Tag Archive | вистина

Сериозни, научни работи (2/4)

(Претходен дел)

II. ПРИСТАП

О, о света, моќна српска науко, прости ми ако некогаш му згрешив на твоето име, прости ми, зашто не знаев што правам. Јас избегав од тебе уште од последниот возвишен испит по грчки јазик, избегав зашто мислев дека не сум достоен на твоето име. Но, еве, се каам јавно, зашто видов дека ти не си толку груба и немилосрдна како странските науки, туку си наша милостива српска наука, та го примаш во скутот секое свое блажено чедо од милата ни мајка Србија. Се каам, се каам јавно, и сега еве како покајник, како заблудено јагне, се враќам назад во големото твое стадо, да го славам твоето име.

Се одрекувам и пред бога, и пред луѓето, од досегашната своја работа на расказите, зашто увидов дека тој пат не води кон мојата среќа. А ти се колнам, науко, со светото име твое, дека отсега, стапувајќи во орото на верните твои поборници, ќе им служам верно и искрено на твоите начела, и дека ќе те потпомагам со сета своја сила, зашто увидов дека единствено ти водиш кон среќата и — кон добра положба.

Никогаш нема да ги одречам твоите вечни вистини. Секогаш ќе признавам дека кравата има четири нозе и една глава, дека свињата не спаѓа во птиците и нема крилја, дека домашното куче нема на главата рогови, дека мачката не е река, туку домашно животинче, дека овцата не е град во Србија, туку исто така животно (спаѓа во редот на преживарите), кое го молземе и кое ни дава волна, та од неа си правиме многу топли облеки за в зима, а од цревата (на истото животинче) правиме „жици за ќемане, од кои се разлеваат мошне умилните звуци на нашите народни мелодии“ (што би рекле нашите учители врз основа на педагогијата според Вунт). Сите тие светли научни вистини јас ги научив од учителот во основното училиште. Колку се израдуваа моите неуки родители кога им ја донесов новоста дека кравата има четири нозе, зашто токму учителот, врз основа на науката, ги изброи пред нашите очи.

О, благословена да си наша домашна науко, зашто среќно успеа да ги преброиш нозете и друтите делови од телото на нашите домашни животни!…

Си реков и си ја спасив душата своја. Но каде ќе одам сега, и на која страна? Начисто сум со тоа да работам на науката, но науката е разновидна. На кој правец научен да се посветам, всушност, кон што ме влече срцето. Хе, кон што ли ме влече?! — Ќе мора да ме повлече онака како и сите наши научници. Барем кај нас, фала богу, талентите и волјата за одделни научни гранки се појавуваат токму навреме, среќно. Штом ќе се ослободи некоја катедра, веднаш, во мигот на среќната судбина на нашата скромна наука, се појавуваат, небаре извираат одземи, прст и плева талентирани луѓе, со силна љубов, токму спрема таа гранка на науката, чија катедра е слободна; и кога местото за таа наука ќе се пополни, тогаш пак, со чудна среќа, престануваат да се појавуваат и талентите за таа струка. Ете, гледате каде лежи среќата според нашата наука. Судбина, тоа е нашата среќна ѕвезда, и ништо друго. Ако, на пример, се ослободи местото на катедрата по археологија, кај нас веднаш ќе се појават стотина генијални археолози со силна љубов кон таа наука. И тоа не знаеш кој од кој е попредан на таа струка: каде и да мрднат, само чепкаат по земјата и бараат старини. Кога ќе видат најобична римска тула, се радуваат како да го виделе таткото. И сега, да речеме, тоа место ќе се пополни, и веднаш на сите археологијата им станува одбивна по некоја чудна среќна судбина, и онаа силна љубов кон неа, како и талентот, се приспособуваат кон некоја друга наука за која има празни места, па макар тоа и да е космографијата.

По таа наша среќа, по српската судбина на науката, и мене не ме влече срцето да бидам енциклопедист. Сите места речиси се исполнети, па затоа и немам некое повисоко вдахновение од небото. Тогаш да избирам.

Педагогијата е убава работа, но поради нашите учители тука, веќе, во никој случај не смеам да се вплеткувам.

Тие не даваат да им се пријде ниту на Вунт ниту на Песталоци. Нив тие си ги јаваат толку немилосрдно, та се чини, боже прости ми, дека двајцата ги купиле на пазар во нашата Баточина.

