толку народ.

— Ние сме мирни и добри луѓе, — почна да ми раскажува тој — верни сме му и послушни на својот кмет.

— Зар кај вас кметот е најстар? — го прекинав со прашање.

— Кај нас управува кметот, и тој е најстар; по него се пандурите.

Јас се насмеав.

— Што се смееш? … Зар ти не го знаеше тоа? … А од каде си ти? …

Јас му раскажав како заталкав, и дека сум од далечната земја Србија.

— Слушав за таа прочуена земја! — прошепоти тој за себе, и ме погледна со респект, а потоа ми се обрна гласно:

— Ете, така е кај нас — продолжи тој. — Кметот управува со своите пандури.

— Какви се пандурите кај вас?

— Е, знаеш, има разни пандури, и тие се разликуваат според рангот. Има виши пандури и нижи… Значи, ние овде сме си мирни и добри луѓе, но од околинава доаѓаат секакви растурикуќи па нè расипуваат и нè учат на зло. За да се распознава секој наш граѓанин од другите, вчера кметот издаде наредба сите овдешни граѓани да одат пред општинскиот суд, каде што секому ќе му се удри печат на челото. Ете затоа е насобран народов, да се договориме што ќе правиме.

Јас се стресов и си помислив што побргу да побегнам од таа страшна земја, зашто јас, иако сум благороден Србин, не сум навикнал баш на толкаво витештво, и ми стана одвратно!

Меанџијата добродушно се насмеа и ме потупа по рамото, па ми рече горделиво.

— Еј, туѓинецу, ти веќе се исплаши?! … Значи ја нема нашата храброст надалеку! …

— Па што мислите да правите? — го прашав срамежливо.

— Како што мислиме! Ќе го видиш нашето јунаштво! Ја нема нашата храброст надалеку, ти велам. Си поминал многу земји, но сигурен сум дека не си видел поголеми јунаци од нас. Ајде да одиме таму заедно. Јас морам да побрзам.

И токму да тргнеме, кога пред вратата се слушна плускање од камшик.

Ѕирнав надвор, кога, што да видам; еден човек со некаква трирогата светликава шапка, а во шарена облека, јава еден друг човек во многу богата облека, со обичен граѓански крој, и се запре пред гостилницата, па слезе.

Меанџијата излезе и се поклони доземи, а човекот во шарената облека влезе во меаната и седна крај една посебно украсена маса. Оној во граѓанската облека остана да чека пред меаната. Меанџијата и пред него длабоко се поклони.

— Што значи ова? — збунето го прашав меанџијата.

— Па овој што влезе во меанава, тој е виш пандур, а овој е еден од највидните граѓани, наш голем богаташ и патриот — прошепоти меанџијата.

— Па зошто дозволува да го јава?

Гостилничарот ми мавна со главата, па отидовме малку понастрана. Се насмеа некако презриво и ми рече:

— Па тоа кај нас се смета за почест со која ретко кој се удостојува! … Тој ми раскажуваше уште многу работи, но јас, од возбуда, не го слушав. А последните зборови добро ги чув: „Тоа е услуга на татковината, што не може и не умее да ја цени секој народ!“

Стигнавме на собирот, каде што веќе беше почнато избирањето на претседателството на собирот.

Една група како кандидат за председател го беше истакнала некојси Колб, ако се сеќавам добро на името; друга група некојси Талб, трета, пак, свој кандидат.

Настана страшна мешаница; секоја груп сака да го намести својот кандидат.

— Јас мислам дека од Колб немаме подобар човек за претседател на еден олку важен собир, — рече еден од првата група — зашто неговите граѓански добродетели и неговата храброст добро ни се познати на сите. Јас мислам дека нема ниту еден од нас што големците го јавале почесто од него.

— Што зборуваш — викна еден од другата група — кога тебе никогаш не те јавнал ниту еден практикант.

— Ги знаеме ние вашите добродетели, — викна некој од третата група. — Вие немате издржано ниту едно мавање со камшик, а да не офнете.

— Да се разбереме, браќа! — почна Колб. — Мене, навистина, често ме јаваа нашите великодостојници уште пред десет години, и ме швркаа со камшик, па не офкав, но, сепак, можеби има уште позаслужни луѓе. Можеби има помлади и подобри.

— Нема, нема — вреснаа неговите избирачи.

