На раскрсница
I
Веселин Савковиќ е некаков мал чиновник во едно големо белградско надлештво. Природно е значи дека тој мораше толку повеќе да работи, колку помала што му беше платата. И работеше тој повеќе отколку што требаше! Ќе дојдеше на должност речиси еден цел час пред одреденото време, а ќе излезеше последен.
Освен вреднотијата, што му ја фалеше секогаш и самиот шеф, тој беше совесен чиновник, а спреман и свикнат на својата работа.
— Што си будала, та се сортираш со толкава работа?!… — му рече еднаш еден од неговите другари.
— Мораш — одговори Веселин, и не кревајќи си ја главата од работата.
— Знам дека мораш, но тоа е преку мера! Ти работиш и дома ноќе — му вели пак неговиот другар, и ја извади кутијата, та почна да витка тутун.
Веселин ја прекина за час работата, и го погледна со тажен поглед, па лесно издивна и рече:
— Јас имам фаимилија!
— Па што дека? — праша неговиот другар.
— А да ме отпуштат, кај ќе одам јас со жена и со четири ситни дечиња?! — одговори Веселин, и се фати пак за работата.
Замолчија. Другар му на Веселина запали цигара, па пушеше молчеливо, изгледаше нешто длабоко замислен.
—
И навистина, трудот на Веселин даде добар плод. Еден ден го повика шефот во канцеларијата и му рече дека бил необично задоволен со неговата марлива работа и вреднотија, та прв од сите други го предложил за повишување на платата, а освен тоа го направил за нова година да добие беспрекорната двегодишна работа, како одлика од другите, тантиема од сто динари во злато.
Веселин одвај чекаше по таа вест да дојде дома и да ја издрадува жена си со ненадејната среќа.
По вечерата, кога децата испозаспаа, тој седеше до некое време во ноќта и разговараше со жената, советувајќи се како ќе ги употреби најдобро тие сто динари. Направија распоред што ќе се купи од тоа за секое дете.
— Баш би можеле на Мико (најстарото синче) да му купиме нови чевлиња — вели жената, и го погали детето по образот.
— Па да му купиме — одобрува Веселин задоволен, па и самиот се доближи до детето и го бакна.
При тоа малата Видица прокенка во сонот, и побара вода.
— Што ѝ одредивме на малава? — праша Веселин.
— Нејзе мама ќе ѝ купи ново капутче — вели жената.
— Ама ќе се загледува кога ќе се облече!
— Пиленце мамино — изговори жената, и го бакна детето.
Еден дел од тие пари решија да остават да се најде за случај на нужда и слабост.
Потоа во разговорот преминаа на повишувањето на платата.
— Па ти сега секој месец ќе имаш по дваесет динара повеќе? — праша жената.
— По дваесет.
Жената веднаш почна во умот да си го распоредува тој одвишок, како може најдобро да се употреби, а Веселин со мислите се пренесе уште подалеку во иднината, и сонуваше за уште поголема плата и за убав удобен живот.
— Подобро, богами, да почнеме да штедиме по некоја пара додека се децава мали — го соопшти жената заклучокот од своето размислување.
— Па после ќе биде и платата уште поголема — вели Веселин.
Двајцата молкнаа. Се слуша како дишат децата, та тоа им беше пријатно како најзаносна музика. Се чувствуваа среќни, и потонаа во мислите во уште посреќна иднина.
II
Не помина ни еден месец од ова време, па шефот пак го повика Веселина во својата канцеларија.
— Ве викав поради една важна работа… — почна шефот и застана, мислејќи што ќе рече понатаму. По лицето можеше да му се види дека не му беше најпријатно она што сакаше да го каже. Си го позатри челото и очите со раката, па продолжи понатаму:
— Тоа е заправо ваша лична работа, но… јас ве сакам, и сакам да ве предупредам… Најпосле, како сакате вие… — Шефот се дигна при тоа од столот, замолче, и пушејќи одеше наваму натаму.
На Веселин просто му се запре дишењето од некое претчувство. Лицето час му се вцрвуваше, час му пребледнуваше. Го обзеде чудна нестрпливост што побргу да чуе како ќе го заврши шефот почетокот на својата беседа. По челото му излезе пот, и тој си го избриша со раката.
Шефот наеднаш застана и го погледна Веселина, па го праша:
— Знаете ли дека е утре изборот на општинска управа?
— Знам.
— За кого мислите да гласате?
Веселин пребледе, и просто почувствува како го изневеруваат нозете. Молчеше долго, а и не се сеќаваше дека шефот чека на неговиот одговор.
— Вие сте уште млад човек, а вредни сте и точни во својата должност, та ќе имате убава кариера во државната служба, но само ако слушате за сè што се бара од вас…
Шефот пак застана. Веселин не одговараше ништо. Некое чудно претчувство му го обави срцето. Убавите соништа негови за иднината прснаа како пена, а наместо тоа пред очите му се покажа сликата во која тој ја гледаше својата фамилија во сиромаштија и во јадови. Тој веќе однапред можеше да прецени на што ќе се сведе овој разговор негов со својот шеф.
Шефот извади од џебот еден табак хартија, каде што беа испишани имињата на кандидатите, и му го подаде на Веселин со зборовите:
— За таа листа морате да гласате!… Впрочем, немојте да мислите дека јас сакам да ве присилам! Тоа је ваша волја. Јас само како постар би ви советувал да гласате за овие чесни луѓе, како што ќе гласам и јас. Би било незгодно вие, како помлад, да бидете одделени од толку повисоки чиновници… Сега вие размислете за сè. Направете како сакате… Можете да гласате и за противниците на денешниот режим, но тогаш вие би морале да си ги припишете на себеси сите лоши последици што би можеле да настапат поради таквата ваша постапка… Сега одете си… Јас сам сакав пријателски да ве посоветувам… — тука шефот ја прекина реченицата.
Веселин го држеше табакот хартија в рака, и бесвесно ги гледаше имињата што беа на него испишани. Зборовите на шефот направија цел хаос во душата негова.
Настапи молчење. Одвреме навреме ќе заѕвонеше ѕвончето во одникот, а потоа ќе се слушаа чекорите на Симо служителот, ќе чкрапнеше вратата на оваа или на онаа канцеларија, ќе се слушаа и гласови; вратата пак ќе се затвореше, а чизмите на Симо ќе затупотеа, па за час сè ќе стивнеше.
Веселин некако му позавиде на Симо, а и самиот не знаеше зошто, просто имаше желба да му го отстапи својот положај, а тој да го прими неговиот.