Во историјата на Србите исто така не смеам ниту да ѕирнам, зашто нејзе ѝ го зеде патентот г. И. Руварац. Тој човек среќно успеа во науката да ни докаже дека сето она што е убаво во нашето минато не е вистинито. За него, дури, многумина раскажуваат дека тој лично го измислил и српскиот народ, како она (но тој само си вообразил) што велат некои, дека ја измислил рибата, или како што неколкумина наши филолози, со своето долго научно студирање, успеале да го измислат српскиот јазик, кому називот српски му го дале од чист патриотизам. Јас и не мислам да стигнам до такви пронајдоци во науката, зашто тоа не се случува толку често и кога кој сака. Целиот српски народ (ако смее да се претпостави дека не го измислил г. Руварац) живеел, да речеме, толку векови без никаков јазик додека не се појавиле неколку нови филолози, та на својот народ, како благодарни синови, му го измислиле говорот. Пакосните луѓе тврдат (но тоа нека остане меѓу нас) дури и за наш срам, дека српскиот јазик го измислил Шваба, од милосрдие кон нас, а што е поверојатно, просто од долгото време, бидејќи ги изучил сите познати јазици, па немало што да прави друго. Други, пак, мислат дека српскиот јазик го пронашол сосема случајно (како што често доаѓа до големите пронаоѓања) г. С. Калик во некоја италијанска граматика, на којашто за среќа, патувајќи, случајно нагазил. Впрочем, кој и да е: му благодарам од мое име, од името на целиот наш народ, па сепак повеќе сакам толку прочуениот пронајдок да му го припишам на г. К. Миленовиќ, отколку на кој и да е друг. Јас не смеам да се вплеткувам и во тие крупни работи, зашто тоа би значело да си присвојувам туѓа сопственост. Само го молам бога да не ја израсипе народот толку убавата придобивка на нашите филолози. Но масата е маса, зашто веќе (грев да ѝ е на душата) од гнев направи гњев. Но, ќе дојде веројатно поумно колено, кое ќе го проколне неразумниот денешен свет за толкуте варварски постапки.

Си мислам нешто за логиката, но кај нас Србите тоа веќе е фатална наука. Кај нас со таа наука ништо не е направено, иако од неа, кутрата, многу е направено. Впрочем, тука нека се прославуваат оние на кои блажена манија им е да ги нумерираат туѓите мисли, а нашата српска логика само тоа ѝ го направи, и покрај тоа уште од по две премиси изведе заклучок: дека Бизмарк е човек, и дури — дека и папата е човек, а дека, напротив, волот не е човек. Од сето ова уште погенијална работа на српската логика се ваквите докази:

1. прем.: На секое пијано може да се свири.
2. прем.: На мајмунот не може да се свири.
––––––––––––––––––––––––––––––––––––
Заклучок: Демек, мајмунот не е пијано.

Какви сме ние Србите, уште ако не ни е ваквата српска логика, би можеле да мислиме дека гуската е параброд, или обратно.

Би работел врз историјата на книжевноста, се разбира, на српската, но таа наука ја замразив уште додека бев ученик во гимназијата, зашто поради неа го повторував класот. Сè знаев како што ми предаваа: и кога кој писател се родил, и која баба му го пресекла папокот (патем и биографијата на таа славна баба), и како се викале татко му и мајка му, па потоа биографиите на сите стрини, тетки и другите роднини на секој книжевник. Исто така знаев и кој писател кога почнал да пишува, и што сè напишал и која година. Што е најважно, одговорив дури и на прашањето: кое јадење најмногу го јадела прабабата на Лукијан Мушицки? Тука користев на полно научни анализи, и напоменав како според некои податоци и стари списи се споменува дека во средниот век омилено јадење била чорбата од патлиџани, која во старите веди се наоѓала под името ghoture, а кај Арабјаните phataha. Истото тоа ни го тврдат и некои патни белешки од некој Германец, кој минувал низ нашиве краишта за време на крстоносните војни, кој како војник, при враќањето од војната, го ручал истото тоа јадење кај некоја старица Јевросима (како што вели тој Еуфросина), а, според точниот заклучок на нашата српска логика тоа морала да биде прабабата или чукун-чукунбабата на Лукијан Мушицки. Па и врз оонова на митофилското истражување, никој друт тоа не може да биде освен, да речеме, токму чукунбабата (или нешто така) на нашиот голем поет. — И по толку убавите одговори си помислив дека се спасив и дека положив со одличен успех, но на најважното прашање паднав: не можев точно да ги погодам годината, месецот и денот кога стрината на Бранко Радичевиќ добила кивавица. Ете, така, оттогаш ја замразив таа наука, и, всушност, се исплашив од неа толку, што и ден-денеска не смеам ниту да помислам на неа, а камоли да ја обработувам, па сепак си го задржувам правото да ѝ се вратам на оваа работа, штом ќе преминам на науката.

