Tag Archive | море

Страдија (10/12)

(Претходен дел)

Кога ги посетив сите министри, наумив да го посетам и Народното собрание. Народното се вика по некој заостанат обичај, а всушност, пратениците ги поставува министерот на полицијата. Штом ќе се смени владата, веднаш се распишуваат нови избори, а тоа значи барем еднаш месечно. Зборот „избори“ во овој случај значи: поставување на пратеници, а потекнува уште од патријархалното општество, кога народот, навистина, покрај другите неволји, ја имал уште и таа здодевна должност да мисли и да се грижи кого ќе го избере за свој претставник. Некогаш така примитивно се вршеле изборите, но во модерната цивилизирана Страдија, таа стара, глупава и денгубна процедура е упростена. Министерот на полицијата си ја зеде врз себе сета грижа народна, та тој поставува, избира наместо народот, а народот не денгуби, не се грижи и не мисли. Според сето ова, природно е тие да се викаат слободни избори.

Така избраните народни претставници се собираат во главниот град на Страдија да решаваат и да заседаваат за разни прашања за земјата. Владата — се разбира, секоја патриотска влада — тука се погрижила, тоа решавање да биде паметно, модерно. И тука владата ја зема врз себе сета должност. Кога ќе се соберат пратениците, пред да се почне со работа, мораат да поминат неколку дена во подготвителна школа, која се вика клуб. Таму пратениците се приготвуваат и вежбаат како подобро да ја од играат својата улога.

Сето тоа изгледа како подготовка за претстава в театар.

Владата сама го пишува делото што пратениците ќе го играат во Народното собрание. Претседателот на клубот, како некаков драматург, има должност делото да го проучи и за секоја седница да им ги одреди улогите на пратениците, — се разбира — според нивните способности. На едни им се доверуваат поголеми говори, на други помали; на почетниците уште помали, на некои им се одредува да изговараат само еден збор, „за“ или „против“. (Ова второво многу ретко се случува, и тоа тогаш кога се имитира природноста, по завршеното гласање, ги бројат гласовите за да се види која страна победила; а всушност тоа е определено многу порано пред да се одржи собраниската седница). На некои, кои не можат да се употребат ниту за тоа, им се одредуваат неми улоги, кога се гласа со станување и со седнување. Откако така убаво ќе се разделат улогите, тогаш пратениците одат дома и се приготвуваат за седницата. Необично се изненадав кога видов како пратениците си ги учат своите улоги.

Изутрината станав рано и отидов во градскиот парк да прошетам. Таму полно ученици, деца од нижите училишта и младичи од вишите. Едни шеткаат таму-ваму и го читаат на глас секој својот предмет: кој историја, кој хемија, кој веронаука, и така натаму. Некои пак, двајца по двајца, се преслушуваа од она што го научиле. Кога, одеднаш, меѓу децата здогледав и стари луѓе, кои исто така шеткаа, или седеа, учеа нешто од некакви хартии. Му се приближив на еден старец во народна облека, наслушнав, а тој неколкупати повторуваше една иста реченица.

„Господа пратеници, по повод претресот на овој важен законски проект, поттикнат сум и јас, по убавиот говор на почитуваниот другар Т… М…, во кој е изнесено сето значење и добрата страна на ваквиот закон, да кажам неколку зборови и, всушност, да го дополнам мислењето на почитуваниот говорник пред мене“.

Оваа реченица старецот ја прочита повеќе од десетпати, потоа ја остави хартијата настрана, ја крена главата, замижа малку и почна наизуст:

„Господа пратеници, по почитуваниот другар во кого се…“ — Тука застана, се намурти, молчеше долго, се присеќаваше, па повторно ги зеде хартиите, та пак ја прочита гласно истата реченица. Потоа пак се обиде да ја изговори наизуст, но без успех, згреши. Оваа процедура се повторуваше неколку пати, а успехот беше сè полош. Старецот очајно воздивна, налутено ги турна хартиите и главата ја наведна на градите.