— Женет ли сте? — го прекина шефот молчењето.
— Имам веќе и четири деца — одговори Веселин, и погледна низ прозорецот во дворот.
Во дворот цепачот сече дрва. Веселин се загледа во пилата, што се движеше живо низ дрвото, од кое ветрот ги разнесуваше струшките од кои беше опсипано и искинатото палто на цепачот, што лежеше покрај ногарите.
— Струже — си помисли Веселин — па сепак ја храни својата фамилија… Сигурно и тој има фамилија?!…
Пресеченото парче дрво падна на земјата. Цепачот се исправи малку, потоа ја остави пилата и си го крена од земја палтото, та извади од него тутун, и го фрли пак наземи малку потаму од ногарите.
Никој уште не умрел од глад — си мислеше понатаму Веселин, и пак во мислите помина на својата фамилија, и просто се почувствува поприбран, посилен.
— Толку побргу — заврши шефот — треба да си ги отворите добро очите, оти имате, како што кажете, веќе и четири деца. Тоа имав да ви го кажам. Сега можете да си одите на работа.
— Од вчера почна да ми се сметеа платата со повишицата… Како се радува моја жена… Таа кутрата веќе реши од првата повишица да си купи плат за фустан… Па и нема убав фустан!… Колку ја радува тоа!… Таа и не мисли што би можело да настапи по некој ден! — мислеше Веселин влегувајќи во својата канцеларија.
По своите принципи тој ѝ припаѓаше на политичката партија што беше во опозиција. Истото тоа утро беше го прочитал во весникот повикот до сите членови на партијата да дојдат во што поголем број на избирачкото место и да гласаат за кандидатите што се истакнати во листата на опозицијата. Покрај другото таму се вели:
„На изборното место мораат да дојдат сите членови на нашата партија и да гласаат. Кој не ќе дојде ќе биде како недостоен исклучен од партијата.“
Веселин ги превртуваше актите што беа пред него на масата, со намера да почне да работи.
Но од работата не можеше ништо да биде. Тој изгуби секаква стрпливост та не можеше ни еден ред да напише.
Час мислеше на бедата што ќе го снајде со загубувањето на службата, а час на они зборови: „ќе биде како недостоен исклучен од партијата“.
III
Веселин задлабочен така во мислите, си ја потпрел главата на раката, и гледа низ прозорецот во дворот. Крупни снегулки пролетуваат покрај прозорецот, а тој се загледал во тоа, па му е некако пријатно тивкото паѓање без глас, без шум. Цепачот уште струже, а снегот го затрупува и него и ногарите и дрвата. Веќе почна да се смрачува, а Веселин и не забележа како му помина брзо времето. Почна нагло да се стемнува. Спроти прозорците на Веселиновата канцеларија имаше некаков приватен стан, од кој прозорците се осветлија, и светлоста се растури по дворот одблеснувајќи од снежната површина, а снегулките заблескаа на оние места каде што светлината најсилно проникнуваше. Се осветли и едната страна на некакво дрво пред прозорецот, та снегот на осветлената страна засија како бисер. Изгледаше дека Веселина сето ова необично го занимава, та тој, како никогаш дотогаш, се загледуваше во секоја ситница, и сепак низ сите тие впечатоци беше испреплетена мислата за неговата фамилија и граѓанска чест. Тој беше збунет, па просто и без да сака во сè бараше известување, и како да го добиваше него. Гледајќи така час во оваа, час во она, тој се чувствуваше зблажен, освежен.
— Па ќе гласам, дури и да ме отпуштат… — си мислеше во себеси гледајќи во осветлените прозорци, низ кои при тоа догледа некаква женска фигура што помина и се изгуби, како и сенката што се протегна по осветлениот дел од снежната површина во дворот…
Нему наеднаш му се стори како да е тоа нарачно дотерано за да се сети тој за својата жена и за децата, па наеднаш го опфати некаква премаленост. Тој издивна длабоко. Притоа влезе слугата и ја внесе ламбата, па како и секогаш ја стави на масата пред Веселина, кој просто се тргна и се изненади, па како да сакаше со погледот да праша:
— Зар ти ништо не знаеш за мојата мака, ами рамнодушно ја внесуваш ламбата како и секоја вечер?…
Цел час уште седеше, а и не мрдна со перото да напише нешто. Сакаше на два-три пати да стане и да се оди, но сеќаваше некаква тежина на себеси, а освен тоа се плашеше да оди дома. Му се чинеше дека дури кога ќе отиде дома неговата фамилија ќе ја сети целата тежина на јадовите, па просто сакаше да биде што поддалеку од својата фамилија, само за да биде таа што посреќна, што позадоволна…
Кој знае до кога би останал тој така во своето размислување, да не влезеше слугата, та според обичајот рече:
— Сите веќе си отидоа.
— Зар веќе си отидоа? — изговори Веселин повеќе за себеси, и стана од столот.
— Секогаш во ова време се излегува — вели слугата.
— Утре во ова време ќе биде веќе сè решено! — си помисли Веселин излегувајќи, и му се засака што побргу да помине ноќта и целиот утрешен ден.
— Дали и по неколку дена ќе слегувам овдека?! — си мислеше тој слегувајќи по скалите, па и скалите и ходникот и ламбата во ходникот, што стои секогаш малку навалена, и оние многубројни објави, испозакачени по ѕидот, и Симо служителот со големите чизми и оној негов секојдневен глас „добра ноќ“ — сè, но сè што му беше до вчера толку познато, блиско, со што беше се сродил веќе, му се стори некако непознато, чудно, туѓо, а особено она Симовото „добра ноќ“, во кое нешто како да подразбра некакво зајадливо смеење.
На улица се сретна со еден свој познаник, и ќе го одминеше ако овој не го запреше.
— Што си така скиснат? — го праша човекот, и го удри пријателски по рамото со раката.
— Добро што несум и полошо! — одговори Веселин, смевкајќи се со сила.
Пријателот го повика в меана на чаша пиво. На Веселин тоа му се свиде, само за да стигне што подоцна дома.
— Знаеш ли дека е утре гласањето?
— Знам — одговори Веселин.
— Тие ќе пропаднат на изборот.
— Кој знае? — прифати Веселин по кратка пауза, некако расеан и замислен.
— Па ќе гласаш ли и ти?
Веселин просто се потресе од ова прашање, та сакаше да си оди, само за да не одговори ништо, но во истото време чувствуваше срам и понижување, та се напиа со сета сила и одвај процеди низ заби:
— Ќе гласам!