Чудна работа е што ние Србите токму на така нареченото научно поле многу се разликуваме од другите народи. Кај другите несреќни народи, научниците повеќе и даваат на науката, отколку науката ним, но кај нас, потомците на силните претци, оди сосема поинаку: нашите научници, со мали исклучоци, од науката имаат голема корист, а науката од нив — големи штети. Ете, како и тука се гледа нашиот витешки дух и нашата генијалност, зашто ние не ѝ служиме на науката ропски и слепо како другите бедни народи, туку успеавме толку многу што дури и таа горда наука ни служи нам: ние со неа господариме, а таа нам они робува. Никогаш странските научници не можат да се качат на таква висина и да заземат толку доминантна положба спрема науката, како ние, што успеавме за многу кратко време.

И зошто тогаш јас би бил срамен изрод, та да се понижам и да ѝ служам на науката како странците, кога е подобро да работам така, како и поголемиот број од наши научници, а му благодарам на бога, изгледа дека тие умеат секоја гранка на науката да ја претворат во сребрен и златен мајдан, кого дури, можеби, ќе им го предаваат на своите потомци во наследство како лична сопственост. До скоро прилично се држеше метафизиката, а тоа може да се припише само на тоа што, за нејзина среќа, таа никако не им падна на Србите в раце. Но сега веќе ја сврши, кутрата, својата кариера. Се најде еден Србин, млад, буен и генијален, кој ја надушка и оваа наука, и веднаш, се разбира, како човек со ведар и длабок српски ум, прогласи како нему му е многу лесно да ги реши метафизичките проблеми, како, што велат, да се испие чаша вода. Значи, ништо, брате без Србенда! Си ја чукаа главата со таа чудна наука и Германците, и Французите, и Италијанците и Англичаните, и кој уште не, па наместо да ја расплетат и размрсат, а тие се повеќе и повеќе ја заплеткувале. А Србинот, само да погледне, веднаш знае каде треба да чукне. Србинот, па Србинот! Онаму каде што толку народи папсуваат и скапуваат работејќи, па не можат да направат ништо, Србинот за час ќе ја заврши работата. Ете ни пак причина да се извишиме во очите на странскиот свет, еве ни пак можност да му позајмиме на човештвото еден голем гениј, зашто тој, без секое сомнение, ќе не остави нас, кои не умееме да го цениме. Господи, што би бил тој во другиот свет со толкави успеси, а кај нас доби само малку подобра положба, за толкуте свои ветувања. Како мала награда на човекот кој ни вети да го изненади целиот образован свет со своите големи научни откритија. За да му биде горчлива утехата што му се восхитува српската читачка публика! Ах, кому уште тоа може да му биде утеха, зашто јас уште, ми се чини, би паднал во очај кога моите работи би му се допаднале на нашиот читателски свет, кој онака лакомо ги голта криминалните продукти на болните мозоци.

Не ми е мило што и ова морав да го споменам во пристапот, вака без некаков логичен ред и логична врска, но сега, што е тука е. Кој те праша за логички врски по нашава материјалистичка епоха во која идеалите од младоста на младите се — да не работат ништо, да имаат добар апетит и голема плата, па живеејќи удобно, да се дебелат. А и да не зборуваме за нашите почитувани госпоѓи и госпоѓици, кои се приготвуваат за мајки и за домаќинки. Тие прекрасно се подготвуваат за вршење на своите семејни должности со читањето на Кривичниот гласник и други слични работи, Тоа е нивната лектира, а одговара на нежниот женски вкус. Тие мирно читаат како некому му е парчосано телото со воз; како му е скршена главата, како му се истурил мозокот, како некој е распорен па таму некому му излегле цревата; па како некој се скрил во сандак па ја убил невестата и младоженецот, итн.

Како тек во пристапот, доста е да се спомене и толку, колку само да се спомене, според некаков метод, сè што ќе изнесам во овој труд.

