Сериозни, научни работи (3/4)
III. НАШАТА КНИЖЕВНА КРИТИКА
Секој кој во Србија, в гимназија, ги учел литературните форми и добил тројка, а со тоа и прочитал две-три книжулчиња, тој веднаш, ни помалку — ни повеќе, се чувствува способен да даде полноважно мислење за секаков производ од убавата книжевност. Тогаш како може уште да се сомнева во способноста на оние кои како професори го предавале овој предмет и завршиле историско-филолошки отсек на нашата Голема школа, или со други зборови — критичарски курс. Освен тоа, морам да напоменам, со критика се зафаќаат кај нас сите можни умствени инвалиди, кои пропаднале на сите други полиња на книжевната работа, зашто, како што велат луѓето: ако не можеме да создаваме, знаеме барем да кажеме: ова чини, ова не чини, а кај нас, многу често, и толкавата способност се смета како доволна подготовка за книжевна критика. И навистина, што е полесно отколку да се прочита една книга, да се прераскаже нејзината содржина, да се напоменат местата кои „според нашето скромно мислење“ можеле да се изостават, зашто ја расипуваат хармонијата, и да се набројат местата „кои, според нашето скромно мислење, се толку убави што мораме да ги цитираме“. Во светот нема човек кој нема свој вкус, и, според тоа, секој може „според своето скромно мислење“ да даде суд за оваа или онаа книга, за ова или за она, било да е тоа убаво или лошо место во неа. И кај нас, за жал, таквата работа често се вика книжевна критика, без оглед на тоа дали господинот критичар, ако ништо друго, има моќ и око вистински да ги предочи најубавите места, како и самите недостатоци на некое дело.
Некои наши критичари дури не се трудат ни толку, туку едноставно го прераскажуваат делото, да речеме расказот, и во таквото, често неписмено, очајно прераскажување, ќе стават неколку загради со некакви забелешки, или таканаречени вицеви, како што се: „А ха“ — „Зар така?“ — „Хм?“ — „Глеј, глеј“! „О, што ми рече човекот!“ и така натаму… На крајот веќе е обврзно да се зачини целиот духовит состав со шаблонски совети како треба подлабоко да се студира, повеќе да се размислува, да се читаат странските генијални писатели, а не да се пишува на јуриш. Некој уште ќе додаде како е јазикот убав, интерпункцијата прилично лоша, или ќе рече дека и едното и другото е многу мизерно.
Што е најинтересно, никој и не разбира со каква подготовка и талент располагаат таквите надуени господа што секој свој умствен производ — приказ или критика го пишуваат по еден ист вековен шаблон, исто онака како што селскиот писар ги пишува тапиите, облигациите, па дури и писмата. И затоа сите наши критики од тој вид се слични една на друга, исто така како, што рекол Хајне, еден сматок, е сличен на друг. Таквата критика може да биде пригодна за кое сакате дело, а што е најубаво, можете да ја напишете онака од глава, да стои готова, па штом ќе се појави некое ново дело, а вие плес! па со неа во печатот. Едноставно, ќе ја пуштите како јадица, и ќе чекате кое дело прво ќе налега на неа.
Сето ова не би било од никаква штета кога нашата читателска публика би немала подобар книжевен вкус. Но некако, се осмелувам да речам со страв божји, се нашло едното со другото, та не може да биде подобро, или, ако сакате, подобро е да се рече, не може да биде полошо. Огромното мнозинство од нашиот читателски свет со своето незнаење ги поддржува и глупата лектира и глупата критика, а глупата критика, пак, од своја страна ги соколи простите читатели во нивното незнаење, а лошите писатели пак да не папсаат.
