Tag Archive | скандал

Пензионерот Симо (2/2)

(Претходен дел)

Лена е чудна жена. Дома е секогаш лута и набусена, а кога некој ќе дојде, тогаш се смее, и тоа не отворајќи ја сосема устата; се носи убаво, и секогаш е свечено исчешлана. Според растот може да се вброи во најголемиот број жени: развиена и снажна, со црвено лице, на кое прилично се гледаат рабовите на коските, и со голем црвен нос; веѓи нема т.е. има но слабо се забележуваат; очите ѝ се зелени, а на краиштата закрвавени.

Влегоа но собата. Сима седна на креветот; откако најпрвин го зеде чибукот со лулето и го наполни со тутун, го повика Ристо та му го запали, па потоа малку се спушти на перниците, а лулето му достасуваше дури до земјата. Така, тој сега, повеќе лежејќи отколку седејќи пушеше и дремејќи потона во некои важни мисли: „Е, само да ја ставев петката од другата страна, ќе го затворев, тој мораше да рече понатаму, а јас потоа ваму на четворката, и ќе бев аус, а тој ќе беше надигран. Вака им отидоа дваесет пари за кафето, а утре подобро ќе „прогнозирам“.“ — Уште мислеше за разни други работи, како: за старите „среќни времиња“, и за старата плата и подароците, за некое купено прасе дали е затворено добро, и дали го платил скапо.

Додека тој така размислуваше, Лена пристојно си ја испиваше секоја чаша.

— Ехе, па дај ми и мене некоја чашка… ти сè самата испи — се тргна одеднаш Сима од своите мисли.

— Слабо, богами, купи па ќе пиеш!

— Е, ти си баш некоја луда жена, — рече Сима поткревајќи се. Потоа го остави чибукот, си ги помазни малку мустаќите, и додаде:

— Де, донеси ми го гуслено, ваму, да превлечам некој пат.

— Не сум ти јас слуга, стани земи си го.

— Дај ми го ваму гуслено! — викна тој заповеднички, а потоа уште со повисок тон додаде: — додека не дошол ѓаволот! Нешто ти многу се правиш!

— Ама каков ѓавол, жити очи; ајде, пробај да го видам тој твој ѓавол — му врати таа упорно, и замавна два-три пати со главата.

— Па, ова! — сега почна поблаго Сима, станувајќи — можам јас и сам да си го земам: јас сум, знаеш, и помлад, ти си навистина, прилично во години… Јас…

— Ех, кутриот, што му се чини — му врати Лена чисто пеејќи.

Потоа настана молк, само што од другата соба се слушаше гласното смеење на Перо, кој читајќи го весникот, наишол на онаа Симина фраза: „Ќе има крвава војна, каква што историјата не забележала на своите страници“. Лена си го чепкаше увото со една игла за плетење и гледаше низ прозорецот, а Симо го триеше гудалото со темјан, и нешот мрмореше низ нос, сигурно некоја народна песна што ќе си ја испее, па погледнувајќи потоа во Лена, го прекина молчењето.

— Знаеш ли ти, жити бога, што му е гуслето на Србинот, а?

— Добро што ти знаеш, а за мене е лесно… туку немој да ми рикаш.

— О, хо, хо, хо, гледај ја ти неа… — тука прекина местејќи го перничето од гуслето, пак ја погледна некако будалесто, продолжувајќи: — ова… а јас… знаеш ли ти, жити бога, што му е гуслето на Србинот?…

Лена само се намурти, но не му одговори ништо.

Симо не сакаше да се откаже, но не поради тоа што е инаетчија туку ете така, што нема друго што да каже, уште неколкупати додаде: „Баш ти не умееш да мислиш!“ Ова го изговараше полека и завлечено, и не гледајќи во неа.

— Ама, ти Симо, бараш некој ѓавол, што туку ми се нафрлаш како луд! Што не умеам да мислам?! А што мислиш ти?! — ова Лена го изговори многу остро, зацрвенувајќи се во лицето како жар, а очите ѝ светнаа како на дива мачка.