(Нареден дел)

Страдија (1/12)

Во една стара книга прочитав чудна приказна; а ѓавол да знае од каде мене ми се најде в раце таа книга, од некое смешно време, во кое имало многу слободоумни закони, а ни малку слобода; се држеле говори и се пишувале книги за стопанството, а никој ништо не сеел, целата земја била пренатрупана со морални поуки, а морал немало; во секоја куќа полн таван со логика, но ум немало; на секој чекор се зборувало за штедење и за благосостојба на земјата, а се растурало на сите страни, а секој лихвар и никаквец можел да си ја купи титулата „голем народен патриот“ и тоа само за неколку гроша.

Писателот на таа чудна приказна, патни белешки (што ли е тој состав строго земено според литературните видови, не знам ни самиот, а не сакав да ги прашувам ни стручните лица, зашто и тие, без секакво сомневање според нашиот утврден српски обичај, предметот би го упатиле за мислење до општата седница на Касациониот суд. Меѓу другото, тоа е убав обичај. Се поставуваат луѓе кои мораат да мислат по службена должност, па готова работа, и сите други сме безгрижни)… Значи, писателот на таа чудна приказна, односно на патните белешки, почнува вака:

„Педесет години од својот живот поминав само патувајќи по светот. Видов многу градови, многу села, многу земји, многу луѓе и народи, но ништо толку не ме зачуди, како едно мало племе, во еден прекрасен, питом предел. Јас ќе ви раскажам за тоа среќно племе, иако однапред знам дека никој жив нема да ми верува, ниту сега, ниту пак кога и да е по мојата смрт, ако некому ова му падне в раце и го прочита…“

Некој шерет чичко, та токму поради ваквиот свој почеток ме натера да ја прочитам работата докрај, а кога веќе ја прочитав, сакам да им ја прераскажам и на другите. За да не мислите дека со ова сакал да ве наговорам на читање, еве веднаш, уште во почетокот, најискрено изјавувам дека не е вредно да се чита, и дека чичкото (писателот, што ли е?) лаже сè што раскажува; но, за големо чудо, јас лично верувам во таа негова лага како во најголема вистина.

Еве како раскажува тој понатаму.

Пред еден цел век татко му е тешко ранет и заробен во војната, а потоа од својата татковина однесен во туѓина, каде што пак се оженува со една девојка робинка, своја земјачка. Во тој брак сум се родил јас, а кога имав одвај девет години, тој умре. Тој многу ми раскажуваше за својата татковина, за јунаците и за големите карактери со кои изобилува нашата земја, за големото родољубие и за крвавите војни за слобода, за добродетелствата и чесноста, за големата пожртвуваност за спасување на земјата, каде што сè, па и животот, се причестува на олтарот на татковината. Ми раскажуваше за славното и витешко минато на нашиот народ, а на умирање ми остави аманет: „Синко, мене смртта не ми даде да умрам во својата мила татковина, судбината не ми даде коските да ми ги прими онаа света земја што ја натопував со својата крв за да може да биде слободна. Мојата несреќна судбина не ми дозволи, пред да ги затворам очите, да ме огреат зраците на слободата во мојата мила татковаина. Но, нека е простена мојата крв, зашто зраците на слободата тебе ќе те осветлат, синко мој; ќе ве осветлат вас, нашите деца. Оди, синко, бакни ја таа света земја кога со нога ќе стапнеш на неа, оди и сакај ја, а знај дека големи дела ѝ се наменети на таа витешка земја и на нашиот народ; оди и, за гордост на својот татко, за добро употреби ја слободата, а не заборавај дека таа земја ја ороси и мојата крв, крвта на твојот татко, како што со векови е росена од благородната крв на твоите витешки и славни предедовци…“

Кај овие зборови татко ми ме гушна и ме бакна, и неговите солзи капнаа на моето чело.

— Појди, синко, господ нека ти…

Со оваа недовршена реченица испушти душа мојот добар татко.

Не помина ниту еден месец по неговата смрт, со торбата на рамо и со стап в раце тргнав по белиот свет да ја барам својата славна татковина.

Педесет години патував низ туѓина, низ широкиот свет, но никаде на земјата не најдов ни слична на онаа витешка земја, за која толку пати ми раскажуваше татко ми.

Но, барајќи ја мојата татковина, наидов на интересна земја и интересни луѓе, за што, еве, ќе ви раскажувам.