Па во кого е вината? Не сакам да си ја грешам душата, зашто масата често, можеби и случајно, ќе појде по правиот пат, а ќе се најде некој па сè ќе расипе, или барем сака да го расипе правилното мислење, од простата желба за оригиналност, од суетата пред светот да го покаже својот префинет вкус и високоученоста, со тоа што нему му се чини блуткаво сето тоа што нам, на сите толку ни се допаѓа. Такво нешто, или слично, се случи со г. Недиќ, па дали од тие причини, дали, ако смееме да кажеме од незнаење, тој, спротивно на сето јавно мислење, му го одрече на Змај поетскиот талент, а најубавите негови лирски песни, со кои навистина долги векови може да се гордее Српството, ги прогласи за просто дрдорење во онаа своја студија за лириката, која е веројатно психолошка само затоа што ја потписува професорот по психологија на В. школа. Кога така ни укажа што нè чини, тогаш господинот Недиќ, човек со толку истанчен вкус, однекаде го исчепка Векфилдскиот свештеник, за да ни покаже што чини.
Според моето скромно мислење, тоа драгоцено дело, во својот роден превод, тој требало да им го намени на назарените, а не нам, на правоверните Срби, кои, ако ништо друго, тогаш барем според моралот на тоа дело, не смееме да речеме онака глупаво, назаренски: „Гледа Бог“ кога, да речеме, Бугарите би ни ја одзеле старата Србија и Македонија, иако најпосле кон него, преведувачот, би можеле да бидеме такви, та кога ќе ја прочитаме книгата до крајот, трпеливо да ги собереме рамениците и да изговориме: „Гледа Бог!“ Освен сето тоа, тој уште се потрудил во делото да го пронајде најубавото место, и да ни докажува дека тоа е единствената сцена во светската литература, зашто, како што вели е толку природна и возвишена. На господинот психолог му е природно кога оној негов назаренски поп декламира онака бомбасти фрази, во така очајна положба, па дури се сетил и да цитира, ми се чини, и некои места од Светото писмо. Тоа е некаква новост во психологијата, а досега се знаело дека во такви мигови човекот не умее ниту збор да поврзе, а не пак уште и да парадира со фрази и со цитати, како да држи предавање за моралот на некаков назаренски собир.
Туку, да не се оддалечуваме од работите, зашто ваквото нешто би можело многу да нè повлече за јазикот, туку сега да се вратиме на овие ситни критичари, зашто крупни, дал господ, имаме, но само по име (кои, и сам не знам зошто, се слават и писмено и усно), но не и по делата. Велат дека подготвуваат и крупни дела, а јас повеќе сакам да верувам отколку вечно да очајувам, иако знам дека тоа се луѓе кои мислат во нивниот писмен состав треба да има повеќе мудрост отколку во сета светска литература, па затоа по една година пишуваат една реченица, која идната година пак ќе ја избришат, зашто не им е доволно мудра. Би сакале да направат не само секој збор, туку и секоја буква да ја изразува длабочината на мислите. Којзнае, можеби луѓето ќе пронајдат и такво чудо од стил! Пушти ги, нека пишуваат и нека бришат, ние ги оставаме на мир, зашто што уште можеме да речеме за тие арум-критичари? Можеме само да жалиме што се арум токму оние кои би можеле и многу и паметно да направат, зашто нивно и е да ја водат книжевноста на подобар пат, и да влијаат да се развива подобар вкус кој нашата читателска публика, а со тоа да условат поповолен напредок за подобрите дела.
Но, за жал, токму луѓето со соодветното образованне и со талент, најдоа дека е најпаметно обломовски да се повлечат од секоја работа, за да не си го вознемируваат своето гулабово срце, па да уживаат мирно, тивко и спокојно во своите добри плати, кои, како што изгледа, на многумина им биле цел во нивната поранешна работа. Никој не беше во состојба да создаде сериозна книжевна критика, силна и моќна, која би га разјурила од тоа поле сите можни шарлатани и незнајковци, туку, над очекувањата, чудно, шарлатаните и незнајковците ги избркаа подготвените и талентираните.
Ете, и ова е една од важните причини затоа што кај нас сиот свет се пуштил во критикување, зашто секој кој ќе почне да пишува пред себе нема речиси ништо што би можело да му импонира, или барем малку нешто, што времето одамна го надминало, па барем тоа да го гони кон подготвување за работа, укажувајќи му на сета сериозност и на големината на работата, со која се прифаќа со малку подготовка, а честопати со уште помалку талент.
