Tag Archive | меана

Театар во паланката (1/3)

Некои луѓе велат: „Многу таленти се губат во паланките и остануваат неоткриени!“ Всушност, секој нека зборува што сака, само ако не ја зафаќа власта; но мене ми се чини дека немаат право. Да не почнам веднаш со уметниците што ги пронајдов јас; треба да знаете, драги читатели, дека токму во паланката се води сметка за сè и се цени секаков талент повеќе отколку во престолнината.

Сите ние овде знаеме дека книговодителот Љубо умее да направи мезе од моркови со зејтин и оцет и, верувајте ми, дека необично го цениме и почитуваме тоа, па дури и редовно му даваме можности својот талент да го усоврши! Што мислите пак за Василко „ќебапчијата“? Мислете си вие што сакате, но ние него и неговиот талент го цениме повеќе отколку белграѓани талентот на некојси свој поет!

Јас пред некој ден долго размислував дури и за тоа: зошто не прелетува во мојот двор шарениот петел на чевларот Лазо? Си ја удирав главата можеби повеќе од каковгоде историчар додека да објасни некој настан; и најпосле дознав од момокот дека петелот е заклан кога на Лазо му дошла на гости тетка Цака. Мене тоа момокот ми го раскажува, а мојата комшика стои на прозорецот, се јавува, па веднаш додава: „Штета за таков петел; јас токму вчера зборував со Мито. Навикнавме, знаете, на него — нели и вам ви е необично?!“

Многу разговаравме за тоа; а ете, тоа е само еден обичен петел и ништо повеќе.

Јавното мнение со будно око го следи секое движење од секого. И дури и најситна рабога се подвргнува на остра критика.

— Во Белград некој новинар може да напише најдобар напис, па за тоа никој ни збор може да не каже; ќе направи, да речеме; некој државник грешка од која страда целиот народ, па и покрај тоа, никој не му вели ни потаму стапи, и уште му ја симнуваат капата.

А во паланката: седнуваат тројца да играат санс, и веќе другите маси во кафеаната се празни, зашто се собираат сите околу играчите. Секој веднаш си ја зема својата столица во едната рака, а пијалакот што почнал да го пие во другата рака, па им приоѓа на оние што играат. Ако нема доволно место за седење, ревносните „кибицери“ стојат наоколу и со будно око следат секое движење, и го проследуваат играњето со најбурна дебата, која често е многу поостра отколку кога во Народното собрание се решаваат најважните прашања!

Писарот Мишо еднаш ја фрли десетката „треф“, а ја чуваше дамата „ерц“ и ја загуби четвртата партија од аптекарот Перо, кој го „покани да се пресметаат“. Го „насамари“ човекот, и јавното мислење толку грозно го прекори и му отсече така што човекот, жими бога, цел ден не влезе в кафеана, се засрами од својата грешка. Ете, како луѓето се грижат за сè, и ја следат работата на секого, па дали и јас би смеел тогаш да ја пропуштам оваа ретка и значајна појава во нашава паланка.

Кафеаната кај „Орачот“ е најобична кафеана во нашето место, каде што обично отседнуваат селаните штом ќе дојдат в град. Има дрвени маси, без чаршафи, големи несмасни столици околу нив; во средината на меаната голема тенекиена печка, околу која зиме седат селаните, се греат, потплукнуваат и пијат ракија; насекаде по ѕидовите испозакачени некакви објави и општински наредби; подот е од тули, прозорци со мувосерки. По простор таа е доста голема и полна е само во сабота, кога е пазарен ден, а инаку по три-четворица преку ден седат со „чоканчето со комова“, и се проѕеваат ревносно, а понекои на пладне јадат зелка или јанија и мласкаат со устата така што се разнесува по целата меана. По ништо, се разбира, не би била важна оваа меана, да не забележев на вратата што е влево од шанкот напишано, малку накриво и со лош ракопис: „Занаетчиска читална“. Под тоа стои: „Кој не е член забрането му е да влегува без дозвола“, а под тоа уште со друг ракопис: „Јанча Ѓ. од Златокоп остана од саботата 5 гроша и 30 пари“.

Внатре, во читалната, не е подобро наместено отколку во меаната. На средината има голема маса и околу неа неколку столици; на ѕидот е закачена дрвена полица и на неа неколку книги и весници, на кои одамна паднала прашина; до книгите, на еден крај од полицата стојат два шпила карти и таблица за бележење.

