Tag Archive | Милош Обилиќ

Театар во паланката (3/3)

(Претходен дел)

И направија статут, го одобрија и дури ѝ го потврдија во полицијата.

Одборот им одреди хонорари на драмските писатели, на артистите и на другите што помагаа.

Сега веќе не е шега. Работата зеде сериозни размери; тоа веќе се протури и во весниците, да знае цела Србија.

Се зеде под кирија целиот горен кат на еден стар турски конак. Истуркаа два ѕида, направија бина, завеса, сè како што има во Белград.

Поминуваат еден ден луѓе крај турскиот конак, а ѕидовите ги уриваат артистите со казми, се тресе сета куќа. Многумина ги собираат рамениците, се насмевнуваат, па си го продолжуваат патот.

— А како ќе излеземе на крај со олкав трошок? — го прашува професорот еден од трговците.

— Убаво — вели овој воодушевен од своето големо претпријатие, со кое сака да ги воспита сите граѓани и да се прослави: — имаме толку и толку граѓани, така ли е?

— Така е — вели Перо трговецот, и го гледа со недоверба.

— Убаво, нека доаѓа една третина редовно, тоа е толку и толку, по… по… сметај едно на друго по пол динар од лице, тоа е, најмалку да се земе, 200 динари; па уште кога ќе се земат децата, учениците и војниците, тогаш толкавата сума е уште посигурна. Во месецот да има четири претстави, тоа е 800 дин., — докажува професорот, и бидејќи малку си помолче, додаде самоуверено:

— Може да се смета на 1000 динари месечно.

— А кој ќе ги плати овие трошоци, додека не почнеме? — праша трговецот.

— Главно, сè има, знаеш, најмногу чини ѕидон додека да се урне, а се обврзавме, штом ќе престане театарот, пак да го направиме и да го предадеме исправно.

— А кој ќе го плати тоа?! — праша Перо плашливо.

— Тоа од прилика чини, со сите претходни трошоци околу 500 динари… Е, сега ќе запишуваме членови втемелувачи и добротворци.

— Нема ништо од тоа! — вели трговецот, кимајќи со главата.

Професорот замолче сметајќи си нешто во нотесот.

— Ајде да си го видам дуќаиот! — рече трговецот некако безволно, стана и отиде.

На идната одборска седница немаше ниту еден трговец. Се извинија дека имаат работа, а кој да ги знае зошто, всушност, не дојдоа.

Професорот се беше засилил, па работи ли работи. Издава наредби, им држи на артистите некакви предавања за драмската уметност, прима молби, жалби, ги решава, ги одобрува издатоците (всушност, да се земе ова или она на вересија).

Работи човекот неуморно, и со цврста вера дека многу ќе успее. Им дава на артистите (односно на калфите) задачи, кои им ги диктира, па пишуваат секоја вечер, откако ќе ги затворат дуќаните. Се труди да развие љубов кај младите за оваа уметност. Набавува книги на свој трошок, па дури и состави една драма, која, како што вели тој, е пишувана со прост стил, па е достапна на широкиот круг. Кај Јакшиќевите драми ги поправи стиховите, зашто уметниците се жалеа дека не можат да ги научат и да знаат што учат.

— Само работа и издржливост, па ќе се постигне сè! — вели професорот.

— Да, зашто и јас сум совладал сè само со труд! — декламира артистот, а се оптегнал во столицата како ага.

— Г. Гаврило! — процеди професорот низ заби.

— Повелете, г. управителу! — вели артистот, скокна од столицата, и се поклони длабоко пред него.

— Ќе можете ли вие да им објасните што е трагедија. Сега дотука дојдовме, зашто јас имам работа бо училиштето! — Ете, гледате колку работам јас, просто немам време да ручам и човечки да се наспијам!

— Ако заповедате, г. управителу?! — вели артистот во бас и се смешка.

— Значи, ќе можете вие тоа!

— Вие знаете дека тоа е мој занает! — вели артистот, надуено, гледа во другите, па само што не праша:

— Што не би дале да сте вакви уметници?

Другите навистина го гледаат со стравопочитување.

— Има една молба, господине, — вели Стево.

Професорот влезе во својата канцеларија.