Има уште една околност. Многумина, пак, кои се подготвени, со дарба, а честопати и искрено предани на таа работа, гледајќи, како пишува критики кој ќе стигне за нашите поетски творби зар не ја појмија својата положба и оправилно не сфатија дека нивната должност е токму тука, да им покажат на незнајковците како се пишуваат книжевни критики, туку сигурно се засрамија да пишуваат за она за што пишува секој зевзек, па или сосема се повлекоа, или, како големи, сериозно подготвени критичари, ја оставија нашата „свињарска“ книжевност, во неа да пишуваат и да критикуваат ситните суштества, а тие, веројатно желни за светски глас, зедоа да ги прикажуваат делата достојни за приказ и студии со нивниот бистар ум. Тука почнаа да пишуваат поопширни студии за генијалните производи на светските големи поети. Кога би сакале малку повеќе песимистички да гледаме на овие работи, би можеле да дојдеме до заклучок дека тоа поле им било помило само затоа што на него е полесно да се стекне глас на учен човек и да се одржи својот авторитет, зашто да се пишуваат студии за големите светски поети значи да се има можност и да се може да се комплицираат туѓите духовни мислења на толкуте генијални светски критичари, кои се изразени во цели ридови од книги на сите јазици. По сè изгледа, тука многу полесно може да се движи човек, и многу побргу може да дојде до глас дека е духовит, отколку да удри со перото таму каде што се уште никој не удрил, да создаде мислење и да даде длабок и духовит суд за она за кое уште никој не дал никаков суд, или, ако некој и дал, тој горе-долу бил наопаку и погрешно. Многу е полесно да си шеташ по веќе уредена градина и на израмнети патеки отколку да се најдеш во некаква пустелија и во некој зафрлен крај, полн со трње и пиреј, каде што допрва треба да се расчисти првата патека, по која прва треба да помине нашата нога. Да не одиме подалеку. Подобро е да се верува во првото, отколку да загазиш во ова второво, иако поверојатно гледиште.
Всушност, како и да е, тоа им дало повод на сите можни шарлатани во тоа да гледаат некоја мошне правилна и природна поделба на работата: поподготвените и поучените да ги „оценуваат“ крупните дела и светските великани, како што се: Шекспир, Гете, Шилер, Петрарка, Тасо, Бајрон, Леопарди, Бомарше, Данте, Иго, Шопенхауер, Камоенс, Кардуќи, Кастелар, Вогие и други, а шарлатаните, тогаш, како што велат тие самите имаат природно право да бидат критичари на нижата класа и да ги прикажуваат нашите домашни поети, и да го следат развојот на нашата современа литература.
Првин е чудна, жалосна судбината што нашата критика падна во рацете на такви луѓе, а последицата од тоа не може веќе никому да му биде чудна. Штом книжевната критика наиде на такви мајстори, тогаш е природно што од неа се направени стотина срамотилаци и скандали, и што на тоа поле на неблагородна работа се беа сообрале како на задушници, кој од кој, од колци до конопци.
Во сета таа каламбура многу е тешко да се разбере и да се пронајде вистинската и најсилна причина на таа наша несреќа. Освен споменатите работи морам да го наведам уште и ова: Србија е мала земја, и во неа сите редум се познаваме, па, речиси секојдневно сите се ракуваме по неколкупати, а и тоа има прилично големо влијание книжевната критика многу често да стане и средство за расчистување на личните пресметки и кавги. Личното пријателство или омразата најобично се сподвижувачи на овој или оној приказ. Па и кога не го сака тоа, критичарот не сакајќи запаѓа во истите грешки, затоа честопати не може да го апстрахира писателот од неговите дела.