Читалната има околу дваесет членови, претежно само занаетчии. Претседател на читалната е некој бербер Стево, а благајник и еден вид библиотекар е Лазо чевларот. Во работен ден слабо доаѓаат, а во празник речиси редовно.

Денес е празник и ете ги сите на куп. Студен февруарски ден, па масата ја доближија до печката. Крај масата седат Јово молерот и Васо кумбеџијата и играат „џандар“. Претседателот Стево седна крај печката па го расчепка жарот да пече месо за појадок. Лазо де чита весници, де гледа како овие двајца играат карти.

Калино џубе зелено! — си потпевнува Јово, и се мисли што да фрли.

Калино џубе… — почна и Васо да си пее, па туку наеднаш прекина со зборовите, — Не може седумка со осумка!

Месото во печката црцори и почна да мириса. Стево го преврти, си ги излижа прстите и рече: „Ох, ама мераклиски се испече!“

— Ух, што е џандари, верата нивна! — зборува Јово н фрла карта.

— Што ми потекоа лиги од месово — рече Васо, па погледна во Стево.

— Гледаш, свињите поскапеле — рече Лазо, прекинувајќи го читањето.

— Дај, меанџија, малку леб — побара претседателот.

Калино џубе зелено — пак пееше Јован играјќи карти.

Така отприлика ги поминуваа деновите во читалната, мирно и тивко, и кој уште се надеваше дека тоа друштво ќе основа театар, но веројатно самото провидение така сакало.

Дојде во нашето место некое патувачко театарско друштво и објави дека ќе дава само три претстави. Влезната цена беше мошне ниска, та едно поради тоа, а второ, господ сам да знае зошто, но на претставата имаше полно свет.

Тука беа и нашите Лазо и Стево, и многумина од читалната, и веднаш, по првата претстава Стево и Лазо водеа ваков разговор:

— Паднаа синоќа околу пет-шест банки! — рече Лазо замислен, и изгледаше како нешто да пресметува самиот за себе.

Стево исто така нешто си мислеше, вртеше со главата, сметаше на прсти, па по долго молчење рече:

— Гледаш како си поминуваат тие!

Пак настана долго молчење, кое го прекина Лазо со подмолна воздишка, а потоа додаде:

— Така ти е тоа: го проскитуваат белиот свет, па печалат; а јас се мачам и работам, па ништо!

— Сосема за бадијала дигнаа толку пари! — прифати и Стево злобно.

Тој нивни разговор и ќе поминеше, како и толку безначајни разговори во светот, да не се случеше нешто друго неколку дена потоа.

Еднаш, пред вечера, дојдоа Стево и Лазо кај „Орачот“ на ракија. Кога таму, на една маса се туркаа неколку калфи, а меѓу нив еден од оние артисти што ја даваа претставата.

Артистот е млад човек од дваесет и неколку години, висок и бојлија, а и со многу пријатно лице. Ја зафрлил паларијата на темето, големата, црна, кадрава коса му паднала на челото, мавта живо со рацете и зборува вжештено декламаторски. Се завртува кои сите по ред, и на секого му гледа право в очи. Сите на масата молчат, го слушаат со отворена уста, и гледаат во него без да трепнат, та го голтаат секој негов збор. Во главата на секого се развиваат чудни планови, и секој според своето мислење му поставува по некое прашање, очекувајќи одговор со уште поголемо внимание.

— Колку може да се заработи? — праша еден.

— Се живее славно, ете колку; но ние не се стремиме за богатство, — го издекламира артистот одговорот.

— Но кога би штедел човек? — праша еден чешларски калфа.

Кога сакаше да му одговори, и наполно да заземе прописна поза, го запраша сапунџискиот калфа:

— Ве кара ли понекогаш старешината?

— Јас да трпам прекори — викна громко артистот, покажувајќи со прстот на себеси.

Настана молчење, а тој гледа во секого по ред; стапа од стол, па уште поважен повтори: — Јас да трпам прекори?… а потоа се одби малку назад, мавна неколку пати со главата и иронично додаде: Ха, ха, ха, артист смее ли да трпи прекори?! Штогоде!

Потоа се насмеа така како мога човек би му се насмеал на дете што не го знае тоа што го изговара.

Додека сиот овој разговор се водеше, Стево и Лазо стоеја крај печката и внимателно слушаат.