— Не сакаме ни да чуеме за тие стари заслути! Колба го јавале уште пред десет години — викаа од втората група.

— Сега се јавуваат помлади сили, а за старите не сакаме да чуеме веќе — викнаа од третата група.

Наеднаш, вревата стивна; народот се подистави и направи пат, каде што видов еден млад човек, на околу триесетина години. Кога дојде тој сите глави длабоко се поклонија.

— Кој е овој? — му шепнав на меанџијата.

— Тој е првенецот во граѓанството, Млад човек е, но многу ветува. Уште на млади години доживеа и самиот кмет веќе трипати да го јава досега. Стекна поголема популарност од секој друг досега.

— Можеби него ќе го изберат? … — прашав.

— Повеќе од сигурно, зашто сите овие кандидати што се досега, се постари од него, освен тоа и времето веќе ги згази, а овега вчера кметот го јаваше.

— Како се внка?

— Клеард.

Му направија почесно место.

— Јас мислам — ја прекина Колб тишината — дека подобар човек од Клеард за ова место не треба да бараме. Млад е, но ние постарите никако не можеме да се рамниме со него.

— Така е, така е! … Да живее Клеард! … — одекна од сите грла.

Колб и Талб го одведоа да го заземе претседателското место.

Сите, пак, се поклонија длабоко, а потоа завладеа тишина.

— Ви благодарам, браќа, на олку високото внимание и на честа што денеска еднодушна ми ја укажавте. Вашите надежи, што ги имате, во мене, се премногу ласкави. Тешко е да се раководи со народните желби во вакви значајни денови, но јас ќе ги вложам сите мои сили за да ја оправдам вашата доверба, насекаде да ве застапувам искрено и својот углед и понатаму високо да го одржам. Ви благодарам, браќа, на изборот.

— Да живее, да живее, да живее! — одекна од сите страни.

— А сега, браќа, дозволете ми од ова место да кажам некој збор за овој важен настан. Не е лесно да се истрпат маките и болките што нè очекуваат; не е лесно да се издржи со усвитено железо да ни се удри печат на нашето чело. Да, тоа се маки што не може секој да ги издржи. Страшливците нека треперат и нека побледуваат од страв, но ние ниту за миг не смееме да заборавиме дека сме потомци на достоинствени предци, дека низ нашите жили тече благородната, јуначка крв на нашите дедовци, на оние џин-витези кои не чкртнаа ни со заби умирајќи за слободата и за наше добро, и добро на нивните потомци. Ништожни се овие маки спрема тие маки, па зар ние да се покажеме како гнило и плашливо колено сега, кога се наоѓаме во секое добро и изобилие? Секој вистински патриот, секој што не сака да се посрами нашето племе пред светот, болката ќе ја поднесе јуначки и машки.

— Така е! Да живее, да живее!

Се јавија уште неколкумина пламени говорници, кои го храбреа исплашениот народ и го зборуваа речиси истото тоа што го зборуваше и Клеард.

За збор се јави еден блед, изнемоштен старец, со збрчкано лице и бела коса и брада како снег, нозете му потклекнуваа од старост, грбот му се свиткал, а рацете му се тресеа. Гласот му трепереше, а во очите му светкаа солзи.

— Деца, — започна тој, а солзи му се стркалаа по бледите збрчкани образи и му паднаа на белата брада — мене ми е тешко и наскоро ќе умрам, но ми се чини дека е подобро да не се допушти таков срамотилак. Јас имам стотина години, и живеев без тоа нешто… Па зар сега, на оваа моја бела, изнемоштена глава, да ми се удира ропски печат! …

— Долу тоа старо-аро — вресна претседателот.

— Долу! — викнаа едни.

— Дрт страшливец! — викнаа друго.

— Наместо да ги храбри помладите, а тој уште и го плаши народот! — викнаа трети.

— Како не му е срам од белата коса! Се наживеал, па уште и се плаши, а ние младиве поголеми јунаци! — викнаа четврти.

— Долу плашливецот!

— Да се исфрли надвор!

— Долу тој!

Разбеснетата маса од младите јуначки граѓани се нафрли врз изнемоштениот старец, та во лутината почнаа да го удираат и да го влечкаат.

Одвај го пуштија поради староста, инаку со камења ќе го затрупаа.