Ретко кој кај нас ги гледа и сака да ги гледа делата само како дела, туку секогаш, речиси секогаш во делата ги гледаме писателите, своите познајници, пријателите, или личните непријатели, па според тоа и се трудиме да ги помогнеме, пак лично (како на „свој човек“), или пак да им пречиме, зашто нам не ни одговара нивната популарност. Сосема е подруго кај народ многу поголем од нас, или, може да е и мал, но кога има луѓе што над книгата работат издигнати над обичната маса во своите погледи. Тука секогаш се гледаат делата, а не лично писателите.
Но, кога се има на ум дека кај нас работи секој, дека кај нас со „книжевна работа“ се занимаваат (по некоја мода) дури и оние, кои според својата природа и подобност требало да продаваат на тезга црн и црвен пипер, тогаш не е никакво чудо што понекогаш нашите критичари не се разликуваат од жените во малите гратчиња — кои со филџан кафе плетат чорапи и ја озборуваат чаршијата — само дотолку што тие своето озборување и интригите ги напишале и ги печателе, понекогаш живеејќи и во заблуди дека таа нивна работа се вбројува во некаква книжевност.
Нашите лоши материјални услови исто така имаат големо влијание врз нашата книжевност. Во Србија сè уште никој не се занимавал само со книжевна работа, туку тоа секогаш им било на луѓето споредна работа, покрај другите должности, обично чиновнички. Чиновниците кај нас главно се сиромашен сталеж, што живее од своите кога помали, кога поголеми плати, кои обично не се толкави, за да можат да ги задоволат обичните животни потреби, што ги има дури и средната интелигенција. Принудени се, значи, покрај својата плата, да бараат уште некои други приходи, па бидејќи книжевниот занает им е единствено достапен и дозволен, сакале или не, тие мноогу често се занимаваат со него, не од некаква љубов, туку, едноставно, поради материјалната оскудица. Можеби би можеле да најдат и други извори, но никому не му е до тоа да пронаоѓа нешто ново. Овој пат и начин станаа веќе обичај, па дури и мода, и ние сите се движиме по таа веќе изгазена патека. Значи, чиновниците се принудени да се занимаваат со пишување, а потоа, се разбира, секој според својот божемен вкус и според „талентот“ си ја избира својата струка и полето на книжевна работа, со кое ќе се занимава, изоставајќи ја убавата книжевност, зашто секој што се заљубил во Србија, во таа чудна убавица и се врзал за неа, ретко минал добро, а сета добрина му била во тоа што немал штета.
Од чиста сметка (не секогаш) ги избираат сите други книжевни гранки, а кој ќе памине подобро не зависи од вредноста на работата, туку од среќниот извор и од разните околности, па, ако сакате, и од среќата. Оттаму и сета онаа трескавична борба за живот и алчноста за плата и за положба, многу често и толку убаво се огледува во разните книжевни производи во нашата книжевност. Книжевноста не само што служи како занает за заработка на толку многу сиромашии чиновници, туку често се зема и како едно од важните средства во борба и вечниот натпревар околу позицијата во државната служба.
Овде не е место да навлегуваме понатаму во оваа работа, зашто ќе се оддалечиме од книжевната критика, а нам ни е главно да изнесеме кој чиновнички сталеж се оддава на ова поле од горните причини.
Тоа не е тешко да се забележи, и без сомнение секој уште однапред ќе погоди дека книжевната критика ја патентирале српските професори (првин само професорите по книжевност, а во последно време право на таа сопственост, можеби по некоја аналогија или според законот на некакво едначење, се здобил секој што ја носел титулата професор), кој во интерес на науката, се вовлекол во таа работа покрај некој свој роднина или добар пријател, па од која и да е струка. Не е ништо необично да се чуе ваков разговор меѓу професорите:
— Каде брзаш? Седи.
— Остави, жити бога, морам да одам да пишувам.
— Што ти текна?
— Еве, први е близу, а ми требаат пари, па морам да заработам некоја пара.
—Па што мислиш да пишуваш?
— Што и да е, морам нешто. Ќе најдам некоја книшка па да напишам оцена за неа.
— За која книга ќе правиш приказ?
— Сеедно, море, која ќе ја најдам!… итн.