— Жими бога, ама ти баш не умееш да мислиш — продолжи Симо, поправајќи си нешто на гуслето, и не гледајќи во неа.

Лена сега ги остави, всушност, ги фрли иглите налутено, и викна:

— Што сакаш ти денеска од мене?…

Тој не ѝ одговори ништо туку, откако го дотера гуслето, помина со гудалото преку струните и звуците се огласија; викна едно громко и долго „Хо-ооој!“ Лена закреште повторно, но неговиот глас го поклопи нејзиното крештење.

Е, кога се сакаше по земја Србија
По Србија земја да се преврти …

Лена веќе беше просолзила од јад. „Симо“, крештеше таа понатаму, но дури тогаш гласот и дојде до израз, кога тој ја сврши строфата и кога почна само да гуди…

— Симо, главата ќе ти ја расцепам со гуслето!…

Симо сега прекина и, сериозно погледнувајќи ја в очи, запраша:

— А, ова, знаеш ли што е гуслето за Србинот?…

— Што, знам? Не сакам ништо да знам, мене не ме интересира, но немој тука да ми црекаш како луд!…

— А тоа ти, ова, како да заповедаш, баш, како ти да си, ова…

— Јас не ти наредувам, но ти велам човечки…

— А, ха, човечки, па, што се ѕвериш…

— Ти се ѕвериш, јас убаво зборувам.

— Е, па, ова, кога зборуваш убаво, слушај ваму: Гуслето на Србинот му ја зачувало слободата! — Тоа го изговори полноважно, и чисто сам си се почувствува задоволен…

— Кутрата твоја слобода! — додаде Лена, и мавна со главата, омаловажувајќи го.

Потоа пак настана тишина, само што од кујната се слушаше ждрингот на чиниите што ги миеше Ристо. Двајцата се задлабија во мислите. Што ли мислеа?… Тогаш нешто тресна во кујната, и двајцата се исплашија и се погледнаа еден со друг.

— Еве, оној недоделканион пак нешто искрши! — рече Лена, и уште повеќе се налути.

— Тој и ќе си го купи, племето негово! Тоа ќе му го наплатам! — додаде Симо, па стана и почна да оди по собата, а Лена бргу отиде во кујната, треснувајќи ја силно вратата зад себе.

Во кујната настана врева и викотница, би помислил човек дека се урна куќата.

— А, ти свињо бугарска, така, ти ми ја уништи куќата; ти жива ме изеде… Не ми требаш!… Замолчи, што се клештиш како будала!… Ќе те здробам!…

— Не јадосувај се, госпоѓо, не лути се, ќе си платам! — ја прекинуваше Ристо поначесто, а тоа ја доведуваше до беснило.

— Зошто ти е оваа чинија овде, па уште ни половината не си ги измил… О, господе боже!… Па што правеше? Гледај, па ова го ставил на крај, само да падне!… Ух-у-у-ух!… Гледаш, кога ќе ја земам оваа копанка, па главата да ти ја скршам!… Па пак се смее!… Како да не се нервирам? Па знаеш ли ти кому му зборуваш?… Молкни!…

Кога лутината малку ѝ попомина, таа ја дофати лажицата од тенџерето што стоеше на масата, но некако невнимателно ја повлече, тоа тресна на чиниите што беа наземи и ги искрши. Лена веќе не се контролираше, зас’ска како змија и ја дофати копанката, но Ристо, сосема рамнодушно, собирајќи ги рамењата и викајќи „боже чувај што прави“, излезе надвор, и ја затвори вратата.

Додека ова се случуваше, Симо шеташе низ собата, гласно накашлувајќи се, колку да не се заборави дека и тој е тука, и два-три пати се канеше да влезе во кујната, но не го направи тоа. Којзнае зошто? Кога караницата веќе се беше смирила, тој, како лут, одеднаш излезе од собата, се накашла, и најпрвин промрморе два-три пати „ова“, па пак се накашла, и викна:

— Какви се тие „скандали“ по мојава куќа? — Тоа изговорувајќи го важно погледна наоколу, а потоа продолжи… — Тоа јас не сакам да го трпам, слушнавте ли вие, јас сум стопан овде!