— Утре ќе видиме многумина што толку многу се перчеа, сите ќе ги забележувам што ќе побегнат од гласање, па да им го пикнам после под нос, кога ќе почнат пак да се фалат како страдаат за идеја! — говореше пламено пријателот на Веселина.
— И јас веќе реков дека ќе гласам!… А мојата фамилија? — си мислеше Веселин, па се потресе целиот од таквите мисли. Се чувствуваше непријатно, па и без да сака се дигна да си оди.
— Кај да одам? — си мислеше тој кога излезе пак на улица. — Сигурно на жената ќе ѝ однесам убави гласови, како оние порано, па треба уште да побрзам!…
— При тие мисли му се засака да се врати пак назад, и ги позабави чекорите. Колку што беше по блиску до дома, сè побавно одеше, а кога дојде до вратата, застана.
Од блиското кафенце се слуша песна и свирење.
— Си се веселат луѓето! — помисли тој завидливо.
Ја отвори куќната врата и, трудејќи се да изгледа расположен, влезе внатре.
— Па што не доаѓаш, бре човече?… Вечерата веќе истина! — му рече жената, а децата истрчаа да го дочекаат и го прегрнаа.
Во тој момент Веселин се почувствува победен, а во умот му се создаде решението:
— Нека гласа кој нема фамилија! — па почна да ги милува и да ги бацува децата.
— Па што правиш досега? — го повтори жена му своето прашање.
— Случајно се најдов со еден другар — вели тој, а во ушите како да му забаботија зборовите на пријателот: „Ќе видиме утре како ќе се исчепат многумина плашливци“, а освен тоа онаа негова сопствена реченица: „Па и јас ќе гласам!“
— И јас реков дека ќе гласам! — си мислеше понатаму, а по лицето му се појави тага, и челото му се набра…
Децата почнаа да бараат од него слики, а најстарото машко му ги пикна рацете во џебовите, и почна да буричка…
— Мирни, деца!… Што се не смирите? — викна тој наеднаш налутено, и го истурка детето од себеси.
Малата Видица го напрчи устето, а во очите ѝ блеснаа солзи. Веселин го погледна детето, па му дојде жал, мислејќи во себеси: „Не криви децата. Што викам на нив?“ Му пристапи на детето и го бакна, а друга мисла му мина низ главата:
— Како можам да гласам?! Зар им е гајле на децата за мојата чест; нив им треба леб, и јас сум како татко должен да им го донесам. Јас тогаш требаше да останам неженет, ако сакам така да се држам!
„Па и јас ќе гласам“ го чу пак своето страшно решение што му го соопшти на другарот во кафето, и се почувствува како скинат, премален.
— Што му е грижа на некого за твојата фамилија! Ти мораш да бидеш на прво место чесен човек, ако не можеш да си ги храниш децата, тоа е твоја работа. Никој не те тепал по ушите да се жениш, па сега својата плашливост да ја затскриваш зад фамилијата. На тој начин, драги мој, секој би можел да најде изговор, и тогаш би било убаво. Кога се решаваат високи работи, работи од општо значење за сите, тогаш не се земаат предвид тие ситни грижи за фамилијата… — Такви мисли ќе го опфатеа, и пак гласчето на детето, или плачењето или погледот, ќе ги поколебаше.
Заспа и жената, а и децата си спијат безгрижно. Веселин беше буден. Лежи во својата постела, пуши цигара за цигара, а одвреме навреме ќе издивне тешко. Со секој час што изминуваше сè повеќе го опфаќаше Веселина неспокојство и страв. Несредените и возбудени мисли се гонат една со друга и се истуркуваат. Час една ќе надвие, час пак друга.
Исток се облеа со руменило, а Веселин е уште буден, занесен во своите тешки мисли: „Каде ќе тргне и на која страна!“
—
Тешко е да се најде човек на раскрсница, а да не го знае патот!
Извор: Домановиќ, Радое, Сатири, Книгоиздателство за уметничка литература „Кочо Рацин“, Скопје 1957. (Прев. Благое Корубин)
Мртво море (1/5)
Токму во моментот кога седнав да го пишувам овој расказ, ми се појави пред очи сликата на мојата покојна стрина. Кутрата, иста онаква какова што си беше за време на животот. На неа жолтеникаво палто од калмук, кое не ѝ е баш по мера, небаре е скроено за некој друг, кусичко здолниште од истиот калмук и син скутник, пак со жолти цвеќиња; на нозете влечки со топуци, се разбира, со жолт вез, а цела рака подоги отколку што треба. Забрадена со шамија од затвореножолта боја. Лицето ѝ е тажно, полно со брчки, жолто, очите речиси со истата боја како и лицето, погледот изразува некаква вечна очајна грижа; усните тенки, малку модрикави, секогаш гогови за плачење, иако покојната никогаш не ја видов да плаче. Меѓутоа, непрестајно воздивнуваше, офкаше и мрмореше некакво претчувство, се плашеше за сè и сешто. Подгрбавена малку во плеќите, со тесни гради, слаби и воспалени; ќе си ги ставеше рацете под појасот, па разодуваше насекаде низ куќата и дворот, внимавајќи на секоја ситница, а во сè гледаше некакво зло. Дури и кога ќе наидеше на некој најобичен камен во дворот, па и тука предвидуваше опасност.
— Хууу!… Ќе се препне детето, па ќе ја удри главата на овој камен, па ќе си ја скрши! — ќе промрмори со очај на лицето, па ќе го земе каменот и ќе го изнесе од дворот.
Кога ќе седнеме да ручаме, таа туку ќе ми рече:
— Полека јади, можеш да голтнеш некоја коска, па да ти ги скине цревата!
Кога ќе тргне некој од дома на коњ, а таа го испраќа и фучи со рацете под појас:
— Хууу! Внимавај добро! Ѓавол е коњот, само да се исплаши од нешто и ќе рипне, додека да трепнеш скрши глава од ледината!