Или ќе чуете разговор од овој вид:
— Убаво, богами, вие ова ново дело му го дадовте на тој и тој да пишува приказ за него, а тоа не е негова струка. Сметам дека беше ред да ми го дадете мене, како на стручњак.
— Знаеме, брате, кој би ти то оспорил тоа! — се правда оној. — Ти знаеш дека секогаш тебе ти ги плаќавме книгите, а знаеш какво мислење ние имаме за тебе, но мораше така да биде.
— Зошто мораше?
— Така, мораше, зашто на човекот му се потребни пари, а имаше и некое менично плаќање!
— Е, тогаш тоа е друга работа — се задоволува првиот со толку убавиот распоред по стручноста.
Тука не се прашува никој: дали можам и дали имам за тоа подготовка и дарба, туку единствената причина: морам, зашто треба да заработам. А пари, да даде господ, му требаат секому, и тогаш секој со ред пишува. Затоа и критиките ни се такви, ладни, гнили, без живот, без дух, полни со натегнувања, со вкочанетост, здодевни, а имаат здив на школска прашина, и потсетуваат на ученичките писмени работи, на кои со црвено мастило се подвлечени грешките и ставена е оценка со морална забелешка, наменета за ученикот кој работи бргу и невнимателно, или кој го заборавил тоа и тоа правило од граматиката. При читањето на таквите критики не се предизвикуваат мисли, туку секогаш пред себе гледаме стегнат филистар со бела вратоврска и нараквици, а се чувствуваме, иако вака возрасни, како некој да не вовлекол во ученичките клупи, во кои седевме уште како деца од основното училиште, па по толку учење пак ни дал буквари в раце, и таблици и писалки, и нè учи како се пишуваат буквите и како се изговараат зборовите на слогови.
Сериозни, научни работи (1/4)
Χαίρετε ἐν Κυρίῳ πάντοτε· ἀγαπητοὶ ἀδελφοί, πάλιν ἐρῶ, χαίρετε. Ὀ Κύριος ἐγγύς, μηδὲν μεριμνᾶτε.
Mig., Patrol. græca t. 46. 50 p. 821[1]
I. ВОВЕД
Што мислиш сега, драг читателу, ако воошпто ти се исплати да мислиш?
Ти штукна умот само кога го виде ваквиот наслов, и веднаш респект пред човекот од науката. Е, на тоа, гледаш, искуството ме научи. Досега раскажував приказни, а ти само ќе се насмевнеш потценувачки, и, како што велиш, ајде малку да се одморам по ручакот од канцелариската работа (или која било друга), ја земаш мојата приказна, дремеш, се проѕеваш, читаш, додека мојот кутар труд не направи плас наземи, а ти ќе загрчиш како заклан. Ќе се разбудиш, и како сериозен човек одиш на својата сериозна должност, а на мене мислиш како на некаков паљачо што те забавува. Е, гледаш, драги мој, веќе не може така! Видов јас дека ти го цениш и го почитуваш само она што не го разбираш и не го читаш, или, ако го читаш, се потиш од здодевност и со стравопочитување мислиш на човекот, всушност на научникот кој можел да напише такво научно дело. И тогаш, зошто и јас да не седнам и да напишам такви трудови во кои ќе има по три мои збора, а по илјадници разни цитати – грчки, латински, англиски, италијански, санскритски, арапски, турски, какви уште не. И тогаш тоа никој нема да го чита, а тоа се бара. Но секој ќе ја види големината на трудот, па умот ќе му штукне како над некаков амбис кога ќе ја погледне грозотијата од скратени зборови (како во некаков тевтер) на сите можни светски стари и нови јазици, а потоа броевите (страниците на списанието и деловите на книгата), па дури потоа имињата на сите можни научници. И тогаш кој може а да не го почитува човекот што ги студира тие работи, па дури и ги пишува, а нам ни се наежува кожата само кога ќе ги погледаме! Значи, ќе пишувам така три години, а никој нема да ме чита. И тогаш ќе тргне шепотот од уста на уста дека сум многу надарен и дека изнесувам оригинални погледи во науката. Тоа мора да биде така, зашто кога ќе се поведе збор во општеството за науката, па ќе дојде време и на мене, тогаш секој еден од друг ќе се срами да рече дека не ја прочитал таа и таа голема студија, туку секој ќе каже:
— А… а… а… а! Тоа е извонредна работа! Вреди да се прочита. Тој многу ветува!… Ја прочитавте ли вие?