Е, да видите само како е сега наместена канцеларијата! Тој донесол од дома убави пердиња (поради кои дебатирал со жена си цели три дена), па работна маса од оревово дрво, па својата фотелја и едно канабе, па набавил уште една друга маса за еден што ќе му пишува, а на тоа место го постави артистот, зашто има убав ракопис. На неговата маса има убава голема ламба, два сребрени свеќници, еден од едната, а друг од другата страна, и сиот прибор за пишување. Сето тоа го донесе од дома, и тоа едно по едно, зашто инаку, сè да собереше наеднаш, жена му ќе паднеше во несвест. Меѓу другото, сега се спрема и размислува на кој начин одоколу да ѝ спомене на жена си дека му треба и еден шкаф за актите; но тоа се веќе споредни работи.

Седна тој сериозно на масата, и намуртен ја зеде молбата в раце.

Молбата гласи:

„Играв долго на многу места наивни улоги, па поради слабост во очите ги напуштив и бев во првата куќа готвачка, а сега сум се здебелила, па морам да почнам да играм како трагична личност, па го молам понизно г. управникот да ме проба и да ме прими. Останувам понизно: Софија Маниќева.“

Ја прочита професорот, малку затраја, па го истри челото, и заѕвони.

Влезе Лазо чевларот.

— Нека ја види г. Гаврило оваа женска, па ако и малку чини, нека напшие решение да се прими, па јас ќе го потпишам — нареди професорот и излезе.

Во ходникот стои Софија, а Миливое чевларот ѝ потшепна:

— Овој е управителот!

Таа понизно се поклони, а управителот мина гордо, уживајќи во својата положба.

Тој на артистката вечерта ѝ даде лекција да се владее добро, а на артистите им јави дека е примена, и издаде строга наредба никој да не смее да ја пипне.

По неуморниот труд од цели дваесет дена, почна подготовката за пробата и подготвувањето на претставата — пак Косовскиот бој, зашто тоа артистите најдобро го знаеја.

Дури сега професорот нема одмор по цела ноќ и цел ден.

Взори е во театарот, а ако минете околу единаесет часот, пак е таму.

Едни ги учи како да се поклонуваат, други како да седнат, трети како да плачат, четврти како да се смеат.

— Немој ти само да викаш ха, ха, ха, како да читаш, туку насмеј се, како обично кога си се смееш! — му објаснува на Симо.

— Така пишува во мојата ролја!

— Вака се смее — вели професорот и се смее така што сè се тресе од смеата.

— Ајде, Вие, г. Гаврило!

Артистот се смее да пукне од смеа.

Удри Лазо чевларот во смеа, удрија и другите, па сè се тресе, а Симо се тренираше, па пак низ заби: „ха… ха… ха…!“

— Штогоде! — озикна професорот налутено.

Чешларскиот калфа треба да го игра Мурата.

Му објаснува професорот како треба тој да си замисли дека е вистински цар, па така и да се однесува, царски.

Го намести да седне на едно послано перниче.

— Од лево излегува гавазот, се поклонува, му ја целива на султанот влечката и му предава писмо! — наредува професорот.

Во тој миг упадна професоровата слугинка.

— Господине, ми рече госпоѓата да побрзате, се олади вечерата!

Професорот мавна со раката и ѝ даде знак да си оди.

Миливое го игра гавазот. Оди право, тропа со нозете, сè се тресе; на него некоја шарена облека и крива турска сабја.

Чешларскиот калфа скокна понизно штом го виде, и го причека како што причекува муштерии во дуќанот.

— Ама, сфати дека си ти цар, и дека сите се помлади од тебе!

— Слушај што ти вели господинот: ти си, се разбира, како цар! — му објаснува чевларот Лаза и кима со главата, гледајќи понизно во професорот, а во себе си смислува како ќе го придобие кај него да прави чевли.

— Од чешлар не бидува цар! — вели Стево тромо, се проѕевна колку што има сила, се почеша, си ја намести убаво шубарата на главата и ја спрашти низ вратата. Отиде човекот да спие, зашто веќе помина единаесет.

Тоа никако не му оди во глава на чешларот.

— Ух, да можам да вреснам! — вика Миливое.

За Мурат го зедоа Васо ќумбеџијата.

Веќе сè трча и сè јури низ градот, се агитира на сите страни, па се дигна и самот професор. Оваа вечер се дава претставата.