— Оди ти во својата соба, па молчи, кога тебе ништо не те интересира, немој тука да ми стоиш на маките озгора, додека сега не ти платам за гуслето! — врескаше Лена сега набусена.

— Сакам мир дома, слушна ли ти, јас овдека судам!

— Тргни ми се од пред очи! Што сакаш ти? Жесток си да бараш мир! Кој те праша тебе?

— Е, хе, хе, хе, — почна Симо полека — што ли носи оној со една нога јас, ова постојано гледам…

— Да знаеш, Ристо, нема ни Симо ни бог да ти номогне — кога мене, знаеш, ќе ме фатат моите ѓаволи, па ќе почнам наопаку!

— Каде е тој Ристо, племето бугарско негово, да го прашам јас што беснее по мојава куќа? — пак се наостри Симо. — Ристо!

— Слушам! — се јави тој, и ја отвори вратата па влезе внатре.

— А, ха, слушаш, слушаш, дојди де ваму поблиску…

Шлаканицата пукна.

— Така, ти нешто многу си збеснал, а мене кога ќе ми дојдат моите… би го убил татко си, магаре безобразно! Што правиш ти овдека? Ќе те научам јас тебе на памет.

Ристо пак некако чудно се смешкаше, и нишајќи ја главата, го зеде фесот од земјата.

— Веќе не ми требаш во куќава; земи си ја капата, па надвор од дома — викна Лена.

— Ти молчи кога наредувам јас…

— Ти молчи …

— Молкни, јас сум уште жив, јас сум домаќин, зашто сега ќе биде како со Ристо!

— Па со кого ти така, обиди се, само обиди се…

— Пак тебе ти влегол ѓаволот…

— Кому му влегол ѓаволот?

— Молкни еднаш, ти не ми требаш, тој ми треба…

— Олеле, мајко, а што ми требаш ти мене. Мислиш, јас умрев за тебе!

— А што, ова, зошто оде зеде, кога ти… — го смекна Симо гласот.

— Убаво, убаво, Симо, ќе го расчистиме ова…

— Е, брате, луда жена, — уште помеко додаде Симо, излегувајќи од кујната.

Лена остана потпрена со едната рака на ѕидот, плачејќи. Ристо, пак, со сакривен фес, на кој се уште стоеше прашината, што ја собра наземи, се смешкаше и уплашен како зевзек гледаше и ги собираше искршените парчиња од чиниите.

Од тој случај не поминаа ниту три дена, Лена веќе беше кај зетот в К… Сима сам седеше на масата со Перо и ручаше, а ги послужуваше неговиот верен Ристо.

Ристо го сакаше само затоа што единствено со него му беше лесно да излезе на крај, а покрај тоа и за прилично евтино го служеше. Навистина, кога ќе се земе во сметката и „одбивањето на штетата“ и другите работи, добиваше само колку да се обуе; но за тоа нема да зборуваме.

Ристо, како обично, стоеше крај масата под фесот во испарталавена гуња и широки панталони од г. Симо, и сеедно се клештеше и потсмевнуваше.

— Ете госпоѓата, ова… де, донеси го она пржено месо… извади го ти, Перо… па тури, ова… и малку маст овдека… Богами, еве ти умееш човечки да зготвиш… јас… па госпоѓата ни се налути…

— Хи, хи, хи, ќе се одлути таа — рече со својот тон Ристо.

— А ти велиш, ова… ќе се… ќе се одлути… бездруго, мораме да ѝ пишеме, а?…

— Мораме, господине, — додаде пак Ристо по свое.

Не траеше долго ваквата напната состојба меѓу Симо и госпоѓата Лена.

Една вечер, како одговор на неговото писмо, од неа добива депеша: „Утре доаѓам. Чекај ме. — Лена“.