Отспротива, на другата клупа, седеше едно учениче; во рацете ја држеше книгата затворена, па наизуст го кажуваше урокот по ботаника: „Оваа корисна билка расте по мочуришните предели. Нејзиниот корен народот го употребува и како лек…“

Старецот ја крена главата. Кога детето го изговори целиот урок го праша:

— Го научи ли твоето?

— Го научив.

— Да си жив и здрав, синко! Учи сега додека си млад, можеш да паметиш, а штом ќе дојдеш на моиве години, ич!

Никако не можев да си објаснам од каде овие стари луѓе меѓу децата и кој ѓавол ги тера да учат со бели коси. Каква ли е таа школа во Страдија?

Мојата љубопитност стана толку силна, што најпосле, не можејќи да си го објаснам тоа чудо, морав да му пријдам на оној старец, та од разговорот со него разбрав дека е народен пратеник и дека му е одредено во клубот да го научи говорот од кој пред малку ја повторуваше првата реченица…

По учењето на урокот доаѓа преслушувањето, а потоа се држат проби.

Пратениците доаѓаат во клубот и тука си го заземаат секој своето место. Претседателот на клубот седи на посебна маса, и крај него двајцата потпретседатели. До неговата маса е масата за членовите на владата, малку понатаму масата за секретарите на клубот. Првин едниот секретар ги прозива сите по ред а потоа се почнува со сериозна работа.

— Нека станат сите кои треба да ја играат улогата на опозиционери! — наредува претседателот.

Стануваат неколкумина од нив.

Секретарот изброи седум.

— Каде е осмиот? — прашува претседателот.

Никој не се јавува.

Пратениците почнуваат да се обѕрнуваат околу себе, небаре секој сака да рече: „Јас не сум; не знам кој е осмиот!“

Се вртат и тие седуммина и со погледите го бараат својот осми другар, кога еден се присетува и извикува:

— А, па овој овде ја доби улогата на опозиционер.

— Не сум јас, што ме набедуваш!? — вели тој налутено, а гледа во земјата.

— Па кој е? — прашува претседателот.

— Не знам.

— Сите ли се тука? — претседателот го прашува секретарот.

— Сите.

— По ѓаволите, па некој мора да е!

Никој не се јавува. Пак некој почнува да се врти околу себе, па дури и оној кого го посочуваат.

— Нека се јави кој е!

Никој не се јавува.

— Ти си, што не станеш? — му вели претседателот на оној осомничениот.

— Тој е, тој е! — викаат другите и здивнуваат, како кога човек ќе си симне од грбот голем товар.

— Јас не можам да ја играм улогата на опозиционер — вика оној грешник.

— Како не можеш? — прашува претседателот.

— Друг нека биде опозиционер.

— Сеедно е, кој и да е.

— Јас сакам да сум со владата.

— Ама ти си, всушност, со владата, туку така формално мора некој да претставува опозиција.

— Јас не сакам да ја претставувам опозицијата, јас сум со владата.

Претседатолот почна да му објаснува надолго и нашироко и одвај го наговори, откако еден од министрите му вети богата лиферација, каде што може многу да се заработи.

— Но, му благодарам на бога! — извика претседателот сиот испотен, заморен; сега ги имаме осуммина.

Додека претседателот и владата ое објаснија со осмиот опозиционер, та одвај го наговорија, оние седуммина седнаа.

—  Е, сега станете сите опозиционери! — рече претседателот задоволно и ја избриша потта од челото.

Стои само оној едниот.

— Па што значи ова, каде се другите? — викна претседателот надвор од себе од лутина.

— Ние сме со владата! — мрморат оние седуммина.

— Е, баш ни недостига оваа опозиција! — извикува очајно министерот на полицијата.

Настана тишина, здодевна, мачна тиншна.

— Со владата сте — почна сега налутено министерот на полицијата. — Па да не сте со владата, јас не би ве избрал! Сакате ли ние, министрите, да ја играме улогата на опозиција? На идните избори нема бездруго вие да ми доаѓате. За тие осум места ќе оставам народот сам да си избира, па барем ќе си имаме вистински опозиционери.