Артистот, како најснаодлив, седи на касата, а кога тој ќе оди да се облече како Милош Обилиќ, ќе го замени некој друг.

Се собра богами, прилично свет, па дојдоа и чиновници со госпоѓите. Веќе не се служи вино, и веднаш се гледа дека целата работа ја зел во свои раце човек кој разбира што е театар.

Се крена завесата и започна претставата.

Артистите играат отприлика како и на пробата, а артистката во ролјата на Царица Милица, се возгордеала да не можеш да ѝ пријдеш. Цеди низ заби кога зборува, дигнала глава, трепка, ја токми устата, и со војводата се однесува како кога ноќе пред порта, крадешкум од госпоѓата, зборува со саканиот.

Ќумбеџијата — некој враг во улога на Мурат беше задремал. Малку, малку, туку ќе ја ничкоса главата, и пред очите на сите заспа. Артистот го игра Милоша, па кога се издра силно, султанот сонлив скокна од чергичето, одвај сфати каде е, па пак си седна.

Публиката се смее, така што речиси и не се слуша што зборуваат.

Професорот да пукне од мака. Не му е лесно: на сите им раскажуваше како убаво ги има подготвено артистите.

Мурат не ни вечера, па освен дремката и гладот го тишти.

Меѓу чиновите тој го праша професорот кога ќе заврши неговата улога, а се клати, одвај стои на нозе. А и што да прави: две ноќи и два дана не беше одморил, а за тоа време уште прави и тенекиени печки преку ден, а преку ноќта ги учи, кутриот, улогите и доаѓа на проби.

— Кога ќе те убие Милош, веднаш потоа слободно оди си дома! — му вели професорот.

— А кога ќе ме убие?

— Сега, во идниов чин, само не дреми.

Пак се дигна завесата. Сите играат, зборуваат, бидејќи слушаат од суфлерот и тие и публиката, и повторуваат по него како она кога попот ги исповеда децата за причесна, па тоа зборува гласно, а тие по него, и тоа збор по збор.

Мурат се проѕева гласно, и се чеша по главата, а очите сами му се затвораат.

Пак задрема, и веднаш почна да грчи. Заспа убаво како заклан, само што ја спушти главата.

Не би час настана викотница во собата од лево.

— Излегувај Милоше! — вика суфлерот скоро гласно, како обично што се зборува.

— Камо го, каде е? Видете долу во дворот! — настана џагор што тоа го слушна и публиката.

Претставата застана, се чека Милош да го убие Мурата, а Милоша го нема.

Вревата сè поголема и поголема, додека сите артисти ја напуштија сцената, и истрчаа некаде.

Пцујат, се караат, викаат, но Милоша го нема.

— Избегал, избегал! — викаат низ дворот.

— Нема ни пари! — вика Стево и дури сега настана истински урнебес.

Публиката седи и слуша што се прави. Некои потрчаа на помош, а други се смејат; на многумина им се појавија солзи на очите.

Само Мурат на бината. Беше ја ставил главата на колена, па грчи ли грчи!…

— Та тепајте ме цела ноќ, или ќе си одам! — викна тој налутено, кога го разбуди вревата; скокна и почна сонливо да се врти исплашено околу себеси, та му се стори небаре сега повторно оживеа.

Уште поголема смеа во публиката.

— Е, оваа вечер чини милиони! — викаат многумина, задоволни со оваа комедија.

Дотрча внатре професорот, блед и зазбивтан.

— Што стана? — го праша еден полицаец, кој се готвеше и сам да излезе и да види кого го фаќаат и кого го бараат.

— Замислете само: Милош Обилиќ избегал и ги собрал сите пари! — одвај изговори професорот зазбитван.

— Па зарем Обилиќ предавник?! — викаат некои и се смеат.

— Што е со Вук? — прашуваат други.

Полицијата отиде бргу да нареди потера, а другите гости, одвај чекорејќи од смеа, почнаа да си разотидуваат.

Претставата го чинеше професорот една поголема меница, со која ги исплати театарските долгови.

 

Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)

Театар во паланката (2/3)

(Претходен дел)

Во кафеаната кај „Орачот“ сè е готово. Направена е бина од штици крај вратата од читалната, на која ќе влегуваат артистите и ќе излегуваат пред публиката.

Пред кафеанската врата е г. Ивиќ. Тој ги пречекува гостите како управител.