Сите молчеа.

— Но постариот мора да има чест! — се замеша Стево.

— Јас моите чираци ги карам, па ако не слушаат, ќе ги истерам! — речиси во истиот миг рече и Лазо.

— Јас за правда и ќе гинам ако треба, и не трпам никого! — отсече артистот налутено, па, малку откако помолче, додаде тивко; развлечувајќи го секој збор во реченицата:

— Мојата држава е на штиците; со ова вештина јас можам да го поминам целиот свет, и да живеам подобро отколку секој газда одовде. Јас ја напуштив дружината поради неправда, зашто управителот сакаше да ми натрапи некаков си комичен јунак, а јас сум трагичар.

Лазо потврди неколку пати со мавтањето на главата, правејќи се дека го разбра многу добро сето тоа, овој што велеше, викајќи:

— Да, да, да, се разбира, се разбира — а всушност го мачеа зборовите комичар и трагичар.

— Не сакам јас тој да ми натрапне комична улога! — пак артистот рече со посилен и со важен глас.

— Се разбира, се разбира, тоа е безобразие, тоа баш не е убаво — прифати Лазо и си мисли во себе: „што ли сакал да му натрапне?“ — замислувајќи си ги зборовите „комична улога“ како нешто многу гадно.

— Па, се разбира, — процеди низ заби Стево претседателот повеќе не размислувајќи, а по кратко молчење додаде поживо:

— Колку, велиш, може да падне од претстава?

— Па, ова, почна артистот, може, може, како да ви кажам… — ова го изговори мижејќи на едното око, малку ја затури главата наназад, а со стапалото од десната нога тупка по подот.

Во главите на младите калфи се развиваат чудни планови. Секој збор од младиот артист пред нивните очи развива нови светови, со полно дражесност, а нивната досегашна работа, сè повеќе и повеќе им изгледа одвратна. Особено е жива фантазијата кај Миливое и кај Симо, кои се без работа. Миливое го знае чевларскиот занает, а Симо шивачкиот.

Миливое се запали и си порачува ракија по ракија, испивајќи ја на екс; а Симо изгледа нешто зловолен, и сè некако се врти на столицата, како одвај да чека да остане со артистот на само. Потпивнува тој по малку ракија и си потплукнува без прекин.

— Може да се заработи многу, но треба праведно да се дели! — ја изговори артистот својата почетна реченица.

Лазо и Стево нешто се замислија, но од лицето им се чита како и самите да не веруваат во тоа што го мислат.

— А има ли убави артистки? — праша Миливое запален, му намигна иа Симо, а чешларскиот калфа го удри по рамото и извика:

— Леле, Томо, што велиш!? — потоа прсна во смеа, стана од столицата и порача ракија.

—  Да е како што беше царица Милица! — му рече Спиро меанџијата.

— Море, подобра е Вукосава! — додаде Тома, и се зацрви.

— Кисело е грозјето, деца! — вели Стево и се протегнува.

— Затоа се образованите дами! — рече артистот со својот бас, од некоја височина.

— Се разбира, се разбира, да, да, се разбира! — одобрува Лазо, се клања и кимна со главата…

Така се водеше разговорот уште некое време. Сите си разотидоа, останаа само артистот, Миливое и Симо.

Разговараа живо и пламено и по полноќ и Миливое од воодушевување така се напи, што Симо одвај го однесе дома.

По улицата мрачно, ладниот ветер дува и нафрла ситен снег во очите. Миливое се влечка и штука, го придржува да не падне.

— Да се вратиме кај „Круна“! — викна Миливое а овој не му дозволува.

— Да видиш Вуче, како Милош толчи! — викна Миливое и го турна Симо од себеси.

— Ајде, море, да спиеме, не малтретирај се во ноќва — викна Симо.

— На-а-а-зад, Вуче, или ќе те заколам! — викна Миливое, и ја дига десната рака во одбрана, како кога држи сабја, левата нога ја испружи назад, а со десната зачекори напред, свиткувајќи ја во коленото.

Од таа ноќ не поминаа ниту три-четири дена, кога некој си Јово Ивиќ, стажант го истераа од служба. Кој знае зошто! Некои велат дека нашиот пратеник сакал да си го намести својот внук од сестра, некојси истеран ученик од VII клас гимназија, па да се отвори место, така беше истеран кутриот Ивиќ.