Најпосле, по долго објаснување, и откако секому му ветија по нешто, се согласија и оние седуммина да ја земат врз себе таа мачна улога. Некому му ветија висока функција, некому голема заработувачка, важно секој да добие награда за толку големата услуга на владата, која ѝ беше важно собранието колку-толку да изгледа вистинско.

Кога сето тоа среќно заврши и се преброди најтешката препрека, претседателот почна да ги преслушува опозиционерите.

— Што е твојата улога? — го праша првиот.

— Мојата улога е да ја интерпелирам влада затоа што државните пари се трошат напразно.

— Што ќе одговори владата на тоа?

— Владата ќе рече дека тоа е порада недостигот од пари.

— Што ќе кажеш ти на тоа?

— Јас ќе речам дека сум наполно задоволен со одговорот на владата и дека молам десетмина пратеници да ме поддржат.

— Седи! — рече претседателот задоволен.

— Каква е твојата улога? — го праша вториот.

— Јас имам да интерпелирам до владата затоа што некои чиновници добиле високи функции преку ред и имаат по неколку големи плати и многу додатоци, додека другите, поспособните и постарите чиновници, ниски функции и не се унапредуваат толку години.

— Добро, што ќе ти одговори владата на тоа?

— Министрите ќе речат дека ги унапредувале преку ред само своите најблиски роднини и луѓето за кои се заземале нивните блиски пријатели, и никого повеќе.

— Што ќе речеш ти на тоа?

— На тоа ќе речам дека сум налолно задоволен со одговорот на владата.

Претседателот го праша третиот која е неговата улога.

— Јас треба најостро да ја нападнам владата затоа што склучува заем под неповолни услови, кога финансиските услови во земјава и без тоа се тешки.

— Што ќе одговори владата?

— Владата ќе рече дека ѝ требаат пари.

— А ти на тоа што ќе речеш?

— Јас ќе речам дека со толку силните причини сум наполно убедан и дека сум задоволен со одговорот.

— Што имаш ти? — го праша четвртиот.

— Да го интерпелирам воениот министер, зошто гладува војската.

— Што ќе рече тој на тоа?

— Нема што да јаде.

— А ти?

— Наполно сум задоволен.

— Седи.

Така ги преслуша и другите опозиционери, и потоа премина на собраниското мнозинство.

Кој си ја беше научил убаво својата улога, беше пофален, а оние кои не си ги научиле улогите не смееја да дојдат на собраниската седница.

Поради неповолните услови во земјата народното претставништво уште на првите седници мораше да пристапи кон решавање на најитните работи. Владата исто така правилно ја разбра својата должност, та за да не се дангуби по ситни прашања, веднаш го постави за решавање законот за уредувањето на морската флота.

Кога слушнав за тоа прашав еден пратеник:

— Вие имате многу морски воени бродови?

— Немаме.

— Колку имате сè на сè?

— Засега немаме ниту еден!

Јас се вчудовидов. Тој тоа го забележа па и нему му стана чудно.

— Што ви е чудно? — ме праша.

— Слушнав дека сте донеле закон за…

— Да, — ме прекина тој — донесовме закон за уредување на флотата, тоа беше потребно, зашто ниту до денеска го немаме тој закон.

— Излегува ли Страдија на море?

— Засега не.

— Па зошто ви е тогаш тој закон?

Пратеникот се насмеа и додаде:

— Нашава земја, господине, нежогаш се граничела со две мориња, а нашите народни идеали се Страдија да биде тоа што била некогаш. Гледате, ние работиме на тоа.

— Е, тоа е нешто друго — реков небаре извинувајќи се. — Сега разбирам, и можам слободно да речам дека Страдија навистина ќе стане голема и моќна, кога за неа така искрено и пожртвувано се грижите и додека има толку мудра и родољубива управа како сега.

(Нареден дел)