— Нека ти е со среќа, Јово — му вели една тетка влегувајќи, многу сериозно.

— Благодарам! — одговара овој во бас уште посериозно,

— Почнавме, а? — вели г. Спиро, поздравувајќи се со управителот.

— Трчај уште по една клупа — му вика артистот на чешларот.

— Па во името па бога! — му одговара Ивиќ на Спиро, и се сврте накај внатрешниот дел во кафеаната, па рече да се оди кај Стево берберот за клупа.

Како што гледате, тука нема шега. Дојде веќе и публика.

Влезе и управителот внатре, зашто не се надева на повеќе посета. Се чека само на почетокот. Едно дете носи вино во бокал, и по наредба на управителот, ја служи публиката.

— Де, послужи го Г. Спиро!

— Благодарам; нека ти е долговечно! — одговори овој, откако ја испи чашата.

— Дај му една на чичко Гавро.

— Остај, море, некако не можам; туку дојдов за твоја љубов!

— Ти благодарам, но ајде испиј една; добро е виното!

— Е, ајде; нека ви е среќно и долговечно! Да даде бог на висок степен да стигнете — благословува Гавро.

— Дај боже! — одговара смирено Ивиќ, сиот среќен.

— Ајде, почнувајте, Васо! — му викна на кувенџискиот калфа стрико му, кога Васо се покажа на вратата од читалната.

Почна претставата. Момченцето служи и понатаму вино, а публиката пие и се смее, ти се чини дека сè ќе пукне од смеа. Особено на Јово, што ја игра Пела.

Срето чевларот игра артист, и за подобро да го претстави пијан, и самиот се опијани.

— Како се направи вака пијан, па како вистински напиен човек — се чуди чичко Гавро.

Другите артисти на бината брбнаа во смеа кога го чуја тоа, а особено оние што ѕиркаа од подотворената врата од читалната.

Суфлерот зборува од дупката меѓу штиците, за што е и наменета таа таму, а артистите и ќе си потпрашаат ако не слушнат добро.

— Пела му летна в очи — зборува суфлерот.

— Не маткај се! — викна еден од читалната, зашто сакаа да го турнат оние другите, за подобро да види.

— Молчете вие таму, не слуша човекот! — ги советува суфлерот, а Пела кима со главата и чека да ѝ каже суфлерот повторно.

— Пела му летна в очи! — изговори Јово со меланхоличен, тажен глас, кимајќи со главата.

На артистот му светнаа очите од лутина, и значајно одмавна со главата, додека Пела се присети, вресна колку што го држеше грлото, па се стрча накај Срето.

Громогласна смеа се разнесе во публиката.

— Гледај го ти опакиот Јово! — викнаа некои.

Се игра понатаму.

— Пела кива! — вика суфлерот.

— Пела кива — повторува Јово.

— Па кивај, зевзеку; слушаш што ти се вели! — мрмори артистот.

— Не кивам јас, ти треба да киваш! — му одговара Јово налутено.

Артистот крадешкум го мушна со ногата под масата и промрморе: „Кивај, скоту!“

— Прашај го кој кива? — се брани Јово.

— Пела, Пела — се слуша суфлерот.

Јово сега се намести, ја дигна главата и кивна.

Играта продолжи понатаму.

— Готово е, да си одиме — рече чичко Гавро, и стана. Артистите за миг ја прекинаа играта, и погледнаа на таа страна.

— Седи уште малку, го задржува г. Ивиќ. Почнаа да стануваат и другите, и да се поздравуваат со оние што остануваат и со управителот, па им довикнуваат и на артистите:

— Е, добра ноќ! Ама се изнасмеавме!

— Добра ноќ — одговорија и тие, за да не се замерат.

— Ајде, испиј уште една — чести управителот уште некого и на врата, за да го придобие и за другпат.

И така малку-по малку си отидоа сите пред да сврши претставата.

Потоа се дадоа уштее две-три претстави, но посетата беше сè помала. Кој ќе дојдеше еднаш, тој не доаѓаше по вторпат, зашто секој сметаше дека тоа треба еднаш да го види, како кога прикажуваат чудовишта на пазарот.

Па сепак, воодушевувањето кај младите луѓе не исчезна. Тие неуморно работеа. Ако минете покрај чешларот Саве, а туку од зад тезгата ќе се слушне глас, да речеме:

— Јас својата чест морам со крв да ја измијам!