Сега Ивиќ почна најчесто да се гледа со артистот, со одметникот од својата дружина, која пред неколку дена отпатува од нашето место.

Ивиќ има околу 30 години. Носи долга коса и капата му е фрлена наназад. Раскажуваа дека тој уште пред неколку години бил статист во некојси патувачки театар, а завршил шест класа гимназија. Си водел љубов и со некоја артистка, па татко му го присилил да ја напушти таа работа, и го однесол дома. Татко му е прилично имашлив, а тогаш беа негови луѓе во владата, па тој со помош на пријатели му издејствува на Јово да биде стажант, на кое место и беше сè до пред 3-4 дена.

Сега на сите им изгледаше како кај него да се појави старата љубов кон театарската уметност.

И артистот (навистина, заборавив да кажам дека се вика Гаврило Михајловиќ) и Јово одеа во читалната, и таму многу често водеа долги разговори со Стево, Лазо и со другите членови. Во кафеаната пак секогаш приквечер се состануваа со калфите, а посебно со Симо и Миливое.

Од тој нивни разговор изникнаа еден ден објавите по нашето место со ваква содржина:

Членовите на Л…чка читална решија со нивна грижа да се формира градски театар под управителството на г. Ј. Ивиќ, бивш овдешен писар, а под постојана режија на добро познатиот извежбан артист Гаврило Михајловиќ, а во соработка со членовите на читалната; а приходот од театарот ќе ѝ се стави на ракување на управата на споменатата читална, за набавка на весници и книги, а особено за смешни претстави за нашата публика, како и патриотски пиеси.

Ова му го јавуваме на почитуваното граѓанство и молиме обилно да нè потпомогне, за да може оваа благородна установа да се одржи, на гордост на нашево место.

Првата претстава ќе се дава кај „Орачот“, за која граѓанството ќе добие сега автографисани плакати со имињата на лицата, а подоцна ќе се печатат во овдешната печатница.

Театарот ќе се вика „Граѓански театар Југ-Богдан“.

Од Управата.

Под тоа е додадено:

„Бидејќи недостасуваат артисти, кој сака нека се обрне до управата заради проба и прием со добра награда, а преку ден може да си ги работи и своите раобти.

Горната Управа.“

Така настана театарот. Кафеаната кај „Орачот“ стапа славна и прочуена, а улицат во кој е таа, стана пожива од обично. Секој од љубопитство ќе помине тука, и така ќе ѕирне во меаната да види што се прави таму, всушност во меаната е како и обично; а во првото време подготовките се вршат во читалната. Управителот прави од хартија капи, Јово молерот ги засукал ракавите во едно ќоше, па молерисува шума на некакви штици, обложени со хартија; шивачот Проко во другиот крај шие одежда за свети Сава од некои стари постави; Миливое дограмаџијата прави сабји и мечови од чамово сурово дрво; артистот толчи некоја смеса, па прави бенгалски оган. Едни трчаат низ градот, па бараат стари облеки – пиштоли, црногорски капи, турски сабји. Кога да видите, само се работи, и тоа сè со брзање.

Полно има деца на прозорците и љубопитни граѓани внатре во читалната: едни одат, друти доаѓаат. Секој кога ќе појде, ќе ги спушти рамењата, ќе се насмее, па ќе рече: „Е, ајде, ајде, ќе видиме!“

Тука се работи не само дење туку и ноќе, особено, по долгите преговори, кога друштвото издејствува кај Коста бакалот да добие петролеум на вересија.

— Гаден трговец! — се лути артастот — како божем театарот ќе пропадне поради неговото едно кило газија! — а потоа почна да го кара меанџијата што му бара однапред пари за храна.

— Свињи едни, и за нив треба да се работи! — викна и тресна со ногата на подот со таква жестина како што само му прилега на оној што игра „трагични јунаци“.

Вака-така га совладаа сите пречки и започнаа со пробите.

Една од најголемите тешкотии им е таа кој ќе ја игра Пела во Стеријината Зла жена, зашто не се јави ниту една женска. Секој се чувствува машко, па не сака да игра жена. За малку што не дојде и до тепачки, но благодарение на бога, артистот ги надвика сите, и се закани дека тој ќе ја батали работата ако не го слушаат, и така таа улога му се даде на Јово молерот, зашто пронајдоа дека тој личи на Пела.