Сите се заколнаа и се зарекоа дека утре ќе му го осветлат образот на своето народно име и дека јуначки ќе се држат.

Собирот се растури во најдобар ред. При растурање се слушнаа гласови:

— Утре ќе се видиме кои сме!

— Ке видиме утре многумина фалбаџии.

— Дојде времето да се покажеме кој колку чини, а не секоја мивка да се перчи со јунаштво!

Се вратив назад во хотелот.

— Виде ли кои сме ние? — праша гардо меанџијата.

— Видов — му одговорив механички, а чувствував како ми се губи силата и како ми бучи главата од чудните впечатоци.

Уште истиот ден, во весниците ја прочитав воведната статија со следнава содржина:

„Граѓани, време е еднаш да престанат празните фалби и пречења на овој или на оној од нас; време е еднаш да се престане со ценењето на празните зборови, со кои ние изобилуваме истакнувајќи некакви свои вообразени добродетели и заслуги; време е, граѓани, еднаш на дело да се испробаме, и вистински да се покажеме кој чини, а кој не! Но сметаме дека меѓу нас не ќе има срамни страшливци, кои власта ќе мора сама со сила да ги дотерува на определеното место, каде што ќе се удира печат. Секој кој чувствува во себе макар и малку од вештачката крв на нашите стари, ќе се граба што побргу мирно и со гордост да ги истрпи маките и болката, зашто тоа е света болка, тоа е жртва која ја бара татковината и општото добро од сите нас. Напред, граѓани, утре е денот на витешката проба! …“

Мојот меанџија тој ден легна да спие веднаш по собирот, за да стигне утредента што побргу на определеното место. Многумина, пак, отидоа веднаш пред судницата да фатат што подобри места.

Утредента, и јас отидов пред судницата. Сè беше слегло од градот, и мало и големо, и машко и женско. Некои мајки ги зеле и малите деца в раце, и ним за да им го удрат ропскиот печат, односно почесниот, подоцна за да имаат поголеми права на подобри места во државната служба.

Тука имаше туркање, пцости, — (во тоа по малку личат на нас Србите, па ми стана мило) — отимање кој побргу да дојде до вратата. Некои дури и се здавуваа.

Печатите ги удираше посебен чиновник во бела, свечена облека, и благо го прекоруваше народот:

— Полека, луѓе, секој ќе дојде на ред, не сте добиток па вака да се туркате!

Почна удирањето на печатот. Некој ќе офнеше, а некој само ќе зајачеше, но никој не издржа да не пушти никаков глас додека јас бев таму.

Не можев долго да го гледам тоа мачење, па појдов во меаната; кога таму, некои веќе си седнале, та се мезетисуваа и пиеја.

— Го пребравме и тоа гајле! — рече еден.

— Море ние и не офкаме многу, но Талб, рикаше како магаре… — рече другиот.

— А, ете ти го твојот Талб, а вчера сакавте да претседава на собирот!

— Е, па кој ти го знаел!

Разговараа, а јачат од болка и се превиткуваа, но се криеја еден од друг, зашто секому му беше срам да се покаже дека е плашливец.

Клеард се посрами дека зајачка, а се истакна со јунаштво некојси Леар, кој бараше да му се удрат два печата и не пушти ниту глас. Целиот град само за него зборуваше со најголема почит.

Некои побегнаа, но беа презрени од сите.

По неколку дена, оној со двата печата на челото, шеташе со исправена глава, достоинствено и надуено, полн со слава и со гордост, па каде што ќе минеше сè живо му се поклонуваше и ја симнуваше капата пред јунакот на тие денови. Трчаа по улиците по него и жени и деца и мажи да го видат тој народен великан. Каде и да поминеше се ширеше шепотот на страхопочитување: „Леар, Леар! … Овој е тој! Тој е јунакот што не офна, што не пушти глас, додека му ги удираа двата печата!“ Весниците пишуваа за него и го опсипуваа со најголемо фалење и славење.

И тој ја заслужи народната љубов.

Ги слушам тие пофалбн на сите страни, па дури и во мене се разбуди српската јуначка крв. И нашите стари биле јунаци, и тие умирале на колци за слободата; и ние имаме јуначко минато, и ние го имаме Косово. Целиот ме обзеде народната гордост и суетата да се одмаздам за образот на својот род, па се втурнав пред судницата и извикав:

— Што туку го фалите Леар? … Вие уште не сте виделе јунаци! Да видите каква е српската витешка крв! Удирајте десет печати, а не само по два!