Ако се оди со кола, таа ќе предвиди стотина опасности, и сето тоа го набројува, мрморејќи си за своја сметка, налутена, во страв и грижа: „Хууу, ќе мрдне коњот настрана, па отиде колата во ендекот!… Не сакаат да внимаваат, но така некаде ќе ги превртат очите во некој ендек“. Кога ќе земе детето дрвце в рака, таа, греншицата, ќе промрмори: „Ќе падне со дрвото, па како што е тоа шилесто, ќе си ги истера очите“. Кога ќе излезе некој од дома на капење, таа цел час пред тргнувањето мрмори по ќошињата: „Поткопала некаде водата, па дури да се слизнеш, отиде во бездната, па после ќе биде олеле мајко, но доцна!… Хууу!… Водата е полоша од огнот. Ќе те свлечка длабочината, па ќе те удави за час“. Се сеќавам, толкупати, уште како дете, како што стоев пред куќи, туку наеднаш стрина ми ќе хукнеше и ќе го почнеше своето злокобно мрморење со рацете под појасот: „Хууу!… Ете каде стои, а ќе падне озгора некоја ќерамида, право по глава, па ќе го убие на место!“ Ќе ме пратеше во нашата селска бакалница, која беше веднаш пред куќата, да ѝ купам нешто за пет пари, сол или пипер, па ќе ми дадеше мудри и претпазливи совети за по пат: „Внимавај по скаливе, и кога одиш немој да зјапаш, туку гледај пред нозе. Ќе се препнеш, некако, та можеш да паднеш и да останеш на место мртов!… Кај овој Турчин (така го викаше бакалот, кој инаку, беше, многу добар човек, туку само затоа што ги бркаше нашите свињи со стап од совојата авлија кога му ја ринкаа бавчата) внимавај, немој да ти даде нешто да јадеш. Ќе ти стави некаков отров, па туку ќе се испрчалиш како мисирче“. Што ѝ да прави човек, или ништо да не прави, во сè мојата добра, покојна стрина мора да најде некоја опасност. Ако спиеш — ху! Ако пиеш вода — хууу!… Ако седиш — хууу, ако одиш, пак тоа несреќно и злокобно — хууу!…
Една недела тргна стрико ми за в црква.
— Хууу! — направи стрина ми со рацете под појас.
— Што ти е? — ја праша стрико ми.
— Хууууу! — беше нејзиниот одговор.
— Па црквата не е војна, па ти да ми фучиш и да ме гледаш небаре ме испраќаш на бесилка, а не во божји храм!
Стрина ми нешто си мрмори, со рацете под појасот, го гледа стрико ми со поглед полн со злокобно претчувство, речиси очајно, па наместо одговор воздивнува горко и длабоко.
— Што ти е, будала жена ли си ти?
— Може некој ајдутин да излезе од шумата, па туку, само крц со ножот! — велеше стрина ми, напинајќи се со сета сила кога зборуваше, а сепак со шепотење. Чудно така секогаш зборуваше таа. Бог да ја прости!
— Каков ајдутин на сред бел ден кога кај нас немало ајдуци ни ноќе, откако јас знам за себеси?!
— Не е секој ден Велигден… Ќе те фатат, ќе те свлечкаат в шума, па ќе те одерат како јарец… Хууууу!
Стрико ми, сиромав, баш се сеќавам како вчера да беше, се прекрсти со левата рака, па излезе налутен, а стрина ми си ги стави рацете под појас, гледаше по него очајно, со поглед полн со лоши претчувства, и туку зашушка на свој начин:
— Заколат како јагне!… Хууууу!
Да, таква беше мојата покојна, добра и умна стрина. Сега, кога го пишувам ова како да ја гледам пред очиве и како да го слушам она нејзино злокобно мрморење.
Да беше жива, кутрата, таа на секој начин, со искрено очајување ќе најдеше илјадници опасности во овој мој расказ: во секоја реченица, во секој збор, во секоја буква. Просто небаре ја слушам како ми претчувствува зло и си мрмори за себе со својот карактеристичен глас:
— Хууууу!… Ќе дотрча жандармот, па за час ќе те затвори!
— Хууууу! — за час в затвор — што би рекла мојата покојна стрина. Да се сеќава човек на своите покојни, мили и драги, тоа е убава работа, и јас навистина заслужувам пофалба во тој поглед, но на крајот на краиштата, што рекол некој, каква врска има мојата покојна стрина со овој расказ?
Ако сакаме искрено да зборуваме, и јас се чудам: по ѓаволите, каква врска може да има мојата стрина со сета оваа работа? Колку што имаат врска Народното собрание и Сенатот. Но, ете така, тоа што се мора се мора, кој те прашува пак што има врска и смисла. Барем кај нас, му благодариме на бога, ако никаде на друго место, владее тој умен обичај сè да се работи наопаку, како што не треба, без смисла и ум, па кај би можел тогаш јас дури и да помислам дека во оваа земја, каде што е сè без смисла, единствено овој мој расказ има, божем, некаква смисла. Тхе, кога ни е таква прекрасна судбината, тогаш — нека оди како што оди.
— Хууууу! — што би рекла стрина ми.
—
Но кога ќе размисли човек подобро (то ест ако воопшто има луѓе што се занимаваат и со тој опасен спорт), на мојата покојна стрина мора да ѝ даде подлабоко значење.
Замислете само, каква улавштина ми се увртела во главата.
Во многу нешта целата оваа „мила и напатена земја“ ми личи на мојата покојна стрина.
Во детството, пред да тргнам в училиште, ме воспитуваше сиротата стрина, и тоа, се разбира, како умна жена, без тепање, а потоа јас одев на училиште, каде што, од основното училиште, па до највисокото, програмите беа толку прекрасни што јас и ден денес верувам дека стрина ми била, кутрата, во Просветниот совет и имала најсилно влијание. Значи, училиштето ми го продолжи воспитанието исто онака како и стрина ми, само малку посовршено, со ќотек.
Училиштето, морам да признаам, ми беше многу полошо и потешко од стрина ми. Веднаш, уште со букварот, почнаа поуките како треба да се однесуваме:
„Доброто дете си оди од училиште право дома, мирно, нога пред нога, гледа пред себе, а не се џари лево и десно. Кога ќе дојде дома, ќе си ги остави внимателно книгите, ќе им бакне рака на постарите, па ќе седне на своето место“.
