Tag Archive | роман

Сериозни, научни работи (4/4)

(Претходен дел)

Се имав решено да престанам со своите „сериозно-научни работи“, зашто ова е толку учена работа што човек може да ја прекине каде што сака, и кога сака, па тоа никој да не го забележи. И навистина, не се излагав. Ете веќе толку прекинувања, па никој, ни на шега, не ме праша што престанав да пишувам,[1] а тоа, како и сите научници, ме куражи да продолжам понатаму, зашто, му благодарам на милостивиот бог, изгледа никој и не чита, што е најсилен доказ дека навистина работата е научна.

Не знам точно каде застанав, но сè нешто ми се врти во главата некој наш „филолог“ Момчило Иваниќ, та според тоа изгледа дека во последниот број сум зборувал за лошата критика. Не е тоа ништо чудно, тоа е проста асоцијација на идеите. Кој знае зошто, но кој ќе го погледне тој човек, иако никогаш не го видел, можам да се обложам, мора да го потсети на лошата критика, на старите вокали ѫ и ѧ или, во најдобар случај, на некаков падеж без предлог.

Господинот Момчило спаѓа во оние среќни луѓе кои мислат дека се многу духовити кога знаат да извадат цитати од сите можни филолошки расправи, да ги споменат имињата на Миклошиќ, Шафарик, Јагиќ, Даничиќ, Новаковиќевата синтакса, Толкувањето на зборовите, Вук, а со тоа и да се назначат годините, страниците на книгите, делот на книгата, годината кога е книгата печатена, во која печатница, па дури и цената на книгата; па потоа умеат да измислат корисни зборови дури по санскрит, итн.

Еве, на пример, да земеме да оцениме некоја песна онака како што тоа го прави тој вид на критичари.

Ќе земеме која било песна, да речеме онаа: „Вино пије Мусиќу Стеване, у Мајдану чисто сребрноме, а у свому двору господскоме“…

Пред да минеме на оваа прекрасна народна песна, — би почнале тие — не можеме да пропуштиме а да не се задржиме на некои зборови, кои, кога подлабоко ќе навлеземе во нивното толкување, ќе ни го откријат самото потекло и настанувањето како на оваа песна, така и на сите песни од тоа време. Иако не мислиме да се држиме за митофилската школа, сепак мораме да водиме сметка за зборовите во кои се скриени и всушност и скаменети цели големи, стари епоси, во кои се воспева борбата на природните стихови. — Умеат тие да испредат од секој збор цели приказни за Илјада и една ноќ. Ние неучените грешници ништо и не гледаме, а тие од зборот „штица“ однекаде ќе пронајдат, сè со помош на коренот, дека на тој збор значењето во коренот му е „пее“, а отаму ќе раскажат цели бајки. Бве како оди тоа и како го изведуваат тие.

Нашиот јазик, — би ја продолжиле оцената за таа песна — можеме слободно да речеме, врие, како ниеден друг јазик со такви скаменувања (Mikl. A. Sl. pol. Arch., 14, 18. г. 1871., Heft II, III, стр. 15, 16.). Многу е добро да се земе овде зборот сребрен, а, о — Придавка; сребро, а, sup. n. L, argentum, нем. Silber, W —. среб. к. (корен) — А. Sl. Срѣбъроу, č. srbr., pol. sereb, срѧброу (Доментијан, Сава, Данило) W… кор. (корен) Sansk. Aharh скакати, скакуцкати, трчкарати (Микл., Arch., Јаг., Дан. осн., Ѓорѓ. Поп. т. р.):

Скочи срна иза грма“ (Вук., књ. II, 14, 15, 18). Потоа сребро,… W. dharh, бело, белуцкати: снѣгъ (Дан. о., Микл., Јаг.).

Снијег паде друмци западоше!“ (Вук., кн. III, стр. 28, 305, кн. I, стр. 4.).

Според сето ова излегува дека песнава настанала во студените предели, или во она значење „скакуцкати“ (Види: скочи срна) настанала во потоплите предели, каде што имало и многу срни, а значењето во толкувањето со снег (Види: Вук, II, стр. 15. „Снијег паде“ итн…) синоним на зборот „бело, беласати“, што значи „зора, светлост“, а „скакуцати, бегати, трчкарати, побегнути“ значи дека пред појавата на сонцето (зора — бело) ноќ (мракъ) склања и бежи, елем скакуће“:

„Око мене драга скакуће
Из ока јој љубав шапуће.“

На крајот веќе би заврппше со облигатниот цитат колку да ги трогне и потресе читателите.

„Храни мајка два нејака сина…“

Од сето ова произлегува — би ја завршиле оцената — дека оваа песна е многу убава и полна со нежност, со возвишено чувство.

Не мислам, ниту смеам, да му се насмеам на филологот кој си ја работи својата работа со успех, но им се смеам на луѓето кои работата на некојси филолог ја цитираат таму каде што не ѝ е местото. Цитатите сами за себе можат да бидат научни вистини, но кога ќе се натрупаат на незгодно место, без никаква смисла, ја губат својата вредност, и наместо да им помогнат на работите, само им одмагаат. Каде ќе најдете поголема вистина од оваа дека 2 + 2 = 4, но кога некој би сакал да докаже дека утре ќе биде убаво времето, па би рекол: „Утре мора да биде убаво времето, зашто непобитен е фактот дека 2 + 2 = 4“ — тогаш тоа станува смешно. И кога човекот би се насмеал на оваа смешна работа, тогаш господинот писател би зинал со сета уста, и би извикал: „Гледате ли, луѓе, како тој и тој хули на науката, го гледате ли незнајкото, кој дури му се смее на најочигледниот факт дека 2 + 2 = 4.“

Ние имаме многу такви луѓе кои вечно парадираат со некаква наука, со некакви теории, со некакви правила од секаков вид и со разни научни цитати, но за нивна несреќа, сето тоа го употребуваат на толку незгодни места, без врска и ред, што ние читателите мораме да се смееме, наместо да се восхитуваме на ученоста.