— Пело, седни до мене! — го чепна Миливое, кога тој, по поделбата на улогите, лут како оган, го довршува бојадисувањето на некои прозорци.

— Марш, песу! Не лај! — отсече овој остро и замавна со четката.

Сите се напнаа од смеа, а никој не смее да се насмее, зашто се плаши од кавга. Некој ја дофаќа вратата, па викнува:

— Пело, не лути се!

Пцуе Јово сè што ќе му дојде иа ум; а со четката го гаѓа чешларот, и скокнува за да искине во лутината сè што направил.

Пак нова врева и караница. Одвај се разбраа дека тоа е шега и дека не треба да се лути, по долги објаснувања од страна на артистот.

— Секоја улога мора да се игра со љубов — декламира артистот, завршувајќи ги своите поуки за уметноста!

(Нареден дел)

Мртво море (3/5)

(Претходен дел)

Јас многу патував по светот. Некои веруваат во тоа, а многумина не веруваат, ами сметаат дека јас тоа така сум си го вообразил. Чудно! Впрочем, како што рекол некој, сето тоа воопшто не ме интересира. Главно е јас да сметам дека сум патувал многу.

Патувајќи по светот човекот ќе види сешто, честопати што не сонувал ниту на сон, а не пак да може буден да го замисли. Во еден англиски весник читав како целиот англиски печат најстрого нападнал некојси грешен Англичанец, кој напишал некаков патопис низ Србија. Го читав и патописот, и ми изгледа прилично верен, но никој од Англичаните не му верувал ниту дека има некаква земја Србија, а камо ли пак тоа што тој го напишал за таа земја. Го нарекле занесен, па дури и луд човек. Ете, сега, нека видат критичарите дека во светот сè може да се види, па да не викаат постојано: не е точно, не одговара на реалноста; личностите како да паднале од Месечината (а не гледаат како и покрај нив и покрај нас секојдневно минуваат толку индивидуи кои се многу полоши отколку да паднале од Месечината), а веќе нивната стереотипна црвена нишка што се провлекува, не знам, низ делото, каде ли, ѓавол да го земе, излезе на врвот на главата.

Ете, значи, така и јас, патувајќи, наидував на едно прекрасно општество, всушност место, државичка, којзнае што.

Првото нешто што го видов во таа земја (ајде баш така, чисто да ја викаме) беше некаков политички собир.

„Навистина убаво, жими бога, од каде токму јас да нагазам на тоа чудо!“ — си помислив во себе, и ми стана непријатно, зашто во Србија веќе и се одвикнав од политичките собири и од учеството во јавните работи. Сето тоа едно со друго се групирало и се смирило, па нема човек со кого и да се скара убаво.

Се изненадив. Со собирот раководеше претставник на власта од тој крај на земјичката, сигурно го викаа окружен началник, а тој беше и свикувач на политичкиот собир.

Мнозина граѓани беа дремливи, бабуњосани од спиење, некои дремеа стоејќи, со полуотворена уста, очите затворени, а главата им се клатеше лево-десно, горе-долу, се занишуваа по две граѓански глави малку посилно, ќе се удреа, ќе се штрекнеа, обајцата политичари ќе се погледаа со тап поглед еден со друг, не се изненадуваа од ништо, очите им се затвораа, а главите и натаму ревносно им се нишаа. Многумина легнале та спијат, а грчењето се разнесува да ти е мило да го слушаш. Многумина навистина, беа будни, но ги триеја очите и се проѕеваа слатко и гласно, та како да им помагаа, за подобра хармонија, на оние што грчеа во хор. Погледнав, кога од сите страни пандурите носеа граѓани на грбот. Секој качил по еден на себе, па го носеше на собир. Некои, мирни, си молчеа и рамнодушно гледаа околу себе, некои заспале, а неколкумина од нив се тргаа и се туркаа. Некои, упорни, ги дотеруваа врзани.

— Каков е овој собир? — праша еден.

— Кој го знае! —ми одговори рамнодушно.

— Бездруго не е опозицијата?

— Опозицијата! — одговори тој пак, не гледајќи кој го пграшува.

— Па зар власта ја свикува опозицијата на собир и ушге луѓето со сила ги доведува? — прашам.

— Власта!

— Па зар против себе?

— Сигурно! — ми одговори со здодевност, како во некое недоумение.

— Можеби собирот е против народот? — го прашав.

— Можеби — одговори тој на ист начин.

— А што мислиш ти? — го прашав.