„Кога тргнува од дома за в училиште, пак исто така: си оди мирно, нога пред нога, гледа пред себе, и, штом ќе дојде в училиште, ќе си ги остави книгите и седнува мирно на своето место, а рачињата ќе си ги испружи на клупата.“
Гледате учениче: мирно, слабичко, со десната рака си ги држи книгите, а левата си ја стиснало на бутот; лицето му е смирено, главата му е наведната накај земјата (полно клавче знаење), со толкаво внимание гледа пред себе, што лиценцето веќе му добива смешен израз; оди, то ест — мрднува со ножињата по еден сантиметар, не се џари ни лево ни десно, иако покрај него врви народ од сите страни. Никаков предмет не смее, ниту може, да го привлече неговото внимание. Така одат и другите деца; полна улица ги има, но тие едно со друго не се гледаат. Влегуваат така, всушност долазуваат нечујно в училиште, седнуваат секое на своето место, ги испружуваат рачињата и седат така мирно и со таков израз на лицето, небаре некој фотограф ги наместил за сликање. Тука го голтаат секој збор на учителот, и пак на ист начин ќе излезат од училиштето. Ете, такви ќе изгледавме ние, да бевме сосема добри деца. На стрина ми таа ука многу ѝ се допаѓаше, но ние не можевме да се управуваме само по неа. Секој од нас грешеше, кој помалку, кој повеќе, и поради тоа, учителот, кој всушност беше добар човек, казнуваше кого повеќе, кого помалку.
— Молам, господине, овој трчаше по патот!
— Да клечи! — ќе пресудеше учителот.
— Молам, господине, овој гледаше низ прозорецот!
— Да клечи!
— Молам, господине, овој разговараше!
Плас, шлаканицата.
— Молам, господине, овој скокаше!
— Без ручек!
— Молам, господине, овој пееше!
Пак шлаканицата.
— Молам, господине, овој играше со топка!
— Да стои!
Нашиот стар, добар учител, не само што беше толку внимателен, та со бодро око гледаше да предупреди за секој несреќен случај што можеше да се случи, поради нашето невнимание, ами по неговите усни шлаканици, доаѓаше веднаш и писмената, умна лектира за младите. Тука беше секогаш: некакво „Стракче“ — го набрал тој и тој, па „Китка цвеќе“ — им го набрал на милите деца тој и тој. Сè убави наслови и убава поучна содржина:
„Си било едно немирно дете, па се качило на дрво и од дрвото се слизнало, паднало, и си ја скршило ногата, и така сиот век останало сакато, без нога.“
„Си било едно лошо дете, не слушало совети, туку трчало по улица, па многу се испотило, го фатило студен ветер, та настинало и паднало в постела од тешка болест. Неговата кутра мајка многу ноќи бдеела над него и плачела. По долго боледување детето умрело и ги ожалостило своите родители. Така не прават добрите деца.“
„Едно, пак, палаво дете шетало по улицата, па го фатила некоја ѕверка и сето го растргнала.“
По секоја прочитана поучна приказничка учителот ќе ни ја објаснеше и ќе ни ја протолкуваше поуката.
— Што читавме сега? — ќе праша тој.
— Ние сега читавме како си било некое лошо дете, па шетало само по улица, а се појавила некаква ѕверка и детето го растргнала.
— На што нè учи оваа приказна?
— Таа приказна нè учи дека не треба да се шета.
— Така е.
— А какво е детето што шетало?
— Тоа е лошо и погано дете.
— А што прават добрите деца?
— Добрите деца не шетаат, па нив ги сакаат и родителите и учителот.
— Многу добро!
„Си било, пак, едно дете, па си седело во собата крај прозорецот, но некое друго дете гаѓало еден гулаб со камен од својата праќа, и не го погодило. Гулабот одлетал весело, а каменот удрил во прозорецот, го скршил и го погодил другото дете во окото, така што окото му истекло и останало засекогаш без око!“
— Какво е детето што седело во собата близу до прозорецот?
— Тоа е лошо и погано дете!
— Што нè учи приказната?
— Приказната нè учи дека не треба да седиме, зашто тоа го прават само лошите и немирни деца.
— А што прават добрите деца?
— Добрите деца не седат во соба каде што има прозорци!
Така, секоја приказничка убаво ќе се објасни и од неа ќе се извлече корисна поука како треба да се однесуваат добрите и послушните деца.
Добрите деца не одат, не трчаат, не разговараат, не се качуваат на дрво, не јадат овошје, не пијат студена вода, не излегуваат в шума, не се капат, и — кој ќе го набројува сето тоа. Накусо речено, бевме преплавени од таквите мудри и корисни поуки, та сите се натпреварувавме кој ќе биде понеподвижен. Горе-долу, сите бевме добри и послушни деца и га слушавме и ги паметевме советите на своите постари.
Модерно востание
Господи, што сè не ми дојде на сон! Без сомнение и другите луѓе сануваат глупави и луди сонови, но веројатно не ги пишуваат, а јас однекаде ја имам таа маана, па штом ќе сонувам некаков чуден сон, веднаш перото в рака, па пишувам, за да им овозможам и на другите да се чудат.
Вечерта заспав со мирен и длабок сон, и сонот ме пренесе во она време од пред сто години, само што тоа време не е онакво какво што и јас и сите ние го знаеме од историјата, туку сосема поинакво. Единствено што во мојот сон беше еднакво со тогашното време, тоа е што Србија како да не беше ослободена, и со неа како да владееја Турците. Се чувствував како да не сонувам, туку сето тоа како да е на јаве. Турците владеат со Србија, имаат, божем, министерства, надлештва, уредување, чиновници, сè, сè, како ние денес. Белград, ист камо и денес: истите улици, истите куќи, сè исто, само што на многу дуќани и на државните згради има турски натписи, а по улиците полно Турци, и ние Србите, истите овие кои сме денес, се среќаваме со нив и се поздравуваме.
— Сервус, Јусуфе!
— Сервус!
Тоа е поздрав со нивната раја, најниската класа, а кога ќе помине накој од подобрите, или дури од власта, тогаш се клекнува на колена, се симиња капата, и се наведнува погледот кон земјата. Што е најчудно, има и Срби во турската полиција. Господ да ни е на помош но во сонот тоа воопшто не ми беше чудно.
Министрите и великодостојниците минуваат по улиците во чалми, со долги чибуци, со лесен ôд, намуртени. Сите им праваат метании и се клањаат пред нив, а тие овој-оној би го удостоиле соблагонаклоност тек-тук и со внимание би го чукнале по глава со чибукот, и би му дозоволиле сесрдно понижувачки да им се заблагодари на таа почест.
Ние сме истите овие, денешниве, само што како да не сме слободни граѓани како денес, туку раја што трепери и за сопствената глава, и за семејството, и за својот имот.
Турците воопшто не нè штедат. Некои од нас затвораат, некои ги оковуваат ово тешки окови, некои ги прогонуваат, некои ги бркаат од државната служба, и какви сè зулуми не измислуваат за нас, верната послушна раја.