Утрината Симо се разбуди рано, па гласно се проѕевна, како да се проѕева по посебна композиција (во проѕевањето беше вистински уметник), се излежува в постела, весел и задоволен што доаѓа Лена, па, како човек, кој си го симнал тешкиот товар од вратот, си посака малку да размислува за своето слободно време. Погледот му падна на еден клинец закован на ѕидот, и нему, однекаде му дојде чудна мисла на ум:

— Боже мој, како би му било на човека кога оној клинец некој би му го заковал во главата?

— Тешко нему! — изговори гласно и стана.

По ручекот веќе заедно седеше со Лена.

— Ти, ова, токму така? — вели Симо.

— Така!

— Ама, пак ме бараш! Хо, хо, хо! — се засмеа Симо.

— Ау, мако мооја! — рече Лена.

— Ме бараш, уште како! Хо, хо, хо, хо!

— Би нашла и подобар, да сакам!

— Охо, ова, ти јок, а јас…

— Молчи, мако, молчи — го прекина Лена.

— Ама, велиш, не можеш без мене… Хо, хо, хо, хо! — се засмеа Симо.

Лена се проѕевна гласно и отиде, па прилегна на миндерот, легна во вид на полумесечина и загрче.

— Заспа! — рече Симо гласно, па легна и тој на другиот крај.

Наскоро двајцата грчеа во хармонија.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

Страдија (2/12)

(Претходен дел)

На самиот брег, малку понатаму, лево од местото каде што излегов, забележав многу голема мермерна пирамида и на неа издлабени златни букви. Љубопитно ѝ се приближив, мислејќи дека уште тука ќе ги прочитам имињата на славните јунаци за кои ми раскажуваше татко ми. Кога таму, какво изненадување! Во мермерот издлабени зборовите:

„Довде на север се протега земјата на славниот и среќен иарод, кому големиот господ му ја подарил големата, ретка среќа во неговиот јазик, сосема правилио граматички, за гордост на земјата и народот, к пред и секогаш да се претвора во ц“.

Прочитувам еднаш, двапати, никако да се приберам од чудо што треба да значи сето тоа. Што е уште почудно, зборовите се напишани на мојот мајчин јазик.

„Да, тоа е јазикот на кој зборуваше и татко ми, и неговите стари, и јас, но земјата не е таа; тој ми раскажуваше за сосема друга земја“. Ме бунеше тоа што е ист јазикот, но си помислив дека тоа можеби се два далечни народи, од исто потекло, братски, исти, кои имаат еден јазик, но и не знаат еден за друг. Малку — помалку ми престана чудењето, па и јас почнав да се чувствувам горд што случајно и мојот мајчин јазик е ист таков, и токму со истата таа убава особина.

Ја минав тврдината и се упатив кон улицата што водеше кон градот, во некој хотел да се одморам од долгиот пат и потоа да побарам некоја работа за да можам од заработката да си го продолжам патот и да ја барам cвојата татковина.

Не поминав ни неколку чекори, кога околу мене од cите страни наврапито почнаа да се собираат луѓе, како околу некакво чудо. И старо и младо, и машко и женско, се гушат, се туркаат, се стискаат што подобро да ме видат. Најпосле се насобра толку народ што се закрчи улицата и сиот сообраќај.

Народот ме гледаше со чудење, а и мене ме зачуди тој непознат свет. Кого и да го погледнев, беше украсен со ордени и со ленти. Ретко некој од посиромасите носеше по еден или два ордена, инаку сите беа толку начичкани со ордени што дури и облеката не им се гледаше. По некои толку ги имаа што не можеа ни да га носат сите на себе, туку влечкаа колички по себе и во нив полно ордени за разни заслуги, ѕвезди, ленти и какви сè не одликувања.

Одвај можев да чекорам низ таа маса од славни луѓе што ме опкружуваа и се гушеа кој побргу да се истурка до мене. Дури некој и се закараа околу тоа, а и се слушнаа и прекори за оние што беа долго крај мене.

— Па се нагледавте ли веќе еднаш; пуштете нè сега и нас малку да видиме.