Тој ме погледна тапо, безизразно, си ги крена рамениците и ги рашири рацете, небаре сакаше да каже: „Што ми е мене грижа!“

Го оставив и сакав да му пријдам на друг, но неговото лице, некако безизразно, ме одврати од тој луд, безуспешен обид.

Наеднаш, чув некаков лут глас:

— Што значи тоа? Никој жив не сака во опозицијата! Тоа не може уште да се трпи. Сите приврзаници на владата и на власта, сè поелушно, сè мирно, па тоа така од ден на ден, да му се згади веке на човека и од таа послушност.

„Тоа е прекрасен и образован народ!“, си помислив во себи и и завидував на таа идеална земјичка. Тука, веројатно, ниту мојата покојна стрина не би хукнала, ниту пак би предвидела некаква опасност. Луѓето, образовани и послушни, многу помирни отколку што бараше од нас добриот стар учител, зашто нивниот мир и доброто држање ѝ здодеа и ѝ се згади дури и на самата мирољубива полиција.

— Ако и понатаму продолжите вака — викна началникот остро, налутено — тогаш ние знаеме да го завртиме другиот лист, па владата со указ ќе поставува опозиционери. Час работа е тоа, а ако не сте го знаеле, тоа го има во другиот свет. За водач крајната и остра опозиција против денешниот режим се поставува тој и тој, со годишна плата од петнаесет илјади динари. За членови на главниот одбор на опозиционата партија: тој и тој, тој и тој, тој и тој, па ајде. Потоа за опозиционерите на округот тој и тој: тој и тој, тој и тој, па мирна ти глава. Не може повеќе вака. А владата веќе најде пат и начин да почне со издавањето на еден весник против себеси. За тоа веќе почна да води преговори и најде добри, сигурни, верни луѓе.

Граѓаните, тоест, опозиционерите гледаа дремливо во началникот и на нивните лица не се забележуваше никаква промена. Ниту тоа ги изненади ниту ги збуни, ниту ги зарадува, апсолутно ништо, небаре началникот не говореше ништо.

— Значи сега вие сте опозиција! — рече началникот.

Луѓето гледаа во него и молчеа мирно, рамнодушно. Тој го зеде списокот на сите присутни, то ест доведените на собирот и почна да прозива.

— Сите се тука! — рече задоволно, по прозивката.

Началникот се навали на столицата и си ги затри рацете од задоволство.

— Е, доброоо! — рече со насмевка на лицето.

— Сега, во името на бога, да почнеме!… Вашата задача, како владини противници, е најостро да ја нападнете владата и да ја осудите нејзината политичка работа и правецот на политиката, и на надворешната и на внатрешната.

Луѓето, малку помалку, почнаа да се прибираат, додека еден се дигна на прсти и ја крена раката, па списка со својот танок глас:

— Молам господине, јас знам, една приказна за опозиционерот.

— Е, ајде, раскажувај.

Граѓанинот малку се накашла, промрда со рамениците, па почна да раскажува со таков тон што повеќе изгледаше како да кукурига, исто онака, како што одговараме ние во основното училиште и како што ги прераскажуваме поучните приказнички:

— Си биле двајца граѓани: едниот се викал Милан, а другиот Илија. Милан бил добар и послушен граѓанин, а Илија опак и лош човек. Милан ја слушал својата добра влада за сè, а Илија бил лош и не ја слушал својата добра влада, туку гласал против владините кандидати. И добрата влада ги повикала и Милан и Илија, па им рекла: „Добри Милане, ти си добар и послушен граѓанин; еве ти тебе полно пари и ќе добиеш, покрај својата служба, уште една со подобра плата“. Откако му го рекле тоа, му подале на добриот Милан полно ќесе со пари. Милан ѝ бакнал рака на владата и си отишол дома. Потоа владата му се свртила на Илија и му рекла: „Ти си, Илија, лош и непослушен граѓанин, затоа ќе те уапсам и ќе ти ја одземам платата што ја примаш, па ќе им ја дадам на некои добри и послушни“. Дошле жандармите и го уапсиле лошиот и непослушен Илија, та тој многу страдал и го ожалостил своето семејство. Така си поминува секој кој го слуша својот постар и својата влада.

— Многу добро! — рече началникот.

— Јас знам, молам, господине, што нè учи оваа приказна! — рече еден друг граѓанин.