Исто така и од внатрешноста на Србија непрестајно стигнуваат црни гласови како некого од народот насилно го лишиле од имотот, некому поради данокот му ја продале и куќата и покуќнината, па уште му врзале педесет стапа, некого убиле, некого набиле на кол, некото прогониле од родното место. Кнезовите ги врзуваат и ги апсат само ако кренат глас против насилството, па земаат други, кои ѝ одговараат на турската свирепа власт; во светите храмови ги воведуваат своите пандури, па со камшици ги тепаат свештениците што не го помагаат турското злосторство.
— До кога ќе ги трпиме овие насилства и зулуми? — ме праша, како на улица, еднаш, еден мој добар познајник, кого Турците дури пред два-три дена го пуштиле од затвор. Тоа е (таков, го познавав во сонот) сиромав, храбар и горд човек, но поради своето однесување кон Турците многу патеше и страдаше, та мнозина Срби го избегнуваа, за да не ја навлечат врз себе омразата на Турците поради дружењето со него.
— Тхе што да прави човекот?! — процедив низ заби и се обѕрнав на сите страни за да видам некој да не го слуша нашиот разговор.
— Како: што да прави човекот?! — ме праша тој мене и ме погледа остро в очи.
— Така, што може да прави?
— Да се тепаме! — рече тој.
Небаре некој ми ги пресече нозете, та се занишав и од страв одвај промрморев:
— Со кого!?
— Со Турците, а со кој друт? — пак рече оној остро.
Ми заиграа разнобојни ѕвезди пред очи, и, од некапов страв, несвесно се повратив назад.
— Но, но… а… но… — почнав да пелтечам.
— Што но, нема тука но, треба да се тепаме, и квит! — викна мојот познајник налутено, па ме остави и си отиде.
Долго стоев на тоа место, како скаменет од чудо. Не можев да си дојдам на себе. Во тој момент наиде еден од моите добри пријатели. Се поздрави и го зачуди мојата загриженост, збунетост.
— Што ти е? — ме праша.
Му го раскажав разговорот со првиот познајник. Тој се насмеа гласно и ме удри оо раката по рамото.
— Ха, ха, ха, ха!… Па зар ти не го знаеш него?… Ха, ха, ха, ха!… Зар не паметиш дека тој секогаш беше таков, на три ќоша!… Што вели: да се тепаме!… Ха, ха, ха, ха! Убаво, богами! Ни помалку, ни повеќе, туку вие двајца му објавивте војна на турското царство!… Ха, ха, ха!… Боже мој, луд човек! — ми рече пријателот, а му потекоа солзи од слаткото смеење.
— Чуден човек! — реков.
— Лудак, не е чуден. Тој сака да ја исправи кривата Дрина и да се бие со Турците! Тој е лудак! Каква полза од тоа! Апсен, оковуван, тепан, тоа му е сиот ќар; а што си го запусти и семејството и себеси, тоа да не го сметаме. Има уште такви занесенковци; нека се теши што сè уште има кој да му прави друштво! — забележа мојот пријател, па потоа пак се насмеа: — Ха, ха, ха, ха!… Војна на султанот па тоа ти е! — го изговори ова, па пак удри да се смее.
И мене ми дојде целата работа смешна, та почнавме двајцата да се смееме.
—
Сонот е чуден, зашто ништо не е точно определено во него; и, што е најубаво, сето тоа на човек му изгледа природно, реално. Тапса беше и со мене во овој сон.
Како да бев во Белград, а во исто време и на некои планини, по ридишта, со луѓе од народот, а во една мрачна голема шума, осамен, скриен, убаво, наместен елегантен хотел.
Мојот немирен и воинствен познајник, како да не беше нè поканил нас, триесетмината видни луѓе од сите краишта, да се договориме што да се прави од турските зулуми. Од ден на ден, од час во час, Турците почнаа да праваат сè поголеми и поголеми зла, така што моравме сериозно да се загрижиме и да размислиме: што да се прави во таа општа народна невола?
Во една голема просторија на хотелот, бевме собрани ние десетина души, и разговаравме за обични, секојдневни работи, чекајќи ги другите.
Јас, како да бев професор во некое училиште, раскажував како на идниот час ќе предавам за Торичелиевите цевки; еден трговец кажуваше како Турците му биле многу подобри муштерии во дуќанот од Србите; еден, пак, не знам што беше, раскажуваше како вчера удрил една мачка, па си го оштетил прекрасниот бастун; но, рече, дека ќе го поправи. Еден селанец ни кажа како маторицата му ги јадела пилињата, па се чудел човекот што да прави со неа, а маторицата била добра, од позната раса.
И така ние си разговаравме, а доаѓаа еден по еден оние повидните кои беа поканети на овој важен таен договор.
Дојдоа уште десетина души, па по мала пауза, почнаа да стигнуваат визиткарти со следниве содржини: „Не можам да дојдам поради важна работа. Се согласувам со сè што ќе решите…“ „Службено сум опречен; согласен сум со она што ќе го решите…“ „Морам да одам кај шивачот, на проба за костимот; извинете ми за денес…“ „Жалам, но не можам да дојдам, морам да одам на станица да ја пречекам тетка ми. Ми јави дека денес доаѓа со воз“ — и, така, сè важни причини, што беа ги спречиле и другите повидни луѓе да дојдат на овој состанок.
Кога веќе немаше кој да се чека, стана свикувачот и со треперлив глас почна:
— Не дојдоа сите. Не сакале, или не смееле, сèедно е. И ние, дваесетминава, во дваесет краишта на нашава земја можеме многу да направиме. Зулумот и турското насилство ја надминаа секоја мера. Натаму ова не смее, а и не може да се толерира. На ниеден од нас не му е сигурна главата на раменици, а камоли имотот. Па зар молкома и со скрстени раце и со наведнати глави да чекаме кога ќе ни дојде редот и нам главата да ни се стркала по падината, или ќе ја презреме честа на нашите семејства, па ќе ги пуштиме Турците, заради својот живот и корка леб, да ни ги бесчестат ќерките и жените, да ни ги уриваат црквите, да нè камшикуваат по патиштата; или, можеби, уште ќе им ласкаме на тие нелуѓе и ќе ги фалиме нивните зулуми, за да можеме удобно да живееме? А зошто ни е тој живот кога не може да биде чесен? Зошто ни се свилата и златото кога ќе ја загубиме и верата, и народноста, и честа, и образот? Не, браќа, ова веќе не се трпи! Натаму не може вака!