Чиновникот во бела облека го принесе печатот до моето чело и јас се тргнав… Се разбудив од сонот.

Си го протрив челото од страв и се прекрстив, чудејќи се што сè не му доаѓа на сон на човека.

— За малку не ја потемнев славата на нивниот Леар, — си помислив и се свртив на другата страна, а ми беше по малку криво што не заврши целиот сон.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

——————
Данга – Печат со кој се обележувал добитокот (мак. дамга, тур. тамга)

Водач (1/3)

— Браќа и другари, ги слушав сите говори, па ве молам да ме чуете и вие мене. Сите говори и разговори не ни вредат додека сме во овој неплоден крај. Ова песочиште и овој камен не можеше да раѓа ни кога беа врнежливи годините, а камоли на ваква суша каква што сигурно никој никогаш и не запаметил.

— До кога ние вака ќе се состануваме и напразно ќе разговараме? Добитокот ни испоцрка без храна, а уште малку па и децата ќе ни скапуваат од глад заедно со нас. Мораме да избереме друг начин, подобар и поумен. Јас мислам дека е најдобро да го оставиме овој нероден крај, па да тргнеме по белиов свет за да бараме подобра и поплодна земја, зашто вака не може да се живее.

Така зборувал некогаш, на некој собир, со изнемоштен глас еден од жителите на некој неплоден крај. Кога и каде било ова нешто, тоа, мислам, не ве интересува ни вас ни мене. Главно е вие да ми верувате дека тоа било некаде и некогаш во некој крај, а тоа е доста. Некогаш, навистина, мене ми се чинеше дека целата оваа работа јас самиот сум ја измислил од некаде, но малку по малку се ослободив од таа страшна заблуда и сега цврсто верувам дека сето ова што ќе го раскажувам сега било и морало да биде некаде и некогаш, и дека јас тоа никогаш и на никој начин не сум можел да го измислам.

Слушателите, бледи, со испиено лице, со тап, матен, речиси бесвесен поглед, со рацете под појасот, како да оживеаја при овие мудри зборови. Секој веќе си се замислуваше себеси во некаков волшебен рајски предел каде што мачната и тешка работа се плаќа со богата жетва.

— Така е, така е!… — зашушкаа изнемоштени гласови од сите страни.

— Дали е  б…л… и… с… к… у…? — се чу растегнат шепот од еден агол.

— Браќа! — почна пак еден да говори со малку посилен глас. — Ние мораме веднаш да го послушаме овој предлог, зашто вака не се може повеќе. Работевме и се мачевме, и сè залудно. Си делевме од устата за да сееме, но ќе надојдат пороите па ќе го однесат и семето и земјата од овие скрки, и ќе остане гол камен. Ќе останеме ли ние вечно овдека и ќе работиме ли од утро до мрак за да бидеме пак и гладни и жедни, и голи и боси? … Мораме да тргнеме и да побараме подобра, поплодна земја, каде што нашиот мачен труд ќе се наградува со богат плод.

— Да тргнеме, веднаш да тргнеме, зашто овдека не може да се живее! — зашушка шепот, и масата тргна некаде, и не мислејќи каде.

— Стојте, браќа, каде вака? — свикува пак оној првиот говорник.

— Мораме да одиме, но не се може така. Мораме да знаеме каде одиме, инаку можеме да пропаднеме уште полошо, наместо да се спасиме. Предлагам да избереме водач кој мораме сите да го слушаме и што ќе нè води по правиот, по најдобриот и најкус пат.

— Да избереме, веднаш да избереме! … — се чу од сите страни.

Сега дури започна препирање, вистински хаос. Секој говори и никој никого ниту слуша, ниту може да го чуе. Потоа почнаа да се изделуваат по групички. Секој си шушка нешто за себеси, па и групичките се распрснаа и се фатија за раце двајца пo двајца, та еден на друг му говори и му докажува, се тргаат еден со друг за ракавите и си ја клаваат раката на уста. Пак се состанаа сите, и пак сите говорат.