— Добро, кажи!

— Од оваа приказна гледаме дека треба човекот да ѝ биде верен и послушен на секоја влада, за да поживее среќно со своето семејство. Добрите и послушни граѓани не прават како Илија, та секоја влада ги сака! — рече опозиционерот.

— Убаво, а што е должноста на добриот и послушен граѓанин?

— Должноста на добриот и родољубив граѓанин е наутро да стане од кревет.

— Многу добро, тоа е првата должност. Има ли уште некоја?

— Има уште.

— Кои се тие?

— Граѓанинот да се облече, да се измие и да појадува!

— Па потоа?

— Потоа мирно да излезе од својата куќа и да оди право на работа а ако нема работа, тогаш оди в меана, каде што чека да дојде време за ручек. Точно на пладне доаѓа мрно дома и руча. По ручекот ќе се напие кафе, ќе си ги измие забите и ќе легне да спис. Кога ќе се наспие добро, граѓанинот ќе се измие и ќе оди на прошетка, а потоа в меана и, кога ќе дојде време за вечера, тој ќе си дојде право дома, па вечера и по вечерата си легнува во постелата и спие.

Многумина од опозиционерите раскажаа по една мудра, поучна приказничка, и објаснија на што нè учи таа приказна. Потоа опозиционерите минаа на своите убедувања и на принципите.

Еден предложи собирот да заврши и сите заедно да одат в меана на чаша вино.

Тука мислењата се поделија и мораше да дојде до бурна дебата. Никој веќе не дремеше. Дојде до гласање во начело. По завршеното гласање, началникот објави дека во начело е примен предлогот — воопшто да се оди в меана, и сега дојде на ред расправата во поединости: што ќе се пие таму?

Едни сакаа вино и оода.

— Нејќеме, — викаа други — подобро е пиво!

— Јас од принцип не пијам пиво! — рече еден од првата група.

— А јас, пак, во принцип не пијам вино.

И така се појавија многу принципи и убедувања, и започна бурна дебата.

Некои споменаа кафе (тие беа во ужасно малцинство), а еден од нив го извади часовникот, погледна и рече:

— Три часот и пет минути! И јас сега не можам да пијам кафе. Јас од принцип пијам кафе само до три часот попладне, а потоа за ништо на светот.

По многуте говори, што траеја цело попладне, дојде до гласање.

Началникот, како добар претставник на власта, се држеше објективно и правично. Со ништо не сакаше да влиаје врз слободата на гласањето. На секој граѓанин му дозволи по мирен, парламентарен пат да си го даде својот глас за своето убедување. Впрочем, секому тоа право и со законот му е дадено и зошто тогаш да му се одзема?

Гласањето течеше во најголем ред.

За завршеното гласање началникот стана со важно, сериозно лице, како што му прилега на претседател на политички собир, и уште со поважен глас го соопшти резултатот од гласањето:

— Соопштувам дека со огромно мнозинство победи групата што е за вино и сода, потоа малку помал е бројот на фракцијата за чисто вино, потоа фракцијата за пивото. За кафе гласаа тројца (двајцата за слатко, а еден за горчливо) и, најпосле еден глас за меланж.

Тој и инаку, заборавив да напоменам, беше започнал говор против владата, но масата му го заглуши со врева тој детски испад. Тогаш тој, малку подоцна, почна да зборува како е противник и на еден ваков собир и како тоа и не е собир на опозицијата, туку на власта ѝ паднало на ум да се пошегува, но и тука другите со викање и со врева го спречија да зборува.

Началникот по ова малку замолче, па додаде:

— Што се однесува до мене, јас ќе пијам пиво, зашто мојот господин министер никогаш не пие вино и сода.

Наеднаш опозицијата се поколеба и сите изјавија дека се за пиво (освен оној што гласаше за меланж).

— Јас нема да влијаам врз вашата слобода, — рече началникот и барам од вас да си останете при вашето убедување.

Бог да чува! Никој не сакаше да слушне за убедување, и зедоа да докажуваат како тоа гласање случајно така испаднало и дека и тие самите се чудат како се случило тоа, кога всушност, никој така не мислел.

И така сето тоа убаво заврши, и по долгага и мачна политичка работа отидоа в меана.

Се пиеше, се пееше, се наздравуваше и за владата и за народот, и во некое време на ноќта сите мирно и убаво си разотидоа дома.

(Нареден дел)