— Не може вака!… Ветришта. Лесно е да се рече: не може вака, но кој те слуша. Што можеш да направиш? Зборуваш небаре си рускиот цар, на само ќе им викнеш на Турците: „Натаму те може вака“, а тие сите ќе клекнат на коленици пред тебе. Те прашувам јас тебе: што ќе направиме ти и јас и сите ние? — го прекина еден од нас, кој се одликуваше со мудрост и претпазливост.
— Многу можеме ние и ако побараме да биде подобро, подобро и ќе биде. Нашата желба може за миг да стане заповед.
Неколцина од видните ги кренаа рамениците и со изразот на лицата, загледувајќи се, небаре се прашуваа и си одговараа еден на друг вчудовидени: „Што му е на човеков?“ … „Господ свет знае!“ Пак разменија погледи, и сега изразот на нивните лица говореше: „Човеков споулавел!“
Еден пак седејќи спроти нето налактен на масата со полуотворени очи, го гледаше, поправо го меркаше, некако тажно, не збојрувајќи ништо, долго, па дури потоа ги отвори очите малку повеќе и го погледа попреку, некако презриво, со омаловажување, и процеди низ забите тромо и развлечено:
— Тхе…! — потоа ја сврти главата настрана па почеа да тропка со прстите по масата и со некаква здодевност.
— Разговараме! — рече ироноично еден од ќошето.
Оној кој најмногу се одликуваше со мудрост и со претпазливост, стана пред нашиот избувлив другар, ги окрсти рацете на градите, го измерија од главата до петиците, па почна како човек со големо искуство, кој зборува со неразбран младич:
— Добро те молам, зошто дојдовме овде, и што сакаш ти?
— Дојдовме да се посоветуваме како еднаш ќе ѝ ставиме крај на оваа тиранија, на ова турско насилство. Овдека сме одбрани највидните од целава земја, па заедно да побараме лек! — му одговори свикувачот со одмерен глас, полн со верба во доброто.
— Добро, тоа и ние го сакаме.
— Па кога го сакаме, што чекаме тогаш? Си ги чуваме главите, а и нив ќе ги загубиме, но кога ќе го загубиме и образот и достоинството! — пламна првиот и тресна силно со тупаница по масата, од што многумина се потргнаа малку подалеку.
— Роб и така и така, гроб никако! — дофрли некој.
— Вие другари оставете нè првин ние да поразговараме — ни рече претпазливиот, а потоа пак се сврти налутено со зборовите: — Добро, те молам, кажи ми ти мене што милиш дека треба да направиме? — запраша студено, со многу такт.
— Да се буниме против Турците. Да ги кренеме луѓето секој во својот крај, па и ние нив да ги убиваме, оти тие нас нè убиваат и убиваат. Друг лек нема, ниту може да има!
Едни се насмеаја на овие лути, огнени зборови како на некаква детинска работа; едни плашливо се обѕрнаа околу себе, а некои направија пакосни, зајадливи шеги за сметка на овој несериозен говор.
— Добро, велиш да се буниме? — праша претпазливиот.
— Да се буниме! — одговори тој решително, а во очите му светна искра.
— Со кого? Ајде, кажи со кого?!
— Јас, ти, овој, оној, ние, сите ние, народот!
— Што зборуваш штогоде?… Каде ти е народот, со кого си се договорил?
— Со тебе, со овие луѓе овде.
— Па што сме ние?
— Како што сме?
— Така, те прашам!
— Луѓе.
— Да, луѓе сме, тоа го гледам, туку колкумина оме овдека?
— Дваесетина.
— Тоа кажи ми го. Дваесетина, се разбира, а тоа не е ништо!… Ха, ха, ха!… Дваесетина!
— Тоа е многу, — викна избувливиот — оти ние дваесетмина ќе ги кутнеме дваесеттемина Турци во дваесет разни краишта, а секој од нас има барем по тројца добри и верни другари, а секој од нив истото тоа може да го направи. Нека се почне, па потоа ќе ни пријдат уште незадоволници и одмаздници на кои животот без тоа им се смачил. Нека се направи лом и клање, па што ќе даде господ: самите настани, кога ќе почнат да се развиваат, ќе го покажат вистинскиот пат по кој треба да се тргне.
Многумина презриво се насмеаја, а претпазливите го гледаа под око, нишајќи со главите како да го сожалуваат поради таквата непромисленост па рекоа:
— Туку, така, ќе скокнеме ние дваесетина, ќе убиеме дваесетина Турци, а оние другите ќе се исплашат, па некои ќе избегаат во Азија, некои ќе испоскокаат во вода.
— Сите вие сте кукавици! — викна избувливиот, и тресна по масата.
— Добро, те молам, еве, се согласувам со твојот план, да се согласиме и сите овде. Добро, тука сме дааесетмина и во најдобар случај секој од нас нека собере уште по десетмина другари, тоа е двесте, па да претпоставиме да се случи — ама добро, може и тоа да биде — секој да убие по двајца Турци во секое место; па на тие двесте нека им се придружат уште толку, на пример; па Турците нека стојат уште толку да ги испотепаме како муви, — па што ќе направиме со тоа?
— Многу.
— Многу, ама лошо за нас. Ќе ги налутиме Турците и султанот, па тогаш гледај каде ќе одиш. Тогаш ќе видам, драги мој, колку ти е мудар предлогот.
— А народот нема да се придружи штом ќе ја види започнатата борба? И ние нема да им легнеме на патот да нè газат Турците, туку ќе се биеме од заседа.
— Народот, народот! … Зборуваш како дете. Не оди тоа така, брате мој! Да се биеш! Убаво, ајде сите да се биеме! А жените и децата да ги обесиме на клинци? Или да ги оставиме Турците да ги печат? Ете, ти имаш деца, па така и друг и трет. Утре ќе загинеш, а семејството?!
— Нема сите да загинат. На тоа не сакам да мислам. Што ќе даде господ!
— Па за што да мислиш?
— Да се бијам, па што сака нека биде!
— Пак зборуваш како дете. Да се биеш, да се биеш, а не мислиш на последиците. Ете, и тоа да ти попуштам; ајде семејствата никој нека не ги чепка, и уште во најдобар случај Турците да спијат еден месец, па ние да собереме и дваесет илјади борци, па со што ќе војуваш потоа?… Камо ти оружје, камо ти барут, куршуми, храна за војниците? Немаме ниту грош, отепани сиромаси, раја. Ниту леб, ни со леб ниту оружје, ни муниција — па да се биеме!
— Ќе се најде кога луѓето ќе се ангажираат! — вели одушевениот.