— Ја прочитав. Има мошне длабоки мисли и погледи врз науката.
— Велат дека и во Франција го ценат. — И така продолжува разговорот. Така во јавното мислење се добива многу високо мнение за мене. Кога ќе се случи тоа, тогаш и нека се најде некој што ќе види дека сето тоа не е ништо, зашто ќе биде доцна. Потоа никој нема да има храброст да удри по човекот од авторитет.
Вреди, брате, да се има такт насекаде, па и во литературата. Јас порано му се чудев на еден говорник, кој на еден собир, стана и со полна важност и достоинство, намуртен, побара збор. Претседателот му дозволи, а тој започна рецитирајќи:
„Молскај молњо, трештете громови,
Премреже ве потресува човечко,
Расплачете ридови и долини
Расцимолете се мравки и пјајци.“
Ги изговори овие зборови со јасен и силен глас и потоа го прекина говорот со долга пауза, гледајќи намуртано и достоинствено околу себе во слушателите. Никој ни да здивне, очекувајќи го завршувањето на бурниот говор, додека громовникот пак го проби воздухот со извик:
„Господа!“ — Помолче, пак гледајќи околу себеси, и потоа со сосема омекнат тон додаде: „За оваа работа би можело да се зборува уште долго, но бидејќи е време за ручек, јас предлагам да се руча, зашто и големиот пророк и големиот учител на својот народ (пак го подигнува гласот), поетот на своето време што својот факел го носи високо и ни ги осветлува патиштата на мрачните патеки, вели: „Утеха е да се споменуваат претците, корисно е од добродетелството да се грееш“ — Овој цитат го изговори со најсилен глас со позитура од некаков трагичен јунак на театарска сцена, а потоа меланхолично додаде:
„Да, да, господа, не заборавајте го ниту телото свое, зашто според зборовите на пророкот Данило…“ (доаѓа голем цитат) итн.
Некогаш се чудев на ова, но сега гледам дека тоа бил неговиот говорнички такт. Сакаше веднаш, со првата реченица, да ги фрапира луѓето.
Некаде пак читав труд од некој филолог, кој почнуваше со цитатов:
„И се распламти крвта во жилите мои, и се разгореа мислите како оган!“ (Потоа веднаш:)
„К пред е, велам, се претвора во ч!…“, итн.
Еден, пак, исто така „млад надарен“ човек бил толку тактичен, што нашето јавно мислење го прогласи за голем филозоф, иако сè уште ништо немаше напишано. Е, но тој им велеше на сите и секому, каде и да сретнеше некого или ќе го фатеше, како напишал полна визба филозофски трудови на латински и на англиски јазик.
— Ау, бре!… полна визба со научни дела!… — ќе се зачуди човекот и ќе го искриви целото лице од чудење, и му го кажува ова на секој жив.
Ете, така, сега „младиот талентиран“ филозоф си подготвуваше почва и ја тушираше публиката, и туку што ќе се појавеше со нешто, а читателот паѓаше од страв и од помисла:
— А, тоа е оној што напишал полна визба! — и веднаш респект пред толку плодниот научник.
Двајца наши пчелари, пак, разврзаа некакви расправи околу кошниците. И на тоа не можеше да се остане додека господата пчелари не внесоа, покрај другото, во пчеларските расправи големи цитати од Горски венец, па малку — по малку нивната расправија за кошниците се претвори во некоја, божем, литературна студија. А сето тоа произлезе од ситници.