Таков е, да речеме, случајот со г. Момчило во неговиот реферат за Станко Ајдутинот.

Оној што сака да добие претстава за глаголот „нагваждати“ нека земе и нека го прочита овој реферат. Ѓледате човек кој раскажува и наоѓа сè што ќе му падне на ум, без штогоде знаење, разбирање и врска, а од секоја реченица небаре гледате како ѕирка испотениот и задишен писател, со очајничка желба да напише што пооширно и да земе некоја пара повеќе.

Тоа што тој човек напишал едно чудо смешни и глупави работи во тој кутри реферат, никогаш човек не би можел да му прости, и дури би можел да го презира, да не се во прашање оние 80 динари што ги добил во името на хонорарот за рефератот. Во таков случај само мораме да го жалиме, бидејќи што сè луѓето не работеле за пари. За пари луѓето стануваат пајаци, а зошто да не станат критичари.

Не зедов да зборувам за овој реферат на г. Момчило Иваниќ од некои таинствени причини. Кога веќе станува збор за лошата критика и реферат, тогаш не може да се зема за пример таквото пишување како вежбање на некојси ученик од гимназија, зашто тоа не би било наместо, туку мора да се земе работата на луѓето што многу одамна ја оставиле училишната клупа, и дури на некој начин и се вовлекле во литературата, та така, по несреќа, нивниот збор се смета за пресуден по ова или она прашање.

Јас никогаш не би прозборел ниту збор за оцените и критиките што се полни со незнаење, неразбирање или претрупани со изопачени поими, кога тие не би имале штетно влијание кај нашата читателска публика, која, во голем дел не умее да ги гледа правилно работите, туку редовно чека пресуден збор од луѓето што се компетентни, а тука се сметаат тие кои пишуваат критики. Малцина се оние читатели кај нас кои се во состојба самите да си создадат правилен — или дури и било каков суд за овој или оној расказ или роман, туку повеќето од нив чекаат да видат што ќе рече критиката и критичарот, и тоа што ќе го рече, па било каков и да е критичарот, ќе го сметаат како она кога учителот ќе им забележи на учениците на правилото — двојка или петка, секој според заслугата. Тоа така и би требало да биде, кога кај нас тие оцени ќе ги пишуваат луѓе од дух, дарба и разбирање на работите за кои пишуваат, но за жал, не е така, и масата не знае дека кај нас критика и прикази пишува секој, а најчесто оние кои немаат ниту подготовка ниту дарба, а ќе им затреба некоја пара, што ќе ја земат во името на хонорар. Читателите ќе ја прочитаат приказната, па не се начисто со себеси дали е од вистинска литературна вредност; се колебаат и таму и тука, можат да се сложат и со едното и со другото, и сега одеднаш доаѓа критичарот со полно странски зборови, цитати на сите можни јазици, со полно имиња на големите критичари и научници. Сето тоа може да биде натрупано на куп без никаква смисла и врска, тука може да има цитати кои никој не ги кажал, или, и ако ги кажал, ги кажал во сосема подруга смисла, но обично ќе го збуни читателот она шаренило од грчки, англиски, латински, француски, италијански и уште којзнае колку други цитати, па потоа големи имиња: Шер, Шерер, Ламартин, Сарсеј, Бен, Бунт, Готшал, Кариер, Мориц, итн.

Така збунет читателот готов е на критичарот сè да му поверува, зашто му импонира толку учената глава, и кога критичарот ќе заврши со зборовите: „Книгата в раце па студирајте ја, и со поголемо внимание пишувајте, и не тероризирајте ја публиката со олку незрели и килави производи“ читателот веднаш ќе помисли: „Ама го скина“. Веднаш тоа ќе проструи низ масата, та ќе чуете вакви разговори:

— Го прочита ли тој и тој расказ?… Многу убава работа!

— Колку е убава, ама да видиш како го скина тој и тој критичар!

— Ама не е можно?! А каде?…

— Во тоа и тоа списание.

Па овој веднаш ја наоѓа па ја чина оцената, па и тој ја пренесува понатаму таа стереотипна фраза: „Бре, ама го скина!“

Ете, значи, како врз неразвиените читатели има штетно влијание лошата критика, зашто обичниот, простиот читател не може да разбере дека сето тоа мноштво од имиња на големи гении може да биде еден прост каламбур, што воопшто не ја објаснува работата за која се зборува.

Тоа се причините што ме поттикнуваат да пишувам за лошата критика, а како најзгоден пример за тоа го зедов рефератот на г. Момчило Иваниќ за Станко Ајдутинот, роман од Веселиновиќ.

Тој пример намерно го избрав уште и затоа што тоа е реферат од некојси Момчило, човек без трошка литературно знаење, а веќе за дарбата и да не зборуваме, зашто за тие работи е потребно исто олку дарба како и за пишување на раскази; па токму затоа е смешна сега работа што тој мизерен реферат е од човек со слаба литературна подготовка, со лош вкус и со тесни поими, вперен против романот на Веселиновиќ, кој веќе се здоби со глас, и со право ќе се вброи во редот на најголемите наши раскажувачи, без оглед колку ќе ги има одлични и по него.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

 

[1] Сериозни научни работи излегуваа во продолжение во „Ѕвезда“ на Јанко Веселиновиќ во 1899 година прилично нередовно, со поголеми прекини (забелешка на приредувачот).