Тоа Тошо, неговиот калфа, учи улога, а чиракот стои на вратата и внимава да не наиде газдата.

А вие се чудите и одите понатаму; таму кај кувенџијата ќе ве штрекне врескањето:

— Удри, неверо, во оние слаби гради!

Уште повеќе ќе се зачудите кога ќе наидете пред кујунџискиот дуќан, а тоа се собрал многу народ, па гледа и слуша, што никогаш не чул.

Газдата Цоне му врза шлаканица на калфата, а овој протестира и се закакува дека ќе му се одмазди.

— За тоа ли те плаќам, свињо погана, да ми се дереш по дуќанов како луд! Сите муштерии ќе ми ли истераш!

— Немој ти никого да караш и да тепаш — вели калфата.

— „Да видиш ти како тепа Милош!“… Да видиш ти сега газдата Цоне како тепа! — вика газдата Цоне, што може и не може.

Малку по малку се распали и калфата, му се караше на газдата колку што може подобро, па си отиде од дуќанот.

Можевте пак еднаш да го чуете и ова како готвачката во кафеаната „Плуг“ се закара со стопанката.

— Ако вие така мислите, мене театарот не ми гине! — се закани готвачката.

И навистина, само да отиде, би ја дочекале со раширени раце.

Со еден збор се преобрази целиот град. Малку се куќите во кои нема караници и викотници. Газдите викаат на калфите и на чираците, татковците на децата. Младиот и стариот свет се на воена нога.

Управителот Ивиќ се испотепа со својата жена, па жив срам, — пука целиот град. Не ѝ е на жената лесно, ако сакаме по право. Откако започна театарот, таа нема мир по цел ден; а по цела ноќ, како што таа им се жалела на сосетките, седи сама како скот, „па и скот тоа не би трпел“ — вели таа.

Еднаш кај неа се насобраа жени, а таа се жали:

— Те ајде шиј одежда, те ајде толчи смеса, те ова, те она; па вчера ми вели да му правам некакви одличја за војвода. Навистина, верувајте ми, не можеш да здавнеш; ете, откако дојде тој театар, не сум протнала игла.

— И ние ти се чудиме кажо можеш да го поднесеш ваквото „корзирање“! — ѝ зборуваат насобраните жени.

— Море, тоа ништо, туку штом ќе се сквечери, тој е во театарот, па до ниедно доба чекај; па кога ќе дојде, станувај, па отворај врата, па изнастинав, еве, кашлам!

— Мака, богами, — вели една — тоа не е никаков живот!

— Па што не му речеш да се оттргне! — и предлага друга.

— Кому, нему?!… Го сака тој театарот и оној брлив артист стопати повеќе отколику мене! — рече нажалено Ивиќка, а солзи и светнаа во очите.

— Е, е, што си направи, ако за бога знаеш! — викаат другите, и климаат со главата тажно и како со некаков израз на сочувство на лицето.

Ете, од тие причини се случуваат и кавги помеѓу Ивиќ и неговата жена, и една вечер дојде до тоа што Ивиќ ѝ врза шлаканица на жена си.

Се приготвува Бој на Косово, Ивиќ седи попладнето дома и ја учи улогата на Милош Обилиќ. Тој шета по собата од крај до крај, подзастанува, се бие во градите, изговара одделни реченици толку силно што се тресат прозорците. Жената му седи на крајот, нешто си плете и гледа што ли станува од човеков, што талка како ѓавол.

— Невера јас никогаш не сум бил! — извика Ивиќ и ја дигна едната рака високо.

— Што не гледаш ти, жити бога, да купиш дрва? — го праша остро жена му.

— Излегува Вук — зборува полека Ивиќ понатаму; — не, не, Милош пак излегува.

— Што ти е, жити бога, та што се избудали! — рече жена му налутено.

— Ќе го фатам Вука Бранковиќа!… — декламира Ивиќ понатаму, и не обѕрнувајќи се на зборовите од жена му.

Се стемни, а тој се готви да излезе. Мора да оди. Како ќе биде косовскиот бој без Милоша?

Жена му почна да вика и да пцуе, и да му се заканува дека нема да му ја отвори вратата.