— Ќе се најде. Убаво, ете, и тоа да си го претпоставиме, иако е неможно. Значи, имаш дваесет илјади војници со добро оружје, имаш топови и добри топџии, имаш храна, муниција, сè. Па што?… Пак ништо. Ќе налета царската војска, па ќе нè прегази за еден ден, и што сме направиле? Зло!… Толку луѓе ќе бидат обесени и набиени на колци, толку семејства ставени под меч, а и тие што ќе останат ќе трпат полоши маки отколку сега. Така ти е тоа; а и инаку од сето тоа нема ништо; туку да се спуштиме ние неколкумина, па или да убиеме некого, или да не убиваме, а Турците ќе нè убијат сите нас, и ќе нè истребат до деветтото колено.
— Па нека загинеме; и вака животот не ни чини!
— Не си ти сам. Ти имаш свое семејство, не припаѓаш ти само на себеси, туку мораш да водиш сметка и за семејството.
— Се разбира: зошто да гинеш лудо, без сигурен успех? Па уште не само да гинеш, туку и да го убиеш своето семејство, за кое мораме да се грижиме! — рече еден.
— Па за тоа не треба ниту да зборуваме! — се јави друг.
— Јас да сум сâм, па да гинам — еднаш ќе се умре; но имам самохрана мајка! — рече трет.
— Море ти мајка, а јас покрај мајка имам и жена и пет деца! — вели четврти.
— Јас имам сестра за која се грижим! — рече петти, — не ми е за мене, туку со таа своја лудост би ја убил и неа.
— Јас имам државна служба, и од тоа ги хранам и старите родители и семејството! Не треба да ме убијат туку само да ми ја одземат таа корка леб што чесно ја заработувам, па убиен сум и јас и моето семејство. А, да се праша човек, зошто е сето тоа? За лудост! Каде се чуло дваесет луќе да почнат војна со гола раја против една царски уредена и силна војска. Подрбро би ми било да го земам револверот, па да се убијам; и тоа е попаметно; барем тогаш не би ми го чепкале семејството! — докажуваше шести.
— И јас, исто така, имам голема причина, поради државната служба.
Еден, пак, рече:
— Јас, навистина, јас сум сам, но и јас, како човек, имам свои лични обврски, кои ми пречат. Својата глава не ја жалам, но за мудра работа, а не лудо да се гине и со тоа да му се нанесе штета на општото дело. На тоа треба да ое работи, во осмислено, трезвено.
— Така е! — одобривме.
— Ве молам, за тоа, нема ни збор, барем во вакови случаи, кога земјиштето не е приготвено. Тоа би значело да подигнуваш покрив, а да немаш куќа. Нема ни еден од нас кому не му е на срце доброто на оваа земја, па токму затоа треба да се работи со план, со организација, постепено, темелно! Тоа е тивка вода, но брегот го рони. Туку, браќа, да го оставиме на страна тоа што е невозможно, па да видиме што може да се стори во овие мачни денови; за сè да се договориме и добро да размислиме за сè — почна да објаснува оној мудриот и претпазливиот.
— Така е! — ги одобривме од сè срце добрите причини на стивнатиот, сериозен човек, полн со искуство и со дипломатски тон.
— Да се крене востание, тоа е голема и крупна работа, но треба да се имаат на ум и да можат да се предвидат сите последици за нашиот народ, без разлика дали се добри или лоши, па точно да се определи: има ли смисла да се фрлат толку жртви, или е подобро и попаметно да се одложи тоа за подобар момент. Па и тоа да се размисли, тогаш кота востанието е приготвувано со десетици години. А сега нека види нашиот почитуван другар што сè треба тука, ако ние мислиме паметно да почнеме:
- Треба да се формира посебен одбор, и во секое место пододбори, кои треба да го подготвуваат и, всушност, да го подготвуваат народот за востание.
- Треба тајно да се собираат пари од народот за да се формира фонд за набавка на оружје и за сите воени потреби; а тоа би била најмалку сума од десетина милиони динари.
- Исто така треба, да се формира за вдовици фонд и за издржување на немоќните деца чии родители ќе загинат во војната. Тој фонд треба да е некаде настрана и во сигурна банка, а мора да изнесува најмалку сто милиони, за да можат вашите пребегани семејства да живеат пристојно во туѓина.
- Да се формираат инвалидски и болнички фонд; и тука треба огромна сума. Некој ќе загуби рака, нога, па да не мора да проси, туку да има од каде да се лекува и пристојно да живее.
- Да се обезбеди пензија за борците, зашто секој борец за пет години може да се прати во пензија: борец во пензија. Не е ни право исцрпен, уморен од воените напори, да умре во беда и сиромаштија туку да оди човекот некаде во туѓина па барем до смртта пријатноо да си поживее.
- Треба да се приготват барем две-три силни соседни држави, кои би ни помогнале во случај да не ни успее потфатот.
- Кога ќе се подготват за прво време добро вооружени и извежбани барем шеесет илјади борци, тогаш во тајност треба да се издаде еден родољубив весник, луѓето добро да се известат.
— Така е — се олушна гласот на мнозинството.
— Е, господа, извинете ме — рече еден трговец — имам работа во дуќанот. Што ќе решите, ќе се согласам.
— Мене стрина ми ми патува со лаѓа, па морам да ја испратам! — реков и го извадив часовникот, та го погледав времето.
— Јас морам жената да ја изведам на прошетка. Извинете ме, а се согласуовам со тоа што ќе го решите! — рече еден чиновник и погледна во часовникот.
— Престанете луѓе. Немојте да си одите додека не утврдиме што ќе правиме со весникот! — се слушна нечиј глас.
— Тоа е лесно. Главно е сите да сме сложни дека кога ќе се направат сите подготовки, кои мудро и со такт ги наброи почитуваниот говорник, треба да се издаде родољубив весник! — реков.
— Така е, така е! — се слушна од сите страни.
— Тогаш да избереме тројца, за сето ова добро да размислат, па и да напишат детална програма за весникот, кој би требало да се вика Борба!
— Крвава Борба! — предложи некој.
— Крвава Борба! — се одѕваа громки гласови од сите страни.
— Значи, тројцата што ќе ги избереме, на идната седница ќе треба да ни поднесат детален план и за правецот на весникот, кој ќе се издаде штом ќе се направат сите оние претпазливи подготовки! — реков — и во тој миг се тргнав и се разбудив.
Извор: Домановиќ, Радое, Избрани сатири, Мисла, Скопје 1990. (Прев. Загорка Тодоровска-Присаѓанец)