Едниот првин рече дека во рацете на добриот пчелар секоја кошница е добра, зашто, вели тој, според зборовите на бесмртниот гениј и голем поет кого го цени целиот свет:
„А на Вука Мандушиќа в рака
сека пушка убојна ќе биде!“
Што можеше сега да прави овој другиов, освен да покаже, кога ќе начека згоден момент, дека тој не само што знае за кошниците, туку дека добро се разбира и во поезијата, и човекот се пушти во коментари. Не се дава, пак, ни оној првиот, туку и тој се впушти во коментари, и така безмалку се претресе целиот Горски венец. И читателот, кога сето тоа среќно заврши, мораше да ја симне капата пред знаењето на луѓето и воодушевено да извика:
„Ви благодарам, господо, зашто кога ќе почнам да пчеларам ќе знам какви кошници се најдобри!“
Еден друг пак ми раскажуваше како читајќи статии за „шеќерната репка научил дека ѫ во аорист слабее во ъ.“
Значи, сето тоа е такт човек да се покаже како многу учен.
Јас, пак, имав можност од еден лекар од граѓата за некаква медицинска терминологија да ја изучам споредбената филологија. Тука ви е и објаснувањето на коренот на зборовите и основата, и потеклото и гласовното претворање, и Миклошиќ и Јагиќ и Шафарик и Ѓ. Даничиќ кои среќно се препишани и цитирани на по цела страница. Господ на помош! Јас од медицинската терминологија ја научив споредбената филологија и толкувањето на коренот на зборовите, а како ја користеа лекарите, тоа господ знае! Впрочем, лекарите можеа да најдат убави работи за проучување на заразните болести во некоја историја на литературата или механиката.
Да не решев да напишам многу, комотно можев да престанам, а да не го продолжувам дури ни воведот.
Па што и да напишам, сигурен сум дека нема да биде најлошо во нашата литература, зашто во неа, фала богу, има секакви чуда. Го имаме ние прославениот книжевник и бесмртен академик што нè куражи сите нас смртните и нè поттикнува на работа со своите духовити пронаоѓања на теми, во кои може да се чувствува стручен и оној кој ја научил само азбуката, Бесмртниот академик, на пример, им раскажува на своите читатели на неколку листа, во некој предговор, како евтино ги купувал и скапо ги препродавал плацевите, добро ја меркал граѓата, правел и продавал куќи итн. На крајот вели: Нека ми е алал и мене и на оние што пазаруваа со мене. Прекрасно, богами! А нам, на читателите?… Е, ама тоа е човек од Академијата на науките. Кога и јас би бил тоа, ќе можев да пишувам со мирна совест за историјата на своите стари панталони, со полно цитати од Тацит и Тукидит.
Мојата решеност да напишам многу не е туку така, таа има длабоки причини. Некои критичари пронашле дека и во литературата владеат законите за Дарвиновата борба за опстанок, и тогаш мојот мал, неславен напис би морал да загине, или пак во првиот судир би го проголтала некаква механика на Мијалко Ќириќ, или било која друга така крупна ѕверка од литературното царство.
И навистина, добро забележал тој критичар. Целокупниот живот на земјата, па тоа е очајна борба на сортата, па и во литературата мора да го има тоа. И во тоа литературно царство, како и во животинското, значи, владеат истите закони на борбата за опстанок и самоодржување на родот. Кај Арабјаните има пословица: Wahan garachar ilili tototho lei tohnuro, што наполно се совпаѓа со она Дарвиновото: The descent of man and selection in relation to sex., Ch. Darwin, Vol I, II, L., 1871, или што велат Германците: In dieser organischen Grundform, aus welcher sich alle Gewebe und Organe des Thieres und der Pflanze aufbauen, liegen bereits char. des Organismus ausgesprochen. Меѓутоа, Грците слично велат και τοῦ τέκνον… итн. Латините често имаат обичај да речат: nulla salus sine virtute, nulla virtus sine labore, а и нашите филозофи во ваква пригода би рекле:
„Ги храни мајката двајцата нејаки сина“.