— Браќа! — се истакна наеднаш еден посилен и ги надви другите зарипнати, тапи гласови. — Ние вака не можеме ништо да направиме. Сите говориме и никој никого не слуша. Избираме водач! Па кој е тој меѓу нас што би можеле да го избереме? Кој патувал од нас па да ги знае патиштата? Ние сите добро се знаеме, јас прво не би смеел со своите деца да му се доверам на ниеден овдека на овој собир. Туку кажете ми вие, кој го познава оној патникон таму што седи уште од изутрина во сенкана покрај патот?

Настана тишина: сите се свртеа кон непознатиот и фатија да го мерат од глава до петици.

Човекот, на средни години, со мургаво лице, кое речиси и не се гледаше од долгата коса и брада, си седи, молчи како и дотогаш, и некако замислено тупка со дебелиот стап по земјата.

— Вчера го видов истиов овој човек со едно дете. Се фатиле за рака и одат по улицата. Сношти детето отиде некаде низ селото, а овој остана сам.

— Остави ги, брате, тие ситници и будалштини, да не губиме време. Кој сака нека биде, тој е патник од далечен крај, штом никој од нас не го познава, та сигурно го знае добро најкусиот и најдобар пат за да нè поведе. Колку што можам да проценам, ми се чини дека е тој многу умен човек, зашто само молчи и мисли. Да е некој лесен-плетен, досега веќе десет пати ќе се смешаше меѓу нас или ќе почнеше со некого разговор, а тој толку време седи сосем сам и само молчи.

— Се разбира, си молчи човекот и мисли нешто. Тоа не ќе е ништо друго, туку е многу умен — заклучија и другите и фатија пак да го загледуваат странецот, и секој на него и во неговиот изглед откри по некоја сјајна особина, по некој доказ за неговиот необично голем ум.

He се помина многу во разговор и сите се согласија дека би било најдобро да го замолат овој патник, кој, како што велат, им го пратил самиот господ да ги поведе низ светов за да бараат подобар крај и поплодна земја, да им биде водач, а тие да го слушаат безусловно и да му се покоруваат.

Избраа од својата средина десет души што ќе појдат кај странецот и ќе му ги изнесат побудите на собирот и своите бедни животни услови, и ќе го замолат да се согласи за водач.

Отидоа тие десет души, се поклонија смерно пред мудриот странец и едниот од нив почна да говори за неплодната земја на нивниот крај, за сушните години, за тешката состојба во која се наоѓаат, и заврши вака:

— Тоа нè тера да го оставиме овој крај и своите куќи, па да тргнеме низ светов да бараме подобар кат. И токму сега, кога ни дојде таа среќна мисла, како да се смилува и господ на нас, та те испрати тебе, мудар и добродетелен странецу, за да нè поведеш и да нè спасиш од сиромаштијата. Од името на сите жители те молиме да ни бидеш водач, па кај ќе одиш ти, ние по тебе. Ти ги знаеш патиштата, ти си секако и роден во некој посреќен и подобар крај. Ние ќе те слушаме и ќе се покоруваме на секоја твоја наредба. Ќе се согласиш ли, мудар странецу, да спасиш толку души од пропаст, ќе сакаш ли да ни бидеш водач?

Мудриот странец за сето време на тој трогателен говор не си ја крена ни главата. Си остана до крај во истата положба во која го најдоа: ја наведнал главата, намуртен, молчи, тупка со стапот по земјата и — мисли. Кога се заврши говорот, тој, не менувајќи си ја положбата, кусо и полека, процеди низ заби:

— Ќе ви бидам.

— Можеме ли, значи, да тргнеме со тебе за да бараме подобар крај?

— Можете! — продолжи мудриот странец не кревајќи си ја главата.

Сега започна одушевување и изјави на благодарност, но на тоа мудрецот не проговори ни збор.

My го соопштија на собирот среќниот успех, додавајќи дека дури сега гледаат колку голем ум лежел во тој човек.

— Тој и не мрдна од местото, ниту подигна глава барем да види кој му зборува. Само молчи и мисли на сите наши говори и благодарности, само два збора проговори.

— Вистински мудрец! … Редок ум! — извикаа весело од сите страни, тврдејќи дека самиот господ го испратил како ангел од небото за да ги спаси. Секој беше цврсто уверен во успехот покрај таков водач, што не може ништо на светов да го разувери.

И така на собирот сега се утврди да тргнат уште утре в зори.

(Нареден дел)