— Мораш! — свика Ивиќ и ѝ се спушти, со срцето на Обилиќ.

— Нема да ти отворам! Оди каде знаеш како и секој луд човек!

— Кој луд?

— Ти!

— Зарем јас луд! — викна Ивиќ со пламенот на Обилиќ, и шлаканицата пукна.

Кој ги познава ваквите случаи, само тој може да си замисли колку лоши последици имаа за Ивиќевата куќа поради таа шлаканица.

Главно е да знаете дека Ивиќевата жена си отиде кај татко ѝ, а него го остави.

Откако г. управителот Ивиќ и удри шлаканица на жена си и отиде да го игра Милоша, беше свесен за сè што од тоа може да произлезе. Никој не знаеше што му е, зашто сите преценија според играта дека Милош е незгоден.

Кога се врати по претставата дома, ја затече куќата празна: жената ја нема.

Ако некој од публиката се вратеше со него по претставата, ќе имаше што да види.

— Така, будала! — го пречека татко му уште на врата.

Потоа почна да го кара, а тој ја наведна главата, па ниту нешто слуша ниту нешто умее да мисли, а чувствусва врз себе товар, голем, преголем.

— Ете, што направи со шлаканицата, мрднат од умот — го кара татко му.

Ивиќ во тој миг се почувствува како во некаков страшен сон, а се презираше и самиот себеси и театарот, и артистот и целиот овет.

— Ах, Јово, будала над будалите! — рече очајно кога излезе татко му од собата, па падна на постела. Кој знае што мислеше, но цела ноќ не заспа.

Утредента во градот се зборуваше само за тој настан. Знаеше тој за тоа, и тоа му ја правеше неговата положба уште потешка.

Не излегуваше никаде од дома, а во театарот си даде оставка, каде рече дека поради слабо здравје и семејни работи не може и понатаму да остане ушравител. Интересно е што и со таквите околносги неговиот стил гласеше. „Многу жалам што не можам и понатаму да се ставам на услуга на театарот со својата подготовка“.

Настана метеж во театарот. Лазо и Стево ги изнесуваат причините дека треба да престанат, зашто ништо не опечалиле. На артистот, на Миливое, на Симо и на кувенџијата тоа не им одеше во сметка, и тие се за тоа и понатаму да работат, запгго:

— Секој почеток е тежок! — вели артистот, полн со гордост и самодоверба.

Всушност, сите тие во оваа работа ги полагаа своите надежи да имаат со што да се прехрануваат, а всушност Лазо и Стево сакаа тоа да им донесе лична корист, како днекаква трговија, па затоа и се лутеа што оди бавно.

По долги советувања решија театарот да остане, но сега во одборот да повикаат некои професори, учители, свештеници и имашливи трговци, кои ќе се заземаат да ја одржат толку убавата установа.

И се собра славниот одбор од петнаесет лица. Еден млад професор, Војо, држи говор и запна да докажува како е тоа прекрасна установа и училиште за граѓанството, како тука ќе се шири образованиегго, ќе зајакнуваат карактерите, ќе се освежуваат духовите, зашто, вели тој, и онака материјализмот е сè и сешто за нашите граѓани.

Ѓаконот Тасо вели да се избере управа и да се изберат две лица да направат статут, зашто нему не му се чека многу. Го зборува ова и слуша што зборуваат другите, а постојано гледа во часовникот да не задоцни на опело.

— Нема овде за мене печалба — си мисли Стево, претседателот на читалната, мезејќи се со леблебии, пиејќи комова и набљудувајќи си го својот дуќан да не наиде некој за бричење или стрижење!

Настана врева и расправија за тоа што ќе биде и како ќе биде. Малку по малку, па се премина на сосема други работи, и разговорот се води како обично да се во меаната, како да заборавија зошто дојдоа.

Ѓаконот си отиде; на Стево му дојде муштерија во дуќанот, па и тој отрча.

— Те чека Томча за оние штици да видите! — му јави чиракот на еден трговец од одборот, та си отиде и тој.

Си отидоа многумина, и секој кога си оди вели дека ќе се сложи со тоа што ќе решат другите.

Па и што друто можеше да се реши освен за управител да се избере г. Војо професорот, за потпретседател еден учител, за благајник еден трговец, за драматург пак еден млад учител, и четворица трговци за надзорен одбор.

(Нареден дел)