Кој ѝ да пријде до мене, веднаш брзо стапува во разговор, за да не го потисне некој.

Веќе ми здодеаја тие па тие прашања со чудење:

— Од каде си?… Зар немаш ниту еден орден?

— Немам.

— Колку години имаш?

— Шеесет.

— Па уште ниту еден орден?!

— Ниеден.

Викнаа гласовите од масата, како на панаѓур кога се покажуваат чудовишта.

— Слушајте луѓе: човек од шеесет години без ниеден орден!

Мешаница, џагор, врева, туркањето станува сè поселно и посилно, а од сите улици свет надоаѓа и навалува да се провре низ народот за да ме видат. Најпосле дојде и до тепачки, па се вмеша и полицијата за да воведе ред.

И јас нив почнав да ги распрашувам, пред да почнат да се тепаат, за заслугите поради што се одликувани.

Еден ми рече дека неговиот министер го одликувал за ретки заслуги и пожртвуваност за татковината, затоа што ракувал со многу државни пари цела година, а во касата, при прегледот биле најдени само две илјади динари помалку отколку што требало да има. „Право е“ се зборуваше, „зашто можел сè да упропасти, но благородноста и родољубието не му дозволиле тоа да го направи“.

Еден е одликуван затоа што цел месец бил чувар на некаков државен магазин и магазинот не изгорел.

Друг пак е одликуван затоа што прв забележал и констатирал дека зборот книга многу интересно завршува на а, а започнува со к.

Една готвачка е одликувана затоа што за пет години службување во една богата куќа украла само неколку сребрени и златни работи.

Еден пак е одликуван затоа што, по направениот голем дефицит, не се убил според дотогашниот глупав шаблон, туку дрско извикал пред судот:

— Јас ги спроведов во дело своите визии и идеи, такви се моите погледи на светот, а вие судете ме. Еве ме! (Тука се удрил в гради, зачекорил еден чекор напред). Тој, мислам добил орден за граѓанска храброст. (И право е!).

Еден чичко добил орден затоа што остарел а уште не умрел.

Еден друг пак е одликуван затоа што се збогатил за помалку од половина година испорачувајќи ѝ на државата лошо жито и уште некои други работи.

Еден богат наследник е одликуван затоа што не го упропастил имотот на татко си и затоа што приложил пет динари за добротворни цели.

Кој сето тоа и би го запаметил! Од секого запаметив само за по едно негово одликување, а сите да се изредат, па тоа е невозможно.

Па, кога веќе дојде до кавга и тепачки, се вмеша полицијата, почнаа пандурите да го растеруваат народот, а еден кмет, што ли беше, нареди да се дотера затворен пајтон. Ме ставија во пајтонот, околу кого беа вооружените пандури за да го одбиваат народот. Оној седна со мене и ме однесе некаде, а од сите страни по колата јуреше народ.

Колата застана пред една пространа, сниска, а запуштена куќа.

— Каде сме сега? — го прашав кметот (барем јас така го викав), што го набави пајтонот, а и самиот тој седна внатре.

— Тоа е нашата Полиција.

Кога излегов од колата, видов двајца како са тепаат пред самата врата на Полицијата. Пандурите околу стоеја и ја набљудуваа борбата, а и шефот на полицијата и сите други со задоволство гледаа.

— Што се тепаат? — прашав.

— Па таква е наредбата, сите скандали да се вршат тука, пред очите на полицијата; зашто знаете како е! Каде шефот и другите чиновници ќе талкаат по разни ќошиња. Вака е полесно за нас и попрегледно. Ќе се закараат двајца, и, ако сакаат да се тепаат, ќе дојдат тука. Оние што правеле скандали долу на улицата, на ненадлежно место, мора да ги казниме.

Господинот шеф, некој дебел човек, со побелени мустаќи, избричен, со подбрадок под заокруглената брада, кога ме виде, за малку што не падна во несвест од чудење.

— Од каде си, жити бога, човеку?!… — изговори, откако се прибра од чудење, и ги рашири рацете, па почна да ме загледува од сите страни.