Летен ден. Сонцето пече, мозокот да ти зоврие, од големата запурнина чувствуваш вртоглавица; нешто ми брмчи во упште, жедта ме исцрпува, а и погледот ми е заморен, та одвај гледам. Сиот сум облеан во пот, па на потта се налепи патната прашина; и облеката ми е прашлива и веќе излитена. Одам уморен, изнемоштен, додека одеднаш, на половина час ôд, пред мене гледам се белее град што го заплискуваат две реки. Како да почувствував нова сила, заборавив на заморот и омалаксаноста, па завјасав накај тој град. Стигнав до брегот. Двете големи реки мирно си течат и со својата вода ги мијат градските ѕидови.

Се сетив дека татко ми ми раскажуваше за еден прочуен град, каде што нашите пролеале многу крв, па како низ сон си спомнив оти некако ми зборуваше, така, дека тој град лежи на две реки што течат крај него.

Срцето силно ми зачука од возбуда; ја симнав капата, и ветрот токму од шумите на таа земја дувна и ми го разлади испотеното чело. Ги подигнав очите кон небото, клекнав на колена, и низ солзи извикав:

„Боже, голем! дај ми мудрост, послушај ја молитвата на сирачето што се потуцкува по широкиот свет, барајќи ја својата татковина, барајќи ја татковината на својот татко!…“ Ветрот и понатаму дувка од сините планини што се гледаат таму во далечината, а небото молчи.

„Кажи ми, ти мил ветру што дуваш од тие модри гори, дали тие се горите на мојата татковина? Кажете ми вие, мили реки, дали од тие горди ѕидини на гордиов град ја миете крвта од моите претци?“

Сè е немо, сè молчи, а мене некое слатко претчувство, некој таен глас како да ми вели:

„Тоа е земјата што толку време ја бараш!“

Наврапито ме тргна некаков шум. Крај брегот, малку подалеку од мене здогледав некојси рибар. Кајчето му е на брегот, а тој си ја крпи мрежата. Занесен од слаткото чувство, порано не го забележав. Му приоѓам на тој човек и го поздравувам.

Тој ме погледна молчејќи, па веднаш го сврти погледот од мене и си ја продолжи својата работа.

— Која е онаа земја што се гледа оттаму преку водана? — прашам, а сиот треперам од нетрпение да чујам што ќе ми одговори.

Тој ги спушти рамењата и ги рашири рацете во знак на чудење, ме погледна и процеди низ заби:

— Да, навистина тоа е некоја земја.

— Како се вика? — прашам,

— Тоа не знам. Гледам дека има таму некоја земја, но не сум прашал како се вика.

— А ти, од каде си? — прашам.

— Па ете, овде на едно половина час одовде ми е куќата. Тука сум се родил.

„Чудно, тогаш оваа не е земјата на моите претци, мојата татковина“ — си помислив, а гласно запрашав:

— Па зар ти ништо не знаеш за оваа земја? Зар по ништо не е прочуена?

Рибарот се замисли, ја пушти мрежата од рацете, па како да се сети на нешто. По долго молчење рече:

— Велат дека во таа земја има многу свињи.

— Зар само по свињи е прочуена таа земја? — прашам зачудено.

— Па има и многу будалштини, но тоа мене не ме интересира! — рече тој ладнокрвно и зеде пак да си ги крпи мрежите.

Ми беше нејасен одговорот, та повторно го запрашав:

— Какви будалштини?

— Секакви — ми одговори со некаква здодевност и се проѕевна рамнодушно.

— Значи, свињи и будалштини?! За ништо друго не си слушнал?…

— Освен свињи, велат дека имаат многу министри, едни во пензија, други на располагање, но нив не ги извезуваат. Ги извезуваат само свињите.

Си помислив дека рибарот си тера шега со мене, та пламнав:

— Ама што ми зборуваш ти мене штогоде, сигурно мислиш дека сум будала?!

— Плати ми да те префрлам таму, на другион брег, па оди види што има. Јас ти го кажувам она што сум го чул од други. Ниту јас сум бил таму, ниту пак знам сигурно што има.

„Значи тоа не е земјата на моите славни претци, зашто таа е прочуена по јунаци, по големи дела и по светлото минато“ — си помислив, но рибарот, со чудните одговори на моите прашања, ме заинтересира, та се решив да ја видам и таа земја, кога веќе толку многу други видов и поминав. Се пазарив со него и седнав во кајчето.

Рибарот довесла до другиот брег, ги прими парите како што се пазаривме, и, откако јас излегов на брегот, тој си одвесла назад.

(Нареден дел)