Според сето ова, јасно е, всушност, дека и во литература, како и во животинското царство, владеат истите закони на очајната борба (struggle for life), па и тука можеме да забележиме извесни видови, кои се поклопуваат со некои видови од зоологијата. И, се разбира се одржуваат оние кои се најсилни во борбата. Кај нас мошне добро успеваат книжевните глодачи, кои живеат по разни фондови, и се хранат со хонорари. Мрзливци има прилично голем број, но најмногу им одговара климата на Академијата на науките и на Великата школа, се размножуваат многу бргу, а се хранат исто како и првите. Дебелокошците се мошне обичен вид, чии најдобри претставници се наоѓаат во Матица српска. Литературните преживари се интересен вид; тука можат да се вбројат многумина критичари, кои крадешкум пасат во странските книжевни ливади, па потоа таа храна ја преживаат во некаква ладовина на државната служба и ги наѓубруваат разните наши весници со ѓубрето што се вика критика, книжевен приказ, итн.[2] И овој вид се оплодува многу бргу и се развива во нашите краишта. Од птиците најретко се наоѓаат пејачите, и тие бргу умираат во нашава клима, а пискаџиите, уткиштата, чавките и другите книжевни штетници имаат поповолни услови за развиток. Има многу видови на кои многу добра и единствена одбрана во борбата им е бојата, која се совпаѓа со бојата на местото во кое се движат, така што грабливите птици не можат да ги забележат. Класичарите веќе излегуваат од секоја комбинација во оваа борба, зашто тие би одговарале на билките, или дури и на камењата.
Како што гледате, драги читатели, треба мошне многу поволни услови, па еден труд да напредува. Ете уште една причина зашто престанав да пишувам приказни, што така кротките јагниња мачно можат да се држат меѓу многуте книжевни ѕверови.
Едно тоа, а второ, и што е најважно, сакам и јас да имам свои принципи во животот. Силните идеали од младоста подоцна во животот се сведуваат на некои чудни принципи, со кои човекот се задоволува. Оттаму, потекнува и тоа што речиси секој (од оние високо што летаа во своите идеали) има некаков „принцип за кој во животот цврсто се држи“. Така, на пример, некој од принцип не пуши наутро до 10 часот, и додека нешто не касне, па да го исечете на парчиња, нема да попушти. Еден ќе ви рече како од принцип пуши со чибук; друг пак не пие пиво попладне, па било кој и да го нуди и да го моли, ништо нема да помогне, зашто овој само одговара; „Па не давај ми, жити бога; нема да пијам, тоа ми е принцип, во животот!“ Трет, пак цврсто го почитува својот принцип да не пие кафе попладне. Четврт, пак, има принцип во животот никому да не му потпишува меници. Молете го колку што сакате, но, тој само вели: „Не можам, бога ми, тоа е мој принцип.“ Меѓу другото, да речеме, тоа е веќе мошне гаден принцип, како и принципот на нашата читателска публика да чита џабе книги и списанија. Е, па тогаш зошто и јас да немам свој принцип, кога веќе тоа некако е во мода? И моите идеали се да бидам голем, славен писател, и сега сето тоа се сведе на мојот принцип да пишувам многу. И тогаш, почитувани читатели, извинете и ако ви досадам. Можеби ќе бидат напразно вашите очајнички молби да не пишувам, зашто јас упорно, со собирање на рамениците, ќе ви одговорам.
— Здодевно е, здодевно е, верувам, но… тоа ми е принцип во мојот живот, не можам поинаку!…
Кога вака убаво се запознавме во овој предговор, тогаш можеме да преминеме на главната работа, всушност на главниот труд, на науката. Или, ако ви е вам по волја, можам да напишам уште два-три предговора, па дури тогаш да преминам на општиот, па на посебниот дел, и тогаш, се разбира, ќе дојде некој поговор или епилог.
[1] Радувајте се на сите страни во Господа, љубени браќа пак ќе ви речам, радувајте се, Господ е близу, и не грижете се за ништо.
[2] Види ги Моите симпатии (т.е. таму неговите според странските книжевни производи) и критиките на Марко Цар, и слични (забелешката е на Домановиќ).