Оној што дојде со мене му шепна нешто, сигурно му реферираше што се се случи. Шефот се намурти и надуено ме праша:

— Од каде си, зборувај!

Почнав јас за сè подетално да му раскажувам: кој сум, и од каде сум, и каде одам, кога тој нешто стана нервозен, па викна:

— Добро, добро, остави ги ти твоите налудничавости, туку кажи ми го мене она што е најглавното, како смееше ваков да одиш по улица среде бел ден?

Јас почнав да се загледувам себеси дали има нешто необично на мене, но ништо не забележав. Така поминав низ толкав свет и никој не ме зеде на одговорност.

— Што не лаеш? — ми викна тој учтиво, како што воопшто се однесуваше полицијата според прописите во таа земја, а забележав како се тресе од лутина. — Јас тебе ќе те затворам, зашто ти предизвика толку скандали на ненадлежно место и го вознемири целиот град со твојата глупост.

— Ништо не разбирам, господине. Со што можев да направам толку зло? — забележав со страв.

— Си остарел, а не го знаеш ниту она што го знаат малите деца по улица… Те прашувам јас тебе, уште еднаш, како можеше така да минеш низ улицата и да предизвикаш нереди, и тоа уште на ненадлежно место?

— Јас сум исправен.

— Ти си будала, а толку стар… Исправен… а камо ти ги одликувањата?

— Немам.

— Лажеш, стар дркуле!

— Немам, жими бога!

— Ниедно?

— Ниедно!

— Колку години имаш?

— Шеесет.

— Зар за шеесет години ниту еден орден? Па ти каде си живеел? На Месечината, каде?

— Немам ниту еден, жими сè на светот! — почнав да се колнам.

Шефот се вчудовиде. Зина, ги ококори очите, се загледа во мене, па ни збор да прозбори.

Кога малку се поврати од чудењето, им нареди на младите што побргу да донесат десетина ордени.

Од соседната соба веднаш донесоа разни ордени што се носат околу врат и медали.

Шефот нареди, па набрзина ми ставија две-три ѕвезди, една лента; три-четири ордени ми обесија околу вратот, неколку ми закачија на палтото, а освен тоа ми набавија уште дваесетина разни медали и споменици.

— Така, братче! — извика шефот задоволен што измислил начин да ги опречи натамошните скандали.

— Така, — додаде потоа — сега малку личиш на обичен човек, а онака ми го узбуни целиот град, упадна како некакво чудовиште… А ти изгледа и не знаеш дека денеска е свеченост? — заврши со прашањето, обрнувајќи ми се мене.

— Не знам.

— Чудно! — рече тој малку навреден, помолче, па рече:

— Пред пет години, на денешен ден, ождребен е мојот коњ што сега редовно го јавам, и денеска претпладне примав честитки од најугледните граѓани; а приквечер мојот коњ ќе го прошетаат со факли низ улиците, и потоа ќе има игранка во првиот хотел, каде што имаат пристап најзаслужните граѓани.

Сега се вчудовидов, но за да не забележи тој, веднаш му пристапив, па му честитав со зборовите:

— Извинете што не знаев за вашиот свечен ден, и многу жалам што не можев да ви честитам во одреденото време; но, еве, сега го правам тоа.

Тој од сè срце ми заблагодари на искрените чувства што ги негувам кон неговиот верен коњ и веднаш нареди да се донесе нешто за почестување.

Ме почестија со вино и со слатки, и јас се поздравив со шефот и отидов со еден пандур, кој ми го даде да ме однесе во гостилницата, накитен со ѕвездите и ордените, та можев мирно да си одам по улиците без вриеж од народ околу мене, што ќе беше неизбежно ако одев онака без одликувања.

Тој ме однесе во гостилницата „Кај милата ни напатена татковина“. Гостилничарот ми даде една соба, та влегов да се одморам. Одвај чекав да останам сам и да се приберам од чудните впечатоци што ми ги остави оваа земја во првиот момент.

(Нареден дел)